Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Северна Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021) на седницата одржана на 13 јули 2022 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА член 3 став 1 во делот: „брачниот статус на сопружниците“ од Одлуката за доделување еднократна парична помош на семејствата со новороденче на подрачјето на Општина Ѓорче Петров во 2022 година („Службен гласник на Општина Ѓорче Петров“ бр.18/2021) донесена од Советот на Општина Ѓорче Петров.
2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
3. Уставниот суд на Република Северна Македонија, со Решение У.бр.26/2022 од 17 мај 2022 година, поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 3 став 1 во делот: „брачниот статус на сопружниците“ од Одлуката за доделување еднократна парична помош на семејствата со новороденче на подрачјето на Општина Ѓорче Петров во 2022 година („Службен гласник на Општина Ѓорче Петров“ бр.18/2021) донесена од Советот на Општина Ѓорче Петров, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Устав и закон.
4. Судот на седницата утврди дека Одлуката за доделување еднократна парична помош на семејствата со новороденче на подрачјето на Општина Ѓорче Петров во 2022 година, во член 3 став 1 предвидува:
„Еднократната парична помош ќе се доделува врз основа на поднесено барање од страна на семејствата, до Општина Ѓорче Петров, со уредно приложена документација на увид која ќе го потврди раѓањето на новиот член во семејството, брачниот статус на сопружниците, територијалната припадност (живеалиштето) на подрачјето на Општина Ѓорче Петров и трансакциска сметка на име на еден на родителите“.
5. Темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, како и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста, како што е предвидено во член 8 став 1 алинеи 1 и 8 од Уставот.
Евидентно од содржината на став 1 од членот 40 од Уставот, Републиката му обезбедува посебна грижа и заштита на семејството. Во ставот 2 од овој член од Уставот е предвидено дека правните односи во бракот, семејството и вонбрачната заедница се уредуваат со закон. Согласно ставот 3, родителите имаат право и должност да се грижат за издржување и воспитување на децата. Децата се должни да се грижат за старите и изнемоштени родители. Според ставот 4, Републиката им обезбедува посебна заштита на децата без родители и децата без родителска грижа.
Членот 41 од Уставот прецизно наведува дека право на човекот е слободно да одлучува за создавање на деца. Републиката, заради усогласен економски и социјален развој, води хумана популациона политика.
Еднаквоста во слободите и правата на граѓаните на Република Северна Македонија, независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, е гарантирана со член 9 од Уставот. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Членот 25 од Уставот децидно утврдува дека на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.
Во член 54 став 1 од Уставот, е утврдено дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот. Во ставот 2 на овој член се утврдува дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот, а според ставот 3 на овој член, ограничувањето не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално и социјално потекло, имотна и општествена положба.
Од наведените уставни одредби произлегува дека со нив се гарантираат и заштитуваат основните лични слободи и права коишто се однесуваат на приватната сфера на човековиот живот. Овој вид на слободи и права на соодветен начин произлегуваат и се признати и во меѓународното право. Така, меѓу правата гарантирани со член 8 став 1 и став 2 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи, е правото на почитување на приватност и семејниот живот и овие права може да се ограничуваат во согласност со закон доколку е тоа неопходно во едно демократско општество во интерес на националната безбедност, јавната сигурност, здравјето или моралот или за заштита на правата и слободите на другите.
Членот 14 од наведената конвенција предвидува дека уживањето на правата и слободите признати со оваа конвенција треба да се обезбеди без никаква дискриминација заснована врз пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, политичко или кое и да е друго мислење, национално или социјално потекло, припадност на национално малцинство, материјална положба, потекло по раѓање или кој и да е друг статус.
Според член 2 од Законот за семејство („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/1992, 9/1996, 38/2004, 33/2006, 84/2008, 67/2010, 156/2010, 39/2012, 44/2012, 38/2014, 115/2014, 104/2015, 150/2015 и 53/2021), семејството е животна заедница на родителите и деца и други роднини, ако живеат во заедничко домаќинство. Семејството настанува со раѓање на деца и со посвојување.
Поаѓајќи од погоре наведеното, произлегува дека родителството и семејството е поврзано со раѓањето на дете, без оглед на статусот на брачна или вонбрачна заедница на родителите на новороденото дете. Отсуството на формален документ – уверение од матичната книга на венчаните, при поднесување на барање за доделување на еднократна парична помош на семејството со новороденче, не може да биде причина за ограничување на остварување на ова право, бидејќи ова право е во суштинска врска со новороденото дете и семејството на тоа дете, а не со брачниот статус на родителите. Оттука, не постои оправдување за регулирање на норма во оспорената одлука, која брачниот статус на родителите на новороденото дете го условува за добивање на надоместокот, при што се дискриминираат и се врши поделба на новородени деца во и вон брачна заедница на неговите родители.
Законот за спречување и заштита од дискриминација („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.258/2020), во член 5 определил дека се забранува секоја дискриминација врз основа на раса, боја на кожа, потекло на национална или етничка припадност, пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет, припадност на маргинализирана група, јазик, државјанство, социјално потекло, образование, религија или верско уверување, политичко уверување, друго уверување, попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, лично својство и општествен статус или која било друга основа (дискриминаторска основа).
Со член 3 став 1 во делот: „брачниот статус на сопружниците“ од Одлуката за доделување еднократна парична помош на семејствата со новороденче на подрачјето на Општина Ѓорче Петров во 2022 година се уредува, барателот меѓу другото кон барањето за добивање на паричната помош, да го достави документот за брачниот статус на сопружниците на новороденото дете, со што се повредуваат уставно утврдените права и слободи загарантирани со Уставот и законските определби дека грижата и заштитата на правата на детето не може да биде условена со поделба по дискриминаторска основа во врска со брачната состојба на родителите на новороденото дете.
Од овие причини, Судот утврди дека оспорениот дел од член 3 став 1 од Одлуката не е во согласност со нормите од Уставот и законите кои се погоре наведени.
6. Тргнувајќи од погоре наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.
У.бр.26/2022
13.07.2022 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска