У.бр.98/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 5 октомври 2022 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 84 став 1 од Статутот на Стоматолошката комора на Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.118/2021).

2. Круме Чесноски од Прилеп, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата се наведува дека се оспорува член 84 став 1 (пpeoдни и завршни одредби) од Статутот кој гласи: „Започнатите мандати на избраните претседател на Комора, членови на органи и тела на Комората во периодот до денот на влегување во сила на овој статут продолжуваат согласно одредбите од овој статут“, и дека се повредува член 52 став 4, член 8 алинеи 3 и 5 и член 9 став 2 од Уставот на Република Северна Македонија, притоа правејќи аналогија со Изборниот законик, односно со измените и дополнувањата кои законодавецот ги прави.

Според наводите во иницијативата со Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик, објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.215/2021 од 16 септември 2021 година, направена е иста ваква промена на Законот, поточно продолжен е мандатот на избрани и именувани лица од 2 (две) на 5 (пет) години, и во преодните и завршните одредби е уредено дека продолжувањето на мандатот важи и за постојаните членови на Изборната комисија како избрани лица. Во член 2 од Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик стои „Во член 26 во став 4 по зборот „трае“ се додаваат зборовите „пет години“, а зборовите „но не подолго од две години“ се бришат“. Според член 28 „Одредбата од член 2 од овој закон важи и за постојниот состав на Државната изборна комисија“.

Во продолжението на иницијативата се наведува дека се оспорува став 1 од член 84 од Статутот на Стоматолошката комора на Македонија бидејќи согласно член 255 од Законот за здравствената заштита се уредува дека собранието на комората го сочинуваат избрани претставници на членовите на комората и со Статутот на комората се уредува начинот на нивниот избор и траењето на нивниот мандат во собранието. Исто така, во иницијативата е наведено дека во Статутот на Стоматолошката комора на Македонија кој е донесен од страна на Собранието на Комората, од 28 март 2017 година, и кој е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ број 62/2017,  во член 18 став 1 е пропишано дека мандатот на членовите на собранието и на органите на Комората трае 4 години и почнува да тече од конститутивната седница на собранието со можност за повторен избор за уште еден последователен мандатен период и со право за повторно кандидирање по пауза од еден мандатен период.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека мандатот на членовите на комората произлегува од плурализмот на целокупното членство на комората и нивното право на слободни и непосредни демократски избори со тајно гласање да се изјаснат од кого ќе бидат претставувани во највисокиот орган на комората, а со тајно гласање од страна на членовите на собранието, пак, произлегува мандатот на претседателот на комората кој, исто така, е избран во времетраење од 4 години. На 24 април 2021 година, Собранието на Стоматолошката комора на Македонија донело нов Статут кој бил објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија “ бр.118/2021 и во член 19 став 5 е уредено дека делегатите на собранието се избираат со мандат од 5 години со можност од повторен избор за уште еден последователен мандатен период и право на повторно кандидирање по пауза од еден мандатен период. Сегашниот состав на Собранието, односно неговите членови делегати и претседателот на Комората се избрани согласно одредбите на претходниот Статут на Комората каде не било предвидено времетраење на мандатот од 5 години, туку јасно и експлицитно е предвиден мандат временски детерминиран од 4 години.

Во иницијативата се поставува прашањето дали со донесувањето на новиот статут може да се анулира волјата на гласачите кои веќе ги избрале делегатите за мандат од 4 години претставување во Собранието на Комората. Имено, апсолутно е разбирливо и неспорно наредниот изборен циклус кој ќе се спроведе за избор на членови во собранието, односно делегатите и претседател на Комората, односно органите и телата на Комората да се избираат според постоечкиот статут донесен во месец април 2021 година и мандатот да им трае 5 години.

Според наводите во иницијативата, на ваков начин преку соодветната оспорена одредба која има ретроактивно дејство, членовите на собранието сами си го изгласаа и си го продолжија стекнатиот мандат кој бил добиен од страна на гласачите од поранешниот статут. На тој начин се нарушува правната сигурност на граѓаните и на членовите на Стоматолошката комора на Македонија и ова не е во согласност со начелото на владеењето на правото и претставува директен удар и упад врз плурализмот и демократските принципи на владеењето на правото во државата и во спротивност со член 52 став 4 од Уставот и од тие причини се бара да се укине оспрената одредба.

3. Судот на седница утврди дека согласно член 84 од Статутот на Стоматолошката комора на Македонија, започнатите мандати на избраните претседател на Комора, членови на органи и тела на Комората во периодот до денот на влегување во сила на овој статут продолжуваат согласно одредбите од овој статут.

Претседателот на Комората, членовите на органите, телата и комисиите на Комората продолжуваат да ја вршат својата функција сѐ до истекот на нивниот мандат. Одредбите од член 51 од овој статут ќе започнат да се применуваат по истекот на мандатот на членовите на комисиите избрани во периодот до денот на влегување во сила на овој статут.

4. Согласно член 8 став 1 алинеи 1, 2 и 3 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и други јавни институции на сите нивоа, како и владеењето на правото, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествена положба. Граѓаните пред Уставот и закоите се еднакви.

Според член 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавните функции, а согласно член 32 ставови 1 и 2 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност. Секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.

Според член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно член 52 ставови 1 и 4 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила.

Врз основа на член 250, член 253 и член 256 став 1 точка 1 од Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија“ број 43/12, 145/12, 87/13, 164/13, 39/14, 43/14, 132/14, 188/14, 10/15, 61/15, 154/15, 192/15, 17/16, 37/16 и 20/19 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 101/19, 153/19, 180/19, 275/19 и 77/21) и член 21 став 1 алинеја 1 од Статутот на Стоматолошката комора на Македонија, Собранието на Стоматолошката комора на Македонија, на ден 24 април 2021 година, го донесе Статутот на Стоматолошката комора на Македонија под бр. 02-435/12.

Согласно член 1 од Статутот се уредува називот и седиштето на Стоматолошка комора на Македонија (во натамошниот текст: Комора), правата, обврските и одговорностите на членовите на Комората, членувањето, организирањето, дејноста, целите и задачите на органите, другите тела и Стручната служба на Комората, организацијата, финансирањето, соработката на Комората со телата и институциите на државата, другите комори, организации, друштва и здруженија во државата и странство, јавноста во работењето на Комората, актите и други прашања значајни за работењето на докторите на стоматологија, стоматолошката дејност и професија.

Во главата 14 од Статутот, насловена како Преодни и завршни одредби со член 83 е регулирано дека започнатите постапки пред денот на влегување во сила на овој статут ќе продолжат да се водат согласно одредбите од Статутот кој важел до денот на донесување на овој статут.

Според член 84 од Статутот, започнатите мандати на избраните претседател на Комора, членови на органи и тела на Комората во периодот до денот на влегување во сила на овој статут продолжуваат согласно одредбите од овој статут. Претседателот на Комората, членовите на органите, телата и комисиите на Комората продолжуваат да ја вршат својата функција сѐ до истекот на нивниот мандат. Одредбите од член 51 од овој статут ќе започнат да се применуваат по истекот на мандатот на членовите на комисиите избрани во периодот до денот на влегување во сила на овој статут.

Согласно член 85 од истиот, со денот на влегување во сила на овој статут престанува да важи Статутот на Стоматолошката комора на Македонија од 28 март 2017 година, објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 62/2017.

Според член 86, овој статут влегува во сила со денот на неговото донесување, а ќе се применува по уписот во Централниот регистар на Република Северна Македонија и објавата во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Во главата XI насловена како Коморско здружување односно Комори, во член 250 став 1 од Законот за здравствената заштита е уредено дека заради заштита и унапредување на стручноста и етичките должности и права, за подобрување на квалитетот на здравствената заштита, заштитата на интересите на својата професија, следење на односот на здравствените работници кон општеството и граѓаните, докторите на медицина, докторите на стоматологија и дипломираните фармацевти се здружуваат во Лекарска, Стоматолошка, односно Фармацевтска комора на Македонија. Во комора се здружуваат и здравствените работници со средно, вишо и високо стручно образование од областа на медицината, стоматологијата и фармацијата. Коморите од ставовите 1 и 2 на овој член донесуваат статут, кодекс на професионалните етички должности и права, формираат суд на честа и други помошни тела.

Согласно член 251 став 1 од истиот закон, коморите имаат својство на правно лице и се запишуваат во Централниот регистар на Република Македонија. Кон барањето за запишување на комората во регистарот на коморите предлагачот приложува записник од основачкото собрание, примерок од статутот на комората и одлука за именување на претседател на комората и секретар, ако комората има секретар, а во случај на престанување на комората, предлагачот кон барањето приложува одлука за престанување на комората согласно со статутот. Ако комората го измени статутот, избере или разреши претседател или ако се измени кој било од податоците кои се запишуваат во Централниот регистар на Република Македонија, поднесува барање за измена на запишувањето во регистарот во рок од 30 дена од денот на настанувањето на промената . Кон барањето од ставот 3 на овој член, комората мора да приложи записник од седницата на собранието на која биле донесени измените.

Според член 252 став 1 од Законот за здравствена заштита, е утврдено дека на основачкото собрание на комората се донесува статут на комората и се избираат нејзините органи. Основачкото собрание на комората го свикуваат здравствени работници кои сакаат да основаат комора. Одлуката за свикување на основачкото собрание се објавува во „Службен весник на Република Македонија“. На основачкото собрание може да учествува секој кој согласно со закон и предлогот на статутот може да биде член на комората и кој во рокот определен во свикувањето од ставот 3 на овој член, ќе го пријави своето учество на основачкото собрание.

Во член 253 од Законот за здравствена заштита се уредува дека Статутот на комората (во натамошниот текст: статут) содржи одредби кои се однесуваат на: името и седиштето на комората,  целите и задачите на комората, органите на комората, постапката за нивен избор, односно именување и причините и начинот на нивното отповикување, нивниот состав, надлежностите и начинот на одлучување,  лицата кои ја застапуваат комората во правниот промет, правата, обврските и одговорностите на членовите на комората и нивните претставници во органите на комората,  начинот на обезбедување на финансиски средства потребни за извршување на задачите на комората, начинот и постапката на определување на членарината и мерилата за нејзино определување, задачите на комората кои се финансираат од членарината, постапката за измена на статутот на комората, другите општи акти и постапката за нивното донесување, начинот и обврските на членот при пристапувањето и истапувањето од комората и други работи утврдени со овој закон и со статутот.

Во член 254 став 1 од Законот е уредено кои се органите на комората: собрание, извршен одбор, надзорен одбор и претседател на комора. Комората може да има и други органи, ако тоа е определено со статутот.

Имајќи ја предвид содржината на наведените уставни одредби во иницијативата и содржината на оспорената одредба од Статутот и изборниот законик, произлегува дека неосновано се доведуваат во корелација. Со вака направените измени и предвидено важење и примена на Стаутот на Стоматолошката комора на Македонија (измени – промена на мандат од 4 (четири) на 5 (пет) години и продолжување на мандатот на постојани членови и претседател на Комора, измена на траење на мандат на членови и претседател на Комора), не е повреден ниту Законот за здравствената заштита ниту Уставот на Република Северна Македонија.

Со Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр.43/2012, 145/2012, 87/2013, 164/2013, 39/2014, 43/2014, 132/2014, 188/2014, 10/2015, 61/2015, 154/2015, 192/2015, 17/2016, 37/2016, 20/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.101/2019, 153/2019, 180/2019, 275/2019, 77/2021, 122/2021 и 178/2021) се уредува коморското здружување во глава XI насловена како „Коморско здружување“ со одредбите од член 250 до член 266 од Законот. Коморите, согласно член 251 од Законот за здравствената заштита имаат својство на правно лице и се запишуваат во Централниот регистар на Република Северна Македонија, а своето работење и начинот на избор и траење на мандат го утврдуваат и уредуваат со статут кој мора да биде во согласност со Законот за здравствената заштита.

Согласно Законот за здравствената заштита, ограничен е мандатот само на членови на Извршниот и на Надзорниот одбор на Стоматолошката комора на Македонија за период од 4 години, додека согласно член 257 став 2, членовите на Извршниот одбор се избираат за период од најмногу 4 години и може да бидат повторно избрани најмногу уште еднаш. Имено, според одредбите од член 258 став 3 мандатот на членовите на Надзорниот одбор изнесува најмногу четири години и со можност за повторен избор најмногу уште еднаш. Законот за здравствената заштита не го ограничува мандатот на претседателот на Комората и на другите избрани органи и тела, а оставен е избор на Комората тоа прашање да го уреди со статут, како што е сторено и во конретниот случај.

За уставноста на ова решение, согласно член 9 од Уставот на Република Северна Македонија единствено може да е од значење дали тоа се однесува подеднакво за сите лица, односно дали овозможува операционализација на уставното начело за еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, а во конкретниот случај тоа се однесува за сите членови на органи и тела и претседателот на Комората, со исклучок на членовите на Извршниот и Надзорниот одбор чиј мандат е ограничен со Законот за здравствената заштита, па со тоа не се повредува начелото на еднаквост од член 9 од Уставот.

Од направената анализа на наводите во иницијативата, оспорените одредби од Статутот на Стоматолошката комора на Македонија со уставните одредби, Судот оцени дека не е сторена повреда на истите, односно членот 84 од Статутот не е во спротивност со член 54 став 4 од Уставот (повратно дејство на закони и други прописи).

Судот на седница утврди дека според член 86 од Статутот се предвидува дека Статутот влегува во сила со денот на неговото донесување, а ќе се применува по уписот во Централниот регистар на Република Северна Македонија и објавувањето во „Службен весник Република Северна Македонија“. Исто така, дополнително со член 85 е уредено дека Статутот на Стоматолошката комора на Македонија од 28 март 2017 година, објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2017, престана да важи, па со член 84 од Статутот само се опрационализира измената на правото, плурализамот и слободните, непосредни и демократски избори како темелни вредности на уставниот поредок, не е можно да се ставаат во корелација со оспорениот член од Статутот. Во Статутот и другите внатрешни акти на Стоматолошката комора на Македонија, но и во Законот за здравствената заштита е предвидена постапка за избор, именување и разрешување и престанок на мандат

Согласно член 13 став 1 алинеја 6 од Статутот, се предвидува дека на делегат во Собранието може да му престане мандатот и пред времето за кое е избран според член 20  од Статутот. Со одредбите од член 37 е уредена постапката за разрешување на претседател и траењето на мандатот согласно новиот статут и од тие причини никако не се ограничува правото на слободни, непосредни и демократски избори, а особено не на начин како е наведено во иницијативата. Со оглед на тоа дека во иницијативата се поставува хипотеза за можно бесконечно продолжување на мандатот спротивно на волјата на гласачите, Судот оцени дека наводите се неосновани од причина што членовите на органите и телата и претседателот на Комората, кои се избрани за 4-годишен мандат, ако исполнат некој од условите да бидат отповикани и разрешени, или самите си дадат оставка, и тоа во првата година од нивниот мандат, со тоа нема да ја нарушат волјата на гласачите со оставката или со нивното разрешување.

Оттука, Судот утврди дека се неосновани наводите во иницијативата за спротивноста на оспорените одредби од Статутот на Стоматолошката комора на Македонија како подзаконски акт донесен врз основа на Законот за здравствената заштита со наведените уставни одредби на Уставот, а со тоа и неосновани се наводите дека на тој начин се суспендирало владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Републиката.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од Решението.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

 

У.бр.98/2021
5 октомври 2022 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска