Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 20 декември 2022 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 2 точки 1 и 4, член 3, член 7, член 9 ставови 3 и 4, член 11 став 2, член 14 ставови 8 и 9, член 15 став 1 и член 16 од Правилникот за начинот на службено оценување на активниот воен персонал, активниот резервен персонал и за офицерите односно подофицерите и војниците во резервниот состав на Армијата на Република Северна Македонија, начинот на водење на евиденција потребна за службено оценување и видовите на обрасците на оценувачкиот лист („Службен весник на Република Северна Македонија“, број 156/2021).
2. Јоне Ивановски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на членовите од Правилникот означени во точката 1 од ова решение.
3. Подносителот во иницијативата наведува дека оспорениот правилник, односно неговите оспорени одредби излегуваат надвор од прецизно дадените овластувања утврдени во Законот за служба во Армијата на Рeпублика Северна Македонија.
Истиот наведува дека според член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законите и други прописи, кога за тоа е овластен со закон.
Воедно, во иницијативата се наведува дека врз основа на член 56, а во врска со член 52 став 2 од Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија, на 6 јули 2021 година, министерот за одбрана го донел оспорениот правилник.
Со Законот за служба во Армијата на Република Македонија се уредуваат статусот, правата, обврските, должностите и одговорностите на персоналот на служба во Армијата на Република Северна Македонија, како и системот на плати и надоместоци на плати и други прашања во врска со службата во Армијата.
Според иницијаторот, оспорениот правилник треба да биде усогласен со Законот за служба во Армијата, меѓутоа токму неговите оспорени членови ја доведуваат во прашање неговата усогласеност.
Имено, со член 2 точка 1 се утврдува обврска која не била пропишана со закон. Исто така, и во точката 4 од истиот член се воведува поим надгледувач на оценувањето што всушност со Законот за служба во Армијата не е предвидено.
Понатаму во иницијативата се вели дека според член 3 од Правилникот е пропишано дека службеното оценување треба да биде објективно и непристрасно и да се темели на резултатите од работата, меѓутоа тоа е спротивно на Законот за служба во Армијата од причина што во истиот се наведува дека оценувањето на активниот воен персонал се врши врз основа на податоците кои се однесуваат на следниве критериуми: стручно знаење, професионална ефикасност, командување и раководење, резултатите од работата и физичката подготвеност.
Исто така, подносителот наведува дека според член 7 од Правилникот оценувачите постојано ја следат работата на оценуваниот, како и дека се определува и начинот на кој тоа се врши, односно преку две директни советувања со кои на оценуваниот му се укажува за конкретни поединости во извршувањето на должностите итн. Ова е во спротивност со член 48 од Законот за служба во Армијата бидејќи во истиот се наведува дека службеното оценување на воениот персонал се врши поради утврдување на нивниот успех во службата, одлучување за унапредување, поставување и други односи во службата.
Подносителот наведува дека член 9 од Правилникот е во спротивност со Законот за служба во Армијата бидејки во истиот се предвидува „надгледувач на оценувањето“, додека во Законот тој поим не постои. Согласно ставот 4 од истиот член се определува дека во случај кога началникот на Генералштабот на Армијата се јавува како првопретпоставен, второпретпоставен е Врховниот командант на вооружените сили – претседателот на Република Северна Македонија, оттука произлегува дека со овој член Министерството за одбрана предвидува надлежности за претседателот на Републиката.
Според подносителот на иницијативата, член 11 став 2 е незаконски бидејќи во него се предвидува дека доколку оценуваното лице е трајно ограничено способен за служба во Армијата од страна на Воено-лекарската комисија, тогаш заклучната оцена не може да биде повисока од „добар“. Ваквата одредба е дискриминаторска бидејќи е во спротивност со член 54 став 1 и став 3 од Уставот.
Во иницијативата се наведува дека, исто како и наводот кој се однесува за член 2 точка 4, и во член 14 во однос на образецот на оценувачкиот лист во деловите 6 и 7, се зборува за надгледувачот на оценувањето, но тој термин воопшто не е предвиден во Законот за служба во Армијата.
Подносителот смета дека член 15 став 1 е незаконски од причина што не постои законска обврска оценуваното лице да се изјасни за своите цели и очекувања за следната година пред непосредно претпоставениот старешина. Министерот не може да утврдува дополнителни права и обврски за оценуваното лице надвор од Законот за служба во Армијата.
Според наводите од иницијативата и член 16 од Правилникот во целост е спротивен на законските одредби бидејќи со истиот освен офицерите, се исклучува останатиот персонал на служба во Армијата.
Врз основа на наводите во иницијативата, подносителот бара од Уставниот суд за изврши оценка на законитоста на наведените одредби од Правилникот и евентуално да ги укине истите.
4. Судот на седницата утврди дека во член 2 од Правилникот во точка 1 се дефинира поимот оценување како процес на вреднување на работата и резултатите од истата на активниот воен персонал, активниот резервен персонал и за офицерите, односно подофицерите и војниците во резервниот состав на Армијата на Република Северна Македонија. Додека во точка 4 се дефинира поимот надгледувач на оценувањето и истиот претставува овластено лице од првопретпоставената команда со ист или повисок чин од второпретпоставениот, определено за резрешување на конфликти и несогласување во оценувањето, преку увид во оценувањето и донесувањето на заклучна оценка.
Со член 3 од Правилникот се предвидува дека службеното оценување на активниот воен персонал, активниот резервен персонал и за офицерите, односно подофицерите и војниците во резервниот состав на Армијата на Република Северна Македонија треба да биде објективно и непристрасно и да се темели на резултатите од работата кои во вршењето на службата, лицето од воениот персонал кое се оценува, ги постигнало во периодот за кој се оценува.
Член 7 став 1 пропишува дека заради објективно оценување на воениот персонал, оценувачите во текот на периодот за оценување постојано ја следат работата на оценуваниот, прибираат и евидентираат податоци кои се од значење за оценувањето, при што треба да го имаат предвид карактерот на должностите кои ги врши оценуваниот, условите за работа и неговиот однос кон работата, како и ефикасноста и резултатите од работата. Во став 2 од истиот член се предвидува дека при следење на работата од страна на оценувачот, преку две директни советувања, на оценуваниот му укажува за конкретни поединости во извршувањето на должностите, на недостатоците во нивното извршување, како и за начините што водат кон нивно успешно извршување. Во став 3 се пропишува дека податоците од ставовите 1 и 2 на овој член кои се од значење за оценувањето, оценувачот ги евидентира на Образецот за евиденција на податоците од следењето на работата на воениот персонал (ОЕП-СРВП, Образец бр.1).
Во член 9 став 3 се предвидува дека доколку второпретпоставениот не се согласи со оценката и/или потенцијалот и следните три можни должности со првопретпоставениот старешина, второпретпоставениот го известува неговиот претпоставен. Претпоставениот на второпретпоставениот одредува лице „надгледувач на оценувањето“ од претпоставената команда, со ист или повисок чин од второпретпоставениот, кој врши увид во оценувањето и донесува заклучна оценка. Додека во став 4 од истиот член се пропишува дека за воениот персонал за кој како првопретпоставен се јавува директорот на Генералштабот на Армијата и заменик на началникот на Генералштабот на Армијата, второпретпоставен е началникот на Генералштабот на Армијата. Во случај кога началникот се јавува како првопретпоствен, второпретпоставен е Врховниот командант на вооружените сили – претседателот на Република Северна Македонија.
Во член 11 став 2 се пропишува дека доколку оценуваното лице е ослободено или времено ограничено способно со наод, оценка и мислење на Воено-лекарска комисија и не се оценува по критериумот „физичка подготвеност“, тогаш заклучната оценка не може да биде повисока од „СЕ ИСТАКНУВА“, освен ако ограничувањето е отсуство поради бременост, раѓање и мајчинство, а доколку е трајно ограничено способен за служба во Армијата од страна на ВЛК, тогаш заклучната оценка не може да биде повисока од „ДОБАР“.
Со член 14 став 8 се пропишува дека делот 6 од образецот на оценувачкиот лист се однесува на оценката од страна на надгледувач на оценувањето, и истиот е наменет за оценување од страна на надгледувачот на оценувањето, во ситуација кога второпретпоставениот стрешина не се согласува со оценката и/или за афинитетите за оценуваното лице кои ги навел првопретпоставениот старешина и содржи критериуми за оценување врз основа на кои се врши преиспитување на оценувањето по сите критериуми, со краток коментар и оценка по секој критериум одделно во скратена форма (ОСИ – ОСОБЕНО СЕ ИСТАКНУВА, СИ – СЕ ИСТАКНУВА, Д – ДОБАР, З – ЗАДОВОЛУВА и НЗ – НЕ ЗАДОВОЛУВА) и заклучна оценка, со писмено образложение, место за датум и печат, место за податоци за надгледувачот на оценувањето (чин, име и презиме) и потпис. Податоците во овој дел ги обезбедува и пополнува надгледувачот на оценувањето. Додека во став 9 се пропишува дека делот 7 се однесува на потврдата на оценката од страна на кадровскиот совет на единицата, и истиот е наменет за потврда на оценката од страна на Кадровскиот совет на командата/единицата, доколку конечната оценка е „ОСОБЕНО СЕ ИСТАКНУВА“ и содржи податоци за денот кога е одржан состанокот, дали е прифатена/не е прифатена оценката, потврда за заклучната оценка, место за печат и податоци за претседателот на Кадровскиот совет (чин, име и презиме) и потпис.
Со член 15 став 1 се пропишува дека во текот на оценувањето на воениот персонал за претходната година, оценуваното лице се изјаснува за своите цели и очекувања за следната година пред непосредно претпоставениот старешина или раководен службеник и истото го потврдува со своерачен потпис на Образецот за евиденција на податоците за следењето на работата на воениот персонал (ОЕП-СРВП, Образец број 1) опишан во член број 13.
Со член 16 се предвидува дека на лица оценети со заклучна оценка „ОСОБЕНО СЕ ИСТАКНУВА“ оценката им се разгледува и потврдува или одбива на кадровски совет на ниво на баталјон и повисоки единици, команди и установи, по завршетокот на периодот за оценување, почитувајќи го ограничувањето од најмногу 25% оценети со степен „ОСОБЕНО СЕ ИСТАКНУВА“ во секоја категорија на рамниште баталјон и повисоко, односно каде бројот на оценувани не е помал од четворица. Процентот повеќе од 25% оценети подофицери и/или професионални војници оценети со оценка „ОСОБЕНО СЕ ИСТАКНУВА“ на ниво на баталјон го разгледува кадровскиот совет на ниво на баталјон од каде се преиспитува процентот, а процентот повеќе од 25% офицери оценети со оценка „ОСОБЕНО СЕ ИСТАКНУВА“ на ниво на баталјон го преиспитува кадровскиот совет на ниво на бригада од која е органски дел баталјонот за кој се преиспитува нивото на оценети офицери со оценка „ОСОБЕНО СЕ ИСТАКНУВА“.
5. Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно член 54 од Уставот во став 1 се предвидува дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот. Во став 3 е пропишано дека ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.
Согласно член 48 од Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 36/10, 23/11, 47/11, 148/11, 55/12, 29/14, 33/15, 193/15 и 71/16 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 101/19, 275/19 и 14/20) во став 1 се пропишува дека службеното оценување на воениот персонал се врши поради утврдување на нивниот успех во службата, одлучување за унапредување, поставување и други односи во службата. Став 2 од истиот член предвидува дека податоците за оценување се класифицирани информации и се чуваат во персоналното досие на воениот персонал.
Во член 51 од Законот за служба во Армијата се пропишува дека оценувањето на активниот воен персонал се врши врз основа на податоците кои се однесуваат на следниве критериуми: стручно знаење, професионална ефикасност, командување и раководење, резултатите од работата и физичката подготвеност.
Согласно член 56 од Законот за служба во Армијата, начинот на службеното оценување на активниот воен персонал, активната резерва и за офицерите, односно подофицерите и војниците во резервниот состав на Армијата, начинот на водење на евиденција потребна за службено оценување и видовите на обрасците на оценувачкиот лист, поблиску ги пропишува министерот за одбрана.
Со член 1 од Правилникот за начинот на службено оценување на активниот воен персонал, активниот резервен персонал и за офицерите, односно подофицерите и војниците во резервниот состав на Армијата на Република Северна Македонија, начинот на водење на евиденција потребна за службено оценување и видовите на обрасците на оценувачкиот лист („Службен весник на Република Северна Македонија“, број 156/2021) се пропишува начинот на службено оценување на активниот воен персонал, активниот резервен персонал и за офицерите, односно подофицерите и војниците во резервниот состав на Армијата на Република Северна Македонија, начинот на водење на евиденција потребна за службено оценување и видовите на обрасците на оценувачкиот лист.
Со цел да се оцени дали оспорениот правилник е во согласност со Законот за служба во Армијата, потребно е да се анализираат оспорените одредби заедно со законските одредби со кои наводно истите се во спротивност.
Членот 56 од Законот за служба во Армијата, е тој којшто му дава право и обврска на Министерството за одбрана да ги регулира сите прашања поврзани со службено оценување на активниот воен персонал, активниот резервен персонал и за офицерите, односно подофицерите и војниците во резервниот состав на Армијата на Република Северна Македонија.
Со оглед дека се работи за подзаконски акт, неспорно е дека самиот правилник подетално ќе го разработува начинот на службеното оценување, а воедно ќе прецизира и одредени поими заради едноставна и недвосмислена примена на самиот правилник. Со Правилникот се пропишува самиот начин на службено оценување.
Во таа насока, Судот оцени дека се неосновани наводите на подносителот дека оспорените одредби од Правилникот не се во согласност со член 48 од Законот за служба во Армијата бидејќи во истиот во став 1 се пропишува дека службеното оценување на воениот персонал се врши поради утврдување на нивниот успех во службата, одлучување за унапредување, поставување и други односи во службата, додека од друга страна оспорената одредба односно член 2 точка 1 од правилникот дава дефиниција што претставува поимот „оценување“.
Во иницијативата во неколку наврати се оспорува воведувањето на поимот „надгледувач на оценувањето“, како што тоа е предвидено во член 2 став 1 точка 4 и во член 9 став 3 од Правилникот, бидејќи наводно истиот не е предвиден во Законот за служба во Армијата, меѓутоа истото е сторено со цел добивање на заклучна оценка имајќи ги предвид и законските одредби со кое се регулира самото оценување.
Оттука со оглед на фактот дека член 56 од споменатиот закон, дава правен основ за донесување на поблиски прописи за службеното оценување, неспорно е дека со воведувањето на категоријата „надгледувач на оценувањето“ не се излегува надвор од рамките на овој член, ниту пак овој член тоа го ограничува.
Во однос на наводите во врска со член 3 од Правилникот, произлегува дека самиот израз „резултатите од работата“ во одредбата не се однесува на критериумот „резултатите од работата“ како критериум пропишан во член 51 од Законот, туку ги опфаќа сите останати критериуми како збир.
Наводите на иницијаторот за член 7 од Правилникот, се неосновани бидејќи истиот не може да се доведе во корелација со член 48 од Законот. Имено, со Правилникот е пропишан начинот на службено оценување, додека со член 48 став 1 од Законот е пропишана причината поради која се врши службено оценување.
Наводите во врска со член 9 став 3 се однесуваат на воведувањето на поимот надгледувач на оценувањето, Судот оцени дека тоа е сторено со цел добивање на заклучна оценка имајќи ги предвид и законските одредби со кои се регулира самото оценување. Што се однесува на став 4 од истиот член, Судот оцени дека не се основани наводите дека со овој став се пропишуваат надлежности на други органи, бидејќи во член 79 од Уставот на Република Северна Македонија, се предвидува дека претседателот на Републиката е врховен командант на вооружените сили, а со тоа е и дел од хиерархијата во Армијата на Република Северна Македонија.
Во однос на наводите за член 11 став 2 од Правилникот, исто така, не постои сомнеж за неговата незаконитост, а во тој прилог оди и анализата на следните одредби.
Проверката на физичката подготвеност е пропишана со Правилникот за начинот на одржување и проверка на физичката способност за служба во Армијата на Република Северна Македонија, како и начинот на работа на комисиите за проверка на физичката способност („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 147/2021). Со член 12 став 1 алинеја 2 и став 2 од Правилникот е пропишано дека проверката на физичката способност, не се спроведува на лицата кои до почетокот на термините одредени за проверка ќе приложат наод, оценка и мислење од Воено-лекарската комисија, дека се ослободени од одредени должности за период до шест месеци. По престанокот на причините за ослободување, проверка на физичката способност на персоналот од ставот 1 алинеја 2 на овој член, се спроведува на првиот нареден термин за проверка.
Со член 15 од Правилникот за начинот на работа на Воено-лекарската комисија за утврдување на посебната здравствена способност на воениот персонал за вршење на служба во Армијата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.68/11) е пропишано дека кога се дава наод, оцена и мислење дека е потребно ослободување на лицето од извршување на одредени должности кои лицето може да ги извршува во тој период, а кои нема штетно да се одразат на неговото здравје.
Со член 3 и член 4 од Правилникот за мерилата за оценување на посебната здравствена и физичка способност на воениот персонал за служба во Армијата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.68/11) е пропишано дека врз основа на мерилата за оценување на посебната здравствена и физичка способност на воениот персонал за служба во Армијата на Република Македонија, лицето кое се оценува може да биде оценето со една од следниве оцени: способен, ограничено способен и неспособен.
Со член 11 став 2 се врши дистинкција на категоријата на воен персонал кои се ослободени, односно времено ограничено способни и трајно ограничено способни и категорија воен персонал кои се способни и законски подлежат на проверка на физичката подготвеност како еден од критериумите за службено оценување.
Оваа дистинкција е битна во однос на правилната примена на член 48 од Законот, односно успехот во службата, одлучувањето за унапредување, поставување и други односи во службата. Со наведената анализа Судот оцени дека оспорената одредба не е во спротивност со член 54 ставови 1 и 3 од Уставот.
Во однос на наводите за член 14 став 8, Судот оцени дека се однесува на воведувањето на поимот надгледувач на оценувањето и веќе е дадено образложение погоре во ова решение. Додека пак, што се однесува за наводите за став 9 од истиот член, а кои се однесуваат на делот 7 од образецот на оценувачкиот лист, подносителот иако истите ги поврзува со правото министерот да утврдува дополнителни права и обврски за кадровскиот совет, во овој случај не се работи за тоа.
Всушност, службеното оценување е дел од кадровската проблематика и воопшто не се поставува прашање за надлежноста на Кадровскиот совет по ова прашање. Потребата за обврската на Кадровскиот совет согласно правилникот произлегува за правилна примена на член 53 став 3 од Законот, каде што е пропишано дека со степен на оценка „особено се истакнува“ можат да бидат оценети само 25% од вкупниот број на персоналот по категории на служба во Армијата, таму каде што тоа е применливо, односно бројот на оценувани не е помал од четворица.
Член 15 од овој правилник е воведен со цел зголемување на транспарентноста и објективноста во постапката на оценување со што не може да се даде мислење дека истиот е незаконски.
Со член 16 се доуредува надлежноста за тоа кој кадровски совет е надлежен да ги разгледува и потврдува или одбива оценките „особено се истакнува“, во зависност од тоа за која категорија на воен персонал станува збор (офицери, подофицери или професионални војници).
Тргнувајќи од фактот дека оспорениот правилник е подзаконски акт донесен врз основа на член 56 од Законот за служба во Армијата и претставува операционализација на Законот и дека истиот не е во спротивност со Уставот и законот, Судот оцени дека нема основ за поставување прашање за согласноста на оспорените одредби од Правилникот со член 54 ставови 1 и 3 Уставот, со членовите 48 – 57 од Законот за служба во Армијата и со член 55 став 1 и член 56 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа.
Имајќи го предвид горенаведеното, Судот оцени дека оспорените одредби од Правилникот не се во спротивност со уставните и законските одредби.
6. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и м-р Фатмир Скендер.
У.бр.18/2022
20.12.2022 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска