У.бр.115/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 71 и член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 9 февруари 2022 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на член 80 став 1 алинеја 1 од Статутот на Економски факултет – Прилеп, член 88 став 1 алинеја 1 од Статутот на Правен факултет – Кичево, член 88 став 1 алинеја 1 од Статутот на Педагоши факултет – Битола и член 75 став 1 алинеја 1 од Статутот на Техничко-технолошки факултет – Велес.

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на усогласеноста на одредбите од точката 1 од ова решение со Статутот на Универзитетот „Св.Климент Охридски“ од Битола.

3. Проф. д-р Јове Кекеновски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на законитоста на членовите од статутите означени во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата наведува дека во посочените и оспорени членови на статутите на горенаведените факултети е пропишано дека во надлежност на Деканатската управа е донесување на: Правилник за систематизација на работните места, Правилник за утврдување на плата, надоместоци на плата и други примања на вработените на посочените факултети, како и други акти со кои се определуваат надоместоци за извршување на активности во врска со работењето на факултетот.

Подносителот смета дека оспорените одредби од статутите на овие факултети не биле во согласност со членовите 21 и 94 од Законот за високо образование („Службен весник на Република Македонија“ број 82/2018) и со членовите 60 и 107 од Статутот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ Битола.

Имено, подносителот во иницијативата наведува дека согласно членот 21 од Законот за високото образование, факултетите се организациони единици во состав на Универзитетот кои имаат своја дејност, а врз основа на член 21 став 1 точка 11 „организационите единици вршат и други работи утврдени со овој закон и Статутот на универзитетот“.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека во член 49 од Законот за високото образование биле наведени организационите единици на Универзитетот „Св.Климент Охридски“, додека пак, во член 60 став 2 од Статутот на УКЛО се налагало: „Единиците на Универзитетот да настапуваат во правниот промет според овластувањата определени со овој статут“.

Подносителот на иницијативата наведува дека во член 94 став 1 точка 28 од Законот за високото образование предвидено е Сенатот на Универзитетот да ги утврдува работните обврски на вработените и да утврдува принципи за уредување на работните односи на вработените што изведуваат високообразовна, научна и уметничка дејност.

Исто така, подносителот наведува дека во член 107 став 1 точка 1 од Статутот на Универзитетот „Св Климент Охридски“ се вели дека во надлежност на Сенатот: „Покрај надлежностите утврдени во член 94 од Законот за високото образование, Сенатот е надлежен: да донесува општи акти за материјалните и финансиските прашања поврзани со средствата за остварување на интегративните функции на Универзитетот“.

Оттука, подносителот доаѓа до заклучок дека ако највисок орган на управување бил Сенатот и ако во негова надлежност било донесување на општи акти на Универзитетот, тогаш немало логика донесувањето на правилниците и другите општи акти да не било во надлежност на Наставно-научниот совет на факултетот како највисок орган на управување во организационата единица на Универзитетот.

Правејќи аналогија со Ректорската управа на Универзитетот, а со фактот дека согласно членот 155 од Статутот на Универзитетот не било предвидено носењето на општи акти во надлежност на Ректоратот, туку тоа било надлежност на Сенатот, подносителот дава потврда за претходно изнесените наводи.

Поради сето погоре наведено, подносителот му предлага на Уставниот суд да ги поништи посочените одредби од статутите на четирите факултети.

4. Судот на седницата утврди дека во член 80 став 1 алинеја 1 од Статутот на Економскиот факултет од Прилеп се предвидува:

„Покрај надлежностите утврдени со Закон, Деканатската управа е надлежна и за:
– донесување на: Правилник за систематизација на работните места, Правилник за утврдување на плата, надоместоци на плата и други примања на вработените на Економски факултет-Прилеп и други акти со кои се определуваат надоместоци за извршување на активности во врска со работењето на Факултетот;
– одлучување во втор степен по прашањата од работните односи на вработените во Факултетот, и
– одлучување во втор степен по прашања од правата и обврските на студентите.“

Член 88 став 1 алинеја 1 од Статутот на Правниот факултет од Кичево предвидува:

„Покрај надлежностите утврдени со Законот за високо образование, Деканатската управа е надлежна и за:
– донесување на: Правилник за систематизација на работните места, Правилник за утврдување на плата, надоместоци на плата и други примања на вработените и други акти со кои се определуваат надоместоци за извршување на активности во врска со работењето на факултетот;
– одлучување во втор степен по прашањата од работните односи на вработените во факултетот, и
– одлучување во втор степен по прашања од правата и обврските на студентите.“

Член 88 став 1 алинеја 1 од Статутот на Педагошкиот факултет од Прилеп предвидува:

„Покрај надлежноста утврдена со Закон и Статутот на Универзитетот, Деканатската управа е надлежна и за:
– Донесување на Правилник за систематизација на работните места, Правилник за плати за утврдување и исплата на плати, надоместоци на плати и други примања на Педагошкиот факултет-Битола и други акти чие донесување не е во надлежност на Наставно-научниот совет;
– одлучување во втор степен по прашањата од работните односи на вработените во Факултетот; и
– одлучување во втор степен по прашања од правата и обврските на студентите.
– Во рамките на утврдените надлежности со Законот, со Статутот и со другите акти на Универзитетот, како и со овој статут, Деканатската управа одлучува самостојно при располагањето со финансиските средства во рамките на финансиските планови утврдени од страна на Наставно-научниот совет за исплата на поединечни износи над 5.000,оо евра во денарска противвредност според средниот курс на еврото објавен од НБРМ на денот на донесувањето на одлуката.
– одлучува за издавачката дејност на Факултетот.“

Член 75 став 1 алинеја 1 од Статутот на Техничко-технолошкиот факултет од Велес предвидува:

„Покрај надлежностите утврдени со Закон, Деканатската управа е надлежна и за:
– донесување на: Правилник за систематизација на работните места, Правилник за утврдување на плата, надоместоци на плата и други примања на вработените на Технолошко-технички факултет Велес и други акти со кои се определуваат надоместоци за извршување на активности во врска со работењето на Факултетот;
– одлучување во втор степен по прашањата од работните односи на вработените во Факултетот и
– одлучување во втор степен по прашања од правата и обврските на студентите.“

5. Согласно член 46 од Уставот на Република Северна Македонија на универзитетот му се гарантира автономија. Условите за основање, вршење и престанок на дејноста на универзитетот, се уредуваат со закон.

Со член 1 од Законот за високото образование се уредуваат автономијата на универзитетот и академската слобода, условите и постапката за основање, статусни промени и престанок на високообразовните установи, нивната дејност, системот за обезбедување и оценување на квалитетот на високото образование, основите за организација, управување, развој и финансирање на високообразовната дејност, правата и обврските на студентите, признавањето на странските високообразовни квалификации и надзорот над работата на високообразовните установи.

Согласно член 109 став 1 од Законот за високото образование, Наставно-научниот совет е орган на управување и стручен орган на факултетот, додека пак во член 110 се предвидува дека Наставно-научниот совет на факултетот го донесува статутот на факултетот.

Со член 120 од Законот за високото образование се предвидува следново: (1) Деканатската управа, е орган на управување на факултетот и може да има најмалку пет, а најмногу 15 члена. (2) Деканатската управа, ја сочинуваат деканот, продеканите, и раководителите на внатрешните наставно-научни организациони единици определени со статутот на факултетот, избрани на тајни и непосредни избори од страна на членовите на организационите единици за период од три години со право на еден реизбор и најмалку еден член избран од факултетското студентско собрание. (3) Деканатската управа ја свикува и со седниците претседава деканот. (4) Деканатската управа, во рамките на својата надлежност: 1. се грижи за остварување на дејноста и развојот на факултетот, и за односите со пошироката општествена заедница и државните органи, 2. донесува акти за кои со статутот на универзитетот или статутот на факултетот е определено дека нивното донесување е во надлежност на деканатската управа и го следи нивното извршување, 3. ги подготвува и предлага актите и материјалите за прашања за кои одлучува наставно-научниот совет, деканот и 4. врши и други работи определени со статутот на факултетот.

Поаѓајќи од фактот дека со Законот за високото образование се определува дека Наставно-научниот совет и Деканатската управа се органи на управување на факултетот, следствено во законот се определени и задачите на овие органи на управување.

Согласно членот 21 од Законот за високото образование се предвидува следново: (1) Единицата на универзитет во рамките на својата дејност: 1. го планира остварувањето и развојот на дејностите за кои е основана во рамките на буџетските средства, самофинансирачките активности, донации и слично, 2. врши високообразовна, научно-истражувачка, применувачка, односно уметничка дејност во една или повеќе сродни, односно меѓусебно поврзани научни и стручни дисциплини и уметнички области, 3. остварува меѓународна соработка со сродни високообразовни и научни установи согласно со статутот на универзитетот и на единицата, 4. организира научни и уметнички собири, симпозиуми, семинари, советувања и други видови на собири, 5. во рамките на единствениот библиотечно-информациски систем утврден од универзитетот, ја организира работата на библиотеката и организира библиотечно-информациска и документациона дејност, 6. издава уверенија и други исправи за завршени студии и други видови на образование, според условите утврдени во статутот на универзитетот, 7. предлага и презема мерки за унапредување и заштита на стандардот на студентите и вработените, 8. остварува различни студии за надоградување, продлабочување или проширување на знаењата и континуирано образование, 9. разменува научни, уметнички и стручни услуги и производи со домашни и странски физички и правни лица, 10. остварува издавачка дејност и 11. врши и други работи утврдени со овој закон и статутот на универзитетот.
(2) Факултетот може да врши и високообразовна дејност за стручни студии, кои согласно овој Закон ги врши високата стручна школа, согласно со статутот на универзитетот.
(3) Единиците на универзитетот имаат веб-страница на која задолжително се објавуваат: 1. Статутот на единицата (со сите измени и дополнувања) и другите акти со кои се уредуваат внатрешните односи, 2. Решението за акредитација на секоја студиска програма одделно и решение за почеток со работа за секоја студиска програма одделно, 3. Актот за систематизација, 4. Деловникот за работа на наставно-научниот, односно научниот совет, 5. Правилникот за плати и надоместоци на единицата, 6. Извештај и одлука за последен избор во звање за секој наставник и соработник објавен во Билтенот, 7. Распоредот на работни задачи за тековната учебна година, најдоцна 10 дена пред почетокот на учебната година, 8. Завршна сметка, најдоцна во рок од 10 дена од денот на усвојувањето, 9. Годишен извештај, најдоцна во рок од 10 дена од денот на усвојувањето, 10. Прифатени теми за изработка на магистерски трудови, најдоцна во рок од 10 дена од денот на прифаќањето, 11. Прифатени теми за изработка на докторски трудови, најдоцна во рок од 10 дена од денот на прифаќањето, 12. Акти кои ги носи единицата согласно други закони и 13. Етичкиот кодекс.
(4) Самостојната висока стручна школа и научниот институт кој врши високообразовна дејност, на својата веб-страна ги објавува актите, документите и известувањата од ставот (3) на овој член.

Согласно членот 94 од Законот за високото образование се определуваат надлежностите на сенатот на универзитетот и истите се состојат во следново: 1. донесува статут на универзитетот и дава согласност на статутите на единиците во неговиот состав, 2. одлучува за наставната, научната, уметничката и високостручната (применувачка) дејност, 3. ги усвојува студиските програми на факултетите, односно на високите стручни школи и на научните институти во негов состав кои вршат високообразовна дејност согласно со овој закон, 4. ги предлага до Националниот совет за високо образование основите врз кои се определува школарината за студирање, 5. одлучува за основање и престанок на внатрешни организациони единици, организации и трговски друштва, 6. одлучува за статусни промени во согласност со овој закон, 7. утврдува мислење за престанокот на потребата од постоење на определени единици на универзитетот и за нивното трансформирање, 8. донесува годишна и тригодишна програма за развој и работа на универзитетот, 9. дава мислење и поднесува предлози на Програмата за високообразовна дејност и дава мислење по годишната програма за развој на единиците во неговиот состав, 10. дава мислење и поднесува предлози на националната програма за научно-истражувачката дејност на Република Македонија, 11. го усвојува годишниот извештај за работа на универзитетот, поднесен од Ректорот, 12. усвојува годишен финансиски план на универзитетот, 13. донесува годишна финансиска пресметка и годишен завршен финансиски извештај на универзитетот, 14. донесува програма за инвестиции на универзитетот, 15. одлучува по жалба против одлуката по приговор од лицето кое не e избрано ниту во постојното звање, согласно член 165 од овој закон, 16. одлучува за доделувањето на титула почесен доктор на науки (doctor honoris causa), звањето почесен професор на универзитетот (profesor honoris causa) и звањето професор емеритус, 17. избира универзитетска изборна комисија, 18. решава за потврдување на суспензијата на декан, односно директор на единицата на универзитетот, 19. го потврдува изборот на декан, односно директор на единиците на универзитетот, 20. дава мислење на националниот совет за високо образование по нормативите и стандардите за основање на високообразовни установи и за вршење на високообразовната дејност, 21. донесува правилник за посебните услови и постапката за избор во наставно-научни, наставно-стручни, научни, наставни и соработнички звања, 22. донесува правилници за условите, критериумите и правилата за запишување и студирање на трите циклуси на студии, 23. донесува правилник за единствениот кредит трансфер систем и преминот од една на друга студиска програма, односно од една на друга единица на универзитетот, 24. донесува правилник за издавањето на дипломи, додаток на дипломи, стручниот, односно научниот назив и други документи за завршени студии на високо образование и за условите и постапката за одземање на издадената диплома, 25. донесува правилник за начинот на кој се вршат стручно-административните работи од заеднички интерес на единиците на универзитетот, 26. донесува правилник за организирање на издавачката дејност и одлучува за издавачката дејност, 27. донесува програма за меѓународна соработка, 28. ги утврдува работните обврски на вработените и утврдува принципи за уредување на работните односи на вработените што изведуваат високообразовна, научна и уметничка дејност, 29. на предлог на ректорот избира и разрешува генерален секретар на универзитетот, 30. формира комисија за самоевалуација на универзитетот и ги избира нејзините членови, 31. донесува Упатство за самоевалуација и обезбедување и оценување на квалитетот на универзитетот и неговите единици во согласност со Правилникот за стандардите и постапката за самоевалуација и надворешна евалуација кој го донесува Националниот совет за високо образование, 32. донесува деловник за работа на сенатот, 33. презема мерки за унапредување и заштита на стандардот на студентите и вработените, 34. избира претседател на сенатот, 35. донесува општ акт за уредување на работата на центарот за кариера на универзитетот, 36. го донесува општиот акт од член 150 став (2) на овој закон со кој се утврдуваат условите за упис на студиски програми за лицата кои не завршиле еднакво образование во странство, 37. го донесува општиот акт од член 154 став (4) на овој закон со кој се пропишуваат можните начини на проверка на знаењето на студентите, 38. избира вршител на должноста ректор согласно со овој закон, 39. од редот на редовните професори на универзитетот избира овластено лице за прием на пријави на корупција, 40. донесува општ акт со кој ја уредува работата и месечниот надомест на овластеното лице за прием на пријави на корупција, 41. на предлог на универзитетското студентско собрание, избира студентски правобранител, 42. донесува програма за обезбедување на технологија и/или адаптација на просторот во кој се одвива наставата заради овозможување пристап до високото образование на лицата со попреченост и 43. врши други работи утврдени со овој закон и со статутот на универзитетот.

Наведените членови 21 и 94 од Законот за високо образование од страна на иницијаторот уредуваат прашања поврзани со надлежностите на единиците на Универзитетот од една страна и надлежностите на сенатот од друга страна, а со тоа произлегува дека истите не го уредуваат прашањето дали донесувањето на наведените правилници во иницијативата се во надлежност на Деканатската управа или на Наставно-научниот совет.

Согласно член 178 од Статутот на Универзитетот „Климент Охридски“ Битола, Наставно-научниот совет го сочинуваат редовните и вонредните професори и доцентите кои се во работен однос на факултетот. Наставничкиот совет го сочинуваат професорите, вишите предавачи и предавачите кои се во работен однос на високата стручна школа. Во Наставно-научниот/Наставничкиот совет свои претставници избира и факултетското студентско собрание/студентско собрание на високата стручна школа кои учествуваат со 10% од вкупниот број членови на Наставно-научниот/Наставничкиот совет, со мандат од 1 година без право на повторен избор. Поблиски одредби за начинот на избор на претставниците на студентите се утврдуваат со статут на единицата.

Врз основа на членот 191 од Статутот на Универзитетот „Климент Охридски“ Битола, составот и надлежностите на Деканатската управа/Управата на високата стручна школа/Советот на научниот институт се утврдени со закон и со статутот на единицата.

За компарација со наведениот случај, се анализираа статутите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, и на Правниот и Економскиот факултет во склоп на овој универзитет. За разлика од статутите наведени во иницијативата, во овие статути има различен пристап на регулирање на оспореното прашање, односно во Статутот на Универзитетот само општо се наведува дека Наставно-научниот совет и деканатската управа постапуваат согласно Законот за високото образование и статутот на единицата, меѓутоа во анализираните статути на двата факултети се наведува дека донесувањето на општи акти е во надлежност на наставно-научниот совет.

Додека во оспорените статути има различно решение односно Правилникот за систематизација на работните места, Правилникот за утврдување на плата, надоместоци на плата и други примања на вработените и други акти со кои се определуваат надоместоци за извршување на активности во врска со работењето на факултетот, се одделуваат од другите општи акти и нивното донесување е во надлежност на Деканатската управа.

Согласно член 110 од Законот за високото образование донесувањето на статутот е во надлежност на Наставно-научниот совет на факултетот, додека пак согласно член 120 став 4 точка 2 од Законот за високото образование, Деканатската управа во рамките на својата надлежност донесува акти за кои со статутот на универзитетот или статутот на факултетот е определено дека нивното донесување е во надлежност на деканатската управа и го следи нивното извршување.

Имајќи ги предвид членовите 178 и 191 од Статутот на Универзитетот, а во врска со членовите 110 и 120 од Законот за високото образование, Судот утврди дека факултетите односно единиците во состав на Универзитетот имаат овластување да носат свој статут и во истиот да ги регулираат надлежностите на нивните организациони единици.

Судот утврди дека оспорените одредби не се во спротивност со Законот за високото образование, напротив Наставно-научниот совет постапувајќи во согласност со своите надлежности определени со Законот донесува Статут и во истиот може да определи дека во надлежност на Деканатската управа е донесување на Правилник за систематизација на работните места, Правилник за утврдување на плата, надоместоци на плата и други примања на вработените и други акти со кои се определуваат надоместоци за извршување на активности во врска со работењето на факултетот, имајќи предвид дека во Законот за високо образование тоа е така определено.

Согласно членот 60 од Статутот на Универзитетот, единиците на Универзитетот немаат својство на правно лице, но имаат права и обврски, определени со Законот и со овој статут. Единиците на Универзитетот настапуваат во правниот промет според овластувањата определени со овој статут. Во рамки на сметките на Универзитетот од член 59 од овој статут, единиците имаат сметки на коишто се водат средствата стекнати од Буџетот на Република Северна Македонија и сметки на коишто се водат средствата стекнати од други извори. Единиците на Универзитетот самостојно, во свое име и за своја сметка, во рамките на своите овластувања, настапуваат во правниот

промет со трети лица заради остварување на дејностите утврдени со Законот, овој статут и актите на Универзитетот. Единиците на Универзитетот самостојно, во свое име и за своја сметка, настапуваат во правниот промет со трети лица во располагањето со средствата стекнати од Буџетот на Република Северна Македонија (член 198 став 1 точка 1) и со средствата стекнати од други извори (член 198 став 1 точка 2), по намирувањето на обврските утврдени со член 201 од овој статут.

Врз основа на членот 107 покрај надлежностите утврдени во член 94 од Законот за високото образование, Сенатот е надлежен: 1. да донесува општи акти за материјалните и финансиските прашања поврзани со средствата за остварување на интегративните функции на Универзитетот, 2. да избира членови од Универзитетот од редот на редовните професори во составот на Интеруниверзитетската конференција, со тајно гласање, 3. да го потврдува изборот на редовен професор извршен од страна на наставно-научниот совет на факултетот, 4. да донесува одлуки за стекнување и престанок на статус придружна членка на Универзитетот, 5. да одлучува по жалби кога тоа е утврдено со закон, со овој статут и со актите на Универзитетот, 6. да формира комисии за одлучување по жалба кога тоа е утврдено со закон, со овој статут и со актите на Универзитетот, 7. да дава предлог до Владата на РСМ за отуѓување на недвижниот имот на Универзитетот, 8. да зазема ставови и да донесува заклучоци за прашања од заеднички интерес на единиците што се однесуваат на високообразовната, научно-истражувачката и уметничката дејност, 9. да врши и други работи утврдени со закон, со овој статут и со другите акти на Универзитетот.

Понатаму, анализирајќи ги членовите 60 и 107 од Статутот на Универзитетот, Судот утврди дека истите ги регулираат правата и обврските на единиците на Универзитетот и надлежностите на Сенатот.

Во Статутот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ Битола во членот 191 е пропишано дека составот и надлежностите на Деканатската управа се уредени со закон и со статутот на единицата.

Во конкретниот случај, согласно Законот за високото образование и согласно Статутот на Универзитетот „Климент Охридски“, единиците во состав на универзитетот, имаат овластување со сопствен статут да ги регулираат надлежностите на нивните организациони единици, како што го имаат сторено тоа со оспорените статути во однос на надлежностите на Деканатската управа.

Од друга страна, Уставниот суд нема надлежност да оценува меѓусебна согласност на акти од ист ранг, што значи не може да оценува дали статутите на факултетите се во согласност со Статутот на Универзитетот, како што се наведува во иницијативата.

6. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.115/2021
09.02.2022 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска