У.бр.54/2022

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 14.12.2022 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување Урбанистички план вон населено место за индустриска зона „Мауцкер“, КО Долно Лакочереј – вон град, Општина Охрид, плански период 2013-2023, со бр.08-2681/14, донесена од Советот на Општина Охрид на 27.02.2015 година („Службен гласник на Општина Охрид“ бр.2 од 03.03.2015 година).

2. Наташа Шурбановска од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите на иницијативата, со оспорената одлука од Советот на Општина Охрид е сторена повреда на член 8 став 1 алинеи 3 и 10 и член 51 од Уставот, членовите 4, 5 и 6 од Париската конвенција за заштита на светското културно и природно наследство, членовите 6, 8 и 9 од Законот за управување на светското природно и културно наследство и член 4 од Законот за урбанистичко планирање.

Во врска со повредата на член 8 став 1 алинеи 3 и 10 и член 51 од Уставот, подносителката на иницијативата наведува дека со оспорената одлука, Општината урбанизирала простор со намена индустриска зона во чиј делокруг може да се градат индустриски објекти со класа Г2 – лесна преработувачка и помалку загадувачка индустрија, со што се повредени темелните вредности на уставниот поредок и тоа владеењето на правото, уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, а законите мораат да бидат во согласност со Уставот и сите други прописи со Уставот и со законите и секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Во иницијативата се наведува дека со оспорената одлука донесена од страна на Советот на Општина Охрид, се урбанизирал просторот во заштитеното подрачје на Охридскиот Регион заради изградба на индустриски и загадувачки објекти со класа на намена Г-2 што било спротивно на член 4, 5 и 6 од Париската конвенција за заштита на светското културно и природно наследство, според која земјите членки, потписнички се обврзале да постигнат највисок стандард на заштита на природното и културното наследство впишано на листата на светското наследство на УНЕСКО.

Оспорената одлука, наведува подносителот е спротивна и на членовите 6, 8 и 9 од Законот за управување на светското природно и културно наследство, во кои се дефинирани границите на Охридскиот Регион како светско природно и културно наследство, како и обврската на државата за должна заштита на Охридскиот Регион од активности кои можеле да предизвикаат уништување и деградација на светското природно и културно наследство.

Одлуката донесена од страна на Советот на Општина Охрид, е спротивна и на член 4 од Законот за урбанистичко планирање, од причина што истата како понизок плански документ, не е усогласена со Просторниот план за Охридско–преспанскиот Регион за 2005 – 2020 година, донесен од страна на Собранието на Република Македонија, бидејќи со истиот може да се планира само градба на чиста индустрија која нема да го загадува квалитетот на водата, воздухот и почвата.

Во иницијативата се наведува дека при донесувањето на Урбанистичкиот план вон населено место за Долни Лакочереј вон град, Општина Охрид, не водела сметка дека индустирската зона се наоѓа на само 700 метри од црквата „Св. Еразмо“ (светско културно наследство) и 900 метри од Охридското Езеро (заштитено од УНЕСКО) односно во зона на заштита на УНЕСКО, односно планираната индустриска зона, се наоѓа во средина на заштитена зона на УНЕСКО каде се наоѓаат евидентирани културни добра и археолошки локалитети, односно простор со режим на посебна заштита на светското културно наследство со заштитена археологија и споменици.

Со просторниот план, во близина на местото на градење на локалитетот Долни Лакочереј, се предвидува изградба на регионален водоводен систем кој ќе ги поврзува градот Охрид и градот Струга, поради што изградабата на секаков вид на индустриски објекти во близина на водовод била опасност од хаварии и загадување на водата за пиење.

При донесувањето на оспорената одлука, во иницијативата се наведува дека Советот на Општина Охрид не водел сметка за намената на земјиштето на локалитетот Долни Лакочереј, заштитата на животната средина, просторот од локалитетот и околината означен како туристички простор од меѓународно значење и истата е спротивна на Просториниот план за Охридско – преспанскиот Регион.

Со иницијативата се предлага поништување на оспорената одлука, а до донесување на истата, Судот да ги запре сите акти или дејствија што се преземаат врз основа на оспорената одлука, а потоа истата да ја поништи.

3. Судот на седницата утврди дека Одлуката за донесување Урбанистички план вон населено место за индустриска зона „Мауцкер“, КО Долно Лакочереј – вон град, Општина Охрид, плански период 2013-2023, со бр.08-2681/14, („Службен гласник на Општина Охрид“ бр.2 од 03.03.2015 година), е донесена врз основа на член 11, 22 и 25 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на РМ“ бр.60/11), член 22 став 1 точка 1 и член 62 став 1 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на РМ“ бр.5/2002) и член 18 од Статутот на Општината Охрид („Службен гласник на општина Охрид“ бр.8/2007), на седница на Советот на Општина Охрид одржана на ден 27.02.2015 година.

Според член 1 од Одлуката се донесува урбанистички план вон населено место за индустриска зона Мауцкер, КО Долно Лакочереј – вон град, Oпштина Охрид, плански период 2013-2023.

Членот 2 од оспорената одлука предвидува дека со овој урбанистички план се опфаќа простор со површина од 17,92 ха.

Просторот на планскиот опфат по урбанистички план вон населено место за индустриска зона Мауцкер, КО долно Лакочереј – вон град, Oпштина Охрид, плански период 2013- 2023 е опфат на границите:

Границата на планскиот опфат е дел од Кп.бр.1219/1 КО Долно Лакочереј – вон град.

Опфатот граничи со следните катастарски парцели кои не влегуваат во дефинираниот плански опфат: од југ – Кп.бр.1200/2, Кп.бр.1201/1, Кп. Бр.1201/2, Кп.бр.1201/3, дел од Кп.бр.1219/1, Кп.бр.496/2, дел од Кп.бр.1219/1, Кп.бр.1219/7, Кп.бр.1219/2, Кп.бр.1219/3, Кп.бр.1219/4, Кп.бр.1219/5, Кп.бр.1219/6, дел од Кп.бр.1219/1, од север – дел од Кп.бр.1219/1, дел од Кп. Бр. 1219/8, од запад – Кп. Бр.1200/1, Кп.бр.1344/1, Кп.бр.1199, Кп.бр.486/1, Кп.бр.1219/8, од исток – дел од Кп.бр.1219/8, дел од Кп.бр.486/11, Кп.бр.1199, Кп.бр.1344/1.

Според член 3, Урбанистичкиот план вон населено место за индустриска зона Мауцкер, КО Долно Лакочереј – вон град, Oпштина Охрид, плански период 2013 – 2023, изработен од АД Завод за урбанизам, проектирање и инженеринг – ЗУМ Скопје, со технички број 167/13 од февруари 2015, содржи планиран развој – текстуален дел и графички прилог и документациона основа со текстуален дел и графички прилози.

Во член 4 од Одлуката се определува дека Урбанистичкиот план вон населено место за индустриска зона Мауцкер, КО Долно Лакочереј – вон град, Oпштина Охрид, плански период 2013- 2023, се заверува со печат и потпис на претседателот на Советот на Oпштина Охрид.

Согласно член 5 од Одлуката, Урбанистичкиот план вон населено место за индустриска зона Мауцкер, КО Долно Лакочереј – вон град, Oпштина Охрид, плански период 2013 – 2023, се чува, следи и реализира во Секторот за урбанизам и управување со градежно земјиште.

Во член 6 од Одлуката се определува дека оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Охрид“.

Судот, понатаму утврди дека Одлуката донесена од Советот на Општина Охрид на ден 27.02.2015 година, се однесува на плански опфат за кој е донесен Урбанистички план вон населено место за индустриска зона Мауцкер, КО Долно Лакочереј – вон град, Општина Охрид, плански период 2013-2023, со бр.08-2681/14, објавена во „Службен гласник на Општина Охрид“ бр.2 од 03.03.2015 година. Планот е изработен врз основа на Ажурирана геодетска подлога, од страна на АД Завод за урбанизам, проектирање и инженеринг – ЗУМ Скопје, број 0301/235 од 18.06.2014 година, заверен од Агенција за катастар на недвижности.

По однос на постапката за донесување на оспорената одлука, Советот на Општина Охрид, донел Одлука број 07-8330/3 од 30.12.2013 година, за усвојување на развојна програма за изработка на урбанистички планови за Општина Охрид во 2014-2016 година и Развојна програма број 07-8330/1 од 30.12.2013 година.

Агенцијата за планирање на просторот, изработила Услови за планирање на просторот под технички број 09814 од април 2014 година, Министерот за животна средина и просторно планирање, донел Решение за Услови за планирање на просторот број 15-1303/6 од 24.04.2014 година, А.Д. за урбанизам, проектирање и инженеринг ЗУМ – Скопје, изготвило Планска програма број 0301-235 од 18.06.2014 година, градоначалникот на Општина Охрид, на ден 11.08.2014 година, донел Одлука за спроведување на стратегиска оцена бр.20-7654/2, Друштво за проектирање и градба, Снегар Компани дооел, изготвило Извештај за извршена стручна ревизија под технички број Р-32/14 од август 2014 година, А.Д. Урбанизам, проектирање и инженеринг ЗУМ Скопје, изготвило Извештај број 0301-381/1 од 05.11.2014 година, градоначалникот на Општина Охрид, со Решение број 18-9621/2 од 07.11.2014 година, формирал комисија за разгледување на Предлог-урбанистички план, Комисијата, изготвила мислење за изработка на урбанистичкиот план под број 18-9621/3 од 10.11.2014 година, градоначалникот на Општина Охрид, донел Решение за организирање на јавна анкета и јавна презентација, број 18-884/10 од 05.12.2014 година, објавено соопштение за организирање јавна анкета и јавна презентација бр.18-884/11 од 05.12.2014 година, во времетраење од 10.12.2014 година, до 23.12.2014 година, објавено во јавни гласила за што е доставена потврда за емитување соопштение на Радио Охрид, како и доставени известувања за организирање на јавна анкета и јавна презентација на планот до надлежни институции.

Градоначалникот, формирал комисија за изработка на извештај, со Решение бр.18-884/12 од05.12.2014 година. На ден 16.12.2014 година, била спроведена јавна презентација во големата сала на Општина Охрид, за што е сочинет Записник бр.18-884/22, при што меѓу присутните граѓани не е потпишана подносителката на иницијативата. Изготвен бил извештај број 18-884/23 од 25.12.2014 година со прифатени и неприфатени забелешки од спроведената јавна анкета и јавна презентација, при што е наведено дека од вкупно 2 анкетни листови, биле прифатени забелешките од 1 анкетен лист, поднесен од страна на ЕВН Кец Охрид. Општина Охрид на ден 31.12.2014 година изготвила известување по Предлог-планот со број 18-884/24. Агенцијата за катастар на недвижности со свој акт бр.09-20278/2 од 28.11.2014 година, дала позитивно мислење од аспект на катастарските податоци. Градежен институт „Македонија“ а.д. – Скопје, изготвил Извештај за стратегиска оцена на животната средина со технички број 0903-1108/9, (доставен на ЦД), од декември 2014 година, Министерството за животна средина и просторно планирање дало мислење број 15-12336/2 од 29.12.2014 година.

Општина Охрид, пред донесувањето на оспорената одлука побарала и добила мислење од: Национална установа завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид, мислење за Заштитно конзерваторски основи број 13-287/1 од 24.02.2014 година, известување од Министерство за животна средина и просторно планирање под број 11-2528/4 од 12.03.2014 година, известување од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство број.22-99 од 28.04.2014, согласност од Дирекција за заштита и спасување – подрачно одделение Охрид број 10-239/2 од 10.10.2014 година, мислење – согласност од ЈП Нискоградба Охрид број 09-1826/2 од 15.10.2014 година, мислење од Проаква Р.Е. Водовод – Охрид број.09-2730/2 од 10.10.2014 година, мислење од Македонски Телеком број.19-247217/2 од 17.10.2014 година, мислење од ЕВН Македонија АД Скопје број 21-5161/2 од 13.11.2014 година, известување од Јавно претпријатие за државни патишта број.09-9223/2 од 26.11.2014 година, согласност од Агенција за катастар на недвижности Скопје број 09-20278/2 од 28.11.2014 година.

Во прилог на доставената документација доставено е мислење од Министерството за култура – Управа за заштита на културното наследство број 17-2892/2 од 04.11.2014 година, до А.Д. за урбанизам, проектирање и инженеринг ЗУМ Скопје. На ден 06.02.2015 година, Општина Охрид, доставила известување за целата спроведена постапка, до Министерство за култура, Национална комисија за УНЕСКО во Република Македонија со број 19-133/6. По комплетирање на целокупната документација Општина Охрид, со допис број 19-133/4 од 03.02.2015 година, побарала согласност од Сектор за уредување на просторот при Министерството за транспорт и врски.

Министерството за транспорт и врски, доставило согласност број 24-2281/2 од 13.02.2015 година, после што следела Одлука за донесување урбанистички план вон населено место за индустриска зона Мауцкер, КО Долно Лакочереј – вон град Општина, Охрид, плански период 2013-2023, донесена од страна на Советот на Општина Охрид со број 08-2681/14 од 27.02.2015 година.

Општина Охрид, во прилог на документацијата достави и Извод од Урбанистички план, број 19-12925/2 од 21.09.2022 година.

Врз основа на добиената согласност како резултат на целосно спроведената постапка, Советот на Општина Охрид, на седница одржана на 27.02.2015 година ја донел оспорената одлука.

Општина Охрид во прилог на целокупната документација, достави во електронска форма – услови за планирање на просторот за изработка на Урбанистички план вон населено место, за индустриска зона „Мауцкер“, со основна класа на намена Г-2 – лесна индустрија и компатибилни намени, КО долно Лакочереј, во Општина Охрид, кои произлегуваат од просторниот план на Република Македонија, со технички број 09814, април 2014 година, изработен од страна на Агенцијата за планирање на просторот.

Во условите за планирање на просторот, се содржани општи и посебни одредби, насоки и решенија од планската документација од повисоко ниво, како и графички прилози кои прикажуваат решенија на планот.

4. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 10 од Уставот, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото, како и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.

Согласно член 51 од Уставот во Република Македонија, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Во член 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005, 137/2007, 151/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011, 53/2011, 144/2012, 55/2013, 163/2013 и 42/2014), кој важел во време на донесувањето на оспорената одлука „просторното и урбанистичкото планирање е континуиран процес кој се обезбедува со изработување, донесување и спроведување на просторен план и урбанистички планови со цел да се обезбеди уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и природата“.

Видовите и содржината на плановите, како и постапката за нивно изработување и донесување се уредени во глава II од Законот за просторно и урбанистичко планирање како „Планирање на просторот”, во која се содржани членовите од 7-48 од Законот.

Во член 13 став 1 од Законот, се пропишува дека „Урбанистички план за вон населено место е урбанистички план кој се донесува за плански опфат кој не е опфатен со генерален урбанистички план и со урбанистички план за село“.

Според член 19 став 1 од Законот „урбанистичките планови се изработуваат на ажурирани геодетски подлоги, во соодветен размер, согласно со закон“.

Согласно член 22 став 1 од Законот, се предвидува дека „плановите од членот 7 на овој закон се изработуваат во две фази, односно како нацрт на план и предлог на план“.

Со член 24 на овој закон се определува дека „по нацртот на деталниот урбанистички план, урбанистичкиот план за село и урбанистичкиот план вон населено место, општината спроведува јавна презентација и јавна анкета“. Согласно ставот 2 од истиот член „организирањето на јавната презентација и јавната анкета по плановите од став 1 на овој член, го врши градоначалникот на општината, по утврдување на нацртот на планот од страна на советот за кој претходно е добиено мислење од комисијата од член 17 став 4 на овој закон“. Став 3 предвидува „за спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај“. Во став 4 е пропишано „За организирањето на јавна презентација и јавна анкета општината е должна писмено да ги извести субјектите од член 29 на овој закон. Јавната анкета трае најмалку десет работни дена, во кој рок субјектите од член 29 на овој закон како и сите заинтересирани физички и правни лица можат да достават забелешки и предлози по нацртот на планот, на анкетни листови. Доколку во овој рок субјектите од член 29 на овој закон не достават забелешки и предлози, ќе се смета дека немаат забелешки и предлози на планското решение“. Согласно став 5 од истиот член „Јавната презентација и јавната анкета од став 1 на овој член се спроведува со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа“. Во став 6 е пропишано дека „јавната презентација е стручно презентирање на планот и се организира во простории и време што ќе го определи градоначалникот на општината“. Согласно став 7 од истиот член „извештај од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за плановите од став 1 на овој член, изработува стручна комисија формирана од градоначалникот на општината, која е составена од три члена, и тоа: носителот на изработка на планот, одговорно лице од општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и истакнат научен и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање“. Став 8 предвидува дека „извештајот од став 6 на овој член е составен дел на одлуката за донесување на предлогот на планот“, додека пак став 11 од истиот член на Законот пропишува дека „времето и местото каде што ќе биде изложен планот и спроведувањето на јавната презентација и јавната анкета, задолжително се објавува со соопштение во најмалку две јавни гласила. Соопштението задолжително ги содржи податоците, местоположбата и површината на опфатот на планот“.

Член 6 од Законот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион, пропишува начело на должна заштита. Република Македонија и органите на единиците на локалната самоуправа треба да преземаат мерки за пронаоѓање, заштита, популаризација и пренесување на идните генерации на светското културно и природно наследство во Охридскиот Регион со исклучително значење, поради кое треба да се заштити како дел од општото наследство на целото човештво.

Во член 8 од истиот закон, се пропишани описно границите на Охридскиот Регион во кој се наоѓа природното и културното наследство како светско наследство, додека одредбата во член 9 од истиот закон, го утврдува начинот на управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион.

Просторниот план на Република Македонија 2004-2020 („Службен весник на Република Македонија” број 39/04) е највисок, стратешки, долгорочен, интегрален и развоен документ изработен врз база на соодветни студии. Со Просторниот план се уредуваат условите за хумано живеење и работа на граѓаните, рационалното управување со просторот и се обезбедуваат услови за спроведување на мерки и активности за заштита и унапредување на животната средина и природата, заштита од воени дејствија, природни и технолошки катастрофи.

Просторниот план на Охридско-преспанскиот Регион 2005-2020 („Службен весник на Република Македонија” број 22/10) пак претставува разработка на Просторниот план на Република Македонија. Основната стратешка определба на Просторниот план на Охридско-преспанскиот Регион 2005-2020 е остварување на повисок степен на функционална, економска и социјална интеграција на Регионот, поврзување со соседните простори пооделно и Републиката во целост. Просторниот план обезбедува интегрална заштита на природната просторна целина на националните паркови и споменици на природата ( Јабланица, Охридско Езеро, Галичица, Преспанско Езеро, Пелистер).

Од изнесенaта уставна одредба, содржана во член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот, произлегува дека уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, а од членовите 2 и 7 на Законот за просторно и урбанистичко планирање произлегува дека наведената темелна вредност се остварува преку изработување, донесување и спроведување на Просторен план на Република Македонија, генерален урбанистички план, детален урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план вон населено место. Притоа, наведените урбанистички планови се изработуваат врз основа на ажурирани геодетски подлоги, согласно член 19 од Законот, а урбанистички план вон населено место се донесува за плански опфат кој не е опфатен со генерален урбанистички план и со урбанистички план за село, согласно член 13 од истиот закон.

Во однос на постапката на донесувањето на плановите, Законот во член 24, определува дека тие се изработуваат во две фази, како нацрт на план и предлог на план, при што по нацртот на урбанистички план вон населено место, општината спроведува јавна презентација и јавна анкета, за чие место и време се известува јавноста преку јавни гласила. Јавната презентација е стручно презентирање на планот и се организира во простории и време определени од градоначалникот на општината. Јавната анкета трае најмалку десет работни дена и се врши на анкетни листови на кои се изнесуваат забелешки и предлози од заинтересирани физички и правни лица по нацртот на планот, а за спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај, со тоа што извештајот од јавната анкета содржи образложение за прифатените и неприфатените забелешки и него го изработува стручна комисија формирана од градоначалникот на општината и составена од три члена од редовите определени во Законот и извештајот е составен дел од одлуката за донесување на предлогот на планот.

Од анализата на приложената писмена документација прибавена во текот на претходната постапка, неспорно произлезе дека предметната постапка е законито спроведена, Судот утврди дека при нејзиното донесување се испочитувани сите фази во постапката, односно, Советот на Општина Охрид при донесување на оспорената одлука во целост ги испочитувала сите фази на постапката предвидени во важечкиот Закон за просторно и урбанистичко планирање. Била запазена постапката за донесување на нацрт-планот, извршена стручна ревизија на истиот, спроведена јавна анкета и јавна презентација, добиени биле сите потребни мислења на предлог-планот од надлежните органи, врз основа на кои согласно член 25 од истиот закон, добила позитивно мислење за донесување на планот, од Министерството за транспорт и врски, како орган на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот.

Во иницијативата се наведува дека Општината урбанизирала простор со намена индустриска зона во чиј делокруг може да се градат индустриски објекти со класа Г2.

По однос на овие наводи во иницијативата, овој суд не е надлежен да ја испитува и цени содржината на донесените урбанистички планови, туку уставноста и законитоста на постапката во која тие се донесуваат.

Со иницијативата се оспорува предметната одлука бидејќи истата е спротивна и на членовите 6, 8 и 9 од Законот за управување на светското природно и културно наследств. Судот утврди дека од доставената документација за спроведената постапка за оспорениот Урбанистички план, локалната самоуправа презела мерки во смисла на пронаоѓање и заштита на светското културно и природно наследство во Охридскиот Регион, зачувување на границите на светското културно и природно наследство во Охридскиот Регион, како и начинот на управување со истото, на начин што писмено доставила барање до повеќе надлежни институции.

Националната установа завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид, за изработка на заштитно конзерваторски основи до Општината доставила мислење бр.13-287/1 од 24.02.2014 година со кое ја известува дека не се надлежни за изработка на заштитно конзерваторски основи за предметниот Урбанистички план. Ова од причина што истиот не припаѓал во границите на заштитената споменичка целина „Старо градско јадро на Охрид“ ниту во нејзината контактна зона, како и тоа дека во наведениот плански опфат не постојат евидентирани или поединечно заштитени објекти или археолошки локалитети. Од тие причини не било потребна изработка на Заштитно конзерваторски основи, меѓутоа дале мислење дека во одредбите на планскиот опфат, треба да стои дека при изведба на земјоделски работи на планираниот простор, неопходно е присуство на стручно лице – археолог кое ќе ги следи работите во случај до колку дојде до откривање на евентуални остатоци од постари градби, за истите да ги евидентира, документира и преземе потребни мерки.

Општина Охрид, со допис бр.18-65/12 од 19.02.2014 година, побарала информација за отпочнување на постапката за изработка на планската документација за индустриска зона – Мауцкер, од Управата за животна средина како надлежен орган за вршење на стручни работи од областа на заштитата на природата, во состав на Министерството за животна средина и просторно планирање, на што Управата за животна средина како надлежен орган за вршење на стручни работи од областа на заштита на природата во состав на Министерството, одговорило со допис бр.11-2528/4 од 12.03.2014 година, во кој е наведено дека по извршениот стручен увид на приложената граница на планскиот опфат и согласно просторниот план на Република Македонија, Секторската студија за заштита на природното наследство, било утврдено дека просторот кој е предмет на изработка на планската документација, со намена Г2 – лесна индустрија, не влегува во граници на заштитено подрачје.

Изведувачот на Планската програма – А.Д. за урбанизам, проектирање и инженеринг – ЗУМ Скопје, со допис број 0301-359/6, побарало и добило мислење од Министерство за култура, Управа за заштита на културното наследство број 17-2892/2 од 04.11.2014 година, во кое е наведено дека потребните податоци од аспект на заштита на културното наследство, пропишани од Управата за заштита на културното наследство, се целосно вградени во Планската документација, со оглед на што постапката за донесување на планот може да продолжи.

По повод организираната јавна анкета и јавна презентација, Еколошкото друштво „Грашница“, поднело анкетен лист со забелешка во која бара на просторот каде се планира индустриска зона, прво да се извршат археолошки сонтажни истражувања, а потоа да се пристапи кон градежни работи.

Комисијата не ја прифатила забелешката и дала одговор дека Управата за заштита на културно наследство веќе има доставено мислење број 17-2892/2 од 04.11.2014 година, во кое се наведува дека потребните податоци од аспект на заштита на културното наследство, пропишани од Управата за заштита на културното наследство, се целосно вградени во планската документација, со оглед на тоа постапката за донесување на планот може да продолжи.

Со оглед дека Општина Охрид добила мислења и согласности од Националната установа завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид, Управата за животна средина и Министерството за култура – Управа за заштита на културното наследство, кои се надлежни за мерките за заштита на културното наследство, истите биле активно вклучени во процесот за донесување на оспорениот урбанистички план, поради што сметаме дека нема повреда на членовите 6, 8 и 9 од Законот за управување на светското природно и културно наследство.

По однос на посочувањето на „Насоките на просторна разместенот на индустријата“ содржани во Просторниот план за Охридско-преспанскиот Регион за 2005-2020 година, се утврди дека во атарот на село Косел се планира проширување на постојната зона за стопанска намена и на подрачјето меѓу населбите Завој и Свиниште за дистрибуција на економските дејности, пред сẻ индустриските и на нив комплементарните со проширување на постојните индустриски зони, или формирање на нови простори за стопанска намена со помали површини за локација на дисперзирани погони или мали стопански комплекси.

Меѓутоа, согласно Просторниот план, предложените локации се само шематски приказ на идни алтернативни простори со работна функција за вршење на производни и на нив комплементарни дејности. Конкретните локации ќе бидат утврдени со соодветна планска урбанистичка документација од пониско ниво во која ќе биде утврден атарот и соодветната површина, во согласност со неопходната законска регулатива и определбите зацртани со Просторен план за Охридско–преспанскиот Регион.

Во конкретниот случај, оспорената Одлука за локација на Урбанистичкиот план за вон населено место за индустриска зона „Мауцкер“, КО Долно Лакочереј – вон град, е утврден со соодветна планска урбанистичка документација од пониско ниво и истата е во согласност со неопходната законска регулатива и одредбите зацртани со просторниот план за Охридско-преспанскиот Регион.

Според содржина на планот од Планската програма, границата на планскиот опфат е дел од КП 1912/1 КО Долно Лакочереј – вон град со површина од 17,92 ха и катастарска култура – градежно неизградено земјиште и истиот граничи со катастарски парцели кои не влегуваат во дефинираниот опфат, за кое нешто, Агенцијата за катастар на недвижности ја известила Општина Охрид дека се исполнети условите за издавање на согласност со известување број 09-20278/2 од 28.11.2014 година.

Подносителот на иницијативата, наведува дека оспорената одлука е спротивна и на член 4 од Законот за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 32/20), кој е донесен на 2 февруари 2020 година.

Со оглед на тоа што оспорената одлука е донесена според одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005, 137/2007, 151/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011, 53/2011, 144/2012, 55/2013, 163/2013 и 42/2014), при анализата на правната и фактичката состојба, Судот се водеше според одредбите од законот кој важел во време на донесувањето на предметниот урбанистичкиот план, а не според Законот што сега е во сила и на кој се заснова иницијативата.

Тргнувајќи од наведените законски одредби во контекст на доставената документација и утврдената фактичка состојба, Судот цени дека во текот на донесувањето на оспорената одлука Советот на Општина Охрид, ги испочитувал сите фази на постапката предвидени во важечкиот Закон за просторно и урбанистичко планирање, врз основа на прибавени позитивни мислења од страна на сите релевантни министерства, институции и правни субјекти надлежни за давање мислење и согласност, го донела предметниот Урбанистички план. Од овие причини Судот утврди дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со одредбите пропишани во член 8 став 1 алинеи 3 и 10 и член 51 од Уставот на Република Северна Македонија, Законот за просторно и урбанистичко планирање и членовите 6, 8 и 9 од Законот за управување на светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион, наведени во иницијативата.

Со оглед на тоа дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со Уставот и со наведените закони, произлегува дека нема услови за запирање на поединечните акти и дејствија преземени врз основа на оспорената одлука предвидени во член 27 од Деловникот на Уставниот суд.

5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Дарко Костадиновски и м-р Фатмир Скендер.

У.бр.54/2022
14.12.2022 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска