У.бр.13/2022

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 71 и член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 27 септември 2022 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 15 точки 3 и 5, член 16 точки 5 и 8, член 18 ставови 1 и 2, член 19 ставови 6 и 8, член 20 став 1, член 28 ставови 2 и 4, член 33 став 3, член 35 ставови 1 и 3, член 40 став 5, член 42 став 3, член 49 став 2 и член 57 ставови 1, 2 и 3 од Статутот на Стоматолошката комора на Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 118/2021 од 01.06.2021 година).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата во делот за оценување на согласноста на член 35 од Статутот со членовите 10, 11 и 13 од Статутот на Стоматолошката комора на Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 118/2021 од 01.06.2021 година).

3. Здружението на приватни здравствени стоматолошки установи и приватни доктори по дентална медицина Кавадарци, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите означени во точките 1 и 2 од Решението.

Подносителот, во образложението на иницијативата ги навел своите аспекти за наводната противуставност и противзаконитост на горенаведените одредби од Статутот на Стоматолошката комора на Македонија со член 8 од Уставот на Република Северна Македонија, во делот на владеење на правото, со член 257 став 2 и член 258 став 3 од Законот за здравствена заштита, како и членовите 10, 11 и 13 од Статутот дека се повредени со оспорените членови од истоимениот Статут на Стоматолошката комора на Македонија.

Во член 15 точки 3 и 5 од Статутот на Комората наброени се условите за престанување на членството во Комората и тоа: ако биде осуден на казна затвор во траење од 6 месеци и ако неоправдано не плаќа членарина подолго од 12 месеци. Ваквите одредби оставале сериозна правна дилема поради какво кривично дело е осуден членот на Комората (лекарска грешка при лекувањето, па му е изречена заштитна мерка забрана за вршење стоматолошка дејност или на пример сообраќајна несреќа предизвикана од невнимание). Според подносителот на иницијативата не било наведено кој орган донесува решение за престанок на членството, за кој временски период и во која постапка.

Исто така, сериозна правна дилема претставувало и тоа што е „неоправдано” неплаќање членарина повеќе од 12 месеци. Не било одредено кој орган или тело на Комората донесува решение за престанок на членството во Комората.

Во член 16 во оспорените точки  5 и 8 како органи на Комората  се наведени: замениците на претседателот на Комората, односно замениците на обвинителот на Комората. Според подносителот на иницијативата замениците на претседателот на Комората и замениците на обвинителот на Комората не треба да бидат наведени како органи на Комората со образложение дека ги заменуваат во отсуство и не можат да бидат посебни органи на Комората.

Во врска со член 18 ставови 1 и 2, подносителот на иницијативата смета дека се прават манипулации со изборно-конститутивната седница која може да се одолговлекува по желба на старите органи на Комората, се со цел мандатот на старите органи да се продолжи за уште една година. Мандатот на членовите на Собранието почнува да тече од денот на верификација на мандатите и никако не смее да се поврзува со завршување на изборно-конститутивната седница. Мандатот, пак, на избраните органи и тела на Комората почнува да тече од денот на изборот.

Со овој член од Статутот јасно се гледа дека дури и навремено да биде свикана конститутивно-изборната седница и на неа веднаш да биде извршена верификација на мандатите на новоизбраните членови на Собранието, тие немаат право да ги остваруваат своите функции, се додека не заврши изборно-конститутивната седница.

Образложението на подносителот во врска со член 19 став 5 од Статутот според кој: „Делегатите на Собранието се избираат од редот на активните членови на Комората, организирани во регионални одбори по местото на живеење од единствениот избирачки список, со тајно гласање”, е во насока дека поимот „активен член”  бил  нејасен, непрецизен и недоречен и можел да послужи како алатка за изборни нерегуларности во Комората.

Во врска пак, со став 7 од истиот член во кој е регулирано дека изборите за делегати на Собранието на Комората ги распишува претседателот на Комората најдоцна 90 (деведесет) дена пред истекот на мандатот на Собранието, подносителот смета дека изборите за делегати на Собранието може да ги распише само претседателот на Собранието, а не претседателот на Комората со аргумент дека претседателот на Комората го бира Собранието, па тој не може да распишува избори за органот што го бира.

Подносителот наведува дека ги оспорува ставовите 5 и 7 од член 19, меѓутоа од образложението на иницијативата станува збор за ставовите 6 и 8.

Стоматолошката комора има сериозни јавни овластувања и Собранието донесува сериозни акти за остварување на тие јавни овластувања. Оттука, подносителот на иницијативата смета дека мора да постои и разграничување на овластувањата и персоналниот состав на органот кој ги донесува тие акти и органот кој ги предлага и потоа е должен да ги извршува. Извршниот одбор е извршен орган на Собранието на Комората, па не било можно меѓу членовите на Извршниот одбор да има и делегати на Собранието, и тоа најмалку 6, или со други зборови можело да бидат и сите 11 члена од редот на делегатите на Собранието, како што е наведено во оспорениот член 28 став 2 од Статутот. Со изборот на членови на Извршниот одбор на Комората од редот на делегатите на Собранието по автоматизам, според подносителот, тие стануваат членови на два органи на Комората, што пак претставува директен конфликт на интереси. Конфликтот на интереси се гледа во тоа што членовите на Извршниот одбор имаат можност да покренуваат иницијативи и да влијаат во Извршниот одбор да се предлагаат општи акти, одлуки, решенија и потоа на седница на Собранието да влијаат да бидат изгласани бидејќи и тие имаат право на глас.

Со оспорениот став 4 од член 28, како и член 33 став 3 од Статутот, според подносителот на иницијативата, на индиректен начин се продолжува мандатот на членовите на Извршниот одбор за уште една година („До изборот на нов состав на Извршниот одбор, членовите на Извршниот одбор продолжуваат да ја вршат својата функција, но не подолго од една година по завршување на својата функција”), спротивно на член 257 став 2 од Законот за здравствена заштита каде што децидно е наведено: „Членовите на Извршниот одбор се избираат за период од најмногу 4 години и може да бидат повторно избрани најмногу уште еднаш”, односно на индиректен начин се продолжува мандатот на членовите на Надзорниот одбор за уште една година („До изборот на нов состав на Надзорниот одбор, членовите на Наздорниот одбор продолжуваат да ја вршат својата функција, но не подолго од една година по завршување на својата функција”), спротивно на член 258 став 3 од Законот за здравствена заштита каде што мандатот е лимитиран најмногу на 4 години и со можност за повторен избор најмногу уште еднаш.

Со одредбите од член 35 ставови 1 и 3, подносителот на иницијативата смета дека се повредени членовите 10, 11 и 13 од истиот Статут односно смета дека Претседателот на Комората е орган на Комората и не може да се ограничува неговиот избор од редовите на делегатите на Собранието. Со ваквото решение, се повредува правото на сите членови на Комората кои ги исполнуваат условите да бидат кандидирани за избор на претседател на Комората. Исто така, во став 3 се јавувал терминот „активен член”, термин што според подносителот на иницијативата е спорен, односно нејасен, непрецизен и недоречен термин.

Образложението на подносителот по однос на: член 40 став 5, член 42 став 3 и член 49 став 2 со кој е предвидено дека до избор на нов состав на Судот на честа,  обвинител и заменици на обвинителот односно нов состав на постојните комисии, членовите на Судот на честа, обвинителот и неговите заменици, односно избраните комисии ќе продолжат да ја вршат својата функција, но не подолго од една година по истекот на мандатот, е во насока дека на овој начин се остава простор за злоупотреба и манипулација со продолжување на мандатот за уште една година.

Во врска со оспорениот член 57 ставови 1, 2 и 3 каде што за избор на членови во регионалните одбори на Комората како услов и критериум за избор е кандидатот да е активен член на Комората, подносителот смета, како и во погоре наведените образложенија дека терминот „активен член” е  нејасен, непрецизен и недоречен.

Подносителот на иницијативата врз основа на изнесените причини смета дека  оспорените одредби од Статутот се во спротивност со член 8 од Уставот на Република Северна Македонија, во делот на владеење на правото, со член 257 став 2 и член 258 став 3 од Законот за здравствена заштита, како и членовите 10, 11 и 13 од Статутот се повредени со оспорените членови од истоимениот Статут на Стоматолошката комора на Македонија и му предлага на Уставниот суд на Република Северна Македонија да ги поништи оспорените одредби од Статутот на Стоматолошката комора на Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека согласно оспорениот член 15 точки 3 и 5 од Статутот на Стоматолошката комора на Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.118/2021) членството во Комората престанува и во случај ако биде осуден со правосилна судска одлука на казна затвор во траење подолго од 6 месеци и неоправдано неплаќање на членарина повеќе од 12 месеци.

Во член 16 точки 5 и 8 е предвидено дека за органи на Комората се и заменици на претседателот на Комората и заменици на обвинителот.

Според член 18 од Статутот, мандатот на членовите на Собранието и на органите и телата на Комората почнува да тече од завршувањето на изборно-конститутивната седница на Собранието. До изборот на нови органи, избраните делегати и членови на други органи и тела на Комората продолжуваат да ја вршат својата функција до избор и верификација на мандати на новите делегати, односно членови на органи и тела, но не подолго од една година по истекот на мандатот.

Во член 19 ставови 6 и 8 од Статутот, е уредено дека делегатите на Собранието се избираат од редот на активните членови на Комората, организирани во регионални одбори по местото на живеење од единствениот избирачки список, со тајно гласање. Изборите за делегати во Собранието ги распишува претседателот на Комората, најдоцна 90 (деведесет) дена пред истекот на мандатот на Собранието.

Во оспорениот член 20 став 1 од Статутот е регулирано дека на делегат во Собранието може да му престане мандатот и пред времето за кое е избран:

1) ако е утврден престанок на членство според условите утврдени со член 15 од овој Статут;

2) ако даде оставка;

3) ако од Судот на честа е осуден за потешко прекршување на Кодексот на стоматолошка етика и деонтологија.

Член 28 став 2 од Статутот на Стоматолошката комора на Македонија предвидува дека Собранието избира 11 члена на Извршниот одбор, на предлог на претседателот на Комората, со мнозинство гласови од вкупниот број делегати на Собранието со јавно гласање. Најмалку 6 (шест) од членовите на Извршниот одбор треба да се од редот на делегатите од постојниот состав на Собранието на Комората, а со оспорениот став 4 дека до изборот на нов состав на Извршниот одбор, членовите на Извршниот одбор продолжуваат да ја вршат својата функција, но не подолго од една година по истекот на мандатот.

Во член 33 став 3 е уредено дека до изборот на нов состав на Надзорниот одбор, членовите на Надзорниот одбор продолжуваат да ја вршат својата функција, но не подолго од една година по истекот на мандатот.

Според член 35 ставови 1 и 3 од Статутот, Собранието на Комората од редот на своите членови  избира претседателот на Комората. Кандидат за Претседател на Комората може да биде само активен член на Комората од најмалку два лиценцни периода, кој не е пензионер, кој е здравствен работник вработен во здравствена установа на неопределено работно време, кој ужива углед меѓу членството на Комората и има најмалку еден мандат искуство во работата на органите на Комората, како и да има способност да воспоставува соработки со институциите на државата кои имаат ингеренции во работата на стоматологијата, другите стручни друштва, здруженија и комори и способност за воспоставување на меѓународна соработка на Комората.

Согласно член 40 став 5, до изборот на нов состав на Судот на честа, членовите на Судот на честа продолжуваат да ја вршат својата функција, но не подолго од една година по истекот на мандатот.

Во член 42 став 3 е регулирано дека до изборот на нов обвинител и заменици на обвинителот, избраните обвинител и заменици на обвинител, продолжуваат да ја вршат својата функција, но не подолго од една година по истекот на мандатот.

Според член 49 став 2, до изборот на нов состав на постојаните комисии, избраните комисии продолжуваат да ја вршат својата функција, но не подолго од една година по истекот на мандатот.

Член 57 ставови 1, 2 и 3 уредуваат дека кандидат за член на Регионален одбор на Комората може да биде само активен член на Комората, кој не е пензионер и кој има искуство како активен член на Комората најмалку еден лиценцен период. Кандидат за член на Регионален одбор по исклучок од став 1 на член 57 може да е и активен член на Комората кој не го исполнува условот од најмалку еден лиценцен период, доколку се работи за прв лиценцен период, а кандидатот се занимава со стоматолошка здравствена дејност како доктор на стоматологија во здравствена установа на неопределено и полно работно време од најмалку 60% од лиценцниот период. Сите активни членови на Комората, кои го исполнуваат условот од претходните ставови 1 и 2 на член 57, може да бидат предложени од други членови на Регионалниот одбор или да се предложат самостојно за член на Регионален одбор, на официјалниот собир на доктори на стоматологија – членови на Комората, за определен регион.

5. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

На секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита. Граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите, според член 39 од Уставот на Република Северна Македонија.

Со член 51 од Уставот е утврдено дека во Република Северна Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

а) Со Законот за здравствена заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр.43/2012, 145/2012, 87/2013, 164/2013, 39/2014, 43/2014, 132/2014, 188/2014, 10/2015, 61/2015, 154/2015, 192/2015, 17/2016, 37/2016, 20/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.  101/2019, 153/2019, 180/2019, 275/2019 и 77/2021) во член 1, покрај другото, се уредуваат и прашањата кои се однесуваат на коморите и стручните здруженија.

Според член 250 став 1 од Законот за здравствена заштита, заради заштита и унапредување на стручноста и етичките должности и права, за подобрување на квалитетот на здравствената заштита, заштитата на интересите на својата професија, следење на односот на здравствените работници кон општеството и граѓаните, докторите на медицина, докторите на стоматологија и дипломираните фармацевти се здружуваат во Лека­рска, Стоматолошка, односно Фармацевтска комора на Македонија.

Во став 3 е уредено дека коморите од ставовите 1 и 2 на овој член донесуваат статут, кодекс на професионалните етички должности и права, формираат суд на честа и други помошни тела.

Коморите имаат својство на правно лице и се запишуваат во Централниот регистар на Република Северна Македонија. Тие имаат  права, обврски и одговорности во согласност со Законот за здравствена заштита, другите закони и  статутите. Коморите вршат јавни овластувања во согласност со Законот за здравствена заштита .

При запишување на коморите во регистарот, подносителот приложува записник од основачкото собрание, примерок од статутот на комората, одлука за именување на претседател на комората и секретар (доколку комората има секретар), а во случај на престанок на комората како правно лице подносителот приложува одлука за престанување со работа на комората согласно со статутот.

Статутот на комората се донесува на основачкото собрание на комората, на кое собрание се избираат и нејзините органи. Основачкото собрание го свикуваат здравствените работници кои сакаат да основаат комора.

Законот за здравствена заштита дава законско овластување за донесување на статут на комората. Член 253 од Законот кој гласи: „Статутот на комората (во натамошниот текст: статут) содржи одредби кои се однесуваат на: името и седиштето на комората, целите и задачите на комората, органите на комората, постапката за нивен избор, односно именување и причините и начинот на нивното отповикување, нивниот состав, надлежностите и начинот на одлучување, лицата кои ја застапуваат комората во правниот промет, правата, обврските и одговорностите на членовите на комората и нивните претставници во органите на комората, начинот на обезбедување на финансиски средства потребни за извршување на задачите на комората, начинот и постапката на определување на членарината и мерилата за нејзино определување, задачите на комората кои се финансираат од членарината, постапката за измена на статутот на комората, другите општи акти и постапката за нивното донесување, начинот и обврските на членот при пристапувањето и истапувањето од комората и други работи утврдени со овој закон и со статутот”,  дава насоки кои одредби треба да бидат содржани во Статутот, односно преку статутите на здравствените комори (Лекарска, Стоматолошка и Фармацевтска) се делегираат јавни овластувања од државата на коморите како правни лица.

Секое јавно овластување според Законот за здравствена заштита, се доделува на коморите за период од пет години, а министерот за здравство, јавното овластување го доделува со решение.

Министерот за здравство јавното овластување на комората го одзема со решение по службена должност, ако утврди неправилно, незаконско и ненавремено извршување на задачите во рамките на јавното овластување.

Надзор над законитоста на работата на коморите во вршењето на јавното овластување врши Министерството за здравство и Државниот санитарен и здравствен инспекторат, согласно член 264 од Законот за здравствена заштита.

Министерството за здравство дава согласност на општите акти со кои поблиску се уредува вршењето на јавните овластувања на Комората, чиј основ за донесување е Законот за здравствена заштита, и истите се објавуваат во „Службен весник на Република Северна Македонија”.

Статутот на Стоматолошката комора на Македонија, објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.118/2021, е донесен од Собранието на Стоматолошката комора на Македонија на седницата одржана на 24.04.2021 година.

Стома­толошката комора на Македонија е самостојна и независна професионална организација со јавно овластување на сите доктори на стоматологија кои имаат важечка лиценца за вршење стоматолошка дејност како професија на територијата на Република Северна Македонија.

Комората се основа со цел да се заштитат и унапредат стручните и етичките должности како и да се воведат стандарди, вредности и права на докторите по стоматологија, за подобрување на квалитетот на здравствената заштита, да се следи односот на здравствените работници кон општеството и граѓаните, да ги штити правата и професионалните интереси на докторите на стоматологија кои се нејзини членови и да се грижи за угледот, достоинството и интегритетот на целокупната стоматолошка струка и професија и нејзино чесно и правилно вршење. Комората ги застапува своите членови пред телата и институциите на државата, пред другите комори, здруженија и организации како во Републиката, така и во странство.

Законот за здравствена заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр.43/2012, 145/2012, 87/2013, 164/2013, 39/2014, 43/2014, 132/2014, 188/2014, 10/2015, 61/2015, 154/2015, 192/2015, 17/2016, 37/2016, 20/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.  101/2019, 153/2019, 180/2019, 275/2019 и 77/2021) во своите одредби односно во член 123 предвидува дека Лекарската, Стоматолошката односно Фармацевтската комора имаат надлежност во издавањето, обновувањето, продолжувањето и одземањето на лиценцата за работа на здравствените работници со високо образование. Истата надлежност е имплементирана во член 9 став 1 точка 19 од Статутот на Стоматолошката комора, односно Комората издава лиценца и членска карта на своите членови.

Меѓу наброените права и должности на членовите на Комората во член 13 од Статутот е предвидено членовите редовно да ја плаќаат членарината и останатите давачки за кои ќе бидат задолжени од Комората, да го почитуваат Статутот и актите на Комората.

Во член 14 од Статутот е наведено дека членството во Комората се остварува со поднесување на писмено барање за зачленување од докторот по стоматологија, писмено барање за издавање, обновување и продолжување на лиценцата за работа согласно условите утврдени со Законот за здравствена заштита.

Подносителот на иницијативата наведува дека во оспорениот член 15 став 1 точки 3 и 5 од Статутот на Стоматолошката комора на Македонија е предвидено дека членството престанува во случај ако членот биде осуден со правосилна судска одлука на казна затвор во траење подолго од 6 месеци и поради неоправдано неплаќање на членарина повеќе од 12 месеци.

Од изнесените одредби од Статутот произлегува дека доколку на членот трајно или привремено му е одземена лиценцата согласно закон, му престанува членството во Комората, а со тоа му престануваат сите права, должности и активности во Комората, што е разбирливо затоа што здравствениот работник повеќе не е член на Комората.

Статутот на комората содржи одредби кои, меѓу другото, се однесуваат и на целите и задачите на комората, правата, обврските и одговорностите на членовите на комората и нивните претставници во орга­ните на комората, начинот на обезбедување на финансиски средства потребни за извршување на задачите на комората, начинот и постапката на опре­делување на членарината и мерилата за нејзино определување, задачите на комората кои се финансираат од членарината, начинот и обврските на членот при пристапувањето и истапувањето од комората.

Од овие законски одредби произлегува дека правата и обврски­те на членовите на комората, правото за определување на членарина и правата и обврските на членовите на комората (здравствените работници) кои пристапуваат и истапу­ваат од Комората, се уредуваат со статутот на комората. Во таа смисла и со членот 15 од Статутот на Стома­толошката комора се утврдуваат условите за престанување на членството во Комората, а со тоа на членот му престануваат и сите права, должности и активности во Комората.

Дополнително, наводите во иницијативата дека одредбата „ако биде осуден со правосилна судска одлука на казна затвор во траење подолго од 6 месеци” остава правна дилема за какво кривично дело е осуден членот на комората, да напоменеме дека во Кривичниот законик се предвидени кривични санкции: казни, условна осуда и судска опомена, мерки на безбедност и воспитни мерки кои се применуваат согласно природата, содржината и условите под кои е сторено кривичното дело, а со тоа и се изрекува соодветна казна.

Со оглед на тоа што со Законот за здравствена заштита е предвидено дека со Статутот на Комората се уредуваат прашањата за правата и обврските на членовите на Комората кога пристапуваат и истапуваат од Комората, (делегирана надлежност од Законот), како и дека со Статутот на Комората се пре­д­видува и воведување на членарина од страна на членовите на Комо­рата, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за со­гласноста на оспорени одредби од член 15 став 1, точки 3 и 5 од Статутот на Стома­толошката комора со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и со одредбите од Законот за здравствена заштита.

Од анализата на овие одредби Судот оцени дека не постојат основи за поставување на прашањето и за согласноста на одредбата на член 20 од Статутот според која е предвидено дека на делегат на Собранието може да му престане мандатот и пред времето за кое е избран ако е утврден престанок на членството според условите од член 15 од Статутот, ако даде самиот оставка и ако од страна на Судот на честа е осуден на потешко прекршување на Кодексот на стоматолошката етика и деонтологија, ниту со Уставот на Република Северна Македонија ниту со Законот за здравствена заштита.

Во член 16 од Статутот се наведени органите на комората: Собрание; Извршен одбор; Надзорен одбор; Претседател на Комората; заменици на Претседателот на Комората; Суд на честа; Обвинител на Комората и  заменици на Обвинителот.

Подносителот на иницијативата наведува дека замениците на Претседателот на Комората и замениците на Обвинителот не можат да бидат посебни органи на комората бидејки тие го заменуваат Претседателот на Комората, односно Обвинителот на Комората  за време на нивно отсуство.

Во член 254 од Законот за здравствена заштита е наведено: „Органи на комората се: собрание, извршен одбор, надзорен одбор и претседател на комората. Комората може да има и други органи, ако тоа е определено со статутот.”

Дополнително и во член 36 и во член 42 од Статутот е регулирано дека замениците на Претседателот на комората и замениците на Обвинителот се избираат од страна на Собранието на комората, односно не се назначуваат од Претседателот или Обвинителот на комората и согласно тоа не може да биде пречка да бидат органи на Комората.

Поради наведеното Судот оцени дека не постои основа за поставување на прашањето за согласноста на горенаведената одредба од Статутот, според која за органи на Комората се и замениците на Претседателот на комората и замениците на Обвинителот, ниту со Уставот ниту со Законот за здравствена заштита.

Во образложението на  оспорениот член 18, подносителот смета дека наводно е повреден принципот на уставност и законитост и владеење на правото од причина што колку ќе трае изборно конститутивната седница зависи само од претседателот на Комората и претседателот на Собранието од стариот состав и на овој начин се продолжува мандатот на органите и телата на Комората.

Вака изнесените наводи во иницијативата не содржат елементи за спротивност на оспорените одредби со одредбите од Уставот и Законот за здравствена заштита.

Во член 253 од Законот за здравствена заштита се наведени само општи одредби за органите на комората, постапката за нивен избор, односно именување и причините и начинот на нивното отповикување, нивниот состав, надлежностите и начинот на одлучување.

Изборите за делегати (претставници) во Собранието ги распишува Претседателот на Комората, најдоцна 90 (деведесет) дена пред истекот на мандатот на Собранието (делегатите се со мандат од 5 години). Ова е регулирано во член 19 став 7 од Статутот.

Во Деловникот за работа на Собранието на Стоматолошката комора на Македонија бр. 02-1046/12, од 27.10.2021 година, во член 4 се наведува дека изборно-конститутивната седница на новиот собраниски состав на Комората, ја свикува највозрасниот делегат од новиот собраниски состав, на датум утврден од Централната изборна комисија на Комората, откако Централната изборна комисија официјално и писмено ќе го извести дека изборите се завршени и решенијата за избор на новите делегати на Собранието се изготвени. Во Деловникот за работа е определена точна и прецизна постапка за спроведување на изборно-конститутивната седница,  текот на оваа седница, верификација на мандатите на делегатите, и точно се пропишани роковите за продолжување на изборно-конститутивната седница на Собранието.

Овие одредби од Статутот, Судот оцени дека даваат можност до изборот на новите органи на Комората, избраните делегати и членовите на органите и телата на Комората, да продолжат да ја вршат својата функција до избор и верификација на мандатите на новите делегати, односно членовите на органите и телата, како не би се направила празнина и неможност за работа на Комората и извршување на нејзините јавни функции. Вршењето на функција не претставува продолжување на мандатот. Функцијата претставува вршење на определени задачи и должности во рамките на административното раководење и функционирање на комората. Мандатот се верифицира од Собранието на Комората. Со одредбите од оспорениот член 18 став 2 не се продолжува мандатот на избраните делегати и членови на други органи и тела на Комората како што наведува подносителот на иницијативата, туку се овозможува сигурност во непречено работење и функционирање на Комората. Оспорениот член е јасен, со него не се продолжува мандатот, туку постојаните избрани делегати и членови на органите и телата на Комората, продолжуваат да ја вршат својата функција до изборот и верификација на мандатите на новите делегати, односно членови на органи и тела на Комората, за непречено извршување на работата на Комората, посебно во делот на нејзините јавни овластувања делегирани од Законот за здравствена заштита.

Од анализата на овие статутарни одредби, Судот оцени дека не постојат основи за поставување на прашањето за согласноста и на одредбите од: член 28 став 4, член 33 став 3, член 40 став 5, член 42 став 3 и член 49 став 2 според кои до изборот на нов состав на органите и телата на Комората (извршен одбор, надзорен одбор, суд на честа, нов обвинител и заменици на обвинителот и нов состав на постојните комисии) членовите на избраните органи и тела на Комората продолжуваат да ја вршат својата функција, но не подолго од една година од истекот на мандатот, ниту со Уставот ниту со Законот за здравствена заштита.

Подносителот на иницијативата смета дека во член 19 и во член 57 од Статутот, поимот „активен член на Комората” бил непрецизен и нејасен. Меѓутоа, во членовите 10 и 11 од Статутот е регулирано дека членувањето во Комората е право и обврска на сите доктори на стоматологија кои имаат важечка лиценца за вршење на стоматолошка дејност или пак вршат едукативно-образовна, односно научна работа од областа на стоматологијата на територијата на Република Северна Македонија, согласно важечките законски и подзаконски прописи од областа на здравствената заштита и Статутот.

Членувањето во Комората може да биде и доброволно и почесно. Доброволно може да членува доктор на стоматологија кој вршел стоматолошка дејност на територијата на Република Северна Македонија, невработен доктор на стоматологија пријавен во Агенција за вработување, доктор на стоматологија кој е вработен надвор од стоматолошкиот здравствен систем и доктор на стоматологија-странски државјанин, кој престојува и привремено врши стоматолошка дејност во Република Северна Македонија и има лиценца за работа издадена од Комората.

Почесно може да членуваат научник, професор или друг граѓанин, вклучувајќи и странски државјани кои имаат дадено голем придонес во развојот на стоматолошката едукативна дејност, во стоматолошката апликативна дејност или во научната работа на полето на стоматологијата, или кој особено се истакнал во своето професионално искуство или пак на друг начин имаат дадено придонес во работата на Комората. Почесните членови се избираат од страна на Собранието на Комората, а по предлог на Извршниот одбор на Комората.

Од анализата на овие одредби јасно е дека со поимот „активен член на Комората” не се подразбира член на Комората кој во неа членува доброволно и почесно и за кого не се предвидени обврски согласно Статутот и Законот за здравствена заштита.

Во врска пак, со став 8 од истиот член, дека изборите за делегати на Собранието ги распишува Претседателот на Комората, најдоцна 90 (деведесет) дена пред истекот на мандатот на Собранието, подносителот на иницијативата наведува дека избори за делегати може да распише само Претседателот на Собранието со аргумент дека Претседателот на Комората е избран од Собранието па тој не може да распишува избори за органот којшто го избрал!

Собранието на Комората е највисок орган на управување и одлучување на Комората. Собранието го избираат членовите на Комората на непосредни, слободни и тајни избори. Го сочинуваат претставници (делегати) на членовите на Комората, при што се применува принципот на соодветна регионална и правична застапеност на сите заедници застапени во Република Северна Македонија.

Во статутарните надлежности на Собранието на Комората, помеѓу другите надлежности е и да избира и разрешува претседател на Комората, како и да избира и разрешува претседател на Собранието и потпретседатели на Собранието, како и сите други органи и тела на Комората. Претседателот на Комората и Претседателот на Собранието својот легитимитет го добиваат од Собранието, па оттука Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на овие одредби од Статутот ниту со Уставот ниту со Законот за здравствена заштита.

Распишувањето на изборите претставува само акт со кој Претседателот на Комората, кој во моментот ја врши функцијата, ги распишува изборите и од тој момент почнуваат да течат роковите за извршување на изборните дејствија. Претседателот на Комората нема никакво влијание на изборниот процес.

Во иницијативата, исто така, се наведува дека со оглед на фактот дека Стоматолошката комора има сериозни јавни овластувања, мора да постои разграничување на овластувањата на персоналниот состав на Извршниот одбор. Помеѓу членовите на Извршниот одбор, не смее да има делегати на Собранието бидејќи на тој начин сериозно се нарушува самостојноста на Извршниот одбор и се создава можност за коруптивно однесување, според член 28 од Статутот.

Согласно член 257 од Законот за здравствена заштита, извршниот одбор на комората ги извршува особено следниве задачи: предлага на собранието донесување на програма за работа и финансиски план; разгледува и донесува предлози на материјалите за седниците на собранието на комората; ја спроведува програмата за работа и финансискиот план и другите одлуки на собранието и за тоа го известува собранието и разгледува предлози на членовите за дејствување на комората.

Членовите на извршниот одбор се избираат за период од најмногу четири години и може да бидат повторно избрани најмногу уште еднаш. Бројот на членовите на извршниот одбор се определува со Статутот.

Според член 259 став 1 од истиот закон, за претседател на Комората, член на Извршниот одбор и член на Надзорниот одбор може да се избере лице кое ги исполнува условите утврдени со Статутот. Оттука право на Комората е да определи услови кои треба да ги исполнува лицето кое ќе се кандидира за функцијата претседател на Комората. Согласно став 2 од истиот член, за претседател на Комората може да се избере само лице кое е здравствен работник вработен во установа. Во став 3 е уредено дека претседателот на Комората ја застапува и претставува комората во правниот промет, а согласно став 4, при изборот на органите на комората се применува принципот на соодветна и правична застапеност на сите заедници во Република Северна Македонија.

Оттука, од наведените законски одредби произлегува дека бројот на членовите на Извршниот одбор на Комората, како и условите за избор на Претседател на Комората се прашања што се уредуваат со Статутот на Комората, при што во Законот, исто така не е предвидено дека членови на Извршниот одбор не може да бидат и делегати на Собранието на комората. Единствена обврска при изборот на членовите на органите на Комората со Законот е предвидена соодветна и правична застапеност на сите заедници во Република Северна Македонија.

Во поглед на наводите од иницијативата за можноста од коруптивно однесување, судир на интереси и кумулација на функции (делегат на Собрание и член на Извршен одбор) на едни исти личности во Извршниот одбор на Комората, Судот оцени дека Уставниот суд не е надлежен да ги уредува мерките и активностите за спречување на корупцијата во вршење на власта, јавните овластувања, службената должност и политиката, мерките и активностите за спречување на судирот на интереси, мерките и активностите за спречување на корупцијата при вршењето на работи од јавен интерес на правните лица сврзани со остварувањето на јавните овластувања, туку тоа е во надлежност на Државната комисија за спречување на корупција уредено со Законот за спречување на корупција и судирот на интереси („Службен весник на Република Македонија” бр. 12/2019 година). Никој не смее да ја користи функцијата, јавното овластување, службената должност и положба за извршување или пропуштање на дејствие што според закон не смее, односно мора да го изврши, ниту да го подреди извршувањето на законито дејствие на својот личен интерес, ниту на интересот на друго лице.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека не може осно­вано да се постави прашањето за согласноста на член 28 ставови 2 и 4, како и член 35 ставови 1 и 3 од Статутот на Стоматолошката комора со наведените одредби од Уставот на Република Северна Македонија и Зако­нот за здравствена заштита.

б) Членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија ја определува надлежноста на Уставниот суд, користејќи го методот на енумерација или таксативно набројување на прашањата. Поаѓајќи од таквиот метод, нормативната контрола на општите правни акти е основна функција на Уставниот суд. Оваа негова функција се остварува на две нивоа: контрола на уставноста на законите и контрола на уставноста и законитоста на другите прописи и општи акти. Преку оваа функција  Уставниот суд може да ги отстранува од правниот систем сите неуставни закони, од една страна и сите неуставни и противзаконски прописи и општи акти, од друга страна.

Барањето во иницијативата, Уставниот суд да го задолжи Собранието на Комората да ги дополни недореченостите и да ги прецизира постапките, да ги наведе органите кои донесуваат решенија, како и да ја цени согласноста на член 35 од Статутот на Стоматолошката комора на Македонија со други одредби од Статутот (членовите 10, 11 и 13), Судот оцени дека претставуваат наводи за меѓусебна оценка на одредби од ист акт, во овој случај Статут, што не е прашање од надлежност на Уставниот суд на Република Северна Македонија.

Оттука, Судот утврди дека согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, иницијативата во овој дел треба да се отфрли поради ненадлежност на Судот да одлучува.

6. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.13/2022
27 септември 2022 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска