У.бр.41/2022

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 29 јуни 2022 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 57 став 3 во делот: „или е под суспензија или е укинат“ од Законот за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.32/2020).

2. Кристина Бачовска Синколи преку адвокатот Роберт Бачовски Синколи од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на член 57 став 3 во делот „или е под суспензија или е укинат“ од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите од подносителот на иницијативата, оспорениот дел од член 57 став 3 во делот: „или е под суспензија или е укинат“ од Законот за урбанистичко планирање не бил во согласност со член 8 став 1 алинеи 1, 3, 6 и 10, член 30 ставови 1 и 3, член 51 став 1 и член 54 од Уставот на Република Северна Македонија.

3. Судот на седницата, утврди дека во оспорениот член 57 став 3 од Законот за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.32/2020), е предвидено дека: по доставеното барање за добивање на извод од урбанистички план, надлежниот орган на донесувачот на планот е должен во рок од десет работни дена, во електронска или во писмена форма, во зависност од начинот на кој е поднесено барањето, да го издаде изводот или да достави известување дека за предметниот опфат не е донесен урбанистички план или е под суспензија или е укинат.

4. Согласно член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Судот, по претходно поднесената иницијатива, веќе одлучувал за уставноста на член 57 став 3 во делот: „или е под суспензија или е укинат“ од Законот за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.32/2020), каде што со Решение У.бр.62/2021 од 20 октомври 2021 година не повел постапка за оценување на неговата уставност, односно одлучил дека истиот е во согласност со Уставот на Република Северна Македонија.

Имено, во образложението на наведеното решение, во однос на член 57 став 3 од Законот за урбанистичко планирање, Судот укажал дека законското решение е токму во правец на заштита на владеењето на правото и правната сигурност како негов елемент од причина што со истото се дава можност за корекција на настанати грешки во планирањето, можност да се заштити јавниот интерес, усогласување со план од повисоко ниво или пак да се спречи настанување на поголема штета.

Имајќи предвид дека наводите од предметната иницијатива не се основа за поинакво одлучување, како и тоа дека Судот во постапката по предметот У.бр.62/2021 веќе одлучувал за истата работа, Судот утврди дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.41/2022
29 јуни 2022 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска