У.бр.308/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 1 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 26 јануари 2022 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на Проектот за инфраструктура за изградба на пристапна улица од измена и дополна на ДУП за дел МЗ Маџари 2, КО Синѓелиќ 1, Општина Гази Баба, изработен од Друштво за трговија и услуги БИЛД УРБАН ДООЕЛ – Скопје, со тех.број 0801-414/19 од февруари 2020 год. со граница на проектен опфат (563 м2), одобрен од страна на Борис Георгиевски, поранешен градоначалник на Општина Гази Баба, Скопје.

2. Милка Иванова и други, преку полномошник Панче Ефтимов, адвокат од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите изнесени во иницијативата, оспорениот проект не бил донесен во согласност со членот 52 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.199/2014, 44/2015, 193/2015, 31/2016, 136/2016, 64/2018 и 168/2018), кој се применувал во моментот на изготвување и одобрување на проектот.

Во наводите се наведува дека врз основа на одобрениот проект од страна на Општина Гази Баба, градежното друштво ГРАНИТ АД Скопје, во својство на изведувач, започнал со изведување на градежни работи на недвижноста пространа на КП бр.4566/1, за КО Сингелиќ 1, ул. „Палмиро Тољати“ бр.133 Скопје, со цел изведување на инфраструктурна градба – пат/улица.

Меѓутоа, при изготвувањето и одобрувањето на предметниот проект не бил земен предвид изводот од План бр.28-3/2663/2 од 06.08.2019 год. кој бил составен дел на самата проектна документација, што во целост било спротивно на одредбата од членот 52 од Законот за просторно и урбанистичко планирање. Ова од причина што со ставот 3 на членот 52 јасно било утврдено дека проектот за инфраструктура се изработува врз основа на извод од Просторен план или извод од урбанистичките планови или извод од урбанистичко-планската документа-ција при што истиот ја прикажува трасата на инфраструктурата и други податоци утврдени со прописот од став (13) на овој член.

Оспорениот проект, исто така, не ја прикажувал трасата на инфраструктурата, како и не ги содржел останатите податоци утврдени со Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.142/2015, 217/2015, 222/2015, 228/2015, 35/2016, 99/2016, 134/2016, 33/2017 и 86/2018), односно прописот од став 13 на членот 52 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Во прилог на наведеното, подносителот доставува и вешт наод и мислење во кој биле утврдени неколку пропусти, и тоа: – со проектот се вршела пренамена на основната класа на намена, од станбена во комунална инфраструктура; – проектот предвидувал пристапна улица без да ги содржи сите елементи на кривина на сообраќајница; – со проектот се вршела измена на секундарната сообраќајна мрежа; – проектот не содржел студија за оцена на влијанието на проектот врз животната средина одобрена од надлежен орган.

Поради наведеното, од Уставниот суд се бара да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на предметниот проект.

3. Судот, на седницата утврди дека поранешниот градо-началник на Општина Гази Баба по претходно доставен предлог за одобрување на проект за инфраструктура бр.28-3/914/4 од 14.05.2020 година од страна на Секторот за урбанизам и градежно земјиште, а во врска со барање поднесено преку информациски систем за е-урбанизам со број на постапка 27379, заведен под број на предмет 28-3/914 од 08.04.2020 година за одобрување на Проект за инфраструктура за изградба на пристапна улица од измена и дополна на ДУП за дел МЗ Маџари 2, КО Синѓелиќ 1, Општина Гази Баба, изработен од Друштво за трговија и услуги БИЛД УРБАН ДООЕЛ – Скопје, со тех.број 0801-414/19 од февруари 2020 год. со граница на проектен опфат (563 м2), донел Потврда за заверка на Проект за инфраструктура бр.28-3/914/5 од 14.05.2020 година.

Судот, исто така, утврди дека во Потврдата за заверка на предметниот проект е наведено дека согласно член 52 став 10 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Сл.весник на РМ“ бр.199/14, 44/14, 193/15, 31/16, 163/16 и 64/18) се потврдува заверката на Проект за инфраструктура за изградба на пристапна улица од измена и дополна на ДУП за дел МЗ Маџари 2, КО Синѓелиќ 1, Општина Гази Баба, со граница на проектен опфат (563 м2), претставена описно со координати за секоја прекршна точка од 1 до 14.

Судот утврди и дека просторот за изработка на предметниот проект е детално дефиниран со координати на детални точки и при спроведување на постапката за одобрување на истиот, била разгледана целокупната документација приложена кон барањето.

4. Според член 110 став 1 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.199/2014, 44/2015, 44/2015, 193/2015, 31/2016, 163/2016, 64/2018 и 168/2018), кој се применувал во моментот на изготвување и одобрување на оспорениот проект, во членот 5 под поимот „планирање на просторот“ подразбира изработување и донесување на следната планска документација: просторен план, урбанистички планови, регулациски план на генерален урбанистички план, урбанистичко-плански документации и урбанистичко-проектна документација. Притоа, како урбанистичко-проектна документација е дефиниран поимот „проект за инфраструктура“, кој како документација се изработува за линиски инфраструктурни објекти утврдени со Законот за градење, како и за инфраструктурни објекти составени од повеќе делови од кои најмалку еден дел претставува линиска инфраструктура.

Постапката за изготвување и одобрување на проектот за инфраструктура е пропишана со членот 52 од Законот. Притоа, со ставот 1 е предвидено дека проект за инфраструктура е урбанистичко-проектна документација којашто се изработува за линиски инфраструктурни објекти утврдени со Законот за градење, за функционални делови од линиски инфраструктурни објекти како и за инфраструктурни објекти составени од повеќе делови од кои најмалку еден дел претставува линиска инфраструктура, во случаите кога трасата на линискиот инфраструктурен објект не е утврдена во урбанистички план од членот 7 од Законот. Со проектот за инфраструктура може да се врши и изменување и дополнување на делови од претходно одобрен проект за инфраструктура. Со членот 52, меѓу другото, се предвидува и дека проектот за инфраструктура го изработува правно лице кое е носител на лиценца за изработка на урбанистички планови издадена согласно овој закон или правно лице кое е носител на лиценца за изработка на проектна документација издадена согласно Законот за градење и на истиот се врши стручна ревизија согласно член 37 на овој закон (став 6). Исто така, по спроведената постапка, проектот се одобрува од страна на надлежен орган, со потврда за заверка во електронска форма или се доставува известување за констатирани недостатоци (став 10).

Според Законот за градење, линиски инфраструктурни градби се јавен пат, мостови, железничка инфраструктура, далновод, нафтовод, продуктовод, гасовод, топловод, водовод, канализација, телекомуни-кациски водови и други објекти, кои можат да бидат надземни или подземни и чија изградба претставува јавен интерес утврден со закон.

Од наведеното произлегува дека законодавецот со Законот за просторно и урбанистичко планирање го дефинирал проектот за инфраструктура како урбанистичко-проектна документација, која презенти-ра инфраструктура со наменска употреба на земјиштето и која секогаш е во функција на останатите содржини во постојното и планирано подрачје, без да врши пренамена на градежните парцели предвидени со урбанистичките планови.

Притоа, од одредбите на членот 52 од Законот за просторно и урбанистичко планирање произлегува и дека проектот за инфраструктура, во зависност од категоријата на линиските објекти, го одобрува градоначалникот во име на општината, односно Градот Скопје, на чие подрачје се предвидува инфраструктурниот објект. Оттука, може да се заклучи дека проектот за инфраструктура спаѓа во доменот на надлежностите во работењето на локалната самоуправа и активностите во инфраструктурното уредување на постојните, веќе планирани подрачја.

Меѓутоа, имајќи ги предвид наводите изнесени во иницијативата во однос на тоа дека при изработување на оспорениот проект не бил земен предвид Извод од План бр.28-3/2663/2 од 06.08.2019 год. кој бил составен дел на самата проектна документација, како и тоа дека оспорениот проект не ја прикажувал трасата на инфраструктурата и не ги содржел податоците утврдени со Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, Судот смета дека ова се прашања кои не може да се разгледуваат од уставно-правен аспект за што всушност е надлежен Уставниот суд. Ова оттука што пред да биде одобрен изготвениот инфраструктурен проект, истиот подлежи на стручна ревизија со која се утврдува дали проектот за инфраструктура е изработен во согласност со одредбите на Законот за просторно и урбанистичко планирање и прописите донесени врз основа на овој закон.

Поради ова, во однос на овие наводи, Судот оцени дека не се исполнети условите за Уставниот суд да се впушти во анализа на основаноста на истите и согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, настапени се условите за отфрлање на иницијативата.

Останатите наводи во иницијативата, всушност се сведуваат на цитирана содржина од изготвен вешт наод и мислење од страна на вешто лице, без притоа да бидат изнесени аргументирани наводи од страна на подносителот кои Судот би ги разгледувал од аспект на законското проблематизирање на оспорениот проект. Оттука, Судот оцени дека и во однос на овие наводи, инцијативата може да се отфрли, согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Судот.

На крајот, иако покрај законитоста, со иницијативата се бара оценување и на уставноста на оспорениот проект, од содржината на иницијативата произлегува дека не се содржани одредби од Уставот од аспект на кои би се проблематизирал оспорениот проект, а исто така, воопшто не се содржани аргументи за негово уставно проблематизирање.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.308/2020
26.01.2022 гoд.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска