Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 9 ноември 2022 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за изменување на Одлуката за утврдување на стапката на данок на имот број 07-3165/26 од 29.12.2008 година, донесена од Советот на Општина Охрид, на седницата одржана на 29.12.2008 година, објавена во „Службен гласник на Општина Охрид” број 10 од 30.12.2008 година.
2. Димитрија Атанасовски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката, означена во точката 1 од Решението.
Со иницијативата, подносителот бара да се поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 2 од Одлуката за изменување на Одлуката за утврдување на стапката на данок на имот или на Одлуката во целост, со број 07-3165/26 од 29.12.2008 година, донесена од Советот на Општина Охрид, затоа што оспорениот член (или одлуката во целост), според него е спротивен со член 8 став 1 алинеја 3 и член 9 став 2 од Уставот на Република Северна Македонија и спротивен на член 6 од Законот за даноците на имот („Службен весник на Република Македонија” број 61/2004, 92/2007, 102/2008, 35/2011, 53/2011, 84/2012, 188/2013, 154/2015, 192/2015, 23/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 151/2021).
Подносителот смета дека член 2 од оспорената одлука не е во согласност со член 6 став 3 од Законот за даноците на имот, според кој данокот на имот за земјоделско земјиште кое не се користи за земјоделско производство може да се зголеми од три до пет пати во однос на стапките пропишани во став 1 на овој член, нагласувајќи дека во член 6 од Законот, не се споменувале и сите останати имоти од член 1 од Законот за даноците на имот (се цитира претходна содржина на член 6 став 3 од Законот, а не актуелната).
Според подносителот, зголемувањето на данокот на имот за три до пет пати за земјоделското земјиште кое не се користи за земјоделско производство, претставува дискриминација за граѓаните, прво затоа што се определува повисок данок за земјоделско земјиште кое не се користи за земјоделско производство, а второ, не е јасно зошто на некој данокот на имот да се зголемува за три, на некој за четири, а на некој дури за пет пати повеќе, што е голема разлика, и не е јасно кои критериуми треба да бидат исполнети за зголемувањето за три, четири или пет пати.
Во иницијативата се наведува и дека Советот на Општина Охрид не може да пропишува нови даноци, ниту повисоки стапки од тие определени во Законот, па од тие причини подносителот смета дека Одлуката на Советот на Општина Охрид број 07-3165/26 од 29.12.2008 година, е спротивна на член 8 став 1 алинеја 3 и член 9 став 2 од Уставот на Република Северна Македонија, како и на член 6 од Законот за даноците на имот.
3. Судот на седницата утврди дека со оспорената Одлука за изменување на Одлуката за утврдување на стапката на данок на имот број 07-3165/26 од 29.12.2008 година, Советот на Општина Охрид ја изменил Одлуката за утврдување на стапката на данок на имот број 07-3087/5 од 27.12.2005 година.
Судот утврди и дека оспорениот член 2 од оспорената одлука, уредува дека: „Во член 2 од Одлуката по зборот „изнесува” бројот 0,15%. се заменува со бројот „0,10%”.
4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Уставот, со член 9, ја гарантира еднаквоста на граѓаните на Република Северна Македонија во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, како и еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите.
Со член 33 од Уставот е уредена обврската секој да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирување на јавните расходи на начин утврден со закон.
Според член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Согласно член 68 став 1 алинеја 3 од Уставот, утврдувањето на јавните давачки е во надлежност на Собранието на Република Северна Македонија.
Согласно погоре наведените уставни одредби, Собранието е надлежен орган кој ги утврдува јавните давачки, како и овластен орган со закон да го уредува начинот на плаќањето на данокот и другите јавни давачки, како и учеството на граѓаните во намирување на јавните расходи.
Начинот на оданочувањето на данокот на имот, данокот на наследство и подарок и данокот на промет на недвижности, законодавецот го уредил со Законот за даноците на имот („Службен весник на Република Македонија” број 61/2004, 92/2007, 102/2008, 35/2011, 53/2011, 84/2012, 188/2013, 154/2015, 192/2015, 23/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 151/2021).
Членот 6 од Законот за даноците на имот, е посветен на даночните стапки.
Членот 6 од Законот, претходно гласел:
(1) Стапките на данокот на имот од членот 3 на овој закон се пропорционални и изнесуваат од 0,10% до 0,20%.
(2) Стапките на данокот на имот можат да се утврдуваат според видот на имотот.
(3) Стапките на данокот на имот за земјоделско земјиште кое не се користи за земјоделско производство можат да се зголемат од три до пет пати во однос на стапките пропишани во став (1) на овој член.
(4) Висината на стапките од ставовите (1) и (3) на овој член со одлука ја утврдува советот на општината.
(5) Висината на стапките од ставовите (1) и (3) на овој член со одлука ја утврдува советот на општините во Градот Скопје и Советот на Градот Скопје согласно Законот за Градот Скопје.
Со член 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за даноците на имот („Службен весник на Република Северна Македонија” број 151/2021), се менува член 6 од Законот и ја добива следната содржина:
(1) Стапките на данокот на имот од член 3 од овој закон се пропорционални и изнесуваат од 0,10% до 0,20%.
(2) Стапките на данокот на имот можат да се утврдуваат според видот на имотот.
(3) Стапките на данокот на имот за земјоделско земјиште кое не се користи за земјоделско производство се зголемуваат три пати во однос на стапките пропишани во ставот 1 на овој член.
(4) Стапките на данокот на имот за другиот недвижен имот опишан во член 2 став 1 точка 1. од овој закон кој е во сопственост на државата или на општините, општините во Градот Скопје и на Градот Скопје како и во сопственост на физички и правни лица, а кој не се користи од сопственикот или не се издава под закуп подолго од шест месеци во текот на една година, се зголемуваат за три пати во однос на стапките пропишани во ставот 1 на овој член.
(5) Државата, општините, општините во Градот Скопје и Градот Скопје, како и физичките и правни лица кои нема да пријават дека не користат недвижен имот кој е во нивна сопственост, ќе платат данок по стапка пет пати повисока од пропишаните стапки во ставот 1 на овој член.
(6) Висината на стапките од ставот 1 на овој член со одлука ја утврдува советот на општината, советот на општините во Градот Скопје и Советот на Градот Скопје согласно со Законот за Градот Скопје.
Од погоре наведените законски одредби произлегува дека советот на општината, советот на општините во Градот Скопје и Советот на Градот Скопје, се законски овластени субјекти самостојно да ги утврдат стапките на даноците на имот во законски определените рамки од 0,10% до 0,20% (овластувањето претходно е уредено со член 6 ставови 4 и 5, а со измените и дополнувањата на Законот, овластувањето е уредено со член 6 став 6 од Законот).
Со предметно-оспорената одлука, Советот на Општина Охрид извршил измена на претходно донесената Одлука за утврдување на стапката на данок на имот број 07-3087/5 од 27.12.2005 година, на начин што висината на стапката на данокот на имот, претходно определен на 0,15%, сега со оспорената одлука ја намалил на 0,10%.
Уставниот суд на Република Северна Македонија, согласно член 110 алинеја 1 од Уставот, одлучува за согласноста на законите со Уставот, а согласно алинеја 2 од член 110 од Уставот, одлучува и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Испитувајќи ја согласноста на оспорената одлука со Законот на даноците на имот, Судот утврди дека од истата не произлегува уредување кое е спротивно на Законот за даноците на имот, прво затоа што Советот на Општина Охрид има законско овластување самостојно да ја утврдува висината на стапката на данокот на имот, а второ затоа што утврдената стапка на данок на имот со оспорените измени, не отстапува од законски утврдените рамки од 0,10% до 0,20%, во случајов со оспорената одлука даночната стапка на имот е намалена, од 0,15% на 0,10%.
Оттука, Судот утврди дека Советот на Општина Охрид ги следел законски пропишаните рамки од член 6 став 1 од Законот за даноците на имот при утврдувањето на висината на данокот на имот со оспорената одлука, поради што оцени дека не може да се постави прашањето за нејзината законитост, следствено и прашањето за нејзината уставност од аспект на принципот на владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, којшто помеѓу другото подразбира дека законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, како и должност на секој да ги почитува Уставот и законите, што во конкретниот случај, Советот на Општина Охрид тоа го испочитувал.
Во однос на оспорувањето на предметната одлука од аспект на уставната гаранција од член 9 став 2 од Уставот за еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, како и дека оспорената одлука создава дискриминација на граѓаните, бидејќи не е јасно зошто за земјоделско земјиште кое не се користи за земјоделско производство данокот да се зголемува за три, на некој за четири, на некој дури за пет пати повеќе, ниту пак е јасно кои критериуми треба да бидат исполнети за соодветното зголемување, Судот констатира нејасност на иницијативата во овој дел.
Поточно, нејасно е поврзувањето на оспореното уредување во член 2 на оспорената одлука со став 3 на член 6 од Законот за даноците на имот, бидејќи предмет на регулирање со оспорената одлука е прашање во врска со член 6 став 1 од Законот за даноците на имот што е законска основа за донесување на оспорената одлука, а не прашање во врска со став 3 на член 6 од Законот.
Дополнително, содржината на став 3 на член 6 од Законот, којашто подносителот ја цитира во иницијативата (дека стапките на данокот на имот за земјоделско земјиште кое не се користи за земјоделско производство можат да се зголемат од три до пет пати во однос на стапките пропишани во став 1 на овој член), е напуштено законско решение. Имено, со член 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за даноците на имот („Службен весник на Република Северна Македонија” број 151/2021), член 6 се менува во целина, така што член 6 став 3 од Законот за даноците на имот е со уредување дека стапките на данокот на имот за земјоделско земјиште кое не се користи за земјоделско производство се зголемуваат три пати во однос на стапките пропишани во ставот 1 на овој член (а не од три до пет пати).
5. Тргнувајќи од погоре изнесеното, Судот оцени дека од аспект на наводите изнесени во иницијативата, не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука и нејзиниот член 2, со член 8 став 1 алинеја 3 и член 9 став 2 од Уставот и член 6 став 1 од Законот за даноците на имот.
6. Поради изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и м-р Фатмир Скендер.
У.бр.76/2022
9 ноември 2022 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска