Уставниот суд на 12 oктомври 2022 година во 9:30 часот ќе ја одржи XXXII-та седница со дневен ред на кој се закажани четири иницијативи за оценување на уставност и законитост.
I. РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТА И ЗАКОНИТОСТА НА:
1.Реферат У.бр.69/2022
Оспоренa одредба: Член 19 став 16 од Законот за административни службеници( „Службен весник на Република Македонија бр. 27/2014, 199/2014, 48/2015, 154/2015, 5/2016, 142/2016 и 11/2018 и Службен весник на Република Северна Македонија” бр.275/2019, 14/2020, 215/2021 и 99/2022)
Подносител на иницијативата: Оливер Давидовски
Содржина на оспорениот член: „Против одлуката на Комисијата незадоволниот административен службеник може да поднесе тужба пред надлежен суд во рок од 15 дена од денот на нејзиниот прием”
Од наводите во иницијативата:
Во иницијативата се наведува дека со оспорениот член не се дадени никакви други дополнителни материјални критериуми со помош на кои поблиску би било определено кој е тој „надлежен суд” пред кого незадоволниот административен службеник може да поведе постапка односно да поднесе тужба и да побара правна заштита. Дополнително, подносителот наведува дека оспорената одредба создава нејаснотија во праксата и остава можност за различно толкување на тоа кој суд е надлежен да постапува против одлуките на Агенцијата.
2. Реферат У.бр. 25/2022
Оспоренa oдредба: Член 5 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи („Службен весник на Република Северна Македонија” број 149/2021)
Подносител на иницијативата: Грански независен синдикат на полицијата од Скопје
Содржина на оспорената одредба: Синдикат во смисла на овој колективен договор е Македонскиот полициски синдикат, како репрезентативен синдикат (во натамошниот текст МПС) претставуван од претседателот на МПС и неговите овластени претставници.
Од наводите во иницијативата:
Подносителот смета дека согласно содржината на оспорената одредба, не му се дозволувало на Гранскиот независен синдикат на полицијата да биде рамноправен партнер во остварувањето на правата на членовите на независниот синдикат и на сите вработени во Министерството. Според наводите во иницијативата се привилигира само еден синдикат, а се дискриминирани другите два синдикати, поради што оспорената одредба не е во согласност со членот 9 од Уставот.
3.Реферат У.бр. 62/2022
Оспорена одредба: Одлука за Детален урбанистички план за станбена заедница број 4 и 2 Реонски Центар Запад, Блок 1-општина Битола, донесена од Советот на општина Битола под број 09-135/5 од 08.10.2018 година.
Подносител на иницијативата: Борис Сидоровски и Дине Кочов
Од наводите во иницијативата:
Подносителите на иницијативата наведуваат дека се повредува уставното право на сопственост бидејќи со ДУП-от се навлегува во градежни парцели кои се во приватна сопственост.
4. Реферат У.бр. 61/2022
Оспорен: Решение на Комисијата за денационализација со седиште во Скопје, општина Центар, бр.17-8-302/1(314) од 03.08.2002 година.
Подносител на иницијативата: Виктор Пајвански
Од наводите во иницијативата:
Подносителот го оспорува решението поради тоа што во барањето за денационализација како надоместок барал „не парил или обврзници”, туку друг имот од ист вид во сопственост на државата. Според наведеното во иницијативата постои повреда на членот 30 од Уставот кој гарантира право на сопственост и право на наследување , и повреда на членот 38 од Законот за денационализација.