У.бр.133/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 1 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр. 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 23 февруари 2022 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредби од Законот за локалната самоуправа, во деловите каде што стојат зборовите: „Република Македонија“, и тоа: член 1, член 2 став 1 точка 3, член 4 став 1, член 6, член 10 ставови 2 и 5, член 19 став 1, член 23 став 2, член 38, член 51 став 3, член 54 став 4, член 60 став 1 точка 7, член 61 став 3, член 71 ставови 3 и 4, член 75 став 1 точки 1 и 2, член 76 ставови 1 и 2, член 79 став 2, член 80 став 3, член 81, член 87, член 88, член 95, член 96 став 2, член 97, член 100, член 101, член 102, член 104, член 105 и во називот на глава XI од Законот („Службен весник на Република Македонија“ бр. 5/2002).

2. Виктор Божиновски, адвокат од Куманово, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на делови од одредбите од Законот за локалната самоуправа, означени во точката 1 од ова решение, затоа што според него, истите не биле во согласност со членот 114 и Амандманот XXXIII на Уставот на Република Северна Македонија.

Со оглед на тоа што во оспорените одредби од Законот за локалната самоуправа се уште стоеле зборовите: „Република Македонија“, а истите, согласно Амандманот XXXIII на Уставот, треба да се заменат со зборовите: „Република Северна Македонија“, подносителот смета дека е повреден Амандманот XXXIII на Уставот.

Исто така, видно од членот 114 на Уставот, а согласно Амандманот XVI на Уставот, кои се однесуваат на локалната самоуправа, стоело: „Републиката“ наместо: „Република Македонија“, па според тоа, подносителот смета дека оспорените одредби од Законот за локалната самоуправа не биле во согласност со член 114 од Уставот и со Амандманот XXXIII на Уставот.

Поради наведеното, подносителот предлага оспорените одредби од Законот за локалната самоуправа, во деловите: „Република Македонија“, да се укинат.

3. Судот на седницата утврди дека одредбите на Законот за локалната самоуправа, чии делови се оспоруваат, гласат:

Член 1
Содржина на законот

Со овој закон се уредуваат: надлежностите на општината; непосредното учество на граѓаните во одлучувањето; организацијата и работата на органите на општината; општинската администрација; актите на органите; имот – сопственост на општината; надзорот над работата на органите на општината; распуштањето на советот на општината; механизмите на соработка меѓу општините и Владата на Република Македонија; месната самоуправа; заштитата на локалната самоуправа; утврдување на службени јазици во општините и други прашања од значење за локалната самоуправа.

Член 2
Поимник

(1) Одделни изрази употребени во овој закон го имаат следново значење:
3. “Меѓународна соработка на општините” е секое дејствие на општините од Република Македонија преземено во согласност со закон, заради воспоставување соработка меѓу нив и локалните заедници или локалните власти на една или повеќе други држави, како и членување на нивните асоцијации во меѓународни организации на локалните заедници или локалните власти;

Член 4
Град Скопје

(1) Градот Скопје е посебна единица на локалната самоуправа во која се остваруваат заедничките потреби и интереси на граѓаните што произлегуваат од карактерот на Градот Скопје, како главен град на Република Македонија.

Член 6
Жителство на општината

Граѓаните на Република Македонија, кои имаат постојано живеалиште на подрачјето на општината се жители на општината.

Член 10
Грб и знаме на општината

(2) Грбот и знамето на општината (во натамошниот текст: грб и знаме), се разликува од грбот и знамето на Република Македонија и грбот и знамето на другите општини и Градот Скопје.
(5) Министерството надлежно за вршење на работите што се однесуваат на локалната самоуправа, води регистар на грбовите и знамињата на општините во Република Македонија.

Член 19
Територијална поделба

(1) Територијалната поделба на Република Македонија, утврдувањето на подрачјето, имињата, седиштата и границите на општините, постапката за основање општини (спојување, поделба и промена на границите) и други прашања во врска со територијалната поделба се уредуваат со закон.

Член 23
Делегирана надлежност

(2) Во случаите од ставот (1) на овој член се пренесуваат и средствата предвидени во Буџетот на Република Македонија за извршување на тие работи.

Член 38
Заклетва

Новоизбраните членови на конститутивната седница на советот даваат и потпишуваат свечена изјава, која гласи: “Јас (име и презиме) свечено изјавувам дека правата и должностите на член во советот ќе ги вршам совесно и дека при нивното вршење ќе ги почитувам Уставот, законот, прописите на советот и дека ќе го штитам уставниот поредок на Република Македонија.

Член 51
Контрола на законитоста на прописите пред нивното објавување

(3) Ако советот го потврди прописот, градоначалникот е должен да го објави и истовремено да поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот пропис пред Уставниот суд на Република Македонија.

Член 54
Престанок на мандатот на градоначалникот

(4) Министерството надлежно за вршење на работите што се однесуваат на локалната самоуправа, во рок од 15 дена од денот на приемот на известувањето од ставот (3) на овој член ја известува Владата на Република Македонија, која во рок од еден месец од денот на приемот на известувањето, констатира дека настапил еден од случаите од ставот (1) на овој член и истовремено иницира постапка за распишување нови избори за градоначалник, во согласност со закон.

Член 60
Обврски на општинската администрација

Општинската администрација:
7. Ракува со документите на општината, и ги чува се до нивното уништување, односно предавање во Државниот архив на Република Македонија.

Член 61
Формирање и укинување на заедничката администрација

(3) Договорот од ставот (2) на овој член се објавува во “Службен весник на Република Македонија”.

Член 71
Надзор над законитоста на прописите на општината

(3) Решението од ставот (2) на овој член се објавува во “Службен весник на Република Македонија”.
(4) Органот од ставот (1) на овој член, во рок од 30 дена од денот на објавувањето на решението од ставот (1) на овој член, до Уставниот суд на Република Македонија поднесува иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на запрениот пропис.

Член 75
Услови за распуштање на советот

(1) Советот се распушта, ако :
1. Повторно го донесе прописот што претходно бил поништен или укинат со одлука на Уставниот суд на Република Македонија;
2. Донесе одлука со која се загрозуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Македонија;

Член 76
Постапка за распуштање на советот

(1) Министерството надлежно за вршење на работите од областа на локалната самоуправа, во рок од седум дена од денот на приемот на известувањето од членот 75 став (2) на овој закон, до Владата на Република Македонија ќе поднесе предлог за распуштање на советот.
(2) Владата на Република Македонија, во рок од еден месец од денот на приемот на предлогот од ставот (1) на овој член, ќе донесе решение за распуштање на советот по сила на закон, кое го објавува во “Службен весник на Република Македонија”.

XI. МЕХАНИЗМИ ЗА СОРАБОТКА МЕЃУ ОПШТИНИТЕ, ВЛАДАТА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА И ОРГАНИТЕ НА УПРАВАТА

Член 79
Договори за соработка меѓу државата и општините

(2)Собранието на Република Македонија ќе биде информирано за договори за соработка од ставот (1) на овој член.

Член 80
Соработка меѓу Владата и општините

(3) Со законот што се однесува на прашањата од ставот (1) на овој член, до Собранието на Република Македонија се приложува и извештајот од ставот (2) на овој член.

Член 81
Здружение на општини на Република Македонија

(1) Здружението на општини, во кое заради заштита и унапредување на заедничките интереси се здружиле повеќе од 2/3 од општините од целата територија на Република Македонија, има право да:
– соработува со Владата по прашањата од значење за општините во Република Македонија;
– иницира донесување на законите што се однесуваат на унапредување на локалната самоуправа;
– дава предлози за проектирање на предлогот на Буџетот на Република Македонија во делот што се однесува на доделување на средства на општините наменети за вршење на надлежностите утврдени со закон и
– остварува соработка со сродни организации од други земји и ја претставува Република Македонија во меѓународни организации на локалните власти.
(2) Здружението од ставот (1) на овој член се основа, организира, функционира и регистрира под услови и на начин утврдени со закон.

Член 87
Заштита на уставната положба на општината

Советот и градоначалникот може пред Уставниот суд на Република Македонија да поднесат иницијатива за оцена на уставноста на законите и уставноста и законитоста на општите акти на министерствата и другите органи на државната управа со кои се нарушува уставната положба и правата на општината утврдени со Уставот и законите.

Член 88
Судска заштита на општината

На општините им се гарантира судска заштита пред надлежните судови во однос на актите и на активностите на органите на државната управа и на Владата на Република Македонија со кои се попречува вршењето на надлежностите на општините утврдени со закон.

Член 95

Секретарите на советите, избрани согласно со одредбите од членот 29 став 1 точка 13 и главните архитекти на градовите, именувани согласно со одредбите од членот 53 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” број 52/95), продолжуват да ги вршат работите и да ја примаат платата која ја примале до завршување на мандатот за кој се избрани, односно именувани.

Член 96

(2) Одредбите од членовите 17 и 18 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” број 52/95) ќе продолжат да се применуваат се до усогласувањето на посебните закони од ставот (1) на овој член.

Член 97

До донесување на законот со кој ќе се уредат прашањата за финансирање на општините, финансирањето на општините ќе продолжи да се врши согласно со одредбите од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” број 52/95) и Законот за буџетите (“Службен весник на Република Македонија” број 79/93, 3/94,71/96, 46/2000 и 11/2001).

Член 100

До донесувањето на законот од членот 45 на овој закон, членовите на советот ќе примаат надоместок за присуство на седница на советот без оглед на нејзиното времетраење, најмногу до 30% од просечната месечна нето плата во Република Македонија исплатена во последните три месеци, а надоместоците за патните и дневните трошоци ќе им се исплатуваат според прописите кои се однесуваат на државните службеници.

Член 101

До донесувањето на законот со кој ќе се уреди надзор над решенијата на градоначалникот донесени по управни работи од надлежност на општината, надзорот ќе го врши комисијата за решавање во управна постапка во втор степен за одделни управни области при Владата на Република Македонија.

Член 102

(1) До регистрирањето на Здружението на општините на Република Македонија Заедницата на единиците на локалната самоуправа на Република Македонија формирана согласно со одредбите од членот 10 став 5 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” број 52/95) продолжува да ги врши работите кои ги вршела до денот на влегувањето во сила на овој закон.
(2) Со регистрирањето на Здружението на општините на Република Македонија се преземаат опремата, средствата за работа, архивата и документацијата на Заедницата на единиците на локалната самоуправа.

Член 104

Со денот на влегувањето во сила на овој закон престанува да важи Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” број 52/95 и 60/95).

Член 105

Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според членот 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 114 од Уставот, на граѓаните им се гарантира правото на локална самоуправа (став 1). Единици на локалната самоуправа се општините (став 2). Во општините можат да се основаат облици на месна самоуправа (став 3). Општините се финансираат од сопствени извори на приходи определени со закон и со средства од Републиката (став 4).

Според Амандманот XVI на Уставот со кој се заменува ставот 5 на членот 114 од Уставот на Република Северна Македонија, локалната самоуправа се уредува со закон кој се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Северна Македонија. Законите за локалното финансирање, локални избори, општински граници и за Градот Скопје, се донесуваат со мнозинство гласови од присутните пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија

Според Амандманот XVII на Уставот, со кој се заменува ставот 1 од членот 115 од Уставот, во единиците на локалната самоуправа, граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, предучилишното воспитување, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.

Во член 115 став 2 од Уставот е определено дека, општината е самостојна во вршењето на надлежностите утврдени со закон, а надзорот над законитоста на нејзината работа го врши Републиката. Републиката со закон може да и довери вршење на определени работи на општината (став 3).

5. Собранието на Република Македонија врз основа на член 131 став 5 од Уставот на Република Македонија на седницата одржана на 11 јануари 2019 година, донесе Одлука за прогласување на амандманите ХХХIII, XXXIV, XXXV и ХХХVI на Уставот на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 6/2019). Според оваа одлука амандманите ХХХIII, XXXIV, XXXV и XXXVI на Уставот на Република Македонија, се составен дел на Уставот на Република Македонија и влегуваат во сила со влегувањето во сила на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните и ратификацијата на Протоколот за пристапување во НАТО од Првата страна на Конечната спогодба.

Амандманот XXXIII на Уставот гласи: „Во Уставот зборовите: „Република Македонија“ се заменуваат со зборовите: „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборовите: „Северна Македонија“, освен членот 36 од Уставот на Република Македонија“.

Според член 2 став 1 од Уставниот закон за спроведување на амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.6/2019), одредбите од Амандманот XXXIII во прописите и другите акти на државните органи се применуваат од денот на влегувањето во сила на овој закон. Според ставот 4 на истиот член, од денот на влегувањето во сила на Амандманот XXXIII, употребата на придавката во однос на државата, државните органи и јавни институции и во однос на други употреби согласно Конечната спогодба е во согласност со името на државата или со нејзиното скратено име и гласи „на Република Северна Македонија“ или „на Северна Македонија“.

Според Објавата од Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 36/2019 од 12 февруари 2019 година), условите предвидени со Одлуката за прогласување на амандманите XXXIII, XXXIV, XXXV и XXXVI на Уставот на Република Македонија се исполнети и амандманите XXXIII, XXXIV, XXXV и XXXVI на Уставот на Република Македонија, што Собранието на Република Македонија ги донесе на седницата одржана на 11 јануари 2019 година, влегуваат во сила на 12 февруари 2019 година. Со влегувањето во сила на уставните амандмани XXXIII, XXXIV, XXXV и XXXVI влегува во сила и Уставниот закон за спроведување на амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Македонија, што Собранието на Република Македонија го донесе на седницата одржана на 11 јануари 2019 година.

Од анализата на наведеното произлегува дека одредбите од Амандманот XXXIII, со кој во Уставот зборовите: „Република Македонија“ се заменуваат со зборовите: „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборовите: „Северна Македонија“, во прописите и другите акти на државните органи се применуваат од денот на влегувањето во сила на Уставниот закон за спроведување на амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Македонија, односно од 12 февруари 2019 година. Од наведениот датум, употребата на придавката во однос на државата, државните органи и јавни институции и во однос на други употреби согласно Конечната спогодба е во согласност со името на државата или со нејзиното скратено име и гласи „на Република Северна Македонија“ или „на Северна Македонија“.

6. Со Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002) се уредуваат: надлежностите на општината; непосредното учество на граѓаните во одлучувањето; организацијата и работата на органите на општината; општинската администрација; актите на органите; имот сопственост на општината; надзорот над работата на органите на општината; распуштањето на советот на општината; механизмите на соработка меѓу општините и Владата на Република Македонија; месната самоуправа; заштитата на локалната самоуправа; утврдување на службени јазици во општините и други прашања од значење за локалната самоуправа (член 1).

Со иницијативата се оспоруваат делови од одредени одредби на Законот за локалната самоуправа, каде што стојат зборовите: „Рeпублика Македонија“, како спротивни на членот 114 и Амандманот XXXIII на Уставот, поради што се бара од Уставниот суд овие зборови да се укинат.

Анализата на оспорените делови од одредбите на Законот за локалната самоуправа покажа дека зборовите: „Република Македонија“ се однесуваат на следните изрази и институции: општините од Република Македонија; граѓаните на Република Македонија; територијата на Република Македонија; територијалната поделба на Република Македонија; територијалниот интегритет на Република Македонија; уставен поредок на Република Македонија; просечна месечна нето плата во Република Македонија; Владата на Република Македонија; Собранието на Република Македонија; Уставниот суд на Република Македонија; Службен весник на Република Македонија; Државен архив на Република Македонија; Буџет на Република Македонија; грбот и знамето на Република Македонија; Скопје, главен град на Република Македонија.

Имајќи ја предвид содржината на Амандманот XXXIII на Уставот, како и одредбите на Уставниот закон за спроведување на амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Македонија, произлегува дека одредбите од Амандманот XXXIII во прописите и другите акти на државните органи се применуваат од 12 февруари 2019 година. Од наведениот датум, употребата на придавката во однос на државата, државните органи и јавни институции и во однос на други употреби согласно Конечната спогодба е во согласност со името на државата или со нејзиното скратено име и гласи „на Република Северна Македонија“ или „на Северна Македонија“.

Оттука, произлегува дека Амандманот XXXIII на Уставот, сметано од 12 февруари 2019 година, директно и непосредно се применува во прописите и другите акти на државните органи, што значи и на Законот за локалната самоуправа, при што зборовите „Република Македонија“ се заменуваат со зборовите „Република Северна Македонија“.

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека уставното решение содржано во Амандманот XXXIII на Уставот и во Уставниот закон за спроведување на амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Македонија, е јасно и недвосмислено и не остава простор за дилема во неговата примена во Законот за локалната самоуправа сметано од 12 февруари 2019 година, притоа создавајќи уставно пропишана обврска при примената на сите членови од Законот да се користи уставното име на државата, односно да се користат зборовите „Република Северна Македонија“ во сите акти и документи и во целокупната комуникација која се создава и практикува при имплементацијата на оспорените законски одредби. На таков начин, според Судот, не се повредува начелото на владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија. Секоја употреба на други зборови, освен зборовите „Република Северна Македонија“ при конкретната имплементација на оспорените одредби од Законот за локалната самоуправа би била спротивна на Уставот, како највисок правен акт во хиерархијата на правниот поредок.

Во таа смисла, според Судот, носителите на јавни функции во Републиката и во општините, определени со Устав и закон, а избрани по 12 февруари 2019 година, своите свечени изјави за извршување на функциите ги даваат со новото уставно име на државата – Република Северна Македонија, согласно со амандманите XXXIII-XXXVI на Уставот.

Номотехничкото усогласување на одредбите од Законот за локалната самоуправа со Амандманот XXXIII на Уставот, е прашање од надлежност на Собранието на Република Северна Македонија, како законодавец кој ги донесува, изменува и дополнува законите, а не е прашање од надлежност на Уставниот суд.

Наводите во иницијативата за несогласност на оспорените одредби од Законот за локалната самоуправа со членот 114 од Уставот, се нејасни и неаргументирани, поради што Судот оцени дека не можат да бидат предмет на уставно-судска анализа.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека се исполнети деловничките претпоставки за отфрлање на доставената иницијатива.

7. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.133/2021
23 февруари 2022 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска