У.бр.135/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 7 декември 2022 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на член 147 став 2 од Законот за нотаријатот („Службен весник на Република Македонија“ број 72/2016 од 12.04.2016 година).

2. Здружението за заштита од дискриминација – Виница, застапувано од претседателот Коле Илијев, поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбата означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во поднесената иницијатива, ставот 2 од член 147 од Законот за нотаријатот е противуставен и во спротивност со Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи, од причина што во член 54 од Уставот е наведено дека слободите и правата на граѓанинот може да се ограничат само во случаи утврдени во Уставот.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека според уставните одредби, слободите и правата на граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба, односно ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, национално и социјално потекло, имотна или општествена положба.

Исто така, во иницијативата се наведува дека според член 14 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи (Рим, ноември 1950 година) којашто е потпишана и од Република Северна Македонија, уживањето на правата и слободите признати со оваа конвенција треба да се обезбеди без никаква дискриминација заснована врз пол, раса, боја на кожата, јазик, вера, политичко и кое да е друго мислење, национално или социјално потекло, припадност на нацинално малцинство, материјална положба, потекло по раѓање или кој и да е друг статус.

Според наводите во иницијативата оспорената одредба е спротивна на член 54 од Уставот на Република Северна Македонија и член 14 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи, затоа што на законските наследници им го ограничува правото слободно самите да одлучат дали при расправање на оставината во која граѓанинот како учесник во постапката има потреба од адвокат како полномошник или воопшто не му е потребно. Напротив, законодавецот со ваквата одредба пропишува задолжително присуство на адвокат, која облигаторна одредба претставува директна дискриминација на законски наследник, имајќи предвид дека некои од законските наследници не се прифатени за наследници на делот од оставината, а мора да имаат адвокат. Во иницијативата се наведува дека со ваквата законска одредба, законодавецот имал намера да обезбеди континуитет во работата на адвокатите, без притоа да се води сметка на ограничувањата која оваа одредба ги предизвикува. Воедно, оспорената одредба доведува до изложување на дополнителен трошок за законските наследници без да се води сметка за нивната материјална положба и неможноста да си дозволат ангажирање на адвокат за вонпарнична, односно неспорна постапка.

Од горенаведеното подносителот заклучува дека одредбата од член 147 став 2 од Законот за нотаријатот, за задолжителното присуство на адвокат на учесникот во оставинската постапка претставува директна дискриминација на граѓанинот – законски наследник на кој се ограничува правото на слободно располагање од потребата на адвокат како полномошник на штета на материјалната положба на учесникот, поради што предлага Уставниот суд истата да ја укине.

3. Ставот 1 од член 147 од Законот за нотаријатот предвидува дека овластувањата на нотарите за расправања на оставина се уредуваат со законот кој ја уредува таа постапка. Додека во ставот 2 на истиот член се пропишува дека при расправањето на оставината задолжително е присуство на адвокат во својство на полномошник за секоја од странките.

4. Како што е предвидено во член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Во член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, наведено е дека Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Судот на седницата утврди дека со предметната иницијатива повторно се бара од Уставниот суд да ја оцени уставноста на член 147 став 2 од Законот за нотаријатот („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 72/2016 од 12.04.2016 година), во суштина од истите причини како во предметот У.бр.141/2016, за што Судот се произнел и утврдил дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените законски одредби со одредбите на Уставот.

Имено, во наведеното решение Судот зазел став дека во вршењето на јавното овластување, државата го задржува правото да врши надзор над законитоста на работењето на субјектите на кого му е доверено тоа овластување. Тоа е предвидено во член 53 од Уставот, според кој адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон. Оттука, не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека оспорениот член 147 став 2 од Законот е во спротивност со Уставот на Република Македонија, бидејќи со ваквото законско решение се овозможува поефикасно, поекономично и побрзо преземање на потребни дејствија во текот на оставинската постапка пред нотарот.

Имајќи предвид дека Судот веќе одлучувал за член 147 став 2 од Законот за нотаријатот, а нема основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и м-р Фатмир Скендер.

У.бр.135/2021
07.12.2022 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска

Издвоено мислење по предметот У.бр.135/2021