У.бр.144/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 и член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 23.11.2022 година, донесе

Р  Е  Ш  Е  Н  И  Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 62-а став 1 во делот: „од денот на издавање на одобрението за градење“ од Законот за градење („Службен весник на Република Македонија“ бр.130/2009, 124/2010, 18/2011, 36/2011, 54/2011, 13/2012, 144/2012, 25/2013, 79/2013, 137/2013, 163/2013, 27/2014, 28/2014, 42/2014, 115/2014, 149/2014, 187/2014, 44/2015, 129/2015, 217/2015, 226/2015, 30/2016, 31/2016, 39/2016, 71/2016, 132/2016, 35/2018, 64/2018 и 168/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 244/2019, 18/2020 и 279/2020).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на:

– Член 62-а став 2 во делот „од денот на издавање на одобрението за градење“ од Законот за градење („Службен весник на Република Македонија“ бр.130/2009,  124/2010, 18/2011, 36/2011, 54/2011, 13/2012, 144/2012, 25/2013, 79/2013, 137/2013, 163/2013, 27/2014, 28/2014, 42/2014, 115/2014, 149/2014, 187/2014, 44/2015, 129/2015, 217/2015, 226/2015, 30/2016, 31/2016, 39/2016, 71/2016, 132/2016, 35/2018, 64/2018 и 168/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 244/2019, 18/2020 и 279/2020).

3. Петар Мирковиќ од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијативи за оценување на уставноста на член 62-а ставoви 1 и 2 во делот: „од денот на издавање на одобрението за градење“ од Законот означен во точката 1 и точката 2 од ова решение.

Според наводите на иницијативата, оспорените делови од член 62-a ставови 1 и 2 од Законот за градење, се во спротивност со член 8 став 1 алинеи 3 и 6 и член 15 (заменет со Амандманот XXI) на Уставот на Република Северна Македонија.

При давањето причини за оспорувањето на деловите од член 62-а ставови 1 и 2 од Законот за градење, прво се цитираат членовите 2, 4, 5, 14, 79, 80 и 106 од Законот за општата управна постапка, а во корелација со оспореното законското решение содржано во член 62-а ставови 1 и 2 од Законот за градење.

Во однос на оспорените делови од законските одредби, се наведува дека од истите јасно произлегува обврска за органот кој во рок од три дена треба да изготви и достави  известување за донесеното одобрение за градба до непосредните соседи на градежната парцела, по што следи постапка за достава која трае три дена. Следен чекор е увид во документацијата, од страна на непосредните соседи како заинтересирани лица заради заштита на своите права и правни интереси, а од друга страна истите претходно воопшто не биле запознаени дека се водела управна постапка. При ваква констелација, невозможно е да се испочитува дадениот рок за вложување на адекватен правен лек – жалба во рок од 15 дена од денот на донесувањето на одобрението за градба, што бил преклузивен рок со чие пропуштање странките би го изгубиле правото на адекватна судска заштита.

Во иницијативата се наведува дека во пракса во одредени случаи, известувањето се доставувало про форма пред истекот на рокот за увид и поднесување на жалба, поради што ваквото законско решение е на штета на граѓаните во остварувањето на своите права и заштита на правните интереси, односно оневозможена е правната заштита на сопственоста и правата кои произлегуваат од сопственоста на жалителот односно непосредните соседи на градежната парцела. На ваков начин се изигрува уставното начело за правото на жалба, што е во спротивност и со основните начела и цели на Законот за општата управна постапка, бидејќи се намалува заштитата на правата и правните интереси на странката загарантирани со овој закон.

На крајот, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените делови од член 62-а ставови 1 и 2 од Законот за градење и истите да ги поништи, а до донесувањето на конечната одлука, Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на оспорените одредби од Законот.

4. Судот на седницата утврди дека во член 62-а ставови 1 и 2 од Законот за градење („Службен весник на Република Македонија“ бр.130/2009, 124/2010, 18/2011, 36/2011, 54/2011, 13/2012, 144/2012, 25/2013, 79/2013, 137/2013, 163/2013, 27/2014, 28/2014, 42/2014, 115/2014, 149/2014, 187/2014, 44/2015, 129/2015, 217/2015, 226/2015, 30/2016, 31/2016, 39/2016, 71/2016, 132/2016, 35/2018, 64/2018 и 168/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.244/2019, 18/2020 и 279/2020), е предвидено дека:

(1) Надлежниот орган што го донел одобрението за градење е должен во рок од три дена од денот на донесувањето на одобрението за градење да ги извести непосредните соседи на градежната парцела за која се донесува одобрението, за издаденото одобрение за градење и дека во рок од 15 дена од денот на издавање на одобрението за градење, можат да извршат увид во документацијата.

(2) Доколку непосредните соседи не извршат увид и/или не поднесат жалба против одобрението за градење во рок од 15 дена од денот на издавање на одобрението за градење, одобрението за градење станува правосилно.

Согласно член 8 став 1 алинеи 3 и 6 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото и правната заштита на сопственоста се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според Амандманот XXI на Уставот со кој се заменува членот 15 од Уставот, се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд.

Правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања се уредува со закон.

Според член 50 став 2 од Уставот, се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 1 од Законот за градење („Службен весник на Република Македонија“ бр.130/2009,  124/2010, 18/2011, 36/2011, 54/2011, 13/2012, 144/2012, 25/2013, 79/2013, 137/2013, 163/2013, 27/2014, 28/2014, 42/2014, 115/2014, 149/2014, 187/2014, 44/2015, 129/2015, 217/2015, 226/2015, 30/2016, 31/2016, 39/2016, 71/2016, 132/2016, 35/2018, 64/2018 и 168/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.244/2019, 18/2020 и 279/2020), се уредуваат градењето, основните барања на градбата, потребната проектна документација за добивање на одобрение за градење, правата и обврските на учесниците во изградбата, начинот на употреба и одржување на градбата, како и други прашања од значење за градењето.

Во член 13 став 1 од Законот за градење, е предвидено дека носител на правото на градење е правно или физичко лице сопственик на земјиштето на кое се гради градбата, лице кое стекнало право на долготраен закуп на градежно земјиште, концесионер, носител на правото на службеност заради градба, лице на кое сопственикот на земјиштето или носителот на правото на долготраен закуп на градежно земјиште го пренел правото на градење со правно дело, лице кое се стекнало со право на градење со решение на стечаен судија при продажба на правото на градење во стечајна постапка и лице кое се стекнало со право на градење согласно со закон.

Според член 56 од Законот, изведувањето на градби од членот 57 на овој закон може да започне со издавањето на одобрение за градење кое е правосилно во управната постапка. Според ставот (2) од истиот член, градбите и деловите од градби изградени без одобрение за градење се бесправни градби. Деловите од градбата изградени спротивно на заверениот проект и одобрението за градење се основ за ништовност на одобрението за градење.

Во член 59 од Законот за градење во делот „Постапка за издавање одобрение за градење“ во ставот 1 е предвидено дека постапката за издавање на одобрение за градење се води согласно со одредбите на Законот за општата управна постапка, доколку со овој закон поинаку не е уредено, додека во ставот 2 од истиот член за добивање на одобрение за градење инвеститорот поднесува барање во електронска форма до надлежниот орган од членот 58 на овој закон со точно наведена документација.

Надлежностите на органот кој го донел одобрението за градење и правата на непосредните соседи е уредено со член 62-а од Законот.

Во ставот 1 од овој член, е уредено дека надлежниот орган што го донел одобрението за градење е должен во рок од три дена од денот на донесувањето на одобрението за градење да ги извести непосредните соседи на градежната парцела за која се донесува одобрението, за издаденото одобрение за градење и дека во рок од 15 дена од денот на издавање на одобрението за градење можат да извршат увид во документацијата.

Според ставот 2 од истиот член, доколку непосредните соседи не извршат увид и/или не поднесат жалба против одобрението за градење во рок од 15 дена од денот на издавање на одобрението за градење, одобрението за градење станува правосилно.

Согласно ставот 3 од истиот член, органот надлежен за водење на јавната книга за запишување на правата на недвижностите е должен да достави податоци за непосредни соседи на градежната парцела за која се донесува одобрение за градење, како и пресметка за трошоците за запишување на објектот во јавните книги за недвижности, во електронска форма, по приемот на барање во електронска форма од надлежниот орган од членот 58 од овој закон. Додека пак во ставот 4 од истиот член, предвидено е дека по исклучок од ставот (1) на овој член за издаденото одобрение за градење за градбите во технолошките индустриски развојни зони формирани од Владата на Република Северна Македонија и од правни лица, за градбите во слободните здравствени зони за градбите во индустриските и зелените зони, како и линиските инфраструктурни градби, не се известуваат непосредните соседи на градежната парцела за која се донесува одобрението.

Правото на жалба е уредено во член  65  ставови 1 и 2 од Законот за градење. Во ставот 1 е уредено правото на жалба против одобрението за градење издадено од органот на државна управа надлежен за вршење на работите на уредување на просторот, односно Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони односно Министерството за економија може да се изјави жалба во рокот определен во член 62-а на овој закон до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, додека во ставот 2 од истиот член, е уредено правото на жалба против решението за одбивање на барањето за одобрение за градење.

Со член 67 во ставот 1 од Законот, се предвидува дека инвеститорот е должен писмено да го пријави започнувањето на изградбата до надлежниот орган од членот 58 на овој закон, градежната инспекција и инспекцијата на трудот, пред започнувањето на изградбата.

Имајќи го предвид погоре изложеното, недвосмислено произлегува дека оспорениот став 1 од членот 62-а во делот: „од денот на издавање на одобрението за градење“ од Законот за градење, е во согласност со член 8 став 1 алинеи 3, 6 и Амандманот XXI од Уставот на Република Северна Македонија.      

Во член 62-а став 1 во делот: „од денот на издавање на одобрение за градење“, законодавецот точно, прецизно, недвосмислено го утврдил моментот од кога непосредните соседи на градежната парцела, можат да извршат увид во документацијата која се однесува на издаденото одобрение за градење, со тоа истите се запознати со фактот дека во непосредна нивна близина ќе се гради објект.

Целта на законодавецот била да се обезбеди заштита на правните интереси на непосредните соседи на кои идната градба би имала влијание, на истите и покрај тоа што не биле учесници во постапката за издавање на одобрение за градење, дадена им е можност со точно утврден момент од кога можат да извршат увид во документацијата. Ваквото законско решение има за цел да ги спречи можните пропусти или злоупотреби од страна на надлежниот орган што го донел одобрението за градење, а не да ја наруши правната сигурност на граѓаните како една од основните темелни вредности на уставниот поредок, пропишана во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот – владеење на правото.

Со оспорениот дел од одредбата не се доведува во прашање ниту правна заштита на сопственоста, предвидена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Имено, правниот поредок треба да ги гарантира и уреди начините на интервенција за заштита од евентуалните повреди на постојните сопственичко-правни односи, со цел да им се овозможи на носителите на правото на сопственост (не само на носителот на одобрението за градење, туку и на непосредните соседи) непречено вршење на сопственичко-правните овластувања. Токму во таа насока, оспорениот дел од одредбата упатува на правото на запознавање на непосредните соседи со документацијата преку вршење увид во истата, како еден од начините на интервенција за заштита на сопственоста.

По однос на начинот за доставување на известувањето од член 62-а став 1 од Законот за градење, се применуваат одредбите од Законот за општата управна постапка, според кој, за да тече рокот за увид во документацијата и поднесување на жалба, треба доставата да е уредна, односно да постои доказ дека непосредниот сосед е уредно известен во рок од три дена од донесувањето на одобрението за градење, во спротивно се смета дека доставата не е уредна и не тече рок за увид и поднесување на жалба.

Секоја странка која смета дека и се повредени правните интереси со управно дејствие од страна на првостепениот орган, има право да поднесе жалба до второстепениот орган, кој утврдува дали погрешно е применета определена законска одредба од материјалниот закон на штета на странката согласно член 104 став 1 од Законот за општата управна постапка.

Со ваквите законски решенија, законодавецот предвидел правна заштита на непосредните соседи, на начин уреден со закон, па според тоа не може да се доведе во прашање повредата на  правото на жалба од Амандманот XXI на Уставот на Република Северна Македонија.

Имајќи ја предвид уставно-судската практика по предметот У.бр.107/2011 година, Судот зазел став дека правото на непосредните соседи на градежната парцела на инвеститорот, во член 62-а од Законот, е поволно за граѓаните односно за непосредните соседи на градежната парцела, врз основа на тоа законско право тие во рок од 15 дена од издавањето на одобрението можат да вршат увид во документацијата и да поднесат жалба до второстепен орган, а секако тоа право го имаат од денот на нивното известување за донесеното одобрение и рокот за нив тече од денот на известувањето за издаденото одобрение, а трае до истекот на 15 дена од одобрението. Поради тоа и не може уставно да се проблематизира постоењето на ова поволно законско право на граѓаните, бидејќи рокот во одредбата секако ќе се движи од денот на нивното известување за донесеното одобрение, а известувањето е во рок од три дена во предвидените 15 дена од донесеното одобрение.

Имајќи предвид дека Уставниот суд со решение не повел постапка за оценување на уставноста на ставот 2 од член 62-а од Законот за градење, а оспорената содржина останала непроменета, согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Судот, исполнети се условите за отфрлање на иницијативата. Ова од причина што изнесените наводи во предметната иницијатива не содржат основи за поинакво одлучување.

Со оглед на сето преходно наведено, не постојат основи за донесување на решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорените делови од член 62-а ставови 1 и 2 од Законот за градење, во смисла на член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија е неосновано.

5.Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

6.Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ- Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и м-р Фатмир Скендер.

У.бр.144/2021
23 ноември 2022 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска