Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 17 мај 2022 година, донесе:
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на законитоста на:
– Решение на Основниот граѓански суд во Скопје IВПП 1 бр.93/21 од 23.12.2021 година, со кое „СЕ КОНСТАТИРА ПОВЛЕКУВАЊЕ на предлогот поднесен од предлагачот Божана Талеска од Скопје, застапувана од полномошник Маја Талеска од Скопје – нејзина ќерка, против противниците Игор Талески од Скопје, Рубинчо Талески од Скопје и Ленка Филиповска од Скопје, за физичка делба на недвижност.“
– Решение на Основниот граѓански суд во Скопје IВПП 1 бр.93/21 од 10.03.2022 година, со кое „Предлогот на предлагачот Божана Талеска од Скопје застапувана од полномошник Маја Талеска од Скопје – нејзина ќерка за повторување на постапката IВПП1 бр.93/21 завршена со Решение на Основниот граѓански суд Скопје, IВПП1 93/21 од 23.12.2021 година, огласено за правосилно на ден 08.02.2022 година и за извршно на 24.02.2022 година, СЕ ОТФРЛА КАКО НЕДОЗВОЛЕН.“
2. Божана Талеска од Скопје, преку полномошникот Маја Талеска од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за оценување на законитоста на Решението I ВПП 1 бр.93/21 од 23.12.2021 година и Решението I ВПП 1 бр.93/21 од 10.03.2022 година, двете донесени од страна на Основниот граѓански суд во Скопје.
Според наводите на иницијативата, оспорените решенија, биле во спротивност со Законот за парничната постапка, Законот за вонпарничната постапка како и со Кривичниот законик.
При давањето причини за оспорувањето во однос на Решението IВПП 1 бр.93/21 од 23.12.2021 година, се наведува дека истото е незаконито во делот каде се пресметани трошоците во постапката, со кои се задолжува предлагачот Божана Талеска, да исплати трошоци пресметани по побарување на адвокатот Златка Денковска во износ од 40.040,00 денари.
Со иницијативата се оспорува законитоста и на Решението IВПП 1 бр.93/21 од 10.03.2022 година, поради погрешно утврдена фактичка состојба при пресметка на трошоците поднесени од адвокат Златка Денковска и вкупен износ на трошоци утврдени со Решението IВПП 1 бр.93/21 од 23.12.2021 година, суштествени повреди на Законот за парнична постапка и Законот за вонпарнична постапка поради недоставување на писмени поднесоци до полномошникот на предлагачот Божана Талеска – адвокат Маја Талеска и суштествена повреда на член 392 ставови 1 и 5 од Законот за парнична постапка, поради донесено решение на судија врз основа на невистинита содржина на писмен документ за пресметани трошоци за застапување наведени во адвокатски трошковник и доставени до судот од страна на адвокатот Златка Денковска.
Во однос на оспорената законитост на решенијата, во иницијативата се наведува дека со истите е направена повреда не само на Законот за парнична постапка и Законот за вонпарнична постапка туку и на членовите 247 и 280 од Законот за кривична постапка.
Имено, предлагачот преку полномошникот Маја Талеска од Скопје, до Основниот граѓански суд Скопје, поднел барање за физичка делба против тројца противници Ленка Филиповска, Игор Талески и Рубин Талески, сите од Скопје. Судот постапувајќи по поднесеното барање закажал и одржал рочиште на ден 10.11.2021 година, без главна расправа, поради отсуство на противниците Игор Талески и Рубин Талески, за кои судот констатирал дека немаат уредни покани. На рочиштето била присутна адвокат Златка Денковска – полномошник на Ленка Филиповска за која подносителот смета дека немала уредно полномошно.
Полномошникот на предлагачот побарал изземање на судијата, кое било одбиено со Решение на Основен граѓански суд Скопје, после што полномошникот на предлагачот побарал повлекување на барањето за физичка делба.
Судот со решение IВПП 1 бр.93/21 од 23.12.2021 година, констатирал повлекување на предлогот за физичка делба за недвижност и со истото решение го задолжил предлагачот да ги надомести трошоците на противниците во вкупен износ од 40.040,00 денари.
Со иницијативата се оспорува износот на досудените трошоци во решението како нереален, од причина што адвокат Златка Денковска, до судот, доставила трошковник за застапување на тројцата противници, иако на записник ја застапувала само Ленка Филиповска, за која предлагачот и полномошникот тврдат дека не добиле уредно полномошно и поднесок со предјавени трошоци, како доказен материјал неопходен за изјавување жалба до повисокиот суд, со што сметаат дека е сторена повреда на Законот за парнична постапка. По поднесената претставка до Основен граѓански суд, полномошникот на предлагачот добил достава на писмен поднесок, со прилог адвокатски трошковник со баран износ на трошоци во висина од 65.520,00 денари.
Поради наведените околности, полномошникот на предлагачот смета дека судот ги повредил одредбите од Законот за парнична постапка со недоставување на писмените докази, врз основа на кои навремено би била поднесена жалба до непосредно повисокиот суд, кој во жалбена постапка би утврдил дека досудените трошоци се нереални и донесени врз основа на лажирани документи доставени од адвокатско друштво и фиктивни трошоци поднесени до судот за застапување на противници Игор Талески и Рубин Талески.
Полномошникот на предлагачот, во законски предвидениот рок за право на жалба, не го обжалил решението до Апелациониот суд во Скопје, туку поднел барање за повторување на постапка по Решението од 23.12.2021 година, по кое судот донел Решение IВПП 1 бр.93/21 од 10.03.2022 година, со кое предлогот го отфрла како недозволен. Ова решение, полномошникот на предлагачот на ден 21.03.2022 година, го обжалил и во тек била жалбена постапка пред Апелациониот суд во Скопје.
На крајот во иницијативата, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на законитост на оспорените решенија, и да го поништи решението IВПП 1 бр.93/21 од 23.12.2021 година во делот за досудени трошоци во постапката.
3. Судот на седницата утврди дека со Решението I ВПП 1 бр.93/21 од 23.12.2021 година, донесено од страна на Основниот граѓански суд во Скопје:
„СЕ КОНСТАТИРА ПОВЛЕКУВАЊЕ на предлогот поднесен од предлагачот Божана Талеска од Скопје, застапувана од полномошник Маја Талеска од Скопје – нејзина ќерка, против противниците Игор Талески од Скопје, Рубинчо Талески од Скопје и Ленка Филиповска од Скопје, за физичка делба на недвижност.
СЕ ЗАДОЛЖУВА предлагачот Божана Талеска од Скопје да им ги надомести на противниците Игор Талески од Скопје, Рубинчо Талески од Скопје и Ленка Филиповска од Скопје, трошоците во постапката во вкупен износ од 40.040,00 денари, во рок од 15 дена по правосилноста на решението под закана на присилно извршување. Поголемото барање за надомест на трошоци во постапката за разликата од досудениот износ од 40.040,00 денари, до бараниот износ од 65.520,00 денари, СЕ ОДБИВА КАКО НЕОСНОВАНО“.
Во образложенито на решението се наведува дека предлагачот Божана Талеска од судот на ден 16.06.2021 година, преку полномошникот Маја Талеска – нејзина ќерка, поднел предлог за физичка делба на недвижен имот против противниците Игор Талески, Рубинчо Талески и Ленка Филиповска, сите од Скопје.
Предлагачот, преку полномошникот, со поднесок од 07.12.2021 година, го повлекол предлогот за физичка делба против Игор Талески, Рубинчо Талески и Ленка Филиповска, сите од Скопје.
Противниците преку полномошникот Златка Денковска, адвокат од Скопје, со поднесок од 22.12.2021 година, изјавиле дека се согласуваат со повлекувањето на предлогот за физичка делба и предјавиле трошоци во висина од 65.520,00 денари.
Поголемото барање за трошоците на постапката за разликата од досудениот износ од 40.040,00 денари до побараниот износ од 65.520,00 денари судот го одбил како неосновано:
– Судот на седницата утврди дека со Решението на Основниот граѓански суд во Скопје I ВПП 1 бр.93/21 од 10.03.2022 година, со кое „Предлогот на предлагачот Божана Талеска од Скопје застапувана од полномошник Маја Талеска од Скопје – нејзина ќерка за повторување на постапката I ВПП1 бр.93/21 завршена со Решение на Основниот граѓански суд Скопје, IВПП1 93/21 од 23.12.2021 година, огласено за правосилно на ден 08.02.2022 година и за извршно на 24.02.2022 година, СЕ ОТФРЛА КАКО НЕДОЗВОЛЕН.“
Во образложението на Решението се наведува дека полномошникот на предлагачот Божана Талеска од Скопје, Маја Талеска од Скопје – нејзина ќерка, до судот доставил предлог за повторување на постапката завршена со Решение на Основниот граѓански суд Скопје, IВПП 1 бр.93/21 од 23.12.2022 година, огласено за правосилно на ден 08.02.2022 година и извршно на ден 24.02.2022 година. Во предлогот било наведено дека по предметното решение не вложиле жалба до Апелациониот суд во Скопје во законски предвидениот рок за жалба од 15 дена, од причина што се обидувале преку соодветни институции, да дојдат до реалниот износ на трошоците на противниците во постапката, за кои сметале дека се нереални побарани трошоци од страна на адвокатот Златка Денковска.
Полноношникот на предлагачот, во барањето навел дека располага со нов доказ – поднесок од адвокатот Златка Денковска од 22.12.2021 година, кој на ден 16.02.2022 година и бил доставен од Основен граѓански суд по поднесена претставка, во кој биле наведени адвокатските трошоци по ставки за предметното решение. Во побараните трошоци од ставка 1 од трошковникот, биле наведени трошоци за застапување на тројца противници за рочиште одржано на ден 10.11.2021 година, за кои полномошникот на предлагачот сметал дека биле нереални, од причина што адвокатот Златка Денковска имала полномошно за застапување само за противникот Ленка Филиповска, но истото го немала приложено, додека останатите двајца противници не биле присутни на рочиштето и на записник било констатирано дека истите не биле уредно поканети.
Понатаму во образложението на решението се наведува дека судот извршил увид во списите на предметот IВПП 1 бр.93/21 и утврдил дека не биле исполнети условите од член 392 став 1 точка 9 од Законот за парнична постапка, за повторување на постапката што со одлука на судот била завршена правосилно.
Полномошникот на предлагачот, на ден 07.12.2021 година, извршил повлекување на предлогот за физичка делба на недвижен имот против противниците Игор Талески, Рубинчо Талески и Ленка Филиповска, сите од Скопје. Судот со правосилно и извршно решение констатирал повлекување на предлогот за физичка делба на недвижен имот и го задолжил предлагачот да ги надомести трошоците на постапката на противниците. Согласно законските одредби, судот во наведеното решение дал правна поука по однос на вложување на правен лек до второстепен суд во рок од 15 дена од приемот на решението. Полномошникот на предлагачот Маја Талеска – ќерка на предлагачот, предметното решение го примил на ден 14.01.2022 година, што било видно од судската повратница за лична достава, но како полномошник на предлагачот во дадениот рок за поднесување жалба против решението, не поднел жалба на истото и покрај тоа што биле запознаени со донесената одлука и во делот на трошоците, кои во образложението на решението од страна на судот било дадено детално образложение по однос на досудените трошоци како основани и трошоците кои се одбиени како неосновани, согласно Адвокатската тарифа на Република Северна Македонија.
Судот утврдил дека не се работи за нов доказ кој полномошникот на предлагачот, Маја Талеска од Скопје без своја вина не можел да го изнесе во поранешната постапка, пред да биде правосилно завршена, бидејќи бил присутен во текот на постапката, го примил предметното решение и бил запознаен со одлуката на судот и по однос на трошоците за кои судот дал образложение, бил запознаен со правната поука по однос на правото на вложување на жалба против решението, како и со дадениот рок за поднесување на жалба.
4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.
Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Тргнувајќи од наведените уставни и деловнички одредби, од наводите во иницијативата како и содржината на оспорените решенија, во конкретниот случај по однос на барањето во суштина, произлегува дека од Уставниот суд се бара оценка на примена на законите, односно оценка на законитоста на судски решенија IВПП 1 бр.93/21 од 23.12.2021 година и IВПП 1 бр.93/21 од 10.03.2022 година, донесени од страна на Основниот граѓански суд во Скопје. Имајќи ја предвид содржината на оспорените решенија, Уставниот суд не е надлежен да одлучува за примена на законите и другите прописи од страна на судовите и да се впушти во оцена на основаноста на наводите за суштествени повреди на одредбите од Законот за парничната постапка, Законот за вонпарничната постапка, погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба и погрешна примена на материјалното право.
Согласно член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, оспорените решенија не се пропис во смисла на наведениот член, туку се поединечни, односно конкретни акти, кои уредуваат права и обврски на конкретно лице и истите не се подобни за уставно-судска оцена, поради што, Уставниот суд не е надлежен да ја оценува нивната законитост, со што се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Судот за отфрлање на иницијативата.
5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.
У.бр.29/2022
17 мај 2022 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска