Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 23.11.2022 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценка на уставноста на член 40 ставови 3, 4 и 6 од Законот за процена („Службен весник на Република Македонија“ бр.115/2010, 158/2011, 185/2011, 64/2012, 188/2014, 153/2015, 192/2015 и 30/2016).
2. Душан Димитров од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценка на уставноста на одредбите од Законот за процена означени во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, одредбите од член 40 ставови 3, 4 и 6 од Законот за процена, не се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, кој утврдува дека владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија. Со овие законски одредби се деградира принципот на владеење на правото затоа што Комисијата за ревизија при Комората на проценители не е составена од членови кои имаат стручност и компетентност да ја утврдат пазарната вредност на недвижниот имот кој е предмет на проценка, а наспроти тоа има законско овластување да ја поништи процената направена од лиценциран овластен проценител. Имено, со примената на оспорените одредби од член 40 од Законот, настанува ситуација во која нестручна комисија одлучува по ревизија дали процената направена од стручно и квалификувано лице, овластен сертифициран проценител, е објективна и притоа ваквата комисија може да ја поништи професионално извршената процена, што оди во насока да се дерогира правниот систем и принципот на владеење на правото. Комисијата формирана од пет члена, составена од два члена од Комората на проценители, а три члена ги предлага Министерството за транспорт и врски, во таков состав при одлучување по ревизија на предметите кои се проценуваат, секогаш Комисијата е во позиција да може да донесува одлуки со предимство на гласови од Министерството, а не од Комората како самостојна асоцијација на професионални проценители, односно во одлучувањето по ревизијата да доминира ставот на членовите од Министерството на штета на стручната процена од професионален сертифициран проценител која е констатирана како објективна и законита од членовите на Комисијата кои се од редот на членовите на Комората на проценители.
Подносителот во иницијативата наведува дека со оспорените законски одредби се пропишува, во Комисијата за ревизија да преовладуваат гласови на членови од извршната власт, односно од Министерството, а не од членови на Комората на проценители која е асоцијација на професионални и стручни проценители лиценцирани за вршење на процена. Со законската можност на Комисијата со ваков состав да поништува направена процена од сертифициран проценител, се создаваат големи негативни последици на овластениот проценител на материјален и професионален план.
Од овие причини се предлага за оспорените одредби од член 40 ставови 3, 4 и 6 од Законот за процена, Судот да поведе постапка за оценка на уставноста, како несогласни со Уставот.
Воедно, со иницијативата се предлага Судот да донесе времена мерка, односно согласно член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, да се запре извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорените одредби од Законот за процена.
3. Судот на седницата утврди дека член 40 од Законот за процена содржи:
(1) Процената изготвена од овластен проценувач може да биде оспорена со поднесување на барање за ревизија на процена до Комората во рок од осум дена од денот на приемот на процената, односно во рок не подолг од еден месец од денот на дознавање дека процената била предадена, поради:
– непочитување на методологии и стандардите за процена,
– злоупотреба на информации,
– конфликт на интереси и
– погрешно пресметан данок на промет во посебна постапка за утврдување на данок на промет согласно со Законот за данок на имот.
(2) Барање за ревизија на процена може да поднесе нарачателот на процената и сопственикот на предметот на процена, а во посебна постапка за утврдување на данок на промет и надлежната единица на локална самоуправа.
(3) Комисијата за ревизија во рок од три работни дена се произнесува по поднесеното барање со решение:
– со кое констатира дека процената е извршена согласно со закон, методологии и стандарди за процена,
– со кое констатира дека процената, предмет на ревизија, била извршена спротивно на законските одредби, методологии и стандарди за процена и утврдената проценета вредност отстапува во процент поголем од 10% од вистинската проценета вредност, со решението предметната процена ја става вон сила и дава насоки за изготвување на нова процена и истото веднаш го доставува до овластениот проценувач и
– со кое констатира дека процената, предмет на ревизија, била извршена спротивно на законските одредби, методологии и стандарди за процена и утврдената проценета вредност отстапува во процент до 10% од вистинската проценета вредност, со решението предметната процена ја става вон сила и го задолжува овластениот проценувач во рок од еден работен ден да изврши корекција во проценетата вредност и го доставува до овластениот проценувач.
(4) Доколку оспорената процена била предмет на извршување во случаите од ставот (3) алинеи 2 и 3 на овој член, Комисијата за ревизија доставува известување до надлежниот извршител дека е донесено решение со кое предметната процена се става вон сила со насоки за изготвување на нова процена и со барање да се прекине со извршувањето на предметот на процена до изготвување на нова процена.
(5) Во случај кога се утврдени повредите од ставот (1) на овој член, Комисијата поведува дисциплинска постапка.
(6) Трошоците за ревизија на процената потребни за работа на комисијата и изготвување на материјали како и трошоците за изготвување на нова процена се на товар на лицето подносител на барањето за ревизија на процена, а во случајот од ставот (3) алинеја 2 на овој член трошоците се на товар на овластениот проценувач, како и трошоците за изготвување на нова процена.
(7) Висината на трошоците за ревизија на процена ги утврдува Управниот одбор на Комората на проценувачи врз основа на реално потребните патни и дневни трошоци и материјалните трошоци.
4. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Според член 51 од Уставот во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Согласно членот 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Во Законот за процена се уредува вршењето на процената, областите, условите и начинот на вршење на процена, субјектите што вршат процена, условите и постапката за полагање на стручен испит заради издавање или одземање на лиценца за процена, наградата и надоместокот на трошоците за извршената процена, надлежноста, организацијата и работењето на Комората на проценители на Република Македонија, како и други прашања кои се однесуваат на процената што произлегува од содржината на член 1 од Законот.
Во член 2 од овој закон е дефинирано значењето на изразите употребени во Законот.
Согласно ставот 1 од член 4 од овој закон, процената на пазарната вредност на предметот на процена, според овој закон се врши на начин пропишан со методологија, правила и стандарди за процена кои ги вклучуваат Европските стандарди за проценување на вредноста – ТЕГОВА и меѓународни стандарди за проценување на вредност – ИВСЦ, како и други закони со кои се регулира проценувањето на вредноста на различни форми на сопственост и прописите донесени врз основа на нив. Во ставот 2 од истиот член, е пропишано дека проценувачот е должен процената да ја достави до нарачателот на процената во согласност со условите и роковите договорени од страна на нарачателот и проценителот. Согласно ставот 5 од истиот член, процената важи една година сметано од денот на поднесувањето на извештајот за извршена процена.
Со член 5 од овој закон е пропишано дека процена се врши во следниве области: трговско друштво, јавно претпријатие и други правни лица, недвижен и подвижен имот, побарувања и обврски, машини и опрема, транспортни средства, земјоделство, шумарство и водостопанство, индустриска сопственост, авторски права и сродни права, заштита на животната средина, информатичка технологија, полициска и воена опрема и други области утврдени со закон.
Со ставот 2 на овој член од Законот, се утврдени поодделно надлежни министерства кои издаваат лиценци за вршење процена во наведените области.
Со Законот, во член 7 се дефинирани три категории на субјекти кои можат да вршат процена.
Овластени проценувачи со лиценца се физичко лице – трговец поединец и друштво за процена според точките 1 и 3 од член 7 од Законот, а физичките лица со положен стручен испит за проценувач, вработени во соодветни институции се проценувачите во наведените институции во точката 2 од член 7 од истиот закон.
Со одредбите од Законот се уредени прашањата за условите за полагање на стручниот испит за проценувач, почетната обука за проценувач која ја спроведува Комората на проценувачи, спроведување и полагање на стручен испит пред комисија за полагање на стручен испит и верификација формирана од надлежниот министер од соодветната област, кој на кандидатите кои го положиле стручниот испит од соодветната област им издава уверение за положен стручен испит за процена од областа.
Законот, исто така, ги уредува прашањата за издавање на лиценца, од кои произлегува дека и кај трговец поединец и кај трговско друштво за процена, кои имаат регистрирана дејност процена, е задолжително да имаат вработено најмалку определен број проценувачи кои тој статус на проценувачи го имаат со положениот стручен испит, а надлежното министерство издава лиценца за процена од соодветната област, доколку ги исполнуваат условите пропишани со Законот.
Имено, положен стручен испит мора да имаат проценувачите, без оглед во која институција вршат надлежности.
Согласно член 39 од овој закон, Комисијата за ревизија на процена се состои од пет члена и нивни заменици од кои претседателот и неговиот заменик ги именува Управниот одбор на Комората од редот на своите членови, еден член и негов заменик на Комисијата се избира од членовите на Комората од соодветната област со ждрепка и тројца членови и нивни заменици именува надлежниот министер.
5. Оспорените одредби од член 40 ставови 3, 4 и 6 од Законот за процена, се однесуваат на вредноста на предметот кој се проценува поврзано соодветно и со трошоците настанати со вршењето на процената од таа ревизија.
Имено, според оспорените законски одредби, Комисијата за ревизија донесува решение врз основа на своја процена. Доколку констатира дека процената, предметот на ревизија, била извршена спротивно на законските одредби, методологии и стандарди, носи решение за отстапувања направено од овластениот проценувач во извршената процена на предметот од и до 10% од вистинската вредност на предметот кој се проценува. Доколку во решението се констатира отстапување од вистинската вредност, дава насоки во решението за изготвување на нова процена која треба да ја изготви овластениот проценувач.
Неспорно е дека во таков случај има три вида на процени, и тоа: една првична од овластен проценувач, втора од Комисијата за ревизија која проценува која била „вистинска вредност“ и дека имало отстапувања од вистинската вредност и трета повторно од овластениот проценувач по насоки во решението на Комисијата за ревизија во кое ревизорско решение веќе е содржана и утврдена процената на вистинската вредност, како и процентите на отстапување од неа.
Како последица на тоа што Комисијата со решението ја става вон сила оспорената процена на овластениот проценувач, врз основа на оспорените одредби од ставот 3 на членот 40 од Законот за процена, со насоки за вршење на нова процена, пропишано е дека Комисијата го известува извршителот за тоа со цел да се прекине извршувањето на предметот на процена, поради претстојната нова процена според насоки од процената во ревизијата.
Оспорените одредби од член 40 став 6 од Законот за процена, се однесуваат на трошоците настанати со вршењето на процената од таа ревизија.
По однос на постапката по поднесено барање за ревизија, Комисијата за ревизија насловена во Законот како Комисија на самата Комора, проверува дали се доставени сите докази од кои може да се утврди дали подносителот има право да поднесе барање за ревизија, како полномошно, заклучок од извршител и доколку се јави потреба, бара дополнителна документација од проценувачот кој ја изготвил оспорената процена, како извештаи од геометри, одобренија за градење, проектно-техничка и друга документација.
По прибавување на целокупната документација, Комисијата утврдува врз основа на кои податоци, информации, истражувања, на кој начин, со каков пристап во работењето и со која применета метода, методологија и меѓународен стандард проценувачот ги добил резултатите изнесени во оспорената процена, дали утврдената проценета вредност отстапува од процент поголем од 10%, односно процент до 10% од вистинската проценета вредост.
Понатаму утврдува дали наодите и резултатите наведени во оспорената процена се добиени врз основа на целокупната документација и дали резултатите во проценката се добиени во согласност со Законот за процена, методологија од конкретна област на процена и меѓународните стандарди. По ова се носи решение во законски предвиден рок од три работни дена сметано од поднесеното барање за ревизија на процена.
Според законските одредби, Комората на проценувачи е професионално коморско здружение на проценувачи основано со овој закон и врши, согласно член 4, процена на пазарната вредност на предметот на процена пропишано со методологија, правила и стандарди за процена кои ги вклучуваат Европските стандарди за проценување на вредноста – ТЕГОВО и Меѓународните стандарди за процена на вредноста – ИВСЦ, како и други закони со кои се регулира проценувањето на вредноста на различни форми на сопственост и прописите донесени врз основа на нив.
Имајќи ги предвид фазите и начинот на постапување на Комисијата за ревизија пропишани во оспорените одредби, во корелација со Законот во целина, произлегува дека целта на законодавецот за донесување на овој закон била да се уреди вршењето на процената, областите, условите и начинот на вршење на процената, субјектите кои вршат процена, условите и постапката за полагање на стручен испит за издавање или одземање на лиценца за овластен проценувач за вршење на процената од соодветна област, награда и надоместок на трошоците за извршена процена, основањето, надлежноста, организацијата и работењето на Комората на проценувачи, како и други прашања со кои се уредува процената.
Поаѓајќи од изнесената анализа, а по однос на наводите во иницијативата дека член 40 став 3 од Законот, е неприменлив во пракса, од причина што не е возможно Комисијата за ревизија да направи процена на предметот што се проценува и да утврди дали пазарната вредност има отстапувања поголеми или помали од 10% од вистинската вредност, Судот оцени дека ваквите наводи се неосновани.
Имено со член 5 став 1 од Законот за процена, детално се уредени областите во кои се врши процена. Одредбата пропишана во член 47 во ставот 1 од Законот, е законски основ за донесување на методологиите од страна на надлежните министерства кои содржат доволно елементи и реални показатели врз основа на кои проценителот ја врши процената, а дополнително законодавецот ја предвидел правната заштита од непочитување на одредбите за вршење процена врз основа на член 40 од Законот за процена.
Од овие причини Судот утврди дека кога Комисијата за ревизија решава за односите нормирани во оспорените одредби од член 40 ставови 3, 4 и 6 од Законот за процена, има доволна правна рамка во Законот за вршењето на своите надлежности што дава правна сигурност во владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија, поради што оцени дека оспорените одредби од Законот, се прецизни и јасни и истите не се уставно-правно спорни.
Во однос на барањето за изрекување на времена мерка, односно запирање на извршување на поединечните акти или дејствија врз основа на оспорените законски одредби, согласно член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија се утврди дека нема основ за нејзино донесување.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Вангелина Маркудова и м-р Фатмир Скендер.
У.бр.93/2021
23 ноември 2022 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска