Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македoнија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 16 ноември 2022 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ ОДБИВА барањето од Гоце Нестороски од Скопје, за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, за кои смета дека му се повредени со Решението К.бр.273/20 од 04.01.2021 година и Решението КС-КР бр.4/21 од 11.02.2021 година на Основниот суд во Кочани.
2. Одлуката ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
3. Гоце Нестороски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе барање за заштита на слободите и правата со наводи дека со акти на Основниот суд во Кочани му е повредена слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.
Во барањето подносителот наведува дека е адвокат по професија и на 04.01.2021 година, во својство на бранител на обвинет присуствувал на рочиште за главна расправа пред Основниот суд во Кочани, на кое е парично казнет за нарушување на редот во судницата, за што од страна на Судот му е изготвено и формално Решение К.бр.273/20 од 04.01.2021 година, со изречена парична казна од 1.000 евра во денарска противвредност од 61.500 денари, која казна да ја плати во рок од 15 дена од денот на правосилноста на Решението. Против истото, подносителот вложил жалба до Кривичниот совет кој со Решение КС-КР бр.4/21 од 11.02.2021 година, ја одбил жалбата како неоснована, а Решението го потврдил.
Подносителот наведува дека паричната казна му е изречена за наводно нарушување на редот во Судот при распит на оштетено дете, со кревање рака за да добие збор, со што наводно е прекинуван распитот на детето. Наведува и дека преземените дејствија од негова страна, воопшто не претставуваат дејствија на нарушување на редот и дисциплината во текот на одржувањето на главната расправа, туку се дејствија на одбраната како реакција на начинот на кој Судот раководел при распитот на детето, при што одбраната упорно барала Судот да го почитува Законот за кривичната постапка.
Во врска со кривично-правниот настан, од страна на вешто лице стоело укажување дека не треба да се прекинува детето при давање на исказ, а подносителот воопшто не го прекинувал распитот на детето, туку напротив, во момент на негово неколкуминутно молчење, одбраната барала Судот со своето незаконско однесување и постапување, да не го присилува детето да даде одговор, односно Судот да постапува согласно Законот за кривичната постапка. Според наводите од подносителот, кога Судот очигледно сфатил дека најгрубо го крши Законот, му ја изрекол паричната казна за кревање рака за добивање на збор и со тоа Судот извршил незаконски притисок да ја замолчи одбраната и да продолжи со кршење на Законот за кривичната постапка при испитувањето на оштетеното дете.
Подносителот наведува дека Судот со своето незаконско постапување и изрекување на парична казна во ситуација кога не е нарушен редот во судницата, ниту пак Судот е навредуван, туку одбраната уредно и културно со кревање рака бара збор да реагира на незаконското постапување на Судот, Судот, не само што го повредил Законот за кривичната постапка, туку го повредил и Уставот на Република Северна Македонија и Европската конвенција за заштита на човековите права со кои се гарантира слободата на изразувањето и очигледно било дека изрекувањето на паричната казна од страна на претседателот на советот на Судот, е на секој начин да се замолкне одбраната на обвинетиот.
Во продолжението на барањето, подносителот наведува дека Судот, во целост ја занемарил улогата на адвокатите да бараат од Судот да ги спроведува законските одредби, да се грижи за владеењето на правото и да ја стекне довербата кај јавноста. Критицизмот од страна на адвокатите е дозволен, но во соодветни рамки, а во конкретниот случај, постапувањето на одбраната на обвинетиот била токму во рамки на Законот и со ништо не се нарушил редот во судницата, ниту се нарушил или прекинувал распитот на детето. Забелешките испратени до Судот во рамки на судницата, треба да имаат поголем степен на толеранција бидејќи адвокатот има слобода на изразување при бранењето на интересите на својот клиент, а критиките упатени во судница, треба да се подведат и под принципот на правично судење и правото на одбрана на интересите на клиентот.
Понатаму, подносителот наведува дека обврска на адвокатот е да се бори со сите расположливи средства при одбраната на интересите на својот клиент и во негов најдобар интерес. Според подносителот, изречената парична казна има диспропорционален ефект во практикувањето на слободата на изразувањето, односно по секоја цена да се замолчи адвокатот, што е спротивно на член 10 од Конвенцијата. Со кревање рака за да се добие збор, ниту се нарушува редот во судницата ниту пак се упатува навреда кон Судот, туку се бара добивање збор во насока на тоа Судот да го почитува во целост Законот за кривичната постапка при испитување на сведокот. Адвокатите треба да уживаат цивилен и казнен имунитет за релевантни изјави дадени во добра верба во писмените или усните искази, во своите професионални излагања пред суд, да можат да ги извршуваат своите професионални функции без закани, попречување, малтретирање или несоодветно мешање, да не се подложени на законски обвиненија или административни, економски или други санкции кога постапуваат согласно професионалните обврски, стандарди и етика.
Според подносителот, јасно може да се утврди дека изречената мерка за негово казнување како бранител на обвинетиот, е непропорционална, превисока и претставува прекумерно ограничување на слободата на изразувањето, спротивно на член 16 став 1 од Уставот и член 10 од Европската конвенција за заштита на човековите права и предлага Судот да утврди повреда на слободите и правата и да ги поништи актите со кои е сторена повредата.
Кон барањето, подносителот ги приложи погоре наведените акти и Записникот од одржаната главна расправа на 04.01.2021 година.
4. Од увидот во приложената документација и доставената од Основниот суд во Кочани, Уставниот суд ги утврди следните факти за случајот:
Пред Основниот суд во Кочани се водела кривична постапка во која обвинетиот го застапувале тројца бранители, меѓу кои и сега подносителот на барањето, Гоце Нестороски. На рочиштето за главна расправа одржано на 04.01.2021 година, Судот на подносителот му изрекол парична казна затоа што го нарушувал редот во судницата додека се вршел распит на малолетен оштетен. Изречената парична казна е констатирана на Записник од одржана главна расправа на 04.01.2021 година, за што Судот донел и формално решение.
Од образложението на Решението К.бр.273/20 од 04.01.2021 година, на Основниот суд во Кочани, произлегува дека на рочиштето за главна расправа од 04.01.2021 година, се продолжило со сослушување на оштетеното дете, на кое присуствувале стручни лица. На претходното рочиште од 30.11.2020 година, на кое започнало сослушувањето на детето, странките биле поучени за внимателно однесување за време на распитот на малолетниот оштетен, односно на укажувањето од страна на вешто лице, да не се прекинува детето додека дава исказ. При сослушувањето на детето на рочиштето од 04.01.2021 година, Судот, најпрво опоменал еден од бранителите на обвинетиот да не го нарушува редот во Судот и да не го прекинува исказот на детето, а на ова рочиште, исто така и подносителот бил опоменат да го почитува редот во Судот од причини што при сослушувањето на детето истакнувал свои забелешки, без да му биде дозволено тоа од страна на Судот.
Во образложението на Решението се наведува дека подносителот, и покрај опомената да го почитува редот во Судот при сослушувањето на детето, се вмешувал во распитот на детето, со упорно кревање рака и реагирање зошто не му се дава збор, со што го прекинувал распитот на детето. Се наведува и дека подносителот и покрај опомената од страна на Судот, продолжил да го нарушува редот во Судот, поради што Судот го казнил со парична казна согласно член 88 став 1 вв член 361 став 1 од Законот за кривичната постапка, според кој: „Ако Јавниот обвинител, обвинетиот, бранителот, оштетениот, законскиот застапник, полномошникот, сведокот, вештакот, преведувачот, односно толкувачот или друго лице кое присуствува на главната расправа го нарушува редот или не се придржува на наредбите од претседателот на советот за одржување на редот, претседателот на советот ќе го опомене. Ако опомената биде безуспешна, советот може да нареди обвинетиот да се отстрани од судницата, а другите лица може не само да ги отстрани, туку и да ги казни со паричната казна предвидена во членот 88 став 1 од овој закон.“
Од содржината на Решението КС-КР бр.4/21 од 11.02.2021 година на Кривичниот совет на Основниот суд во Кочани, произлегува дека вложената жалба против Решението за изречената парична казна на сега подносителот, е одбиена како неоснована, а Решението потврдено и конечно.
Според образложението на Кривичниот совет, претседателот на советот изнел доволно и детално јасно образложение, со цитирани законски одредби, на основа на кои ја засновал својата одлука, со што утврдил дека претседателот на советот, правилно и законито постапил кога на подносителот му изрекол парична казна во наведениот износ поради нарушување на редот во Судот при сослушување на дететето, за што подносителот претходно бил опоменуван.
Од содржината на Записникот за одржаната главна расправа на 04.01.2021 година, произлегува дека Судот, јасно предупредил за укажувањето на вештото лице дека не треба да се прекинува исказот на детето, а такво укажување на вештото лице, стоело и пред тоа, а и на расправата во која продолжило сослушувањето на оштетеното дете. Произлегува и дека Судот го опоменувал подносителот да го почитува редот во Судот, бидејќи очигледно при сослушувањето на детето истакнувал свои забелешки, без за тоа да побара збор од страна на Судот. Во Записникот, повторно стои констатирање дека без да биде дозволено од страна на Судот при распитот на детето, подносителот се вмешувал во распитот на детето на начин што упорно кревал рака и негодувал за тоа што не му се давало збор, односно дека и покрај повеќето опомени додека се одвивал распит на детето, распитот бил прекинуван, поради што Судот, поради причините наведени погоре, донел решение за парично казнување на подносителот, што ќе биде изработено со посебно решение.
Од Записникот произлегува и дека подносителот како бранител на обвинетиот во понатамошниот дел од главната расправа, учествувал со свои прашања, односно добивал збор.
5. Слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата е гарантирана со член 16 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија.
Уставот на Република Северна Македонија, согласно член 110 алинеја 3 од Уставот, ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.
Европската конвенција за заштита на човековите права, во член 10 став 1 (слобода на изразување), пропишува дека секој човек има право на слобода на изразувањето. Ова право ги опфаќа слободата на мислење и слободата на примање и пренесување информации или идеи, без мешање на јавната власт и без оглед на границите. Овој член не ги спречува државите, на претпријатијата за радио, филм и телевизија да им наметнуваат режим на дозволи за работа.
Меѓутоа, слободата на изразување не е апсолутно право, бидејќи подлежи на одредени ограничувања, одговорности и должности, предвидени со закон, а како што пропишува став 2 на член 10 од Конвенцијата, според кој: „Остварувањето на овие слободи, коешто вклучува обврски и одговорности, може да биде под одредени формалности, услови, ограничувања и санкции предвидени со закон, кои во едно демократско општество претставуваат мерки неопходни за државната безбедност, територијалниот интегритет и јавната безбедност, заштитата на редот и спречувањето на нереди и злосторства, заштитата на здравјето или моралот, угледот или правата на другите, за спречување на ширењето на доверливи информации или за зачувување на авторитетот и непристрасноста на судството.“
Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање на дејство со кое е сторена повредата, но, не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.
Во барањето, според член 52 од Деловникот на Судот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.
Повикувајќи се на член 110 алинеја 3 од Уставот, подносителот во барањето наведува дека со акти на Основниот суд во Кочани и тоа Решение К.бр.273/20 од 04.01.2021 година со кое му е изречена парична казна поради нарушување на редот во судницата и Решение КС-КР бр.4/21 од 11.02.2021 година, со кое истото е потврдено, му е сторена повреда на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, а како причини за бараната заштита, во барањето стојат наводи дека изречената парична казна не е во врска со нарушен ред во судницата, туку во врска со слободата на изразувањето, со цел тој да се спречи да го изрази своето мислење на главната расправа, да дава одбрана, да го критикува Судот за непочитување на закон итн.
Разгледувајќи го барањето и документацијата по предметното барање, а со цел испитување дали во конкретниот случај произлегува вмешување на јавните власти во слободите и правата на граѓаните преку ограничување на истите, Уставниот суд констатира дека наводите од подносителот не кореспондираат со фактите кои произлегуваат од документацијата, а и од околностите на самиот случај.
Имено, она што произлегува од приложената и прибавена документација, е дека станува збор за судски акти со кои е санкционирано поведението на подносителот манифестирано на главната расправа, со упорно настојување да земе збор додека се одвива распит на малолетен оштетен, иако за тој дел од постапката од клучно значење било укажувањето од вешто лице, присутните да се воздржат од вмешување додека се одвива исказот на малолетното дете, што не оди во прилог на наводите дека заднината на предметното санкционирање е мешење во слободата на изразувањето со цел спречување на практикување на таа слобода. Ова дотолку повеќе што од целокупната документација, произлегува дека и за самиот подносител не е спорно дека од страна на вешто лице стоело предупредување за непрекинување на малолетниот оштетен додека дава исказ.
Од документацијата, исто така, произлегува дека пред изрекувањето на паричната казна, подносителот бил опоменуван да не се вмешува додека трае распитот на детето, односно да не истакнува свои забелешки, без да му биде дозволено од страна на Судот. И покрај опомената да го почитува редот во Судот при сослушувањето на детето, тој се вмешувал во распитот на детето, упорно кревајќи рака и реагирајќи зошто не му се дава збор, со што го прекинувал распитот на детето. Со оглед дека и покрај опомената, подносителот продолжил да го нарушува редот во Судот, Судот го казнил со парична казна согласно член 88 став 1 вв член 361 став 1 од Законот за кривичната постапка.
Вршењето на адвокатската професија ја вклучува и слободата на изразувањето, меѓутоа кога професијата се врши непосредно во судница, важат процесни правила, чие непочитување подлежи на санкција предвидена со погоре наведениот член од Законот. Во таа смисла правото на секој слободно да се изразува, не ги ослободува од одговорност вршителите на адвокатска професија за повреда на тие правила.
Дејствијата, како процедурата на давање збор, ја води Судот, а за непочитување на процесните правила, присутните во судницата сносат одговорност. Оттука, упорното настојување на подносителот, без даден збор од Судот, да се вмешува додека малолетниот оштетен дава исказ, со претходни опомени, што резултира со санкционирање заради нарушување на редот во судницата, во случајов и во светлината на севкупниот контекст на самиот случај, делувањето на судскиот орган според Уставниот суд, не може да се доведе во корелација со слободите и правата за кои се бара заштита.
Судот има легитимно право да интервенира со цел обезбедување на редот во Судот, дотолку повеќе што за конкретниот настан, околностите на случајот барале внимателно и соодветно однесување на присутните во судницата, согласно укажувањата од страна на вешто лице да не се прекинува детето додека дава исказ, со што не може да се прифатат наводите дека станува збор за вмешување на јавната власт во поглед на прашања што задираат во слободата на изразувањето, ниту дека спорната мерка имала ефект на замолчување на одбраната. Ова од причини што на подносителот на барањето му стоела можноста да ги изнесе своите приговори, забелешки, ставови, критики и други мислења, усмено или писмено, во различни фази од постапката, во однос на тоа дали Судот сторил повреда на одредбите од кривичната постапка, односно да ги изрази своите ставови, мислења или критики, за кои смета дека се релевантни во одбраната на својот клиент, а не токму во тој дел од постапката кога исказ дава малолетниот оштетен во својство на сведок.
Според тоа, последиците коишто подносителот ги трпи со неговото санкционирање од орган на јавната власт (судот), се поради дејствија коишто ги предизвикал со своето поведение, односно заради игнорирање на предупредувањата од Судот, да се воздржи од интенцијата да земе збор и да се вмеша во моментите кога мололетниот оштетен дава исказ. Оттука, изречената парична казна на самиот записник за главната расправа и формално со посочените судски одлуки, според Уставниот суд, не е санкција заради искажани ставови и мислења во контекст на дебата за прашање од јавен интерес или изнесување на вредносни судови, што е впрочем и суштината на правото на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, ниту санкција со цел спречување на нивно практикување, туку делување на орган на јавната власт (судски орган) заради обезбедување на редот во судницата во моменти кога малолетен оштетен дава исказ.
6. Имајќи предвид дека од документацијата не произлегуваат поинакви мотиви за казнување, неспорно е дека подносителот бил казнет за злоупотреба на процесните права во постапката, а не заради практикување на слободата на изразување или за спречување истите да ги практикува, од кои причини Уставниот суд оцени дека во конкретниот случај не може да стане збор за повреда на правото на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.
7. Тргнувајќи од сето погоре изнесено, Судот одлучи како во точката 1 од Одлуката.
8. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и м-р Фатмир Скендер.
У.бр.30/2021
16 ноември 2022 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска