У.бр.190/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019), на седницата одржана на 16 ноември 2022 година, донесе

Р  Е  Ш  Е  Н  И  Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 17 став 2 од Етичкиот кодекс за вработените во Министерството за надворешни работи и други лица што вршат работи во и за Министерството за надворешни работи, бр.01-5710/1 од 1 јули 2013 година, донесен од министерот за надворешни работи на Република Македонија.

2. Синдикалната организација „Македонски Дипломатски Синдикат“, преку претседателот и законскиот застапник амбасадорот Зоран Дабиќ, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на членот од актот означен во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата наведува дека со член 17 став 2 од Етичкиот кодекс се прекршувал член 16 став 2 од Уставот со кој се гарантира слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање и слободното основање на  институции за јавно информирање.

Во врска со тоа, во иницијативата се наведува дека член 17 став 2 од Етичкиот кодекс е противуставен и не смее да биде оставен на сила бидејќи доколку се стори истото, му се дозволува на министерот за надворешни работи да дејствува надвор од правната рамка на државата и да се поставува над Уставот како суверен којшто дозволува или не, јавен настап и слобода на говор.

Со оглед на тоа што во изминатите неколку години веќе се поведени постапки за некои дипломати, некои се санкционирани, а некои несвесни за своето уставно право потчинето барале дозвола за говор и јавен настап од министерот за надворешни работи, се бара член 17 став 2 од Етичкиот кодекс да биде прогласен за ништовен и да се смета како воопшто да не постоел, бидејќи укинувањето е недоволно ако се земе предвид дека одредени колеги претрпеле штети по својот углед и финансии само заради својата слобода на говор и право на јавен настап гарантирани со Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот член 17 став 2 од Етичкиот кодекс за вработените во Министерството за надворешни работи и други лица што вршат работи во и за Министерството за надворешни работи предвидува дека вработениот не може да има настап во јавноста ако за тоа претходно не добил дозвола од министерот за надворешни работи.

4. Во член 16 став 2 од Уставот се предвидува дека се гарантира слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање и слободното основање институции за јавно информирање.

Според член 10 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи, која Конвенција е дел од внатрешниот правен поредок на Република Северна Македонија согласно член 118 од Уставот, секој човек има право на слобода на изразувањето. Ова право, во смисла на став 1 од наведената одредба ги опфаќа слободата на мислење и слободата на примање и пренесување информации или идеи, без мешање на јавната власт и без оглед на границите.

Во член 10 став 2 од наведената конвенција, се предвидува дека остварувањето на овие слободи, коешто вклучува обврски и одговорности, може да биде под одредени формалности, услови, ограничувања и санкции предвидени со закон, кои во едно демократско општество претставуваат мерки неопходни за државната безбедност, територијалниот интегритет и јавната безбедност, заштитата на редот и спречувањето на нереди и злосторства, заштитата на здравјето или моралот, угледот или правата на другите, за спречување на ширењето на доверливи информации или за зачувување на авторитетот и непристрасноста на судството.

Законот за надворешни работи („Службен весник на Република Македонија“ бр.46/2006, 107/2008, 26/2013, 39/2014, 61/2015 и 226/2015), во глава V посветена на „Работните односи“ во Министерството за надворешни работи, поконкретно разработени во членовите 63 – 85, пропишува дека услов за вработување во Министерството, покрај другото, е и посебниот услов кандидатот да има соодветен безбедносен сертификат кој е децидно предвиден во член 63-а став 3 алинеја 7 од Законот за надворешни работи.

Понатаму, според член 67-а став 1 од Законот, вработените во Министерството се должни да ги чуваат класифицираните информации со степен на класификација определен согласно со закон до кои дошле во вршењето на работите и задачите во Министерството. Во ставот 2 на наведениот член од Законот е предвидено дека обврската за чување на класифицираните информации од ставот 1 на овој член трае сẻ до нивната декласификација.

Членот 72 од Законот за надворешни работи, која одредба е основа за донесувањето на Етичкиот кодекс, предвидува дека  дипломатот треба да ги почитува највисоките стандарди на сопствениот интегритет и интегритетот на дипломатската служба во извршување на сите обврски. Стандардите на однесување се утврдуваат со Етички кодекс кој го донесува министерот. Однесувањето спротивно на Етичкиот кодекс претставува повреда на службената должност.

Законот за класифицирани информации („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.275/2019), во член 6 точка 8 го пропишува значењето на изразот „безбедносен сертификат за физичко лице“ определувајќи дека е тоа документ со кој се потврдува дека за физичкото лице не постои безбедносен ризик за пристап и ракување со класифицирани информации, како и на изразот „класифицирана информација“, при што под тој израз законодавецот подразбира информација од делокругот на работа на орган на државната и локалната власт основан согласно со Уставот на Република Северна Македонија и со закон, правно лице основано од Републиката или од општините, Градот Скопје и општините во Градот Скопје или други правни лица којашто се однесува на јавната безбедност, одбраната, надворешните работи или безбедносни или разузнавачки активности на државата која согласно со закон мора да се заштити од неовластен пристап и е обележана со соодветен степен на класификација согласно со овој закон. Класифицирани информации може да претставуваат и документи, технички средства, машини, опрема, односно одвоени компоненти или оружје или алати што се произведени или се во процес на производство, како и доверливите пронајдоци што се однесуваат на одбраната и се од интерес на безбедноста на државата.

Во член 8 став 3 од Законот се утврдуваат четири степени на класификација на заштитата на информациите: државна тајна, строго доверливо, доверливо и интерно.

Член 9 став 1 од Законот ја дефинира информацијата со степен на заштита „државна тајна“ како непоправлива штета на трајните интереси на Република Северна Македонија, а во став 2 е дефинирана информацијата со степен на заштита „строго доверливо“ како исклучително сериозна штета за виталните интереси на Република Северна Македонија,  информацијата со степен на заштита „доверливо“ како сериозна штета за важните интереси на Република Северна Македонија е дефинирана во став 3 на член 9 од Законот и информацијата со степен на заштита „интерно“ како штета за работењето на државните и локалните органи.

Од изнесената уставна одредба произлегува дека на граѓаните на Република Северна Македонија им се гарантира слободата на говорот и јавниот настап, а од наведената одредба на Европската конвенција произлегува дека секој човек има право на слобода на изразувањето, дека тоа право ги опфаќа слободата на мислење и слободата на размена на информации или идеи и дека овие слободи можат да бидат ставени под одредени ограничувања доколку е тоа неопходно, меѓу другото, за спречување на ширење на доверливи информации.

Понатаму, од изнесените одредби на Законот за надворешни работи произлегува дека вработените во Министерството за надворешни работи може да се вработат во тој орган доколку го исполнуваат, покрај другото, и посебниот услов – да имаат соодветен безбедносен сертификат, дека вработените во Министерството имаат законска обврска да ги чуваат класифицираните информации до кои дошле во вршењето на работите и задачите на Министерството и дека се должни да се придржуваат до стандардите на однесување утврдени со Етичкиот кодекс, а во спротивно истите чинат повреда на службената должност.

Од наведените одредби на Законот за класифицирани информации Судот оцени дека класифицирана информација е и информација од делокругот на орган на државната власт којашто се однесува на надворешните работи, дека не постои безбедносен ризик за ракување со класифицирани информации ако физичкото лице има безбедносен сертификат и дека информациите заштитени со еден од четирите степени на класификација треба да спречат настанување непоправлива штета, исклучително сериозна штета, сериозна штета или штета за Република Северна Македонија.

Имајќи ги предвид изнесените уставни, меѓународно-правни и законски одредби, произлегува дека пропишувањето обврска, во член 17 став 2 од Етичкиот кодекс, вработените во Министерството за надворешни работи да добијат претходна дозвола за јавен настап од министерот за надворешни работи за теми поврзани со нивните службени должности, не и за други теми надвор од нивниот делокруг, има правна основа во наведените внатрешно-правни и меѓународно-правни правила.

Од наведените причини, Судот оцени дека не може основано да се доведе во прашање согласноста на оспорениот член 17 став 2 од Етичкиот кодекс, со Уставот на Република Северна Македонија, како и со одредбите од  Законот за надворешни работи и Законот за класифицирани информации.

5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот, го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и м-р Фатмир Скендер.

У.бр.190/2020
16 ноември 2022 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска