У.бр.37/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021) на седницата одржана на 5 октомври 2022 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на:

а) член 65 став 2 во делот: „Законот за прекршоците“ и став 3, исто така, во делот: „Законот за прекршоците“ и

б) член 66-а став 1 во делот: „Прекршочна комисија“, од Законот за туристичката дејност („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2004, 89/2008, 12/2009, 17/2011, 47/2011, 53/2011, 123/2012, 164/2013, 27/2014, 116/2015, 192/2015 и 53/2016  и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.31/2020).

2. Игорчо Точев од Кочани, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот означен во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата најнапред ја изнесува содржината на член 65 ставови 1-4 и на член 66-а ставови 1-3 од Законот за туристичката дејност, а потоа содржината на член 1, член 54 став 1, член 55 став 1 и член 131 став 1 од Законот за прекршоците („Службен весник на Република Македонија“ бр.96/2019). Притоа, од изнесените одредби на Законот за прекршоците, според наводите во иницијативата, произлегува дека по тој закон постапува надлежен орган (суд или прекршочен орган) доколку е во прашање прекршок, но член 65 став 1 од Законот за туристичката дејност се однесува на административна мерка (не на прекршок) која може да ја преземе инспектор при вршење на инспекциски надзор во случаите утврдени во Законот, па пропишувањето во член 65 ставови 2 и 3 од истиот закон дека може да се изјави жалба против решението за административната мерка согласно Законот за прекршоците доведува до заблуда, поради што оспорените делови од член 65 ставови 2 и 3 од Законот за туристичката дејност не се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 (владеење на правото) и со член 51 став 1 од Уставот (уставна обврска на законодавецот да донесува закон во согласност со Уставот).

Во однос на оспорениот дел од член 66-а став 1 на Законот за туристичката дејност, во иницијативата се наведува дека од член 54 став 1 на Законот за прекршоците произлегува дека прекршочен орган може да води прекршочна постапка ако со закон е пропишана исклучива надлежност таков орган да постапува („прекршочен орган“) и ако прекршочната постапка ја води во рамките на прекршочниот орган, *Комисија за одлучување по прекршок утврдена со закон (два кумулативни услови), но со член 66-а став 1 од Законот за туристичката дејност не е определен „прекршочниот орган“, поради што и оваа законска одредба, во оспорениот дел, не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и со член 51 став 1 од Уставот.

Подносителот на иницијативата предлага поведување постапка и потоа укинување на оспорените делови од наведените законски одредби. Прво, односот меѓу оспорените делови на означените одредби од Законот за туристичката дејност, од една страна, и наведените одредби од Законот за прекршоците, од друга страна, однос кој е земен за основа од иницијаторот при оспорување на уставноста на одредбите од Законот за туристичката дејност, не треба да се отфрли (отфрлањето би можело да биде поради хоризонтална ненадлежност на Уставниот суд да оценува усогласеност на закон со закон), бидејќи е во интерес на сите субјекти (државните органи, физичките и правните лица – вршители и корисници на услугите од оваа дејност) да постои хармонизиран правен поредок во врска со прекршоците при вршење на туристичката дејност (не дуализам), со што Уставниот суд (преку широкоопфатен метод на анализа) би дал квалитативен придонес во владеење на правото (не е општествено-правно корисен квантитетот на Уставниот суд, па поради тоа не треба да се врши рестриктивно интерпретирање на иницијативите и нивно отфрлање поради ненадлежност). Второ, иницијаторот, од односот на оспорените одредби од еден закон со посочените одредби од друг закон, тврди дека член 65 ставови 2 и 3 од Законот за туристичката дејност не може да упатува на одредбите од Законот за прекршоците бидејќи оспорените одредби не уредувале прекршочна материја, а тоа не обезбедувало владеење на правото како темелна уставна вредност. Трето, иницијаторот, од наведениот однос на одредбите од двата закони, тврди дека член 66-а став 1 од Законот за туристичката дејност не содржи определување на „прекршочен орган“ кој е исклучиво надлежен да води прекршочна постапка и да изрекува прекршочна санкција преку посебна комисија од своите редови, како што пропишува Законот за прекршоците, па и таа одредба од Законот за туристичката дејност не обезбедува владеење на правото.

3. Судот на седница утврди дека  член 65 став 2 од  Законот гласи: „Против  решението на Државниот пазарен  инспектор од  ставот 1  на овој член (член 65 став 1, н.з.) може да се изјави жалба во рок од осум дена од денот на приемот на решението до надлежен орган согласно со Законот за прекршоците“. Ставот 3 од истиот член на Законот гласи: „Против решението на овластениот инспектор на општината, односно на градот Скопје од ставот 1 на овој член (член 65 став 1, н.з.) може да се изјави жалба во рок од осум дена од денот на приемот на решението до надлежен орган согласно со Законот за прекршоците“. Член 66-а став 1 од Законот гласи: „За прекршоците утврдени во членовите 67, 68 и 70 ставови 1, 2, 3 и 6 од овој закон, прекршочна постапка води и прекршочни санкции изрекува органот на државната управа надлежен за работите од областа на туризмот, преку Комисијата за одлучување по прекршок (во натамошниот текст: Прекршочна комисија).

Според член 65 став 3 од Законот, чиј дел е исто така оспорен: „Против решението на овластениот инспектор на општината, односно на градот Скопје од ставот 1 на овој член може да се изјави жалба во рок од осум дена од денот на приемот на решението до надлежен орган согласно со Законот за прекршоците“. Според став 4 од истиот член: „Жалбата изјавена против решението од овој член, не го одлага извршувањето на решението“.

Со целината на член 65 од Законот за туристичката дејност се определува дека: во наведените 7 случаи на вршење туристичка дејност, Државниот пазарен инспектор или овластениот општински/градски инспектор ќе донесе решение за привремена забрана во траење од 30 дена, против кое решение вршителот на туристичката дејност може да изјави жалба, до надлежен орган согласно со Законот за прекршоците, но жалбата не го одлага извршувањето на решението.

Во основниот текст од Законот за туристичката дејност („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2004 од 16 септември 2004 година), во член 65 став 4, беше определено: „Против решението (за забрана на вршење на туристичка дејност во траење од 30 дена, н.з.) може да се изјави жалба до министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на туризмот“, а во ставот 5 од истиот член беше пропишано дека: „Жалбата против решението …не го одлага извршувањето на решението“.

Потоа, во Законот за изменување и дополнување на Законот за туристичката дејност („Службен весник на Република Македонија“ бр.17/2011 од 11 февруари 2011 година), во член 65 став 2, беше определено: „Против решението (за привремена забрана во траење од 30 дена, н.з.) може во рок од осум дена од денот на приемот на решението да се изјави жалба до министерот за економија“, а во ставот 3 од истиот член беше утврдено дека: „Жалбата …не го одлага извршувањето на решението“.

Понатаму, во Законот за изменување и дополнување на Законот за туристичката дејност („Службен весник на Република Македонија“ бр.47/2011 од 8 април 2011 година), во член 65 став 2, беше пропишано: „Против решението на државниот пазарен инспектор (за привремена забрана во траење од 30 дена, н.з.) може да се изјави жалба …до Комисијата за жалби формирана согласно со Законот за Државен пазарен инспекторат“, како и дека во член 65 став 3, се определуваше: „Против решението на овластениот инспектор на општината, односно на градот Скопје (за привремена забрана во траење од 30 дена, н.з.) може да се изјави жалба …до комисијата за жалби, составена од три члена, формирана од страна на градоначалникот…“, при што во ставот 4 од истиот член остануваше одредбата: „Жалбата …не го одлага извршувањето на решението“.

Па, во Законот за изменување и дополнување на Законот за туристичката дејност („Службен весник на Република Македонија“ бр.164/2013 од 27 ноември 2013 година), во член 65 став 2, беше определено: „Против решението на Државниот пазарен инспектор (за привремена забрана во траење од 30 дена, н.з.) може да се изјави жалба …до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен“, како и во член 65 став 3: „Против решението на овластениот инспектор на општината, односно на градот Скопје (за привремена забрана во траење од 30 дена, н.з.) може да се изјави жалба …до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен“, при што остануваше определбата од ставот 4 на истиот член дека: „Жалбата …не го одлага извршувањето на решението.

Потоа, во Законот за изменување и дополнување на Законот за туристичката дејност („Службен весник на Република Македонија“ бр.192/2015 од 5 ноември 2015 година), во член 65 став 2, се предвидуваше: „Против решението на Државниот пазарен инспектор …(за привремена забрана во траење од 30 дена, н.з.) може да се изјави жалба …до Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка“, како и дека во ставот 3 од истиот член, „Против решението на овластениот инспектор на општината, односно на градот Скопје (за привремена забрана во траење од 30 дена, н.з.) може да се изјави жалба до Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка“, а остана определбата од ставот 4 на истиот член од Законот дека: „Жалбата …не го одлага извршувањето на решението“.

Најнапред, во 2004 година, против решение со кое привремено се забранува вршење на туристичка дејност донесено при вршење на инспекциски надзор, засегнатиот субјект можеше да поднесе жалба до орган на централната власт и орган на државната управа (министерот за економија); потоа, во 2011 година, против такво решение засегнатиот субјект можеше да поднесе жалба до орган на централната власт, но специјализиран за инспекциски надзор (Комисија при Државниот пазарен инспекторат) или до орган на локалната самоуправа (комисија формирана од градоначалникот), па, во 2013 година, жалба против такво решение се враќа на орган од централната власт, но специјализиран за управна постапка (Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен), а во 2015 година, жалба против решение за привремена забрана на вршење на туристичка дејност донесено од државен пазарен инспектор или од овластен општински/градски инспектор, исто така, остануваше да се разгледува од орган на централната власт, но специјализиран за инспекциски надзор или прекршочна постапка (Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка). Во 2020 година, со оспорените законски одредби се пропишува по жалба против решение за привремена забрана донесено при вршење на инспекциски надзор да постапува „надлежен орган согласно со Законот за прекршоците“.

Во член 49 став 1 од Законот за прекршоците („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.96/2019 од 17 мај 2019 година) се пропишува дека: „Прекршочна постапка може да води и прекршочна санкција може да изрече само надлежен суд“. Но, според став 2 од истиот член на Законот, „За одделни прекршоци за кои глобата е утврдена до најмногу 250 евра во денарска противвредност за физичко лице, 500 евра во денарска противвредност за одговорно лице во правно лице и службено лице и 1.000 евра во денарска противвредност за правни лица, прекршочна постапка може да води и прекршочна санкција може да изрече прекршочен орган и овластено службено лице.“

Законот за прекршоците пропишува надлежност на два органи кои постапуваат по прекршоци, односно кои водат прекршочна постапка и изрекуваат прекршочни санкции: надлежен суд и прекршочен орган, при што линијата на разграничување меѓу тие два органи е висината на законски пропишаната прекршочна санкција под и над 1.000 евра во денарска противвредност. Имено, прекршок за кој е предвидена санкција над 1.000 евра, во надлежност е на суд, а за прекршок чија санкција е под 1.000 евра, надлежен е прекршочен орган.

Во врска со член 65 став 1 точка 1 (вршителот на туристичката дејност „врши активности спротивно на одредбите од членот 37 на овој закон“, односно ако туристичка агенција – носител на лиценца „Б“ врши туристичка дејност и во странство, а не само дома како што определува Законот за туристичката дејност): таквото дејствие на правното лице претставува прекршок за кој се изрекува глоба од 100 до 1.000 евра во денарска противвредност според член 71 став 1 точка 2 од Законот за туристичката дејност. Во врска со член 65 став 1 точка 2, вршителот на туристичката дејност „врши дејност без да е регистриран во трговскиот регистар ова дејствие претставува  прекршок според член 71 став 1 точка 3 од Законот за туристичката дејност, за кој се изрекува глоба исто така од 100 до 1.000 евра во денарска противвредност.

Согласно со член 65 став 1 точка 3 (вршителот на туристичката дејност „не склучи договор со корисникот на услугата во кој ќе бидат јасно определени условите и начинот на давање на услугите според член 15 став 1 точка 5) и ова дејствие претставува  прекршок  според член 71 став 1 точка 4 од Законот за туристичката дејност, за кој се изрекува глоба од 100 до 1.000 евра во денарска противвредност; во врска со член 65 став 1 точка 4 (вршителот на туристичката дејност „нема лиценца за вршење на туристичка дејност согласно член 25 став 1“; односно туристичката агенција мора да има лиценца за вршење на туристичка дејност која може да биде „А“, „Б“ или „В“): ова дејствие исто така претставува  прекршок и за него се изрекува глоба од 100 до 1.000 евра во денарска противвредност, според член 71 став 1 точка 5 од Законот за туристичката дејност.

Според член 65 став 1 точка 5 („имателот на лиценца “А“ при вршењето на својата дејност не ги исполнува условите од членот 31 на овој закон“; односно нема најмалку 4 вработени лица, или нема туристички водич, или нема позитивен бонитет во последните шест месеци, или нема договор за осигурување од одговорност за вршење на дејност): и ова дејствие претставува  прекршок  според член 71 став 1 точка 6 од Законот за туристичката дејност, за кој исто така е пропишана глоба од 100 до 1.000 евра во денарска противввредност; во врска со член 65 став 1 точка 6 („имателот на лиценцата “Б“ при вршењето на својата дејност не ги исполнува условите од членот 32 на овој закон“; односно нема најмалку 2 вработени лица, или нема туристички водич, или нема позитивен бонитет, или нема договор за осигурување од одговорност за вршење на дејност): овој  прекршок предвиден во член 71 став 1 точка 7 од Законот за туристичката дејност и за тој прекршок е утврдена глоба од 100 до 1.000 евра во денарска противвредност.

Во врска со член 65 став 1 точка 7, вршителот на туристичката дејност „не е регистриран за вршење на туристичка дејност (членови 3 став 2 и 51 став 2)“; односно физичкото лице кое врши туристичка дејност од мал обем се регистрира во регистарот што го води градоначалникот на општината): ова дејствие е предвидено како  прекршок  според член 67 став 1 точка 1 од Законот за туристичката дејност и за него е пропишана глоба од 100 до 250 евра во денарска противвредност. Случаите пропишани во член 65 став 1 од Законот за туристичката дејност претставуваат прекршоци според член 67 став 1 точка 1 и член 71 став 1 точки 2-7 од истиот закон и за нив е утврдена глоба од 100 до 250 евра во денарска вредност за физичко лице, односно од 100 до 1.000 евра во денарска противвредност за правно лице, ако вршат туристичка дејност спротивно на наведените законски правила.

Според член 96 од Законот за инспекциски надзор („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.102/2019 од 22 мај 2019 година), систематизиран во глава XII.„Посебни дејствија во инспекциската постапка“, се определува дека: „Кога инспекцискиот орган ќе утврди неправилности и недостатоци со кои се загрозува животот или здравјето на луѓето или на животната средина и во други случаи определени со закон, инспекторот привремено ќе забрани вршење на дејност на субјектот на надзор со запечатување на просториите, објектите, градилиштата, опремата, средствата за работа и други средства, до отстранување на неправилностите и недостатоците“. „Субјектот на инспекциски надзор не смее да го отстрани знакот за запечатување од ставот 1 на овој член пред времето определено од инспекторот“ .

Во член 97 од истиот закон се пропишува дека: „Инспекторот изрекува глоба во износ од 750 евра во денарска противвредност за прекршок на правното лице ако го отстрани знакот за запечатување на просториите, објектите, градилиштата, опремата, средствата за работа и други средства, пред времето определено од инспекторот“, „глоба во износ од 250 евра во денарска противвредност за прекршоците од ставот 4 на овој член (отстранување на знакот за запечатување, н.з.) и на одговорното лице во правното лице“, како и „глоба во износ од 150 евра во денарска противвредност за прекршоците од ставот 4 на овој член  (отстранување на знакот за запечатување, н.з.) на физичко лице“.

При вршење на инспекцискиот надзор инспекторот има законско овластување привремено да забрани вршење на дејност определено време така што ќе изврши запечатување на просториите или на другите средства за работа на вршителот на дејноста, при што отстранувањето на знакот за запечатување пред определеното време претставува прекршок утврден со закон, за кој инспекторот има законски основ да изрече глоба во износ утврден со закон.

Наведените 7 случаи на вршење на туристичка дејност (содржани во член 65 став 1 од Законот за туристичката дејност) законски се утврдени за прекршок (според член 67 став 1 точка 1 и член 71 став 1 точки 2-7 од Законот за туристичката дејност), па доколку државен пазарен инспектор или овластен општински/градски инспектор утврди постоење на такви дејствија при вршење на инспекциски надзор, има законско овластување да донесе решение за привремена забрана на вршење на дејноста (според член 65 став 1 од Законот за туристичката дејност и член 96 од Законот за инспекциски надзор), што е во функција на привремено спречување вонправно (нелегално) да се врши туристичката дејност и водење на прекршочна постапка за утврдување на прекршочна одговорност,  против кое решение засегнатиот субјект може да изјави жалба (според член 65 ставови 2 и 3 од Законот за туристичката дејност) до „надлежен орган согласно со Законот за прекршоците“ (според член 65 ставови 2 и 3 од Законот за туристичката дејност), а тоа е „прекршочен орган“ (според член 49 став 2 од Законот за прекршоците) со оглед на висината на глобата пропишана за наведените прекршоци (според член 67 став 1 точка 1 и член 71 став 1 точки 2-7 од Законот за прекршоците), при што жалбата не го одлага извршувањето на решението (според член 65 став 4 од Законот за туристичката дејност), односно привремено е забрането вонправното вршење на туристичката дејност, непридржувањето до решението за привремена забрана на дејноста, односно отстранувањето на знакот за запечатување на објектот во кој вонправно се вршела дејноста претставува одделен прекршок за што инспекторот има законско овластување да изрече глоба во износ утврден со закон (член 97 ставови 4-6 од Законот за инспекциски надзор).

Оттука, во врска со наводот во иницијативата (дека не можело со член 65 ставовите 2 и 3 од Законот за туристичката дејност да се пропишува: жалба против решението за административна мерка да може да се изјави согласно со Законот за прекршоците), произлегува дека непотполно (поради тоа, погрешно) се интерпретираат оспорените делови од член 65 ставови 2 и 3 од Законот за туристичката дејност.

Според Амандман XX точка 1 на Уставот, „За прекршоци определени со закон, санкција може да изрече орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања“. „Против конечна одлука за прекршок се гарантира судска заштита под услови и постапка уредени со закон“.

4. Од изнесените уставни одредби произлегува дека законодавецот има уставно овластување со закон да ги предвиди прекршоците како вид на противправно дејствување, да ги утврди прекршочните санкции и да го определи органот на државната управа или организацијата со јавни овластувања кој ќе изрекува прекршочна санкција, како и со закон да ги уреди условите и постапката за остварување на судска заштита против конечна одлука за прекршок.

Со оглед на тоа што, во конкретниот случај, со Законот за туристичката дејност се предвидени случаи на прекршоци (член 65 став 1) за кои се пропишани глоби (член 67 став 1 точка 1 и член 71 став 1 точки 2-7 од истиот закон) и за кои е определен орган надлежен за водење на прекршочна постапка и изрекување на прекршочна санкција (член 49 став 2 од Законот за прекршоците), а надлежните инспекциски служби привремено со решение ќе го забранат вонправното вршење на туристичката дејност и против тоа решение засегнатиот субјект може да изјави жалба до прекршочниот орган предвиден во Законот за прекршоците (член 65 ставови 2 и 3 од Законот за туристичката дејност), како и може да поднесе жалба против решението за прекршок (член 68 став 1 од Законот за прекршоците) и тужба за поведување на управен спор (член 68 ставови 5 и 6 од Законот за прекршоците) кои го одлагаат извршувањето на решението за прекршок, произлегува дека така уредена прекршочна материја е во согласност со конкретните одредби од Амандман XX точка 1 на Уставот, а со тоа и со воопштените одредби од член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 став 1 од Уставот на кои упатува подносителот на иницијативата. Оттука, Судот  не треба да поведе постапка за оценување на уставноста на член 65 ставови 2 и 3 од Законот за туристичката дејност.

Со оглед дека решението за привремена забрана на вршење на туристичката дејност, донесено од државниот пазарен инспектор или од овластениот општински/градски инспектор, се донесува во функција на привремено спречување на вонправно вршење на туристичка дејност и водење на прекршочна постапка, иако е тоа инспекциска мерка (согласно Законот за инспекциски надзор), во конкретниот член 65 ставови 2 и 3 од Законот за туристичката дејност, тоа дејствие на инспекциските служби е во врска со дејствие кое е законски утврдено за прекршок, поради што има правна (уставна и законска) основа тоа инспекциско решение да се обжалува до орган за прекршоци предвиден во Законот за прекршоците. Поради тоа, делот: „Законот за прекршоците“ од член 65 ставови 2 и 3 од Законот за туристичката дејност е во согласност со напред наведените уставни одредби (Амандман XX точка 1 на Уставот, член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 став 1 од Уставот). Член 66-а став 1 од Законот за туристичката дејност гласи: „За прекршоците утврдени во членовите 67, 68 и член 70 ставови 1, 2, 3 и 6 од овој закон, прекршочна постапка води и прекршочни санкции изрекува органот на државната управа надлежен за работите од областа на туризмот, преку Комисијата за одлучување по прекршок (во натамошниот текст: Прекршочна комисија)“.

Аспектот кој се покренува со иницијативата е: од член 54 став 1 од Законот за прекршоците произлегува дека прекршочен орган може да води прекршочна постапка ако со закон е пропишана исклучива надлежност таков орган да постапува („прекршочен орган“) и ако прекршочната постапка ја води, во рамките на прекршочниот орган, Комисија за одлучување по прекршок утврдена со закон (два кумулативни услови), но со член 66-а став 1 од Законот за туристичката дејност не бил определен „прекршочниот орган“, поради што и оваа законска одредба, во оспорениот дел, не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и со член 51 став 1 од Уставот.

Фактите, во врска со наведениот аспект од иницијативата, се: за прекршоците утврдени во членовите 67 и 68 и член 70 ставови 1, 2, 3 и 6 од овој закон, прекршочна постапка води и прекршочни санкции изрекува  органот на државната управа надлежен за работите од областа на туризмот (тоа е Министерството за економија, н.з.), преку Комисијата за одлучување по прекршок (во натамошниот текст: Прекршочна комисија). Член 66-а став 1 од Законот за туристичката дејност, чиј дел е оспорен, го определува и прекршочниот орган кој ја води прекршочната постапка и кој изрекува прекршочна санкција, тоа е „органот на државната управа надлежен за работите од областа на туризмот“, односно Министерството за економија, како и Комисијата за одлучување по прекршок утврдена со закон, преку која Министерството за економија ја води прекршочната постапка и изрекува прекршочни санкции.

Со оглед на тоа дека член 66-а став 1 од Законот за туристичката дејност ги определува прекршоците на кои се однесува (оние утврдени во членовите 67, 68 и член 70 ставови 1, 2, 3 и 6 од Законот), органот кој ја води прекршочната постапка и кој изрекува прекршочни санкции за наведените прекршоци (Министерството за економија), и специјализирано тело на надлежниот прекршочен орган (Комисија за одлучување по прекршок, утврдена со наведениот член од Законот), произлегува дека таквата одредба е во согласност со конкретните одредби од Амандман XX точка 1 на Уставот, а со тоа и со воопштените одредби од член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 став 1 од Уставот на кои упатува подносителот на иницијативата. Оттука, Судот не треба да поведе постапка за оценување на уставноста на член 66-а став 1 од Законот за туристичката дејност.

Имајќи предвид дека во член 66-а став 1 од Законот за туристичката дејност се содржани двата субјекти предвидени во член 54 став 1 и член 55 став 1 од Законот за прекршоците (прекршочен орган утврден со закон, како и посебна комисија за одлучување по прекршок во рамките на прекршочниот орган), произлегува дека член 66-а став 1 од Законот за туристичката дејност е во согласност со член 54 став 1 и член 55 став 1 од Законот за прекршоците, па поради тоа од тој аспект има согласност со член 66-а став 1 од Законот за туристичката дејност и со Амандман XX точка 1 од Уставот, член 8 став 1 алинеја 3 и со член 51 став 1 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од Решението.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

 

У.бр.37/2020
5 октомври 2022 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска