Уставниот суд избра портпарол – советник на Судот за односи со јавноста

За прв пат од своето основање Уставниот суд на Република Северна Македонија ја востанови позицијата портпарол-советник на Судот за односи со јавноста. Довербата и можноста ѝ припаднаa на нововработената Христина Беловска.

Како институција којашто ja штити уставноста, законитоста и граѓанските слободи и права Уставниот суд ја ценеше сензибилизираната јавност којашто е поделена во аргументите за ефективноста на службите за односи со јавноста во голем број институции. Дел од овие дебати во минатите години вклучуваа и прашања за компетенциите и улогата на овој кадар во институциите којшто со своето професионално делување треба да придонесе за отворено и транспарентно владеење. Од тие причини Уставниот суд спроведе постапка на избор на квалификуван кадар со висок мерит и строги критериуми со цел оваа промена во институцијата да даде реален придонес кон поинформирано општество.

По објавениот оглас во јули 2021 година, се спроведе стручен испит и интервју на пријавените кандидати по што судиите едногласно донесоа одлука за избор на Христина Беловска на работното место портпарол на Судот како квалификуван и стручен кадар на оваа позиција.

Христина Беловска има десетгодишно искуство како новинарка којa обработувала теми од правосудството, организираниот криминал и корупција, владеењето на правото во Македонија и европското право, граѓанските права и слободи. Кариерата ја почнала во студентското радио „Студент ФМ”, а првото нејзино професионално вработување е во националната телевизија „Сител“.

Потоа продолжува во редакцијата на „Телевизија 24” и во „Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ)”. Беловска е една од единаесеттемина новинари кои заедно со десет судии го основаа Судско-медиумскиот совет кој по својата надлежност е трети во светот и прв во Европа. Во вториот мандат на овој совет, Беловска е потпретседателка сẻ до вработувањето во Уставниот суд. Во рамките на Судско-медиумскиот совет Христина Беловска е ангажирана и како тренер и предавач на судии на новинарските школи за судии, кои имаат за цел зголемување на транспарентноста на судството и надминување на проблемите на јавноста и медиумите во правосудните институции.

Своето образование Христина Беловска го завршува на Правниот факултет „Јустинијан I“ во Скопје каде што се стекнува со звањето дипломиран новинар со просек 8.17, а понатаму студиите ги продолжува на насоката Односи со јавноста, со просек 9.80 и магистрира на темата: „Комуникациски и правни аспекти на транспарентноста на судството во Република Северна Македонија”.

Во текот на својата кариера Беловска активно учествува и во новинарските организации, а два мандати дава придонес и во Извршниот одбор на ССНМ (Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници).

Дел е од деветмесечна обука преку Фулбрајт програмата на САД за едукација на студенти – новинари за новинарство, а во текот на студиите и работењето е дел од бројни тренинзи и обуки за функционирањето на правосудниот систем, медиумското лобирање, медиумската писменост и е сертифицирана новинарка за мултимедијално новинарство од програмата на „Томсон медиа”.

Уставниот суд низ годините ангажираше дел од своите вработени-советници за делот со односите со медиумите. Со вработувањето на Христина Беловска, Уставен суд ќе работи на зајакнување на транспарентноста, подготвување на комуникациска стратегија и развивање на професионални профили на социјалните мрежи кои ќе бидат медиуми преку кои сите граѓани ќе се запознаат одблизу со работата на Уставниот суд, но и да придонесат преку оваа секојдневна комуникација да се апсолвира гласот на граѓаните.

 

Контакт: +389 77 540 656

E-mail: jovanovah@gmail.com