Соопштение по одржаната 6. седница на Уставниот суд

Уставниот суд денеска ја одржа 6. Седница на која се дискутираше по четири иницијативи и едно барање за слободи и права. Ве известуваме дека Судот го објавува ова соопштение по завршување на седницата и поради јавноста накусо е напишана причината за одлучувањето, додека подеталното образложение ќе биде содржано во текстовите на решенијата кои ќе се утврдат на наредната седница, како што е впрочем досегашната пракса.

1. У.бр.3/2022

 Не се поведува постапка за членовите 5 и 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за трговија и се офрла иницијативата за членот 4. 

Судот оцени дека не се основани наводите на подносителот на иницијативата и со оспорените одредби не се нарушува темелната вредност слобода на пазарот и претприемништвото. Со овој Закон се гарантираат основните слободи и права на човекот и граѓанинот, односно со оспорените одредби е обезбедено правото на вработените во трговијата на големо и мало на државните празници и други празници кои се определени како неработни денови.

Подносител на иницијативата: Стопанска комора на Северна Македонија

2.У.бр.101/2022

Не се поведува постапка за членот 23 ставови 2, 3 и 4 од Законот за урбанистичко планирање. 

Судот оцени дека оспорените одредби создаваат законски правни претпоставки со кои се овозможува извршување на одлуките на Уставниот суд. Впрочем и членот 86 од Деловникот на Уставниот суд предвидува обврска за донесувачот на актот да ја изврши одлуката, а во оспорените одредби се овозможува тоа. 

Подносителка на иницијативата: Наташа Шурбановска

3.У.бр.119/2022

Се отфрла иницијативата за членот 29 став 2 во делот „во втор степен формирана од страна на министерот за економија, при што претседателот на комисијата задолжително ќе биде од редот на раководните државни службеници во инспекциската служба кој нема да биде вклучен во вршењето на инспекцискиот надзор” од Законот за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати. 

Судот утврди дека оспорената одредба не е дел од правниот поредок.

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

4.У.бр.170/2020

Се отфрла иницијативата за членот 44 став 2 во делот: „најдоцна до 65 годишна возраст” од Законот за социјалната заштита. 

Судот веќе одлучуваше да го укине делот со возраста „до 65 години”.

Подносител на иницијативата: Билјана Јорданоска

У.бр.92/2022

Се отфрла барањето за заштита на слободи и права во кое се тврдеше дека се нанесени повреди во две пресуди на Основниот граѓански суд Скопје и Апелациониот суд и Решение на Врховниот суд, бидејќи не е надлежен да постапува по прашања од процедурален карактер во контекст на барањата. 

Подносител на барањето: Драги Лозановски

Повеќе информации за наводите во иницијативите тука.