У.бр.64/2022

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 1 декември 2022 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на последниот став од Програмата за дополнување на програмата за уредување на градежно земјиште на подрачјето на Општина Делчево за 2022 година, донесена на 15.03.2022 година од Советот на Општина Делчево, објавена во „Службен гласник на Општина Делчево“ бр.3 од 16.03.2022 година.

2.ДТПУ ГЕО СОЛАР ДОО увоз-извоз Делчево, преку полномошник Николчо Атанасовски, адвокат од Делчево, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбата означена во точката 1 од Решението.

Подносителот на иницијативата го оспорува само последниот став од Програмата за дополнување на програмата за уредување на градежно земјиште на подрачјето на Општина Делчево за 2022 година.

Според наводите во иницијативата, согласно член 52 од Уставот со кој е предвидено дека прописите, меѓу кои спаѓа и Програмата за дополнување на програмата за уредување на градежно земјиште на подрачјето на Општина Делчево за 2022 година од 15.03.2022 година на Советот на Општина Делчево, мора да се објават пред да влезат во сила, а согласно последниот оспорен став од Програмата оваа измена и дополна на Програмата стапува во сила со денот на донесувањето, а не со денот кога ќе се објави во „Службен гласник на Општина Делчево“, поради што подносителот смета дека противуставно и противзаконито донесената програма стапила во сила со денот на донесувањето.

Исто така, подносителот на иницијативата наведува дека, тој како инвеститор поднел Барање за издавање на одобрение за градење на 07.03.2022 година, по кое барање управниот орган – Општина Делчево врз основа на оспорената програма која не била сẻ уште донесена и изгласана направил пресметка на надоместокот за уредување на градежно земјиште, а по која пресметка потоа бил склучен и Договор за уредување на градежно земјиште на 16.03.2022 година, со тоа што подносителот како инвеститор бил задолжен за плаќање на надоместокот пресметан согласно оспорената програма за дополнување на програмата, која сẻ уште не била во сила ниту објавена на денот кога е склучен Договорот, а на подносителот овие факти му биле познати по склучувањето на Договорот за уредување на градежно земјиште.

Подносителот на иницијативата врз основа на изнесените причини смета дека оспорениот последен став од Програмата за дополнување на програмата за уредување на градежно земјиште на подрачјето на Општина Делчево за 2022 година, е во спротивност со темелната вредност на уставниот поредок, владеење на правото и со член 52 од Уставот на Република Северна Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот став од Програмата гласи: „Оваа измена и дополна на Програмата за уредување на градежно земјиште на подрачјето на Општина Делчево за 2022 година стапува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во „Службен гласник на Општина Делчево“.

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото претставува темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со член 51 од Уставот е утврдено дека во Република Северна Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно член 52 од Уставот законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила. Законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија” најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување. Законите влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето, а по исклучок, што го утврдува Собранието, со денот на објавувањето. Законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Во член 62 став 1 од Законот за локална самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002) е уредено дека во вршењето на работите од својата надлежност Советот донесува прописи и тоа: статут, програми, планови, одлуки и други прописи утврдени со закон, а ставот 5 од истиот член предвидува дека прописите од ставот 1 на овој член влегуваат во сила осмиот ден од денот на објавувањето, доколку со Статутот поинаку не е определено.

Во член 76 став 2 од Статутот на Општина Делчево („Службен гласник на Општина Делчево“ бр.15/2013 и 2/2019) е наведено дека Советот донесува одлуки, планови и програми, решенија, заклучоци и други акти и дава мислење и утврдува насоки за работите од локално значење кои се во надлежност на општината, додека во член 79 став 3 се наведува дека општите акти влегуваат во сила 8 (осмиот) ден од денот на објавувањето, а по исклучок што го утврдува Советот на Општината, со денот на донесувањето.

Советот на Општина Делчево има донесено Програма за уредување на градежно земјиште за подрачјето на Општина Делчево за 2022 година, објавена во „Службен гласник на Општина Делчево“ бр.1/22 на 27.01.2022 година.

Советот на Општина Делчево согласно Законот за градежно земјиште и согласно Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за степенот на уредување на градежно земјиште со објекти на комуналната инфраструктура и начинот на утврдување на висината на трошоците за уредување во зависност од степенот на уреденост објавена на „Службен весник на РСМ“ бр.16/22, за да се усогласи со измената и дополнувањето на горенаведениот правилник донесен од Министерството за транспорт и врски, донел Програма за дополнување на Програмата за уредување на градежно земјиште за подрачјето на Општина Делчево за 2022 година, истата е донесена на 15.03.2022 година, а објавена во „Службен гласник на Општина Делчево“ на ден 16.03.2022 година.

Од анализата на наведените законски одредби од Законот за локална самоуправа, како и одредбите од Статутот на Општината, произлегува дека наводите во иницијативата според кои оспорениот последен став од Програмата за дополнување на програмата за уредување на градежно земјиште на подрачјето на Општина Делчево за 2022 година со бр.03-502/1, донесена од Советот на Општината на 15.03.2022 година и објавена на 16.03 2022 година во „Службен гласник на Општина Делчево“, е во спротивност со член 52 од Уставот, се неосновани.

Во согласност со член 62 став 5 од Законот за локална самоуправа, прописите од своја надлежност кои ги донесува советот на општината влегуваат во сила осмиот ден од денот на објавувањето, доколку со Статутот поинаку не е определено, а во член 79 став 3 од Статутот на Општината Делчево пропишано е дека општите акти влегуваат во сила осмиот ден од денот на објавувањето, а по исклучок што го утврдува Советот на Општината, со денот на донесувањето.

Од ова произлегува дека Советот на Општината, согласно член 62 став 2 од Законот за локална самоуправа, има законски основ да утврди општите акти да влегуваат во сила со денот на донесувањето,  наспроти правилото со денот на објавувањето, што значи дека оспорената програма била донесена врз основа на член 76 став 2 од Статутот и има правно дејство од денот на донесувањето, како што се наведува и во самиот оспорен последен став.

Во однос на наводите во иницијативата дека пресметката за надоместокот за уредување на градежно земјиште која е изготвена по барање на подносителот, која е поднесена пред да стапат измените на Програмата, а управниот орган на Општина Делчево врз основа на програма за дополнување на програмата која сẻ уште не била во сила му пресметал надоместок за уредување на градежно земјиште, Судот нема надлежност да ја цени примената на оспорената Програма за дополнување на програмата за уредување на градежно земјиште на подрачјето на Општина Делчево за 2022 година, во конкретни случаи.

Поради наведеното сметаме дека не постои основа за поставување на прашањето за согласноста на оспорениот став од Програмата со член 52 од Уставот.

5. Имајќи ја предвид комплетната погоре наведена анализа, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ- Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и м-р Фатмир Скендер.

 

У.бр.64/2022
1 декември 2022 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска