Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеи 1 и 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 18 јануари 2023 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 134 ставови 2 и 3 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 149/2009-исправка, 50/2010; 52/2010, 124/2010, 47/2011, 11/2012, 39/2012, 13/2013, 25/2013, 170/2013, 187/2013, 113/2014, 20/2015, 33/2015, 72/2015, 129/2015, 27/2016, 120/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 110/2019, 267/2020, 151/2021 и 288/2021).
2. СТРАБАГ АГ Подружница Скопје, застапувана од управителите Игор Максимовиќ, Владан Видиќ и Златан Ѓурѓиќ, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредби од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, ставовите 2 и 3 од член 134 од Законот за работните односи не се во согласност со член 8 став 1 алинеи 7 и 11 и член 55 од Уставот на Република Северна Македонија.
Во иницијативата се наведува дека со оспорените законски одредби се повредуваат наведените темелни вредности на уставниот поредок на државата бидејќи градежниците се дискриминирани поради фактот дека само на нив им се ограничува слободата на пазарот и претприемништвото.
Ова од причина што наспроти определеното во член 134 став 3 од Законот, со кој е предвидена можност за одредени дејности ден на неделен одмор да биде друг ден во неделата, а не единствено недела како што е предвидено со ставот 2 на овој член од Законот, градежништвото како дејност не е опфатено со ваквото законско нормирање. Од овие причини, градежниците се ставени во негативна економска положба, игнорирајќи го фактот дека нивната положба во општеството се одразува на економијата и на инфраструктурниот развој на земјата.
Во овој дел од содржината на наводите се укажува и на тоа дека во ниту еден меѓународен документ не се прават никакви ограничувања во врска со прашањето за неделен одмор за ниту една дејност. Ова поради тоа што светот размислува за последиците со кои би можеле да се соочат земјите, особено во делот на економијата, како и негативниот импакт кој би се одразил врз граѓаните и владеењето на демократијата.
Член 55 од Уставот се повредува од причина што со оспорените законски решенија, покрај тоа што на градежниците им е одземена гарантираната слобода на пазарот и претпримништвото, започнат е процесот и на монополизирање на пазарот поради тоа што се дава право само на одредени дејности да можат да работат и во недела.
Врз основа на наведеното, се предлага Судот уставно да ги проблематизира оспорените законски одредби и притоа да донесе одлука за дополнување на содржината на член 134 став 3 од Законот со нова дејност – градежништво.
3. Судот на седницата утврди дека со став 2 од член 134 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 149/2009-исправка, 50/2010; 52/2010, 124/2010, 47/2011, 11/2012, 39/2012, 13/2013, 25/2013, 170/2013, 187/2013, 113/2014, 20/2015, 33/2015, 72/2015, 129/2015, 27/2016, 120/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 110/2019, 267/2020, 151/2021 и 288/2021) е определено дека ден на неделен одмор е недела.
Според ставот 3 од истиот член од Законот, по исклучок од ставот (2) на овој член, за работниците кај работодавачите кај кои работниот процес е од таква природа што не може да се прекине поради техничко-технолошкиот процес и потребата од континуитет во работата, ден на неделен одмор може да биде друг ден во неделата и тоа во дејностите: одгледување на животни, мешовито фармерство, вадење на јаглен и лигнит, вадење на руди на метал, печатење и издавање на весници, производство на леб, слатки во свежа состојба и бисквити, производство на пиво, само во процесите поврзани со варење, квасна припрема и следење, ферментација, филтрација и енергетска поддршка на овие процеси, производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати, производство на плочи, листови, цевки и профили од пластични маси, производство на индустриски гас, производство на метали, аптеки, снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација, снабдување со вода, отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности на санација на околината, копнен, цевоводен, воден и воздухопловен транспорт, складирање и помошни дејности во превозот, објекти за сместување, дејности за подготовка на оброци и служење на храна, филмска дејност, дејности за видео и телевизиска програма, емитување на програма, телекомуникации, информативни услужни дејности (хостирање, обработка на податоци, интернет портали и слично), прикажување на филмови, фотографски дејности, ветеринарни дејности, изнајмување и давање под закуп (лизинг) на моторни возила, дејности на приватна заштита и услуги на заштита со помош на сигурносни системи, дејности на повикувачки центри, општи дејности на јавната управа, само за итни и неодложни работи поврзани со одржување на седници, инспекциски надзори, чување на шуми, а кои работи се од витално значење за државниот и јавниот интерес, работи на одбраната, судски и правосудни дејности, работи на јавниот ред и безбедноста, дејности на пожарникарската служба, дејности за здравствена заштита, дејности на социјалната заштита со сместување, креативни, уметнички и забавни дејности, дејности на музеите, дејности на зоолошки градини и природни резервати, спортски, забавни и рекреативни дејности, погребни и слични дејности, царинска служба на гранични премини, дејности кои имаат карактер на помошни или придружни дејности со цел непречено функционирање на дејностите од овој став, врз основа на склучен договор со работодавачот од дејностите од овој став и работни места од други дејности кои не се опфатени со овој став, а имаат карактер на помошни и придружни работи за непречено извршување на основната дејност на работодавачот.
4. Уставниот суд на Република Северна Македонија е надлежен да одлучува за согласноста на законите со Уставот, што произлегува од член 110 алинеја 1 од Уставот.
Собранието на Република Северна Македонија е надлежно да ги носи законите, според член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот. Согласно тоа, Собранието е надлежно и да ги менува и дополнува законите.
Согласно член 28 алинеи 1 и 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Подносителот на иницијативата ги оспорува ставовите 2 и 3 од член 134 од Законот за работните односи, укажувајќи дека истите се во спротивност со член 8 став 1 алинеи 7 и 11 и член 55 од Уставот.
Во однос на уредувањето содржано во оспорените законски одредби, Судот веќе одлучувал за уставноста на истите со Решението У.бр.4/2022 од 1 декември 2022 година. Судот во тој предмет одлучил да не поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.288/2021), со чиј член 2, во член 134 од Законот, ставот 2 се менува и гласи: „Ден на неделен одмор е недела“, а се додаваат и нови ставови 3, 4, 5, 6, 7, 8 и 9. Во овој предмет, Судот оценил дека се неосновани наводите дека со оспорените одредби од овој закон се задира во слободата на пазарот и претпримништвото и во начелото на еднаква правна положба на субјектите на пазарот. Во однос на наведените исклучоци за ослободување од забраната за работа во недела и празници, Судот одлучил дека законодавецот проценил дека одредени дејности имаат економско оправдување, но се внимава да нема штета на пазарот и конкуренцијата во пазарното работење во општествено-економскиот систем во државата. Според Судот, ова прашање за пристапот на законодавецот да пропишува исклучоци од општото правило за недела и празници како неработни денови во Републиката е прашање во доменот на законодавната политика за креирање на тој облик на законски решенија.
Во конкретниот случај, повторно се оспоруваат ставовите 2 и 3 од член 134 од Законот за работните односи. Меѓутоа, причините за неуставноста на овие законски одредби се темелат на нивната меѓусебна неусогласеност, што излегува надвор од надлежностите на Уставниот суд, утврдени во член 110 од Уставот, според кои Судот единствено е надлежен да одлучува за оценување на согласноста на пропишаната законска норма со Уставот, но не и да одлучува за меѓусебната усогласеност на две законски одредби.
Дополнително, во однос на оспорениот став 3 од член 134 од Законот, причините за уставно проблематизирање на истиот имаат за цел Уставниот суд да ја дополни неговата содржина со нова дејност-градежништво бидејќи истата не е содржана во пропишаните дејности за кои е предвидено дека ден на неделен одмор може да биде друг ден во неделата, како исклучок од правилото уредено во член 134 став 2 од Законот. Според Судот, ова барање, исто така, излегува надвор од надлежностите на Уставниот суд, утврдени во член 110 од Уставот бидејќи не е во надлежност на Судот да одлучува дали одредени законски норми треба да се дополнат или допрецизираат. Во член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот е утврдено дека единствено Собранието на Република Северна Македонија е надлежно да ги донесува законите, па согласно тоа, да ги менува и дополнува.
Наводот во иницијативата според кој во ниту еден меѓународен документ не се прават никакви ограничувања во врска со прашањето за неделен одмор на ниту една дејност, според Судот, не е од влијание за поинакво одлучување во конкретниот случај.
Оттука, имајќи предвид дека причините за неуставноста на оспорените законски одредби излегуваат надвор од надлежностите на Уставниот суд, но и фактот дека Судот веќе се произнел за уставноста на истите, а во конкретниот случај иницијативата не содржи наводи со што Судот би имал основ за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеи 1 и 2 од Деловникот, за отфрлање на иницијативата.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и м-р Фатмир Скендер.
У.бр.50/2022
18.01.2023 гoд.
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска