У.бр.42/2022

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 7 септември 2022 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 72 став 5 во делот: „и истата јавно ќе ја објави на својата веб страница“ и став 6 од Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.102/2019).

2. Никола Ликов, адвокат од Штип, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите означени во точката 1 од Решението.

Подносителот во иницијативата наведува дека со оспорената одредба од член 72 став 6 од Законот за Судскиот совет, во постапката за утврдување на одговорност на судија или претседател на суд, на судијата, односно претседателот на суд му се ускратува правото на жалба, односно правото на ефективен правен лек. Поради тоа било очигледно дека истата е во спротивност со Амандманот XXI од Уставот според кој се гарантира правото на жалба против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред суд, управен орган или организација или други институции што вршат јавни овластувања, како и во спротивност со член 13 од Европската конвенција за заштита на човековите права според кој секој човек, чии права и слободи признаени со оваа конвенција се нарушени, има право на жалба пред националните власти, дури и тогаш кога повредата на овие права и слободи ќе ја сторат лица при вршење на службена должност.

Уредувањето во член 72 став 5 во делот „и истата јавно ќе ја објави на својата веб страница“ од Законот за Судскиот совет, според кој првостепената одлука донесена во повторната постапка се објавува јавно на веб-страницата на Судскиот совет, според подносителот се подразбира дека истото е логично, бидејќи штом одлуката е конечна, истата треба да биде публикувана на интернет. Меѓутоа подносителот укажува на тоа дека во конкретниот случај одредбата од член 72 став 6 од Законот ќе се укине, и првостепената одлука донесена во повторната постапка нема да биде конечна, така што истата нема да смее да биде публикувана бидејќи на таков начин би се повредила тајноста на постапката за утврдување на одговорност, гарантирана во член 61 став 2 од Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија.

Согласно наведеното, подносителот бара Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби од член 72 став 5 во делот: „и истата јавно ќе ја објави на својата веб страница“ и ставот 6 од истиот член од Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија и истите да ги укине

3. Судот на седницата утврди дека оспорените одредби од членот 72 од Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.102/2019) се со следната содржина:

Доколку Советот за жалба го укине решението, согласно член 72 став 5 од Законот, Советот ќе ја повтори постапката, задолжително почитувајќи ги напатствијата од Советот за жалба и ќе донесе одлука и истата јавно ќе ја објави на својата веб страница.

Против одлуката од ставот 5 не е дозволена жалба или тужба, утврдено во член 72 став 6 од Законот.

4. Уставниот суд, согласно членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со  Уставот и со законите.

Во Амандман XXVIII  точка 1 став 1 од Уставот, прецизно се утврдува дека Судскиот совет на Република Северна Македонија е самостоен и независен орган на судството. Советот ја обезбедува и ја гарантира самостојноста и независноста на судската власт.

Судскиот совет на Република Северна Македонија согласно  Амандман XXIX точка 1 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот, меѓу другото ги избира и разрешува судиите и судиите поротници, утврдува престанок на судиската функција и ги избира и разрешува претседателите на судовите.

Имајќи го предвид уредувањето во член XXVI точка 1 став 2 алинеја 2 од Уставот, судијата се разрешува поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција под услови утврдени со закон.

Со Амандман XXI точка 1 став 1 од Уставот, се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд. Според став 2 од истата точка на Амандманот, правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања се уредува со закон.

Членот 13 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи определува дека секој човек, чии права и слободи признаени со оваа конвенција, се нарушени, има право на жалба пред националните власти, дури и тогаш кога повредата на овие права и слободи ја сториле лица при вршење на службената должност.

5. Со цел да се добие одговор на прашањето дали оспорените одредби од член 72 став 5 во делот: „и истата јавно ќе ја објави на својата веб страница“ и ставот 6 од истиот член од Законот за Судскиот совет, го задоволува критериумот на уставност по однос на неговата согласност со Амандманот XXI на Уставот, Судот направи поцелосна анализа на поставеноста и надлежноста на Судскиот совет во судискиот систем и уреденоста и поставеноста на правото на жалба како правен лек во означените оспорени одредби.

Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.102/2019), ја уредува постапката за изборот на Судскиот совет на Република Северна Македонија, начинот на остварување на неговите функции, изборот, престанокот и разрешувањето на судија и судија поротник, постапката за утврдување на одговорност на судија или претседател на суд, утврдување нестручно и несовесно вршење на судиската функција, следењето и оценувањето на работата на судиите, начинот на работа и одлучување и други прашања поврзани со работата на Судскиот совет на Република Северна Македонија.

Судскиот совет на Република Северна Македонија (во натамошниот текст: Советот) согласно член 2 став 1 од Законот, е самостоен и независен орган на судството. А со ставот 2 на истиот член, се утврдува дека Советот ја обезбедува и гарантира самостојноста и независноста на судската власт, преку остварување на своите функции согласно со Уставот и законите.

Во член 72 став 1 од Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија, се определува дека право на жалба до Советот за одлучување по жалба при Врховниот суд на Република Северна Македонија (во натамошниот текст: Советот за жалба) против одлуката на Советот, има само судијата, односно претседателот на судот за кого е поведена постапката за утврдување на одговорност, во рок од осум дена од денот на приемот на одлуката. Согласно став 2 од истиот член, Советот за жалба е составен од девет члена од кои тројца судии на Врховниот суд на Република Северна Македонија, по еден судија од апелационите судови и двајца судии од судот од кој е судијата против кој е водена постапката. Членовите се бираат јавно по систем на ждрепка на општа седница на Врховен суд на Република Северна Македонија, односно седница на сите судии на односниот суд, најдоцна во рок од 10 дена од денот на приемот на жалбата. Според став 3 од истиот член, Советот за жалба најдоцна во рок од 30 дена од неговото формирање одлучува по жалбата, ценејќи ја законитоста на постапката. Со ставот 4 од истиот член се определува дека во случаите од ставот 3 на овој член, Советот за жалба може да го  потврди  или  да го  укине  решението на Советот во случај на груба повреда на одредбите за постапката за одговорност на судија или претседател на суд. Согласно ставот 5 од член 72, доколку Советот за жалба го укине решението, Советот ќе ја повтори постапката, задолжително  почитувајќи ги напатствијата од Советот за жалба и ќе донесе одлука и истата јавно ќе ја објави на својата веб страница (оспорен дел). Ставот 6 на истиот член определува дека против одлуката од ставот 5 не е дозволена жалба или тужба (оспорен дел).  А согласно ставот 7 на истиот член, претседателот на Врховниот суд на Република Северна Македонија и судија, односно претседател на суд, учесник во постапката пред Советот не можат да бидат членови на Советот за жалба од ставот 2 на овој член.

Законодавецот, почнувајќи од Законот за Судскиот совет на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.60/2006, 150/2010, 100/2011, 20/2015, 61/2015, 197/2017 и 83/2018), па сè до Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.102/2019), во повеќе наврати со измени и дополнувања барал соодветен баланс меѓу уставната поставеност на Судскиот совет и неговото право да одлучува за разрешување на претседател на суд или судија, со правото на жалба на разрешениот претседател на суд или судија, обезбедувањето на двостепеноста, но со варијации во интензитетот и обемот на правото на жалба односно на ефикасноста на правниот лек, и интензитетот и обемот на одлуката на второстепениот субјект. Притоа, ваквите варијации на законски решенија во периодот 2006 – 2019 година, овозможувале различна интерпретација од страна на субјектите кои ги применувале овие одредби со оглед дека не биле доволно јасни и прецизни, што впрочем и било причина за серија измени и дополнувања на конкретните законски одредби.

6. Тргнувајќи од анализата на уставните и законските одредби, според Судот, Судскиот совет на Република Северна Македонија е орган на судството, кој е самостоен и независен и кој ја обезбедува и ја гарантира самостојноста и независноста на судската власт, притоа Уставот определил каква е положбата на Судскиот совет, па оттука му е доверено овластувањето да одлучува за разрешувањето на судија или на претседател на суд. Судскиот совет исклучиво самиот одлучува за разрешување на судија или претседател на суд, а согласно овие одредби надлежноста на Советот за жалба е да ја разгледува законитоста на постапката која се води пред Судскиот совет.

Судската незвисност не е само природен дел на поимот судство туку негов есенцијален дел, и без судиска независност не може да постои судската власт. Во рамките на начелото на поделба на власта, кое е едно од темелните вредности, независноста на судството претставува суштински услов за владеење на правото, кое исто така е темелна вредност, императив на правниот поредок на секоја цивилизирана демократска и правна држава која се гради на почитување и заштита  на човековите слободи  и права, па во оваа насока и на слободите и правата на самите судии.

Целосно согледувајќи ги фактите, Судот утврди дека интенцијата на уставотворецот, била да ја обезбеди, да ја гарантира и да ја заштитува независноста на судството и на судиите како посебна власт, да го обезбеди уставниот статус и уставната положба, како и  надлежностите на Судскиот совет како независен орган. Притоа неспорно е дека законодавецот има уставно овластување со закон да ги доразработи, односно операционализира уставните одредби кои се однесуваат на Судскиот совет, како што тоа впрочем е сторено со донесување на Законот за Судскиот совет. Меѓу останатите надлежности, со Законот за Судски совет се определени и правилата на постапката според кои Судскиот совет ја обезбедува својата исклучива надлежност да утврди одговорност и да разреши судија или претседател на суд, но истовремено ја обезбедува и правната заштита односно правата и интересите на разрешениот судија или  претседател на суд. Законодавецот водел грижа за уставната гаранција за право на жалба или друг вид на правна заштита која се однесува на разрешен судија или претседател на суд, и истата да биде операционализирана и уредена со закон, односно со Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија. Во таа смисла законодавецот во функција на операционализација  на Амандманот XXI од Уставот, го креирал членот 72 од Законот за Судскиот совет во кој се содржани оспорените одредби со оваа иницијатива, односно член 72 став 5 во делот: „и истата јавно ќе ја објави на својата веб страница“ и ставот 6 од истиот член  „Против одлуката од ставот 5 не е дозволена жалба или тужба”.

Правото на жалба (и неговиот интензитет) произлегуваат од Амнадманот XXI од Уставот во околности на примена на уставното овластување дадено на Судскиот совет на Република Северна Македонија да одлучува за разрешување на судија или претседател на суд, претпоставува дека и пред тој орган на судството мора да се обезбеди право на реална и ефективна жалба и со тоа двостепеност на постапката, без притоа да се повреди уставното овластување на Судскиот совет да одлучува за разрешувањето на судија или претседател на суд.

Исто така, Уставниот суд во повеќе наврати ја анализирал суштината на Амандманот XXI од Уставот и го зазел ставот дека гаранцијата на правото на жалба утврдена во истиот, се однесува  само на одлука во прв степен пред суд, а правото на жалба против поединечни правни акти донесени во постапка пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања, на определен начин е релативизирана, односно не е веќе уставна гаранција како што било претходно, туку уставотворецот остава простор со закон да се уреди тоа право на жалба, како што е во случајот со оспорената одредба од член 72 став 6 од Законот.

Во контекст на наведеното, како и од значење за конкретниот предмет, Судот во предметот У.бр.137/2019 од 25.03.2021 година, веќе зазел став во однос на двостепеноста и ефективноста на правниот лек како жалба до Советот за жалба, кога имплицитно утврдил дека е задоволен уставниот Амндман XXI за двостепеност и правото на жалба. Судот оценил дека се овозможува правото на жалба на судија или претседател на суд кои се разрешени да се остварува во двостепена постапка, во втор степен да одлучува судски орган, одлуката на второстепениот орган да е задолжителна во рамките на законитоста на постапката спроведена од Судскиот совет, дека Советот за жалба може да ги опфати и прашањата поврзани со фактичката состојба и примената на материјалното право.

7. Од претходно извршената уставно-судска анализа, Судот утврди дека наводите во иницијативата со коишто подносителот укажува дека со оспорената одредба од член 72 став 5 во делот: „и истата јавно ќе ја објави на својата веб страница“ и ставот 6 од истиот член од Законот, на судијата, односно претседателот на суд му се ускратува правото на жалба, односно правото на ефективен правен лек, и со тоа се повредувал Амандман XXI од Уставот, се неосновани од следните причини:

а) Судот смета дека не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека со оспорената одредба од член 72 став 6 од Законот се повредува уставно гарантираното право на жалба од причина што во конкретниот случај законодавецот согласно уставно уредената положба на Судскиот совет и уставното овластвување од Амандман XXI точка 1 став 2 од Уставот, правото на жалба на разрешен судија или претседател на суд го уредил во Законот за Судскиот совет, и притоа во постапката е запазен принципот на двостепеност, го уредил интензитетот и ефектот на одлуката на второстепениот орган, и предвидел против одлуката на Судскиот совет во повторната постапка да не се дозволува жалба или тужба односно одлуката на Судскиот совет донесена во повторна постапка да биде конечна.

Според Судот, од суштествено значење е да се прави разлика меѓу материјалното уредување во Амандманот XXI точка 1 став 1 од Уставот, со кое се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд, гаранција која е уставна категорија и не е дозволено да се операционализира и доуредува со закон, vis a vis  уредувањето во точка 1 став 2 од истиот амандман според кое правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања е допуштено да се уредува со закон. Оттука, Судот оцени дека подносителот на иницијативата во своите наводи погрешно смета дека одлуката на Судскиот совет за разрешување на судија или претседател на суд е одлука на суд против која постои уставно загарантирано право на жалба, без да го има предвид уредувањето од Амандаман XXI точка 1 став 2 од Уставот.

б) Како дополнителен аргумент дека наводите на подносителот на иницијативата се неосновани, Судот го имаше предвид и фактот дека во текот на постапката пред Советот, Законот за Судскиот совет во одредбите од член 74, го воведува и го гарантира  правото на фер судење согласно Европската конвенција за заштита на човековите права и слободи, односно, во текот на постапката пред Советот, судијата или претседателот на судот против кој се води постапката има право на фер судење согласно со гаранциите утврдени во членот 6 од Европската конвенција за заштита на човековите права.

в) Подносителот, со претпоставка дека Уставниот суд ќе утврди неуставност на став 6 од член 72 од Законот, и условено и во корелација со таквата претпоставка бара и укинување на ставот 5 во делот: „и истата јавно ќе ја објави на својата веб страница“, како последица на евентуална одлука за укинување на Судот, но имајќи го предвид претходно заземениот став на Судот во однос на став 6 од член 72 од Законот, според кој истиот не може да се доведе под сомнение за несогласност со Амандман XXI од Уставот, Судот утврди дека таквите наводи и претпоставки во иницијативата се неосновани.

8. Од наведените причини, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од член 72 став 5 во делот: „и истата јавно ќе ја објави на својата веб страница“ и член 72 став 6 од Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија, со одредбите од Амандманот XXI од Уставот.

9. Што се однесува до наводот во иницијативата дека оспорените одредби од Законот не биле во согласност со членот 13 од Конвенцијата за заштита на човековите права, истиот претставува барање за оцена на оспорените законски одредби и од аспект на нивната согласност со наведената одредба од меѓународниот акт, што излегува надвор од уставно утврдените рамки на надлежности на Уставниот суд, имајќи го предвид уредувањето со членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, според кои Уставниот суд одлучува исклучиво за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

10. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

11. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

 

У.бр.42/2022
7 септември 2022 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска