Дневен ред за 5. седница на Уставниот суд која ќе се одржи на 8 февруари 2023 година

Уставниот суд ќе ја одржи 5. седница на 8 февруари, среда во 9:30 часот, со дневен ред на кој е предвидено да се расправа по пет иницијативи за оценување на уставност и законитост.

РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТА И ЗАКОНИТОСТА НА:

1.Реферат У.бр.225/2020

Оспорена одредба:  Член 24 став 3 во делот: „со истиот статус на работен однос“ од Законот за јавното обвинителство („Служ­бен весник на Република Северна Македо­нија“ бр.42/2020).

Подносител на инцијативата: Џамбазоски Панта од Скопје и Кичевски Давид од Крушево, застапувани од адвокат Дељо Кадиев од Скопје.

Содржина на оспорената одредба:      

Член 24 

(1) Јавно обвинителство се основа и укинува со закон.

(2) Вo случај на укинување или реорганизирање на јавно обвини­телство, Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија ќе го распореди јавниот обвинител од тоа јавно обвинителство во друго јавно обвини­телство од ист или понизок степен.

(3) Јавниот обвинител на Република Северна Македонија ќе ги распореди вработените од јавното обвинителство кое се укинува во другите јавни обвинителства на соодветни работни места, со истиот статус на работниот однос (оспорен дел).

(4) Во случај на укинување на јавно обвинителство, наредбите за ангажирање на истражители во тоа обвинителство, престануваат да важат и истра­жителите се враќаат во институцијата од која се упатени во јавното обвинителство.

(5) Финансиските средства, преземените обврски, договорите и побарувањата и целокупниот недвижен и подвижен имот од јавното обви­ни­телство кое се укинува преминуваат на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија

Од наводите во инцијативата:

Според подносителот на иницијативата одредбата на членот 21 според кој: „По укинувањето на Јавното обвинителство, јавните обвинители, административниот персонал и истражителите се упатуваат на работа во Јавното обвинителство на позиции со споредливи парични примања“ се однесува на сите вработени во СЈО, јавните обвинители по престанокот на СЈО се вратиле на работа во јавните обвинителства од кои биле упатени на работа во СЈО, истражителите се вратиле во МВР бидејќи нивниот работен однос им мирувал, административните работници немале организација од која биле преземени, односно се вработиле во СЈО по распишан конкурс. Според подносителот на иницијативата, Јавниот обвинител на Република Северна Македонија оспорената одредба на член 24 став 3 од Законот за јавното обвинителство ја толкувал така што тој не требал да ги вработи административните службеници од СЈО од причина што требало да ги прими на работа со „ист статус на работниот однос“ што за него подраз­бирало „определено време до престанокот на СЈО“, а бидејќи СЈО престанал, тогаш тој воопшто и не требал да ги вработи. Подносителот смета дека постоела евидентна разлика меѓу одредбата на членот 21 од Законот за СЈО и членот 24 став 3 од Законот за јавното обвинителство, која, според него е недоре­чена и соз­да­ва забуна во правниот промет.

2.Реферат У.бр.270/2020

Оспорен: Законот за изменување и дополнување на Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 142/2016).

Подносител на иницијативата: Светски македонски конгрес

Од наводите во иницијативата:

Подносителот ги оценува како неуставни и незаконски функциите на заменици на министри, дополнителни заменици на министри, односно заменик на претседател на Собранието итн и за тоа се повикува на членот 95 од Уставот. 

3.Реферат У.бр.28/2022

Оспорен: Член 44 став 2 во делот: „најдоцна до 65 години возраст“ од  Законот за социјалната заштита („Службен весник на Република Северна Македонија број 104/2019, 146/2019, 275/2019, 302/2020, 311/2020 и 163/2021).

Подносител на иницијативата: Благоја Новески од Скопје.

Содржина на оспорениот  член:     

Надоместок заради попреченост (Член 44):

(1) Надоместок заради попреченост се обезбедува за поттикнување социјална вклучување и еднакви можности на лице кое е:

– со тешка или длабока интелектуална попреченост,

– со најтешка телесна попреченост,

– потполно слепо лице и

– потполно глуво лице.

(2) Надоместок заради попреченост може да оствари лице со навршени 26 години возраст, најдоцна до 65 годишна возраст, а се користи без оглед на старосната возраст на корисникот(оспорен став).

(3) Лице од ставот 1 на овој член не може да оствари право на надоместок заради попреченост, ако користи цивилна или воена инвалиднина согласно со закон.

(4) Лице од ставот 1 на овој член не може да користи право на надоместок  заради попреченост, ако со решение на центарот за социјална работа подолго од 30 дена е сместено во установа за вон-семејна социјална заштита, згрижувачко семејство, организирано живеење со поддршка или во здравствена или друга установа за периодот додека трае сместувањето.”

Од наводите во иницијативата:

Според наводите во иницијативата оспорениот член е во спротивност со член 9 став 2 од Уставот бидејќи ја ограничува можноста лицето да го оствари своето право на надоместок за попреченост, поради возраста. Токму поради ваквото законско уредување ЈУ МЦСР Скопје-Тетово, а потоа и Министерството за труд и социјална политика донеле решенија со кои се одбива барањето на иницијаторот за остварување право на надоместок заради слепило, а и пред Управниот и Вишиот управен суд постапката завршила на штета на подносителот на иницијативата.

4.Реферат У.бр.108/2022

Оспорени одредби: Член 271 став 1, член 272,член 275 и член 276 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 149/2021).

Подносител на иницијативaта: Синдикат на полицијата во Македонија од Велес.

Од наводите во иницијативата: 

Според подносителот на иницијативата, со оспорените одредби Синдикатoт на полицијата во Македонија е доведен во нееднаква положба и не може подеднакво и рамноправно да ги застапува правата на неговите членови за разлика од МПС-Македонски полициски синдикат. Во конкретниот случај се врши дискриминација и нееднаквост како на самиот Синдикат на Полиција во Македонија така и на нивните членови во поглед на заштита на нивните права како членови согласно со Закон.

5.Реферат 91/2021

Подносител на иницијативата: Друштво за производство и земјоделие ДУБРОВО ДООЕЛ с. Дуброво, Неготино, претставувано од управителот Љатив Бејаз од Велес, -застапенo преку полномошник адвокат Јованче Цилаков од Велес.

Оспорени акти: Одлука за измена и дополнување на ГУП за работна зона „Дуброво – Тремник“, општина Неготино, бр. 07-201/11 од 19.07.2001 година (Службен гласник на Општина Неготино бр. 13 од 2001 година) и Одлука на Општината Неготино бр. 08-76/7 од 14.03.2017 година за утврдување на Урбанистички план вон населено место Дуброво и Тремник (КО Дуброво, КО Тремник), Општина Неготино (Службен гласник  на Општина Неготино бр. 3 од 2017 година).

Од наводите во иницијативата:

Во иницијативата се наведува дека оспорената Oдлука е донесена спротивно на Законот за просторно и урбанистичко планирање, Советот на општина Неготино немал можност со своја одлука да вршат изменување и дополнување Генералните урбанистички планови. Подносителот на иницијативата укажува на закон од 2005 година, а оспорената одлука е од 2001 година и наведува дека според Законот за просторно и урбанистичко планирање од 28 јуни 2005 година со членот 22 став 3 се уредува стручната расправа во нацрт на просторниот план на Републиката, просторен план на регион и просторен план за подрачје од посебен интерес и се определува органот кој ја врши стручната расправа, а со истата одредба не била дадена можност општината, односно Советот на општината да донесува акти во вид на предлог – одлуки за измена и дополнување на Генералниот урбанистички план.