У.бр.111/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 7 декември 2022 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на:
– Одлуката за започнување на постапката за доделување на договор за воспоставување на јавно приватно партнерство за модернизација на системот на јавно осветлување, преку финансирање, реконструкција, управување, одржување и развој на интелигентен и адаптивен систем на јавно осветлување (Smart lighting System) во Општина Кичево, бр.08-944/7 од 29.04.2021 година, донесена од Советот на Општина Кичево и
– Одлуката за избор на најповолен понудувач бр.08-2027/3 од 30.08.2021 година, донесена од Советот на Општина Кичево.

2. Фатмир Лимани од Кичево, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од Решението.

Подносителот во иницијативата, наведува дека Општина Кичево при изготвувањето на првооспорената одлука не ги почитувала наведените уставни и законски одредби и е направен пропуст во постапката за донесување на истите на начин што при спроведувањето на постапката за доделување на договор за јавно приватно партнерство не се спроведени одредени подготвителни работи утврдени во член 16 од Законот за концесии и јавно приватно партнерство. Имено, не е подготвен извештај за претходна анализа за основните елементи на проектот кои се показатели за природата на договорот што треба да биде склучен, како и елаборат за процена врз животната средина на концесијата на добра од општ интерес или на јавното приватно партнерство. Исто така, во постапката за јавно приватно партнерство недостасува и нацрт-договор којшто е задолжителен елемент којшто се објавува заедно со тендерската документација, со што се повредува член 21 став 1 алинеја 1 од Законот.

Во однос на второоспорената Одлука за избор на најповолен понудувач, подносителот наведува дека истата покрај тоа што e донесена по законски утврдениот рок од 30 дена, сметајќи од денот определен како краен рок за поднесување на понудите, e донесена и без претходно поднесен предлог на градоначалникот на Општина Кичево, согласно член 21-а став 3 од Законот за концесии и јавно приватно партнерство. Исто така, истата e донесена по распишувањето на локалните избори за избор на градоначалник и совети на општините.

Како заедничко, за оспорените одлуки се наведува дека истите не се објавени во „Службен гласник на Општина Кичево“, а произведуваат правно дејство што е спротивно на член 62 став 4 од Законот за локална самоуправа и член 52 од Уставот.

Согласно наведеното, се бара Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените одлуки и истите да ги укине или поништи, како и да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорените одлуки.

3. Судот на седницата утврди дека со оспорените акти, донесени од Советот на Општина Кичево е одлучено да се започне постапка за доделување на договор за јавно приватно партнерство и за избор на најповолен понудувач.

4. Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите, согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Во конкретниот случај, имајќи ја предвид содржината на првооспорената Одлука за започнување на постапката за доделување на договор за воспоставување на јавно приватно партнерство за модернизација на системот на јавно осветлување, преку финансирање, реконструкција, управување, одржување и развој на интелигентен и адаптивен систем на јавно осветлување (Smart lighting System) во Општина Кичево, Судот утврди дека истата нема карактер на пропис подобен за уставно-судска оцена, бидејќи станува збор за поединечен и конкретен акт донесен во функција на отпочнување на постапка за доделување на договор за јавно приватно партнерство.

Што се однесува до второоспорената Одлука за избор на најповолен понудувач, исто така, Судот оцени дека истата претставува поединечен, односно конкретен акт со кој на одреден субјект за определен временски период се доделува договор за воспоставување на јавно приватно партнерство за модернизација на системот на јавно осветлување, преку финансирање, реконструкција, управување, одржување и развој на интелигентен и адаптивен систем на јавно осветлување во Општина Кичево.

За еден конкретен правен акт да биде предмет на уставно-судска оцена, меѓу другото, треба да содржи општи норми, да уредува односи на општ начин, од него да произлегуваат права и обврски за неопределен број на субјекти во правото што, според Судот, не е случај и со двете оспорени одлуки.

Согласно наведеното, Судот утврди дека оспорените одлуки немаат карактер на пропис подобен за уставно-судска оцена во смисла на член 110 од Уставот, поради што се исполнети условите за отфрлање на иницијативата утврдени во член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд,

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и м-р Фатмир Скендер.

 

У.бр.111/2021
7 декември 2022 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска