Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 29 март 2022 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 235 ставови 1 и 2 и член 250 ставови 1 и 2 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија” број 169/2015, 226/2015, 55/2016, 11/2018 и 83/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 98/2019 и 302/2020).
2. Снежана Цветаноска од Битола, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на Законот означен во точката 1 од ова решение.
Во иницијативата се предлага оспорените одредби да бидат укинати поради тоа што вработените во автошколите како што биле возач-инструктор, предавач во испитните центри, испитувач во практичниот дел, испитувач по теоретски дел и контролор им биле ускратени – повредени правата кои ги имале согласно член 8 став 1 алинеи 1, 3 ,6, 7 и 11; член 30; член 32; член 50 ставови 1 и 2; член 51; член 52 став 4; член 54 став 1; член 55 ставови 1 и 2; член 58 и член 110 од Уставот заедно со амандманите од I до XXXI на Уставот.
Според наводите во иницијативата на овие вработени лица во автошколите им биле ускратени правата со ограничување на важноста на лиценците кои ги поседувале со важност од 5 години и на секои пет години требало повторно да полагаат испит за да ги задржат истите лиценци и на тој начин им било ускратено веќе еднаш стекнатото право кое им било загарантирано со Уставот. Како компарација на сторената повреда го даваат примерот на сите издадени и стекнати уверенија, дипломи и лиценци во Република Северна Македонија и истите немале рок на важење, односно, истите биле трајни документи. Поради наведеното, подносителот на иницијативата бара да бидат укинати оспорените одредби од Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата со кои им било ускратено загарантираното право согласно Уставот. Со оглед на фактот дека полагале испит за да ги добијат потребните лиценци за работа во автошколите, односно од страна на Министерството за внатрешни работи им било издадено уверение за положен стручен испит и потоа им биле доделени лиценци барат најитно да се постапи по иницијативата и да се укинат оспорените одредби.
3. Судот на седница утврдил дека согласно член 235 став 1 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија” број 169/2015, 226/2015, 55/2016, 11/2018 и 83/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 98/2019 и 302/2020), лиценците од членот 234 од овој закон се со важност од пет години (оспорен став 1). По истекот на рокот од ставот 1 на овој член се спроведува постапка за добивање лиценца под услови и во постапка утврдени со овој закон (оспорен став 2). На автошколата во која стручниот кадар поседува неважечка лиценца, ќе и се изрече глоба во износ од 2.000 евра во денарска противвредност (став 3). За прекршокот од ставот 3 на овој член, ќе му се изрече глоба и на одговорното лице во автошколата во износ од 30% од одмерената глоба за автошколата (став 4).
Според оспорениот член 250 став 1 од истиот закон, лиценците од членот 249 од овој закон се со важност од пет години (оспорен став 1). По истекот на рокот од ставот 1 на овој член се спроведува постапка за добивање лиценца под услови и на начин утврдени со овој закон (оспорен став 2). На испитниот центар во кој стручниот кадар поседува неважечка лиценца, ќе му се изрече глоба во износ од 2.000 евра во денарска противвредност (став 3). За прекршокот од ставот 3 на овој член, ќе му се изрече глоба и на одговорното лице во испитниот центар во износ од 30% од одмерената глоба за испитниот центар (став 4).
4. Согласно член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективните договори со Уставот и законите.
Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Согласно член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со законот.
Според членот 1 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија” број 169/15, 226/15, 55/16, 11/18 и 83/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 98/19 и 302/2020), предмет на уредување на овој закон претставува безбедноста и заштитата на патиштата, основните начела и меѓусебните односи на учесниците и другите субјекти во сообраќајот на патиштата, правилата на сообраќајот на патиштата, системот на сообраќајните знаци, опремата и сигнализацијата на патиштата, должностите во случај на сообраќајна незгода, кандидати за возачи, возачи, автошколи, испитни центри и возачки дозволи, оспособувањето за управување и стекнување право на управување со моторно возило и прекршочната постапка за деца, посебните мерки на безбедност, организацијата и задачите на советите за безбедност на сообраќајот на патиштата, евиденциите и заштитата на податоците, прекршочните одредби и овластувањата за подзаконски прописи.
Во член 2 став 1 точка 143 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата утврдено е дека: „Лиценца“ е исправа со која се дава овластување од надлежен државен орган со која се докажува дека се исполнети одредени пропишани услови за стручна оспособеност и овластување за извршување на одредени работи.
Видовите на лиценци за работа во автошкола се утврдени во член 234 од овој закон, според кој на физичко лице за вршење на работи во автошкола му се издава лиценца и тоа: 1) лиценца за предавач по наставна програма сообраќајни правила и прописи (теоретски дел) (во натамошниот текст: „лиценца за предавач“) и 2) лиценца за возач-инструктор.
Согласно оспорениот член 235 став 1 од Законот, лиценците од членот 234 од овој закон се со важност од пет години (оспорен став 1). По истекот на рокот од ставот 1 на овој член се спроведува постапка за добивање лиценца под услови и во постапка утврдени со овој закон (оспорен став 2). На автошколата во која стручниот кадар поседува неважечка лиценца, ќе и се изрече глоба во износ од 2.000 евра во денарска противвредност (став 3). За прекршокот од ставот 3 на овој член, ќе му се изрече глоба и на одговорното лице во автошколата во износ од 30% од одмерената глоба за автошколата (став 4).
Исто така, видовите лиценци за работи во испитен центар се утврдени согласно членот 249 од Законот, и во тој контекст Министерството за внатрешни работи на физичко лице за вршење на работи во испитен центар му издава лиценца и тоа: лиценца за контролорот; лиценца за испитувач по наставна програма, сообраќајни правила и прописи (теоретски дел) и лиценца за испитувач по наставна програма управување со возило (практичен дел).
Согласно оспорениот член 250 став 1 од Законот, утврдено е дека лиценците од членот 249 од овој закон се со важност од пет години. По истекот на рокот од ставот 1 на овој член се спроведува постапка за добивање лиценца под услови и на начин утврдени со овој закон. На испитниот центар во кој стручниот кадар поседува неважечка лиценца, ќе му се изрече глоба во износ од 2.000 евра во денарска противвредност. За прекршокот од ставот 3 на овој член, ќе му се изрече глоба и на одговорното лице во испитниот центар во износ од 30% од одмерената глоба за испитниот центар.
Според член 254 став 1 од истиот закон пропишано е дека: „Кандидатите за вршење работи на предавач и возач инструктор во автошколата, контролор, испитувач по наставна програма од сообраќајни правила и прописи (теоретски дел) и испитувач по наставна програма од управување со возило (практичен дел) во испитен центар, треба да положат стручен испит за оспособеност за работа
Во член 255 став 3 од Законот, пропишано е дека: „Базите на прашања за стручниот испит ги изготвуваат двајца универзитетски професори од областа на патниот сообраќај и претставници од Министерството за внатрешни работи со најмалку десет години работно искуство од oбласта на патниот сообраќај“, додека во ставот 4 и ставот 6 од истиот член е пропишано дека базите на прашања ги верификува Комисија за полагање на стручниот испит, која воедно врши и ревизија и ажурирање на базите на прашања најмалку еднаш годишно. При ревизијата, Комисијата ги има предвид измените на прописите на кои се засновани прашањата, бројот на кандидати кои ги одговориле, успешноста во одговарањето на истите, како и други критериуми кои може да влијаат врз подобрувањето на квалитетот на базата прашања за стручниот испит.
Согласно горенаведените законски одредби, јасно може да се заклучи дека полагањето на стручниот испит за оспособеност за работа, врз основа на што се издава лиценца за предавач и возач инструктор во автошколата, контролор, испитувач по наставна програма од сообраќајни правила и прописи (теоретски дел) и испитувач по наставна програма од управување со возило (практичен дел) во испитен центар, претпоставува континуиран процес на обновување на знаењето преку постојано усовршување и следење на најновите прописи од областа на безбедноста на сообраќајот, како и периодично проверување на стручната оспособеност за извршување на претходно наведените работи, поради што и важноста на лиценцата, која се издава од страна на органот на државната управа, a со која се докажува дека се исполнети пропишаните услови за стручна оспособеност за извршување на работите изнесува пет години и таа одредба се однесува на сите предавачи во сите автошколи и сите испитни центри. „Лиценца“ претставува исправа со која се дава овластување од надлежен државен орган со која се докажува дека се исполнети одредени пропишани услови за стручна оспособеност и овластување за извршување на одредени работи и од таа причина законодавецот има право во вршењето на определени дејности, како што е во конкретниот случај, патниот сообраќај, безбедноста и заштитата на патиштата, кандидатите за возачи, возачи, автошколи, испитни центри и возачки дозволи, оспособувањето за управување и стекнување право на управување со моторно возило, посебните мерки на безбедност и вршењето на одделни видови на превоз да го подложи на дозволи, односно лиценци, да го утврди рокот на нивното важење, да ги утврди условите и постапката за нивното издавање, како и да пропише санкции за оние лица кои ќе ја вршат дејноста патен сообраќај без да поседуваат лиценца.
Оттука, Судот утврди дека оспорените одредби на член 235 став 1 и став 2 и член 250 став 1 и став 2 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата не се во спротивност со набројаните уставни одредби. Односно, неосновани се наводите во иницијативата дека со повторното добивање на лиценца по истекот на важноста на истата се ускратувало уставното право. Правото се стекнува со добивањето на лиценцата и истото важи колку што важи лиценцата, по истекот на кој рок, правото повторно се стекнува со добивањето на нова лиценца и од тие причини несоодветно е, во конкретниот случај, да се прави компарација со примерот на сите издадени и стекнати уверенија, дипломи и лиценци во Република Севрна Македонија во однос на тоа дека истите немале рок на важење, односно, истите биле трајни документи.
Исто така, Судот оцени дека ограничувањето на важноста на лиценцата за одреден временски период не може да биде неуставно или противзаконито, со оглед на фактот дека законодавецот како услов истото го утврдува и во други закони во кои се уредува постапка за полагање на стручен испит и издавање на лиценца за стручна оспособеност за извршување на одредени работи. Така е, на пример, во Законот за возила („Службен весник на Република Македонија” бр. 140/08, 53/11, 123/12, 70/13, 164/13, 138/14, 154/15, 192/15, 39/16 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 161/19), каде во членот 66 од наведениот закон е утврдена постапката за полагање на стручен испит и издавање на лиценца за работа на стручните лица кои извршуваат работи на стручен раководител и стручен работник за технички преглед на возила, како и за стручните лица кои извршуваат работи на идентификација и оцена на техничката состојба на возилата. Рокот на важноста на лиценцата за работа на погоре наведените стручни работници изнесува четири години.
Имајќи ја предвид анализата на наводите во иницијативата кои се недоволно аргументирани, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на одредбите од член 235 став 1 и став 2 и член 250 став 1 и став 2 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата со член 8 став 1 алинеи 1, 3, 6, 7 и 11, член 30, член 32, член 50 ставови 1 и 2, член 51, член 52 став 4, член 54 став 1, член 55 ставови 1 и 2, член 58 и член 110 од Уставот на Република Северна Македонија.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од Решението.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.
У.бр.15/2021
29.03.2022 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска