У.бр.26/2022

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021) на седницата одржана на 17 мај 2022 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценка на уставноста и законитоста на член 3 став 1 во делот: „брачниот статус на сопружниците“ од Одлуката за доделување еднократна парична помош на семејствата со новороденче на подрачјето на Општина Ѓорче Петров во 2022 година („Службен гласник на Општина Ѓорче Петров“ бр.18/2021) донесена од Советот на Општина Ѓорче Петров.

2. Денис Димовски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценка на уставноста и законитоста на член 3 став 1 во делот: „брачниот статус на сопружниците“ од Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорениот дел од членот 3 на Одлуката, кој гласи: „брачниот статус на сопружниците“, упатува на потребата кон барањето за доделување на еднократна парична помош на семејството со новороденче од подрачјето на Општината Ѓорче Петров, меѓу другите документи кои се набројани во членот 3, барателот да поднесе и документ за „брачниот статус на сопружниците“, меѓутоа во тој дел членот 3 од Одлуката е дискриминаторски, незаконит и неуставен. Ова поради тоа што за состојбата на брачниот статус на апликантите воопшто не треба да се доставува доказ, односно документ, со оглед на тоа што брачната и вонбрачната заедница е небитна кога се работи за новороденче и правото да се додели еднократна парична помош за неговото раѓање. Со оспорениот дел од членот 3 на Одлуката се доведуваат во нерамноправна положба брачните и вонбрачните семејства, бидејќи за оние кои немаат документ за статусот на брачна заедница не им се дава паричната помош за новороденче или во пракса се бара изјава дека се работи за самохран родител што е невистинито, кога се работи за вонбрачна семејна заедница каде родителите не склучиле брак, а се во заедница.

Оспорениот дел од членот 3 од Одлуката не е во согласност со одредбите од членовите 40, 41 и 34 од Уставот, исто така не е во согласност со Законот за спречување и заштита од дискриминација во однос на дискриминација по основ на семејна или брачна состојба и спречување и заштита од дискриминација во остварувањето на правата загарантирани со Уставот и ратификуваните меѓународни договори. Во иницијативата се укажува дека Уставот со наведените одредби утврдил заштита на семејството и ја идентификува вонбрачната заедница на исто ниво со брачната заедница, дава посебна грижа и заштита на семејството без разлика дали семејството се наоѓа во брачна или во вонбрачна заедница бидејќи тоа е производ и на брачна и на вонбрачна заедница, уредено и со Законот за семејство.

Од овие причини се предлага Судот да поведе постапка за оценка на уставноста и законитоста на оспорениот дел од членот 3 од Одлуката.

3. Судот на седницата утврди дека Одлуката за доделување еднократна парична помош на семејствата со новороденче на подрачјето на Општина Ѓорче Петров во 2022 година, во член 3 став 1 предвидува:

„Еднократната парична помош ќе се доделува врз основа на поднесено барање од страна на семејствата, до Општина Ѓорче Петров, со уредно приложена документација на увид која ќе го потврди раѓањето на новиот член во семејството, брачниот статус на сопружниците, територијалната припадност (живеалиштето) на подрачјето на Општина Ѓорче Петров и трансакциска сметка на име на еден на родителите“.

4. Согласно член 8 став 1 алинеи 1 и 8 од Уставот, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, како и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста.

Согласно член 40 од Уставот, Републиката му обезбедува посебна грижа и заштита на семејството (став 1). Правните односи во бракот, семејството и вонбрачната заедница се уредуваат со закон (став 2). Родителите имаат право и должност да се грижат за издржување и воспитување на децата. Децата се должни да се грижат за старите и изнемоштени родители (став 3). Републиката им обезбедува посебна заштита на децата без родители и децата без родителска грижа (став 4).

Според членот 41 од Уставот, право на човекот е слободно да одлучува за создавање на деца (став 1). Републиката, заради усогласен економски и социјален развој, води хумана популациона политика (став 2).

Со членот 9 од Уставот е утврдено дека граѓаните во Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба (став 1). Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви (став 2).

Со членот 25 од Уставот е утврдено дека на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.

Во член 54 став 1 од Уставот, е утврдено дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот. Во ставот 2 на овој член се утврдува дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот, а според ставот 3 на овој член, ограничувањето не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално и социјално потекло, имотна и општествена положба.

Од наведените уставни одредби произлегува дека со нив се гарантираат и заштитуваат основните лични слободи и права коишто се однесуваат на приватната сфера на човековиот живот. Овој вид на слободи и права на соодветен начин произлегуваат и се признати и во меѓународното право. Така, меѓу правата гарантирани со член 8 став 1 и став 2 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи, е правото на почитување на приватност и семејниот живот и овие права може да се ограничуваат во согласност со закон доколку е тоа неопходно во едно демократско општество во интерес на националната безбедност, јавната сигурност, здравјето или моралот или за заштита на правата и слободите на другите.

Членот 14 од наведената конвенција предвидува дека уживањето на правата и слободите признати со оваа конвенција треба да се обезбеди без никаква дискриминација заснована врз пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, политичко или кое и да е друго мислење, национално или социјално потекло, припадност на национално малцинство, материјална положба, потекло по раѓање или кој и да е друг статус.

Според член 2 од Законот за семејство („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/1992, 9/1996, 38/2004, 33/2006, 84/2008, 67/2010, 156/2010, 39/2012, 44/2012, 38/2014, 115/2014, 104/2015, 150/2015 и 53/2021), семејството е животна заедница на родителите и деца и други роднини, ако живеат во заедничко домаќинство. Семејството настанува со раѓање на деца и со посвојување.

Поаѓајќи од погоре наведеното, произлегува дека родителството и семејството е поврзано со раѓањето на дете, без оглед на статусот на брачна или вонбрачна заедница на родителите на новороденото дете. Отсуството на формален документ – уверение од матичната книга на венчаните, при поднесување на барање за доделување на еднократна парична помош на семејството со новороденче, не може да биде причина за ограничување на остварување на ова право, бидејќи ова право е во суштинска врска со новороденото дете и семејството на тоа дете, а не со брачниот статус на родителите. Оттука, не постои оправдување за регулирање на норма во оспорената одлука, која брачниот статус на родителите на новороденото дете го условува за добивање на надоместокот, при што се дискриминираат и се врши поделба на новородени деца во и вон брачна заедница на неговите родители.

Законот за спречување и заштита од дискриминација („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.258/2020), во член 5 определил дека се забранува секоја дискриминација врз основа на раса, боја на кожа, потекло на национална или етничка припадност, пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет, припадност на маргинализирана група, јазик, државјанство, социјално потекло, образование, религија или верско уверување, политичко уверување, друго уверување, попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, лично својство и општествен статус или која било друга основа (дискриминаторска основа).

Со член 3 став 1 во делот: „брачниот статус на сопружниците“ од Одлуката за доделување еднократна парична помош на семејствата со новороденче на подрачјето на Општина Ѓорче Петров во 2022 година се уредува, барателот меѓу другото кон барањето за добивање на паричната помош, да го достави документот за брачниот статус на сопружниците на новороденото дете, со што се повредуваат уставно утврдените права и слободи загарантирани со Уставот и законските определби дека грижата и заштитата на правата на детето не може да биде условена со поделба по дискриминаторска основа во врска со брачната состојба на родителите на новороденото дете.

Од овие причини, Судот оцени дека за оспорениот дел од член 3 став 1 од Одлуката основано може да се постави прашањето за несогласност со нормите од Уставот и законите кои се погоре наведени.

5. Тргнувајќи од погоре наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.26/2022
17.05.2022 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска