У.бр.40/2022

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019, 256/2020 и 65/2021) на седницата одржана на 22.06.2022 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за систематизација на работните места во ЈУ Меѓуопштински центар за социјалнa работa во Штип, бр.01-754/1 од 25 јуни 2019 година, односно точка 2 реден број 11 и точка 3 реден број 18 од Табеларниот приказ на работните места во ЈУМЦСР Штип, со кој се утврдени посебните услови за работните места: раководител на службата за права на парична помош и раководител на службата за услуги од социјална заштита.

2. Сузана Цветкова од Штип, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 на ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорените одредби од Правилникот за систематизација на работните места во ЈУ Меѓуопштински центар за социјалнa работa во Штип, бр.01-754/1 од 25 јуни 2019 година, биле во спротивност со член 23 и член 32 од Уставот, член 6 став 2 алинеја 1, член 7 ставови 1 и 2, член 7 став 4 точки 1 и 2 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 62/05, 106/08, 161/08,114/09, 130/09, 50/10, 52/10, 124/10, 47/11, 11/12, 39/12, 13/13, 25/13, 170/13, 187/13, 113/14, 20/15, 33/15, 72/15, 129/15, 27/16, 120/18, „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 110/19, 267/20, 151/21, 288/21), член 2, член 3 став 2 алинеја 1 и член 8 став 1 од Законот за спречување и заштита од дискриминација („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 258/20) како и во спротивност со член 194 став 1 алинеја 1 и член 197 став 2 алинеја 1 од Законот за социјалната заштита („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 104/19, 146/19, 275/19, 302/20, 311/20, 163/21, 294/21, 99/22) и ја цитира содржината на наведените уставни и законски одредби.

Со оглед на итноста и сериозноста на ова правно прашање, во иницијативата е истакнато посебно барање за изрекување времена мерка по член 27 од Деловникот на Уставниот суд – Судот да донесе привремено решение за запирање на постапката за вработување на раководителите на службите за права на парична помош и услуги од социјална заштита, до произнесување по наводите во оваа иницијатива од страна на Судот.

Во образложението на иницијативата се наведуваат причините за истата.

I. Во Правилникот за систематизација на работните места во ЈУ Меѓуопштински центар за социјалнa работa во Штип, бр.01-754/1 од 25 јуни 2019 година во глава V каде што е даден табеларен приказ на работните места во ЈУМЦСР Штип во точка 2, Служба за права од парична помош, под реден број 11 е предвидено работно место: раководител на службата за права на парична помош, со вид на образование: социјална работа и социјална политика, како и правни науки.

Доносителот на Правилникот за систематизација, од вкупно предвидените стручни профили кои се наведени во член 194 став 1 алинеја 1 од Законот за социјална заштита кој гласи: „Стручните работи во установата за социјална заштита, во зависност од видот на работата, ги вршат стручни работници:- со високо образование: дипломиран социјален работник, правник, дипломиран по јавна администрација/јавен менаџмент, психолог, педагог, дефектолог/специјален едукатор и рехабилитатор, социолог, економист, андрагог, логопед, лекар, специјален педагог за превенција и ресоцијализација, здравствен работник, воспитувач, стручњак по родова проблематика, семејнолог” и член 197 став 1 и став 2 алинеја 1 од истиот закон, кој гласи: „Вработените во јавните установи за социјална заштита кои вршат работи од дејноста на социјалната заштита, имаат статус на даватели на јавни услуги во дејноста социјална заштита и за нив се применуваат одредбите од овој закон, одредбите од Законот за вработените во јавниот сектор и општите прописи за работни односи. За вработените од ставот 1 на овој член се утврдуваат следните категории на работни места: – Категорија А стручни (дипломиран социјален работник, психолог, андрагог, педагог, правник, економист, лекар, дефектолог, логопед, специјален педагог за превенција и ресоцијализација и социолог, здравствен работник, воспитувач и други) -ниво А1 раководител на служба во јавните установи за социјална заштита…” предвидува за раководител на службата за права на парична помош само два, односно само стручните профили социјална работа и политика и правник.

Можноста да конкурираат за раководно место само одредени стручни профили ги ставало во подредена, дискриминаторска позиција останатите вработувања со други образовни и стручни профили. Стручните профили, односно стручните работници кои наводно биле дискриминирани во однос на правото да конкурираат за раководител на службата за права на парична помош се: педагог, психолог, дефектолог, социолог, економист и логопед. Овие образовни профили биле предвидени во Правилникот за систематизација како стручни работници, меѓутоа истите не биле предвидени како стручни профили за раководно место во ЈУМЦСР Штип.

II. Во Правилникот за систематизација на работните места во ЈУ Меѓуопштински центар за социјалнa работa во Штип, бр.01-754/1 од 25 јуни 2019 година во глава V каде што е даден табеларен приказ на работните места во ЈУМЦСР Штип во точка 3, Служба за услуги од социјална заштита, под реден број 18 е предвидено работно место: раководител на службата за услуги од социјална заштита, вид на образование: социјална работа и социјална политика, педагогија и психологија.

Според подносителот на иницијативата, доносителот на Правилникот за систематизација од вкупно предвидените стручни профили кои се предвидени согласно погоре цитираните членови 194 и 197 од Законот за социјална заштита, предвидува за раководител на службата за услуги од социјалната заштита само три стручни профили и тоа: социјална работа и политика, педагогија и психологија.

Можноста да конкурираат за раководно место само одредени образовни профили ги ставало во подредена дискриминаторска позиција останатите вработувања со други образовни профили, чие образование било предвидено во Правилникот за систематизација и кои веќе биле вработени во ЈУМЦСР Штип. Стручните работници кои биле наводно дискриминирани во однос на правото да конкурираат за раководител на службата за услуги од социјална заштита се: правник, дефектолог, социолог, економист и логопед. Овие образовни профили биле предвидени во Правилникот за систематизација како стручни работници, меѓутоа истите не биле предвидени како стручни профили за раководно место во ЈУМЦСР Штип.

Подносителот на иницијативата смета дека вака утврдените услови во делот на видот на образование, предвидени во точка 2 реден број 11 и точка 3 реден број 18 се противуставни и во спротивност со член 23 и член 32 став 2 од Уставот со кој се утврдува дека секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавните функции, односно секому под еднакви услови му е достапно секое работно место.

Во натамошниот текст на иницијативата, подносителот смета дека се повредени и: член 6 став 2 алинеја 1 од Законот за работни односи: „На жените и мажите мораат да им бидат обезбедени еднакви можности и еднаков третман во врска со: пристап до вработување, вклучувајќи унапредување и стручна и професионална обука во работата;” како и член 7 ставови 1 и 2, став 4 точка 1 и 2 од Законот за работни односи: „(1) Забраната на директна или индиректна дискриминација во случаите од член 6 на овој закон се однесува на дискриминација на кандидатот за вработување и на работникот; (2) Директна дискриминација, во смисла на ставот (1) од овој член, е секое постапување условувано со некои од основите од членот 6 на овој закон со кое лицето било ставено, се става, или би можело да биде ставено во понеповолна положба од други лица во споредбени случаи; (4) Дискриминацијата, во смисла на членот 6 од овој закон, кај работодавачот е забранета во однос на: 1) условите за вработување, вклучувајќи ги и критериумите и условите за избор на кандидати за вршење на определена работа, во која било гранка односно оддел, согласно со Националната класификација на дејности и на сите нивоа на професионална хиерархија; 2) напредувањето во работата.”

Оспорените точки од Правилникот, исто така, биле во спротивност со одредби од Законот за спречување и заштита од дискриминација („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 258/20) и тоа со член 2: „Цел на овој закон е обезбедување на принципот на еднаквост и спречување и заштита од дискриминација во остварување на човековите права и слободи”, понатаму со член 3 став 2 алинеја 1: „Овој закон се применува од страна на сите државни органи, органи на единиците на локалната самоуправа, правни лица со јавни овластувања и сите други правни и физички лица во областа на: 1) работата и работните односи;” и член 8 став 1: „Директна дискриминација постои кога со едно лице или со група се постапува, се постапувало или би се постапувало понеповолно во однос на друго лице или група во фактичка или можна споредлива или слична ситуација, врз дискриминаторска основа.”

Подносителот на иницијативата, му предлага на Уставниот суд точка 2 реден број 11 и точка 3 реден број 18 од Правилникот да се дополнат во делот на видот на образование со сите наброени образовни профили од членовите 194 и 197 од Законот за социјалната заштита („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 104/19, 146/19, 275/19, 302/20, 311/20, 163/21, 294/21, 99/22).

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот акт е со следната содржина:

Правилникот е донесен врз основа на член 17 став 7 од Законот за вработените во јавниот сектор („Службен весник на Република Македонија бр.27/2014 и 199/2014), член 184 став 1 алинеја 2 од Законот за социјалната заштита („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 104/19) и член 15 став 1 алинеја 2 од Статутот на ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа Штип, на седница на Управниот одбор на ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа Штип, одржана на ден 25 јуни 2019 година.

Правилникот содржи 22 члена кои се распоредени во главите: I.Основни одредби, II. Распоред и опис на работните места на јавните службеници, III. Распоред на работните места на давателите на јавните услуги, IV. Распоред и опис на работните места на помошно-техничките лица, V. Табеларен приказ на работните места во ЈУМЦСР Штип и VI. Преодни и завршни одредби.

Оспорените одредби се во глава V. Табеларен приказ на работните места во ЈУМЦСР Штип и тоа:
(точка 2) Служба за права од парична помош, реден број 11, назив на работно место: Раководител на служба за права на парична помош, звање на работно место: Раководен стручен службеник од прво ниво, вид на образование: Социјална работа и социјална политика, Правни науки (оспорен дел), и
(точка 3) Служба за услуги од социјална заштита, реден број 18, назив на работно место: Раководител на служба за услуги од социјална заштита, звање на работно место: Раководен службеник од прво ниво, вид на образование: Социјална работа и социјална политика, Педагогија, Психологија (оспорен дел).

4. Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите, како што е прецизно наведено во член 110 од Уставот на Република Северна Македонија.

Видно од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Со доставената иницијатива се бара оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за систематизација на работните места во ЈУ Меѓуопштински центар за социјалнa работa во Штип, бр. 01-754/1 од 25 јуни 2019 година, односно точка 2 реден број 11 и точка 3 реден број 18 од Табеларниот приказ на работните места во ЈУМЦСР Штип, во кои е утврден видот на образование за работните места: раководител на службата за права на парична помош и раководител на службата за услуги од социјална заштита.

Имајќи ги предвид уставно пропишаните надлежности на Уставниот суд, наспроти содржината на оспорениот акт, Судот оцени дека не е надлежен да постапува по барањето изнесено во иницијативата.

Постапувајќи по член 27 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд утврди дека не се исполнети условите да донесе привремено решение за запирање на постапката за вработување на раководителите на службите за права на парична помош и услуги од социјална заштита, до произнесување по наводите во оваа иницијатива од страна на Судот.

Поаѓајќи од правните елементи коишто го определуваат прописот во смисла на член 110 од Уставот, а според кои тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите на општ начин и да се однесува на неопределен број на субјекти во правото, произлегува дека оспорените: точка 2 реден број 11 и точка 3 реден број 18 од Правилникот за систематизација на работните места во Јавната установа Меѓуопштински центар за социјална работа од Штип бр. 01-754/1 од 25 јуни 2019 година, претставува интерен акт за систематизација на работните места во јавната установа, поради што нема карактер на пропис во смисла на изнесената уставна одредба и не е подобен за уставно-судска оцена.

Имајќи ја предвид наведената уставно-судска анализа, Судот утврди дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата, поради ненадлежност на Судот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.40/2022
22.06.2022 год.
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска