У.бр.69/2022

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 16 ноември 2022 година, донесе

Р  Е  Ш  Е  Н  И  Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 19 став 16 во делот: „надлежен суд“ од Законот за административни службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр. 27/2014, 199/2014, 48/2015, 154/2015, 5/2016, 142/2016 и 11/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.275/2019, 14/2020, 215/2021 и 99/2022).

2. Оливер Давидовски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на  членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во поднесената иницијатива, со оспорениот став 16 на член 19 од Законот за административни службеници не се дадени никакви други дополнителни материјални критериуми со помош на кои поблиску би било определено кој е тој надлежен суд пред кого незадоволниот административен службеник може да поведе постапка, односно да поднесе тужба и да побара правна заштита.

Подносителот на иницијативата смета дека вака дефинираната законска одредба создава нејаснотија во практиката и остава можност за различно толкување на тоа кој суд е надлежен да постапува против одлуките на Агенцијата. На овој начин сериозно се нарушува правната сигурност на административниот службеник кој воопшто нема да биде сигурен пред кој суд да побара правна заштита против одлуките на Комисијата на Агенцијата бидејќи посебниот закон, односно Законот за административни службеници не го уредил докрај прашањето за начинот на остварување на судската правна заштита, која согласно Амандманот XXI од Уставот, мора да биде обезбедена против сите конечни управни акти.

Ова од причина што начелото на правна сигурност, според наводите во иницијативата, бара во правниот поредок да егзистираат прецизни, јасни и недвосмислени правни норми со цел создавање на еден внатрешно конзистентен правен систем.

Подносителот на иницијативата смета дека доколку административниот службеник не биде соодветно упатен до кој суд треба да ја поднесе тужбата на која има право, истиот може многу лесно да го загуби своето право со поднесување на тужба до ненадлежен суд и пропуштање на предвидениот рок за тужба. Оттука, подносителот на иницијативата смета дека во ваков случај се повредува и член 13 од Европската конвенција за заштита на човековите права кој предвидува „Право на реална жалба“, од причина што во ваков случај не може да се прифати дека постои ефикасен правен лек.

Поради наведените причини подносителот на иницијативата предлага оспорениот дел од член 19 став 16 од Законот за административните службеници да го укине бидејќи истиот е спротивен на член 8 став 1 алинеја 3 и Амандманот XXI од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот член 19 став 16 од Законот за административни службеници предвидува дека против одлуката на Комисијата незадоволниот административен службеник може да поднесе тужба пред надлежен суд во рок од 15 дена од денот на нејзиниот прием.

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Со Амандманот XXI со кој е заменет член 15 од Уставот, се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд.        Правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања се уредува со закон.

Член 50 од Уставот гарантира дека секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд во постапка заснована врз начелото на приоритет и итност.

Во член 51 од Уставот е предвидено дека во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Во член 14 од Законот за административни службеници јасно, прецизно и недвосмислено е утврдена надлежноста на Агенцијата за администрација. Имено, во наведениот член е предвидено дека Агенцијата е надлежна да ги врши следниве работи:

– објавување на огласи за вработување на административни службеници,

– организација на постапки за селекција на административни службеници,

– постапување по жалби и приговори на административните службеници во втор степен,

– спроведување на испитот за административен службеник и испитот за административно управување,

– водење на евиденција на кандидати кои доставиле лажни докази во пријавата за вработување и

– други работи утврдени со закон.

Оттука, јасно произлегува дека Агенцијата ги врши исклучиво прашањата кои се однесуваат и произлегуваат од работниот однос.

Во член 4 став 5 од истиот закон, во кој е дефиниран опфатот на Законот, се наведува дека за прашањата кои се однесуваат на работниот однос на административните службеници, а кои не се уредени со овој закон, со Законот за вработени во јавниот сектор или со посебните закони и со колективните договори, се применуваат општите прописи за работните односи.

Од анализата на целината на член 19 од Законот за административни службеници произлегува дека станува збор за комплексна одредба во која, меѓу другото, е уреденa надлежноста на Комисијата за одлучување по жалби и приговори на административните службеници во втор степен, нејзиниот состав, начин на работа, но и роковите во кои се постапува и се изјавуваат предвидените правни лекови.

Тргнувајќи од суштината на Амандманот XXI од Уставот, според  Судот, произлегува дека гаранцијата на правото на жалба утврдена во истиот, се однесува само на одлука во прв степен пред суд, а правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања, на определен начин е релативизирана, односно не е веќе уставна гаранција како што било претходно, туку уставотворецот остава простор со закон да се уреди тоа право на жалба, како што е во случајот со оспорената одредба од член 19 став 16 од Законот за административни службеници.

Според Судот, не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека со оспорената одредба од член 19 став 16 од Законот се повредува уставно гарантираното право на правна заштита од причина што во конкретниот случај законодавецот согласно уставното овластување од Амандман XXI точка 1 став 2 од Уставот, правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања, го уредил интензитетот и ефектот на одлуката на второстепениот орган и предвидел дека против одлуката на Комисијата незадоволниот административен службеник може да поднесе тужба до надлежен суд, со што е испочитуван во целост Амандманот XXI од Уставот.

Оспорениот член 19 став 16 од Законот за административни службеници предвидува дека против одлуката на Комисијата незадоволниот административен службеник може да поднесе тужба пред надлежен суд во рок од 15 дена од денот на нејзиниот прием. Оттука, според Судот, не може да се прифати тврдењето на подносителот на иницијативата дека со ваквата формулација е сторена повреда на Амандманот XXI од Уставот, од причина што со истата не е повредено правото на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка пред орган на државната управа. Имено, напротив, со оспорениот член 19 став 16 од Законот токму таквото право е обезбедено и уредено на начин што на незадоволниот административен службеник му се дава правна поука за правото на поднесување на тужба пред надлежен суд во определениот рок.

По однос на наводот на подносителот на иницијативата дека оспорената одредба е нејасна и непрецизна, а во правниот поредок може да егзистираат само јасни и недвосмислени законски одредби, Судот оцени дека истиот упатува на примена на оспорената одредба, за што Уставниот суд во смисла на член 110 од Уставот, нема надлежност. Но, сепак Судот оцени дека и од овој аспект неосновани се укажувањата на подносителот на иницијативата од причина што од анализата на целината на Законот за административни службеници, а посебно имајќи ја во вид надлежноста на Агенцијата за администрација, јасно и недвосмислено се утврдува дека во конкретната правна ситуација надлежен суд за постапување по конечните одлуки на Комисијата е основниот граѓански суд од областа на работните спорови.

Сето ова упатува на констатација дека во случајов се работи за мошне јасна, прецизна и недвосмислена норма со што се обезбедува правната сигурност на граѓаните на Република Северна Македонија, што претставува еден од фундаменталните аспекти на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија предвидена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Врз основа на направената уставно-судска анализа и наведените аргументи, Судот оцени  дека во конкретниот случај не може основано да се доведе под сомнение уставноста на оспорениот член 19 став 16 во делот: „надлежен суд“ од Законот за административни службеници со член 8 став 1 алинеја 3 и Амандманот XXI од Уставот.

5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот, го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и м-р Фатмир Скендер.

У.бр.69/2022
16 ноември 2022 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска