У.бр.94/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 16 ноември 2022 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Законот за стратешки инвестиции во Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.14/2020) во целина и посебно за член 15 став 5 во деловите: „како и предлог закон со кој се уредува реализацијата на стратешкиот инвестиционен проект“ и „и предлог законот од овој член“, став 6 во делот: „и го утврдува текстот на предлог законот со кој се уредува реализацијата на стратешкиот инвестиционен проект“ и став 8 во делот: „по влегувањето во сила на законот со кој се уредува реализацијата на стратешкиот инвестиционен проект“, како и член 17 во делот: „ќе се издаваат во рокови утврдени со закон со кој се уредува реализацијата на стратешкиот инвестиционен проект“ од истиот закон.

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 11 став 1 точка 6 од Законот за стратешки инвестиции во Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.14/2020).

3. Здружението на граѓани „ЕКОВИТА“ од Неготино, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот означен во точките 1 и 2 од ова решение, во целина, но и посебно за одредбите и делови од одредбите од Законот, означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Оспорените законски одредби и делови од одредби се пробле-матизираат од аспект на член 8 став 1 алинеја 3, член 51 став 1, член 68 став 1 алинеја 2, како и член 71 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија.

Во иницијативата, подносителот најпрво изнесува општ заклучок дека со одредбите на Законот за стратешки инвестиции е предвидено дека за реализацијата на стратешките проекти кои ќе се стекнат со овој статус согласно овој закон, да се донесе посебен закон. Во продолжение, подносителот ја цитира целината на ставовите 5, 6 и 8 од член 15 од Законот, со нагласување на деловите кои се предмет на оспорување, како и содржината на целината на ставот 1 од член 17 од Законот, со нагласување на делот кој е предмет на оспорување.

Според подносителот, законското решение содржано во оспорените делови од ставовите 5, 6 и 8 од член 15 и оспорениот дел од ставот 1 од член 17 од Законот е во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот. Ова од причина што овластувањето за донесување на закони може да произлезе само од Уставот, но не и врз основа на закон, како што се предвидува со оспорените делови од законските одредби. Така, според подносителот, Собранието ги донесува законите врз основа на општата одредба од член 68 став 2 од Уставот ако оцени дека одредено прашање во општеството треба да биде уредено со законски норми, како и врз основа на посебни уставни одредби кои предвидуваат донесување на одреден закон. Подносителот, како пример на наведеното ја посочува одредбата од член 5 став 2 од Уставот, според која, грбот, знамето и химната на Република Северна Македонија се утврдуваат со закон кој се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Надоврзувајќи се на наведеното, подносителот смета дека предвидувањето со повисока норма (уставна) да се донесе пониска правна норма произлегува од темелната вредност на уставниот поредок – владеење на правото, што во суштина значи дека хиерархијата на правните норми претставува еден од главните постулати, при што пониската правна норма мора да биде во согласност со повисоката, што исто така, според подносителот, е изразено и преку член 51 став 1 од Уставот, според кој, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Според подносителот, вака пропишаното не е испочитувано со оспорените делови од законските одредби од причина што постои ситуација кога со една правна норма се предвидува донесување на друга правна норма, која е на нејзино исто рамниште. Оттука, подносителот поставува прашање дали законската норма од законот за реализација на стратешкиот проект ќе треба да се проверува дали е во согласност со законската норма која предвидува нејзино донесување.

Покрај ова, подносителот смета дека оспорените делови од ставовите 6 и 8 од член 15 од Законот се спротивни и на член 71 став 1 од Уставот, според кој право да предлага донесување на закон има секој пратеник во Собранието, Владата на Република Северна Македонија и најмалку 10.000 избирачи. Според подносителот, од овие законски одредби произлегува дека единствено Владата може да биде предлагач на закон за реализација на стратешки инвестиции, додека другите двајца овластени предлагачи на закони, утврдени со Уставот, се исклучуваат. Дотолку повеќе што, според подносителот, утврдувањето на тоа кој може да биде предлагач на закон не е законска материја, поради што овие одредби не се во согласност и со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 став 1 од Уставот.

Иако со иницијативата, како оспорен се наведува член 11 став 1 точка 6 од Законот, сепак воопшто не се содржани наводи и аргументи за несогласноста на оваа одредба од Законот со одредбите од Уставот.

Покрај наведеното, во иницијативата во делот означен како „прилози“ кон иницијативата се содржани и наводи според кои Законот за стратешки инвестиции во целина не е во согласност со член 55 од Уставот, а исто така, не е во согласност и со Архуската конвенција.

Подносителот смета дека целината на Законот не е во согласност со член 55 од Уставот од причина што ова законско решение, според него, претставува антимерка против воспоставување на монопол на пазарот. Наведеното поради тоа што со овој закон се фаворизираат одредени инвестиции за кои подносителот смета дека не се во насока на зачувување на природата и животната средина, ниту во насока на заштита на здравјето на луѓето. Како пример за ова свое тврдење, подносителот наведува инвестиција од 350 милиони евра за горење на отпад од 48 општини која на ваков начин ќе стане монопол на пазарот.

На крајот, според подносителот, со Законот во целина е повредена и Архуската конвенција. Ова од причина што, спротивно на оваа конвенција, иако со член 18 Законот се обврзува на транспарентност и учество на јавноста, сепак истиот член упатува на член 11 став 2 од Законот од каде што произлегува дека јавност во смисла на оваа одредба претставуваат само државните службеници кои одлучуваат, како и носителот на стратешката инвестиција.

Врз основа на наведеното, подносителот предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на целината на Законот, како и на оспорените одредби и делови од одредби и истите да ги укине или поништи. Дополнително на ова, во однос на посебно оспорените одредби и делови од одредби од Законот, подносителот предлага и донесување на времена мерка со цел да се спречи настанување на штетни последици.

4. Судот, на седницата утврди дека Законот за стратешки инвестиции во Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.14/2020) содржи 23 члена, систематизирани во општи одредби членови 1 до 7, одредби со кои се уредуваат прашањата кои се однесуваат на постапката за утврдување статус на стратешки инвестиционен проект, членови 8 до 19, како и преодни и завршни одредби, членови 20 до 23.

Судот, на седницата утврди и дека со посебно оспорениот член 11 став 1 точка 6 од Законот е утврдено дека Комисијата за стратешки инвестициони проекти дава мислење за предлог-законот со кој се уредува реализацијата на стратешките инвестициони проекти.

Дополнително, Судот утврди дека со ставовите 5, 6 и 8 на член 15 од Законот, кои се оспоруваат во одреден дел, се определува дека: „По донесувањето на одлуката од ставот 4 на овој член Комисијата до надлежното министерство дава предлог-договор за стратешки инвестиционен проект како и предлог-закон со кој се уредува реализацијата на стратешкиот инвестиционен проект, освен за проектите од членот 4 став 2 од овој закон, кои надлежното министерство во рок од седум работни дена од доставувањето од страна на Комисијата ги доставува до Владата и до Државното правобранителство на Република Северна Македонија, кое е должно во рок од седум работни дена од денот на доставеното барање да даде мислење по предлог-договорот и предлог- законот од овој член.

Владата донесува одлука за утврдување статус на стратешки инвестиционен проект и дава согласност на предлог-договорот за стратешки инвестиционен проект и го утврдува текстот на предлог законот со кој се уредува реализацијата на стратешкиот инвестиционен проект по претходно добиено позитивно мислење од Државно правобранителство на Република Северна Македонија.

Владата го склучува Договорот за стратешки инвестиционен проект во рок од три дена по влегувањето во сила на законот со кој се уредува реализацијата на стратешкиот инвестиционен проект, односно по влегувањето во сила на одлуката за утврдување на статус на стратешки инвестиционен проект од членот 4 став 2 од овој закон.“

Судот, исто така, утврди дека со ставот 1 на член 17 од Законот, кој се оспорува во одреден дел, се определува дека „за реализација на стратешки инвестициони проекти, потребните одобренија, дозволи, согласности, лиценци, овластувања, потврди и други документи кои се издаваат согласно со посебните закони ќе се издаваат во рокови утврдени со закон со кој се уредува реализацијата на стратешкиот инвестиционен проект“.

5. Владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија, согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Од содржината на член 51 став 1 од Уставот произлегува дека во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Во делот на уставните норми кои се однесуваат на основите на економските односи, со член 55 од Уставот е предвидено дека се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, согласно ставот 1. Според ставот 2 од истиот член, Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Со ставот 3 од истиот член се предвидува дека слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбрана на Републиката, зачувување на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Според член 61 став 1 од Уставот, Собранието на Република Северна Македонија е претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт на Републиката, а во рамки на своите надлежности, Собранието донесува закони и дава автентично толкување на законите, што е предвидено со член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот.

Согласно член 71 од Уставот, право да предлага донесување на закон има секој пратеник во Собранието, Владата на Република Северна Македонија и најмалку 10.000 избирачи, предвидено со став 1 од овој член, додека, иницијатива за донесување на закон до овластените предлагачи може да даде секој граѓанин, група граѓани, институции и здруженија, што е утврдено во став 2 од истиот член.

Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот, согласно член 110 алинеја 1 од Уставот.

Со Законот за стратешки инвестиции во Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 14/2020) се уредуваат критериумите, условите и постапката за пријавување, утврдување на статус, избор, подготовка и реализација на инвестициони проекти од највисок стратешки приоритет за државата (во натамошниот текст: стратешки инвестициони проекти), што е определено во член 1 од истиот.

Законот има цел да поттикнува, привлекува и создава услови за спроведување на стратешките инвестиции во Република Северна Македонија, зголемување на економски пораст, вработување и примена на нови технологии и иновации, зголемување на конкурентските економски можности на Република Северна Македонија, зголемување на извозот и намалување на трговскиот дефицит и подобрување на добросостојбата и условите за живеење на граѓаните на Република Северна Македонија, што е предвидено со член 2.

Според член 4 став 1 од Законот, стратешкиот инвестиционен проект е дефиниран како проект кој исполнува една или повеќе цели од членот 2 од овој закон, а со кој се врши реализација на инвестиција во висина од најмалку 100 милиони евра на територија на најмалку две или повеќе општини, најмалку 50 милиони евра во општините со седиште во град, општините во Градот Скопје и Градот Скопје и најмалку 30 милиони евра во општини со седиште во село.

Ставот 2 од истиот член предвидува дека по исклучок од ставот 1 на овој член, за стратешки инвестициони проекти се сметаат и проектите реализирани во рамките на договори меѓу држави, проекти кои се спроведени и финансирани во соработка со Европската Унија, Министерскиот совет на енергетска заедница, (PECI – Project of Energy Community Interest; PMI – Project of Mutual Interest; PCI – Project of Common Interest) како и оние со меѓународни финансиски институции, каде носител на инвестицијата е орган на државна управа, јавни претпријатија основани од државата или општините, како и трговски друштва кои се во целосна или во сопственост на државата и на општините, општините во Градот Скопје и Градот Скопје и други правни лица чиј основач е Република Северна Македонија или општините.

Законот, во член 5 став 1 предвидува дека реализацијата на стратешките инвестициони проекти е јавен интерес. Во овој член, во ставот 2 се определени условите за добивање на статус на стратешки инвестиционен проект, според кои: предложените инвестиции мора да бидат усогласени со стандардите за животна средина утврдени во законите на Република Северна Македонија; предложените инвестиции не смеат да бидат спротивни на Уставот на Република Северна Македонија, законите и обврските коишто произлегуваат од меѓународни договори ратификувани согласно со Уставот и јавните стратешки проекти мора да бидат во согласност со стратешките приоритети на Владата на Република Северна Македонија. Во ставот 3 на овој член се пропишуваат областите за кои може да се утврди стратешки инвестиционен проект (пример: енергетика со инфраструктура, туризам, здравство, управување со отпадни води и отпад и др.).

Овој закон содржи и одредби со кои се уредува постапката за утврдување статус на стратешки инвестиционен проект.

Согласно член 8 став 1 од Законот, постапката за утврдување статус на стратешки инвестиционен проект започнува со објавување јавен повик од страна на Владата на Република Северна Македонија, додека проектите од член 4 став 2 од Законот се стекнуваат со статус на стратешки инвестиционен проект по автоматизам, по предлог на Комисијата, што е определено во ставот 2 од овој член.

Владата формира Комисија за стратешки инвестициони проекти, со постојани и повремени членови, согласно член 9 од Законот. Во членот 11 од Законот е утврден делокругот на работа на Комисијата, која, меѓу другото, според став 1 точка 6, дава мислење за предлог законот со кој се уредува реализацијата на стратешките инвестициони проекти.

Членот 15 од Законот, чии делови од одредби се, исто така, предмет на оспорување со иницијативата, ги определува фазите на постапката за утврдување на статус на стратешки инвестиционен проект, и ја има следната содржина:

„Комисијата во рок од 30 работни дена од денот на поднесување на целокупната документација за добивање статус на стратешки инвестиционен проект ги оценува поднесените документи и врши техничка, финансиска и правна процена на досието на проектот.

Доколку се утврди дека документацијата не е целосна, Комисијата ќе побара во писмена форма или по електронски пат од стратешкиот инвеститор да ги дополни сите неопходни документи и податоци. Барателот мора да ја комплетира документацијата во временски рок од десет дена од датумот на прием на известувањето.

Доколку стратешкиот инвеститор не постапи во рокот од ставот 2 на овој член, Комисијата ќе го извести во рок од пет дена од истекот на рокот за дополнување на документацијата, дека барањето нема да биде предмет на разгледување во постапката за добивање на статус на стратешки инвестиционен проект.

Доколку Комисијата оцени дека предлог проектот ги исполнува барањата од овој закон дава препорака до Владата во рок од седум работни дена од доставување на препораката да донесе одлука за утврдување статус на стратешки инвестиционен проект.

По донесувањето на одлуката од ставот 4 на овој член Комисијата до надлежното министерство дава предлог-договор за стратешки инвестиционен проект како и предлог закон со кој се уредува реализацијата на стратешкиот инвестиционен проект, освен за проектите од членот 4 став 2 од овој закон, кои надлежното министерство во рок од седум работни дена од доставувањето од страна на Комисијата ги доставува до Владата и до Државното правобранителство на Република Северна Македонија, кое е должно во рок од седум работни дена од денот на доставеното барање да даде мислење по предлог-договорот и предлог законот од овој член.

Владата донесува одлука за утврдување статус на стратешки инвестиционен проект и дава согласност на предлог-договорот за стратешки инвестиционен проект и го утврдува текстот на предлог-законот со кој се уредува реализацијата на стратешкиот инвестиционен проект по претходно добиено позитивно мислење од Државното правобранителство на Република Северна Македонија.

Владата ја донесува одлуката за утврдување статус на стратешки инвестиционен проект во рок од седум дена од денот на добивање на предлог од Комисијата.

Владата го склучува Договорот за стратешки инвестиционен проект во рок од три дена по влегувањето во сила на законот со кој се уредува реализацијата на стратешкиот инвестиционен проект, односно по влегувањето во сила на одлуката за утврдување на статус на стратешки инвестиционен проект од членот 4 став 2 од овој закон.

Договорот за реализација на јавен стратешки инвестиционен проект кој ќе се финансира со задолжување со заем со или без државна гаранција е ништовен доколку во моментот на задолжувањето не може да биде обновена согласноста за задолжување во смисла на Законот за јавен долг.“

Членот 16 од Законот определува кои елементи треба да ги содржи договорот за стратешки инвестиционен проект, а роковите за реализирање на стратешките инвестициони проекти се уредени со членот 17 од Законот. Притоа, ставот 1 од овој член определува дека за реализација на стратешки инвестициони проекти, потребните одобренија, дозволи, согласности, лиценци, овластувања, потврди и други документи кои се издаваат согласно со посебните закони ќе се издаваат во рокови утврдени со закон со кој се уредува реализацијата на стратешкиот инвестиционен проект.

Листата на проекти на кои им е доделен статус на стратешки инвестиционен проект се објавува на веб-страницата на Владата, што е пропишано со член 19 од Законот.

6. Во конкретниот случај, согласно наводите во иницијативата, а имајќи ја предвид претходно изложената уставна и законска регулатива, во продолжение се наведени причините врз основа на кои е одлучено како во точките 1 и 2 од ова решение.

Според Судот, неспорна е уставната надлежност на Собранието за донесување на закони со кои се уредуваат општествените односи со општозадолжителни норми кои ги спроведуваат државните органи. Притоа, оцената кои односи ќе бидат уредени е на самиот законодавец, кој е обврзан да донесе норми кои ќе бидат во согласност со уставните норми и темелните вредности на нашиот уставен поредок.

Во случајот, законодавецот одлучил да уреди прашања кои се утврдени во членот 1 од Законот за стратешки инвестиции во Република Северна Македонија, при што во член 2 од овој закон е утврдена неговата цел, а со член 5 став 1 од истиот, на реализацијата на стратешките инвестициони проекти и е доделен статус на јавен интерес.

Притоа, при уредувањето е применета законодавна техника на донесување на lex generalis – во Законот во кој се содржани оспорените одредби, се предвидени норми кои регулираат општи прашања поврзани со предметот на уредување.

Истовремено, во овој lex generalis, поточно со оспорените одредби од член 15 ставови 5 и 8 и член 17 став 1 е предвидено дека за реализација на стратешките инвестициони проекти се донесува посебен закон (lex specialis) кој меѓу другото, како што предвидува ставот 1 на член 17, ќе треба да ги утврдува и роковите за издавање на потребните одобренија, дозволи, согласности, лиценци, овластувања, потврди и други документи предвидени со посебни закони, а кои се потребни за реализација на стратешкиот инвестиционен проект.

Според тоа, Судот оцени дека ваквиот начин на законодавно нормирање не е во насока на доделување на овластување за донесување на посебни закони како што се наведува со иницијативата, туку упатува на тоа дека одделни прашања поврзани со стратешките инвестициони проекти ќе се уредат со посебен закон. Дури и да не биле предвидени вакви одредби во општиот закон, што исто така може да биде случај кога се употребува оваа законодавна техника, законодавецот повторно има овластување за донесување на посебен закон кое го црпи од член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот.

Во однос на тоа дали треба одделни прашања поврзани со реализацијата на стратешките инвестициони проекти воопшто да се уредуваат на ниво на (посебен) закон, Судот смета дека ова е правилен пристап на законодавецот, имајќи го предвид статусот на јавен интерес на реализацијата на стратешките инвестициони проекти, но и поинаквото уредување на одредени прашања уредени со други закони, како што се роковите.

На крајот, Судот оцени дека треба да се даде осврт и на наводите во иницијативата каде како аргумент е наведен примерот со член 5 став 2 од Уставот и согласно кој се смета дека и за донесувањето на посебни закони за реализација на стратешките инвестициони проекти не треба да се даде овластување со закон, туку со уставна одредба.

Имено, неспорно е дека Уставот содржи посебни одредби од кои законодавецот директно го црпи овластувањето за донесување на закони (пример: член 46 став 2 – „Условите за основање, вршење и престанок на дејноста на универзитетот, се уредуваат со закон.“; член 95 став 3 – „Организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.“ итн.).

Меѓутоа, наспроти наведените уставни одредби, како што беше и претходно наведено во ова правно мислење, член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот претставува општа одредба од која законодавецот го црпи овластувањето за донесување на законите. Токму оваа уставна одредба му дава овластување на законодавецот да предвиди дека за реализација на стратешките инвестициони проекти се донесува посебен (lex specialis) закон. Оттука, според Судот, подносителот погрешно го наведува примерот со член 5 став 2 од Уставот во насока на поткрепа на своето тврдење дека за реализацијата на стратешките инвестициони проекти не треба да се даде овластување со закон, туку со уставна одредба.

Следствено на ова, Судот оцени дека неосновани се наводите во иницијативата според кои член 15 став 5 во деловите: „како и предлог закон со кој се уредува реализацијата на стратешкиот инвестиционен проект“ и „и предлог законот од овој член“, став 6 во делот: „и го утврдува текстот на предлог законот со кој се уредува реализацијата на стратешкиот инвестиционен проект“ и став 8 во делот: „по влегувањето во сила на законот со кој се уредува реализацијата на стратешкиот инвестиционен проект“, како и член 17 став 1 во делот: „ќе се издаваат во рокови утврдени со закон со кој се уредува реализацијата на стратешкиот инвестиционен проект“ не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 51 став 1 и член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот.

Од аспект на оспорените делови од ставовите 6 и 8 на член 15 од Законот, Судот смета дека треба да се има предвид следното:

Од целината на ставот 6 на член 15 од Законот произлегува дека оваа законска одредба аналитички може да се подели на неколку дела: Владата донесува одлука за утврдување статус на стратешки инвестиционен проект; Владата дава согласност на предлог-договорот за стратешки инвестиционен проект и Владата го утврдува текстот на предлог законот со кој се уредува реализацијата на стратешкиот инвестиционен проект. Тоа значи дека со истата се доделуваат конкретни овластувања на Владата како учесник во постапката во која се утврдува кои инвестициони проекти се од највисок стратешки приоритет за државата, односно на кои инвестиции треба да им биде определен статус на „стратешки инвестиционен проект“.

Наведеното, според Судот, упатува на заклучок дека подносителот погрешно ја интерпретира содржината на оспорениот дел од одредбата „и го утврдува текстот на предлог законот со кој се уредува реализацијата на стратешкиот инвестиционен проект“. Од анализата на содржината на овој дел од одредбата произлегува дека целта на нејзиното нормирање не е да се исклучат другите, со Устав, овластени предлагачи за донесување на закони. Со овој дел од одредбата, законодавецот се определил, во согласност со овој закон, на Владата да ѝ биде доделено овластување да го утврди текстот на предлог-законот со кој се утврдува реализацијата на стратешките инвестициони проекти, што напротив, е во согласност со член 71 став 1 од Уставот, според кој, Владата има улога на овластен предлагач во постапката за донесување на законите.

Во однос на оспорениот дел од ставот 8 на член 15 од Законот, содржината на истиот веќе претходно е разгледана во правното мислење, а во овој дел, според Судот, неопходно е само да се нагласи дека смислата на оваа законска одредба не е таква како што тврди подносителот на иницијативата – да се исклучат другите двајца, со Устав, овластени предлагачи на закони. Со истата само се утврдува рокот во кој Владата треба да го склучи договорт за стратешкиот инвестиционен проект.

Во однос на целината на Законот за стратешки инвестиции, Судот оцени дека треба да се има предвид следното:

Принципот на еднаквост на пазарните субјекти претпоставува еднаква правна положба на субјектите во вршењето на својата дејност. Во овој контекст државата е должна да презема определени мерки со цел да се спречи монополска положба и монополското однесување на пазарот, заштитувајќи ги на тој начин правилата на пазарот, конкуренцијата од една страна и обезбедување еднакви можности за сите субјекти да вршат определена дејност од друга страна.

Во конкретниот случај, основната интенција на законодавецот со донесување на овој закон е да ги уреди критериумите, условите и постапката за пријавување, утврдување на статус, избор, подготовка и реализација на инвестициони проекти од највисок стратешки приоритет за државата. Во смисла на ова, Законот во членот 4 определува што претставува стратешки инвестиционен проект во смисла на одредбите од овој закон, во член 5 став 1 определува дека реализацијата на стратешките инвестициони проекти е јавен интерес, во ставот 2 од истиот член ги определува условите кои треба да ги задоволи стратешкиот инвестиционен проект, а во ставот 3 од истиот член се определени областите за кои може да се утврди статус на стратешки инвестиционен проект.

Ова законско решение, законодавецот го носи во рамки на своето уставно овластување за донесување на законите, а што произлегува од одредбите од Уставот според кои Собранието на Република Северна Македонија како носител на законодавната власт донесува закони во сите области на општествениот живот. Во областа на економските односи, право на законодавецот е да ги уреди прашањата кои се однесуваат на инвестициите во државата и во смисла на тоа да ги определи инвестициите кои претставуваат највисок стратешки приоритет за државата.

Со овој закон, законодавецот предвидел можност одредени инвестиции да добијат статус на „стратешки инвестиционен проект“, со исполнување на законските услови, предвидени во член 5 став 2 од Законот, а кои важат подеднакво за сите субјекти на пазарот кои ќе презентираат инвестиција на начин како што определува членот 4 од Законот. Тоа значи дека со овој закон не се фаворизираат определени правни субјекти, ниту пак се доведуваат во нееднаква положба во однос на останатите субјекти на пазарот, поради што, Судот оцени дека Законот не имплицира на повреда на принципот на еднаквост на субјектите на пазарот во вршењето на своите дејности, односно е во согласност со член 55 од Уставот.

Наводите за тоа дека одредени инвестиции кои добиваат статус на „стратешки инвестиционен проект“ не се во насока на зачувување на природата и животната средина, ниту во насока на заштитата на здравјето на луѓето, според Судот, не можат да бидат основ за уставно проблематизирање на целината на Законот од аспект на член 55 од Уставот.

Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата, според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија.

Со иницијативата како оспорена се наведува и точката 6 од став 1 на член 11 од Законот, со која е определено дека Комисијата за стратешки инвестициони проекти дава мислење за предлог-законот со кој се уредува реализацијата на стратешките инвестициони проекти. Меѓутоа, подносителот само ја наведува како оспорена оваа законска одредба и воопшто не се впушта во образложение на причините поради кои смета дека овластувањето на Комисијата да даде мислење за предлог-законот со кој се уредува реализацијата на стратешките инвестициони проекти е спротивно со член 8 став 1 алинеја 3, член 51 став и член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот. Оттука, имајќи го предвид фактот дека отсуството на наводи за причините за неуставност на одредена законска одредба претставува процесна пречка за одлучување по иницијативата, Судот оцени дека иницијативата може да се отфрли во однос на оваа законска одредба, а врз основа на член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот.

На крајот, што се однесува до наводот во иницијативата дека Законот за стратешки инвестиции не бил во согласност и со Архуската конвенција, според Судот, истиот претставува барање за оцена на целината на Законот и од аспект на неговата согласност со наведениот меѓународен акт, што излегува надвор од уставно утврдените рамки на надлежности на Уставниот суд, имајќи го предвид уредувањето со член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, според кои Уставниот суд одлучува исклучиво за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Имајќи ја предвид претходно изнесената анализа, Судот оцени дека не се исполнети условите од член 27 од Деловникот на Уставниот суд, да се прифати барањето во иницијативата, до донесување на конечна одлука, Судот да донесе решение за времена мерка со запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија преземени врз основа на оспорените одредби и делови од одредби од Законот.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и м-р Фатмир Скендер.

 

У.бр.94/2021
16 ноември 2022 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска