Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021) на седницата одржана на 11 мај 2022 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценка на уставноста и законитоста на член 171 ставови 2, 3 и 4 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.149/2021, 299/2021, 303/2021 и 32/2022), склучен помеѓу Министерството за внатрешни работи и Македонскиот полициски синдикат.
2. Синдикатот на полицијата во Македонија, од Велес, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценка на уставноста и законитоста на одредбите од Колективниот договор означени во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, оспорените одредби од член 171 ставови 2, 3 и 4 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи не биле во согласност со членовите 8, 9 и 51 од Уставот на Република Северна Македонија, член 148 ставови 2 и 3 од Законот за внатрешни работи и членот 117 ставови 2 и 3 од Законот за работните односи.
Имено, Уставот ги предвидел како темелни вредности на уставниот поредок основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот, како и владеењето на правото (член 8 став 1 алинеи 1 и 3), потоа ја определил еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите согласно член 9 и утврдил дека во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите (член 51).
Со иницијативата се цитирани одредбите од член 148 ставови 2 и 3 од Законот за внатрешни работи, според кои: „Вонредниот работен додаток на плата се исплаќа за работа подолга од полното работно време – прекувремена работа (став 2). Работниот додаток на плата од ставот 1 на овој член и вонредниот работен додаток на плата од ставот 2 на овој член како и нивната висина и постапката за нивно утврдување се уредуваат со Колективниот договор на Министерството (став 3).“
Со иницијативата се цитирани и одредбите од член 117 ставови 2 и 3 од Законот за работните односи, според кои: „Прекувремената работа може да трае најмногу осум часа во текот на една недела и најмногу 190 часа годишно, освен за работите кои поради специфичниот процес на работа не можат да се прекинат или за кои нема услови и можности да се организира работата во смени. Прекувремената работа во период од три месеци не може во просек да надминува повеќе од осум часа неделно (став 2). За работниците во Министерството за внатрешни работи и работниците од Агенцијата за национална безбедност кои вршат посебни должности и овластувања согласно со посебни закони, прекувремената работа може да трае подолго од 190 часа годишно, поради извршување на итни и неодложни работи, по претходно дадена писмена согласност на работникот (став 3)“.
Во иницијативата се наведува дека оспорените одредби од ставовите 2, 3 и 4 од Колективниот договор предвидувале дека наместо зголемување на плата како вонреден работен додаток со согласност на работникот може да се определи истиот да користи слободни денови (став 2). Понатаму, во ставот 3 е предвидено доколку работникот одработи повеќе од 32 часа прекувремена работа (законски предвидени во месецот), за останатите над 32 часа користи исклучиво слободни денови пресметани со математичка формула за давање на слободен ден, а во ставот 4 е наведено дека работникот кој слободните денови не ги искористил во тековната календарска година, може да ги користи најдоцна до 30 јуни следната календарска година.
Имајќи ги предвид погоре цитираните одредби од Уставот, Законот за внатрешни работи и Законот за работните односи, произлегувало дека нормираните решенија во оспорените одредби од Колективниот договор не се во согласност со Уставот и законите. Ова поради тоа што со оспорените одредби од Колективниот договор се дозволува спротивно на законите работникот во Министерството да биде ангажиран со прекувремена работа на дозволените 32 часа во месецот и за прекувремената работа за деновите над 32 часа нема да биде платен туку во замена за тие денови може да добие исклучиво користење на слободни денови кои може да ги искористи во рок до 30 јуни наредната година и тоа по слободна волја на раководителот кој може да му дозволи или нема да му дозволи користење на слободни денови по основ на прекувремени часови работење, што нема законски основ.
Од овие причини со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценка на уставноста и законитоста на член 171 ставови 2, 3 и 4 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи.
3. Судот на седницата утврди дека Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.149/2021, 299/2021, 303/2021 и 32/2022) склучен помеѓу Министерството за внатрешни работи и Македонскиот полициски синдикат, во членот 171 предвидел:
Член 171
(1) Вонредниот работен додаток на плата на работникот се исплаќа за одработени 32 часа прекувремена работа во месецот.
(2) Наместо зголемување на платата согласно ставот (1) на овој член, со согласност на работникот може да се определи истиот да користи слободни денови.
(3) Доколку работникот одработи повеќе од 32 часа прекувремена работа во месецот, за останатите часови (над 32 часа) користи исклучиво слободни денови. Користењето на слободните денови се пресметува на начин што реализираните работни часови се зголемуваат за 40%, па потоа се делат со бројот на работни часови во една смена (осум часа) односно шест часа прекувремена работа се заменуваат со еден слободен ден, според следната формула: 6 x 1,40 : 8 = 1.
(4) Слободните денови од ставот (3) на овој член, кои работникот не ги искористил во тековната календарска година, може да ги искористи најдоцна до 30 јуни следната календарска година.
4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија е владеењето на правото.
Согласно член 32 ставови 2, 3 и 5 од Уставот, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место, секој вработен има право на соодветна заработувачка и остварувањата на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и колективен договор.
Според членот 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Од изнесените уставни одредби, покрај другото, произлегува дека правата и положбата на вработените се уредуваат со закон и со колективни договори. Со колективното договарање се доуредува положбата на вработените во рамки на законските права и обврски на начин што тие права не можат да бидат понеповолни од пропишаните со закон.
Со Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/ 2010, 52/2010, 124/2010, 47/2011, 11/2012, 39/2012, 13/2013, 25/2013, 170/2013, 187/2013, 113/2014, 20/2015, 33/2015, 72/2015, 129/2015, 27/2016, 120/2018, 110/2019, „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.267/2020, 151/2021 и 288/2021), на општ начин се уредени остварувањето на правата, обврските и одговорностите на работникот и работодавецот од работен однос.
Имено, согласно членот 1 од Законот за работните односи, со овој закон се уредуваат работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување (став 1). Работниот однос се уредува со овој и со друг закон, колективен договор и договорот за вработување (став 2).
Законот за работните односи ги уредува и работните односи на работниците вработени во органите на државната власт, органите на единиците на локалната самоуправа, установите, јавните претпријатија, заводите, фондовите, организациите и други правни и физички лица кои вработуваат работници, доколку со друг закон поинаку не е определено (член 3).
Согласно членот 203 од овој закон, колективен договор се склучува како општ на ниво на Републиката, посебен на ниво на гранка односно оддел, согласно Националната класификација на дејности и поединечен на ниво на работодавач.
Од анализата на Законот за работните односи, како Lex generalis произлегува дека со него се уредуваат работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување. Работниот однос се уредува со овој закон кој ги пропишува основните, односно минималните права, и со друг закон, колективен договор и договорот за вработување, при што со договорот за вработување, односно со колективниот договор не може да се определат помали права од правата утврдени со закон, а ако такви одредби содржат, се сметаат за ништовни. Со договорот за вработување, односно со колективниот договор може да се одредат правата, кои за работниците се поповолни отколку што ги определува овој закон. Правата од работниот однос утврдени со Уставот, закон и колективен договор неможат да се одземаат или ограничат со акти и дејствија на работодавач.
Имено, согласно член 12 став 2 од овој закон, со договорот за вработување, односно со колективен договор не може да се определат помали права од правата утврдени со закон, а ако содржат такви одредби, се сметаат за ништовни и се применуваат соодветни одредби од закон. Согласно ставот 3, со договорот за вработување, односно со колективниот договор може да се одредат правата кои за работниците се поповолни, отколку што ги определува овој закон.
Според член 105 од овој закон, работникот има право на заработувачка – плата, согласно со закон, колективен договор и договорот за вработување (став 1). Плаќањето на работата по договорот за вработување мора да биде секогаш во парична форма. При исплатата, работодавачот мора да го почитува најнискиот износ определен со колективен договор, во согласност со закон, кој непосредно го обврзува работодавачот (став 2). Платата е составена од основна плата, дел од платата за работната успешност и додатоците, ако со друг закон поинаку не е определено (став 3).
Според членот 106 од овој закон, основната плата се определува земајќи ги предвид барањата на работното место, за кое работникот го склучил договорот за вработување (став 1). Додатоците се определуваат за посебните услови при работа, кои произлегуваат од распоредот на работното време и тоа за работа во смени, работа во поделено работно време, ноќна работа, работа на дежурство согласно закон, продолжена работа, работа во ден на неделен одмор, работа во празници определени со закон, работа во недела и додаток за работен стаж (став 3).
Согласно членот 117 од овој закон, работникот е должен на барање на работодавачот да врши работа преку полното работно време (прекувремена работа) – (став 1). Прекувремената работа може да трае најмногу осум часа во текот на една недела и 190 часа најмногу годишно, освен за работите кои поради специфичниот процес на работа не можат да се прекинат или за кои нема услови и можности да се организира работа во смени. Прекувремената работа во период од три месеци на може во просек да надминува повеќе од осум часа неделно (став 2).
Според ставот 3 од овој член од Законот, за работниците од Министерството за внатрешни работи и работниците од Агенцијата за национална безбедност, кои вршат посебни должности и овластувања согласно со посебни закони, прекувремената работа може да трае подолго од 190 часа годишно, поради извршување на итни и неодложни работи, по претходно дадена писмена согласност на работникот.
Законот за внатрешни работи („Службен весник на Република Македонија“ бр.42/2014, 116/2014, 33/2015, 5/2016, 127/2016, 142/2016, 190/2016, 21/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.108/2019, 275/2019 и 110/2021) како Lex specialis, на кој и упатува Законот за работните односи, во член 148 став 2 утврдува дека вонредниот работен додаток на плата се исплаќа за работа подолга од полното работно време – прекувремена работа. Во ставот 3 од овој член од Законот е утврдено дека работниот додаток на плата и вонредниот работен додаток на плата, како и нивната висина и постапката за нивно утврдување се уредуваат со Колективниот договор на Министерството.
Оттука, неспорно е дека со закон е определено предметното прашање за вонредниот работен додаток на плата, неговата висина и постапка за утврдување да биде уредено со Колективен договор на Министерството, соодветно на неговите специфични надлежности.
Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.149/2021, 299/2021, 303/2021 и 32/2022) склучен помеѓу Министерството за внатрешни работи и Македонскиот полициски синдикат, како колективен договор на ниво на работодавач, во членот 1 утврдил дека со овој колективен договор се уредуваат правата и обврските на работниците во Министерството за внатрешни работи и работодавачот, како и условите и начинот на остварување на правата и обврските од работен однос и други прашања од работните односи или во врска со работните односи.
Во делот на Колективниот договор, насловен како „Права на работниците и нивната положба“, со членот 92 е утврдено:
(1) Работното време на работниците во Министерството изнесува 40 часа во работната недела (полно работно време).
(2) Во Министерството може да се воведе работно време пократко од 40 часа во работната недела со акт на министерот, во случаите и под услови утврдени со Законот за работни односи.
(3) Работното време на воздухопловниот персонал во Министерството за кој е утврден додаток согласно членот 168 од овој колективен договор, изнесува 37 часа во работната недела.
(4) Правата на работниците од ставовите (2) и (3) на овој член, се изедначени со правата на работниците кои работат 40 часа во работната недела.
Со членот 171 од Колективниот договор е уреден вонредниот работен додаток на плата. Тој на работникот му се исплаќа за одработени до 32 часа прекувремена работа во месецот (став 1).
Меѓутоа, со одредбата од ставот 2 на овој член од Колективниот договор, се утврдува дека наместо зголемување на плата, согласно ставот 1, со согласност на работникот може да се определи истиот да користи слободни денови. Тоа значи дека за прекувремена работа на одработени до 32 часа во текот на месецот, за работникот постои право да биде исплатен со вонреден додаток на плата, но воедно доколку работникот се согласи за остварената прекувремена работа до 32 часа во месецот тој може да користи слободни денови наместо да му биде даден вонреден работен додаток на плата.
Оттука, ставот 2 на членот 171 од Колективниот договор уредува поволно нормативно решение со право на избор од страна на работникот, за вонреден додаток на плата или за слободни денови, кога се работи за прекувремената работа до 32 часа прекувремена работа која тој ја одработил во месецот. Со оглед на тоа што за одработени прекувремени часови во месецот, до 32 часа, со ставовите 1 и 2 од членот 171 од Колективниот договор се дава право на исплата на вонреден работен додаток на работникот или право по согласност на работникот, тој да користи слободни денови, произлегува дека се норми кои во суштина уредуваат права на работникот кои произлегуваат од работниот однос во Министерството и не може изборот за користење на слободни денови уредено во ставот 2 од овој член од Колективниот договор да се смета за повреда на работничките права, ниту е тоа спротивно на Уставот и законите на кои се посочува во иницијативата.
Во Колективниот договор со ставовите 3 и 4 од членот 171 е уредено дека доколку работникот одработи повеќе од 32 часа прекувремена работа во месецот, за останатите часови (над 32 часа) користи исклучиво слободни денови. Користењето на слободните денови се пресметува на начин што реализираните работни часови се зголемуваат за 40%, па потоа се делат со бројот на работни часови во една смена (осум часа) односно шест часа прекувремена работа се заменуваат со еден слободен ден, според формулата 6 х 1, 40 : 8 = 1.
Според ставот 4, слободните денови од ставот 3 на овој член кои работникот не ги искористил во тековната календарска година, може да ги користи најдоцна до 30 јуни следната календарска година.
Од анализата на одредбите од ставовите 3 и 4 од овој член од Колективниот договор произлегува:
– Законот за работните односи во погоре цитираниот член 117 уредил дека прекувремената работа може да трае најмногу осум часа во текот на една недела и 190 часа најмногу во годината. Ова ограничување не се однесува за работите кои имаат специфичен процес и не можат да прекинат или нема услови и можности за организирање работа во смени, но и во ваков случај прекувремената работа во период од три месеци на може во просек да надминува повеќе од осум часа неделно. Меѓутоа, со ставот 3 на овој член од Законот децидно е утврдено дека работниците во Министерството за внатрешни работи и работниците во Агенцијата за национална безбедност кои вршат посебни должности и овластувања согласно со посебни закони, прекувремената работа може да трае подолго од 190 часа годишно по претходно дадена согласност на работникот.
Оттука, со ставот 3 на членот 117 од Законот за работни односи и со членот 148 став 3 од Законот за внатрешни работи е дадено законско овластување вонредниот додаток на плата, неговата висина и постапка за утврдување да се уредува со Колективен договор на Министерството, како што тоа е уредено и со оспорените одредби од член 171 од Колективниот договор.
Имено, оспорените одредби од ставовите 3 и 4 од членот 171 од Колективниот договор, го уредуваат прашањето за вршење прекувремена работа над 32 часа во месецот, односно над 190 часа годишно, за што имаат законски основ за тоа и го уредуваат прашањето за остварување на работничките права од ваквото прекувремено работење, на начин што за часовите во месецот кои се над 32 часа вонредна работа, а кои часови во текот на годината можат да бидат и над 190 часа годишно, за тој дел исклучиво работникот може да користи слободни денови пресметани како што е утврдено во овие норми и тоа до 30 јуни наредната календарска година.
Ваквиот пристап на страните кои го склучиле Колективниот договор – Министерството за внатрешни работи и Македонскиот полициски синдикат е определено договорно балансирано нормативно решение, каде до 32 часа месечно вонредна работа работникот има право на избор да му се исплати вонреден работен додаток или да му се дадат на користење слободни денови, а од друга страна договорните страни уредиле за прекувремената работа за деновите над 32 часа во месецот, исклучиво да се определуваат слободни денови за користење на работникот, без право на избор како претходното (до 32 часа), е всушност согласност на работниците застапувани преку синдикатот за остварување на комбиниран облик на права кои произлегуваат од прекувремената работа во Министерството за внатрешни работи, соодветно на специфичностите во работниот процес на работа и надлежностите на ова министерство, за што има законски основ за нивно меѓусебно договорно усогласување по предметните прашања.
Притоа, треба да се има предвид и директната примена на ставот 3 од членот 117 од Законот за работните односи, каде е децидно утврдено дека за прекувремена работа која може да трае подолго од 190 часа годишно, поради извршување итни и неодложни работи, работниците во Министерството за внатрешни работи и од Агенцијата за национална безбедност претходно треба да дадат писмена согласност за вршење на овој тип на прекувремена работа.
Поаѓајќи од погоре наведената анализа, Судот оцени дека оспорените одредби на ставовите 2, 3 и 4 од членот 171 од Колективниот договор не можат уставно- правно да се проблематизираат од наводите во иницијативата.
5. Тргнувајќи од погоре наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.
У.бр.10/2022
11.05.2022 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска