Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 3 ноември 2021 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 2 став 2 од Уставниот закон за спроведување на Амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 6/2019).
2. Олгица Трајковска од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на Уставниот закон означен во точката 1 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата, со Амандманот XXXIII се менувал називот на државата и консеквентно, во членот 4 на Уставот којшто го регулирал прашањето за државјанство, се менувал само називот на државата, но одредбата за државјанство останувала непроменета.
Со ниеден амандман, ниту со Амандманот XXXIII, којшто бил предмет на спроведување на овој член од Уставниот закон, не се утврдувал уште еден назив за државјанството, од веќе утврденото со членот 4 на Уставот. Имено, со ниеден амандман „Државјанството на Републикава…“ не се дополнувало со – ново државјанство со нов назив:„македонско“.
Поимот/придавката „македонско/ка/ки“ се однесувала и можела да се однесува само на изразување национална припадност на граѓаните, припадници на македонскиот народ, согласно Преамбулата на Уставот. Противуставноста/контрадикторноста на воведувањето на „македонско“ само како поим/придавка за „државјанство“ била потенцирана со самата оспорена/противуставна одредба на Уставниот закон, каде било утврдено дека …„државјанството ќе биде македонско/ граѓанин на Републиката…, што не ја определува ниту ја предодредува етничката припадност на граѓаните.“
Одвојувањето на двата називи на „државјанството“ со коса црта без белини („македонско/државјанин на Република…“), според правописот на македонскиот јазик значело дека овие два називи се истоветни/синоними, со значење „или, односно…“. Кога било така, дали тоа упатувало само на можност од употреба само на едниот од двата називи, како рамноправни? Секако, тоа би било неприфатлива пракса, со оглед на меѓународните стандарди во таа сфера. Но, исто така, би било неприфатливо и едновремено користење на двата називи!
Логично следувало прашањето: дали на граѓаните од албанска, турска, српска и др. националност во личните документи ќе им стоело: „ македонско/граѓанин на Република…“ ?
Понатаму во иницијативата, во заграда, се упатува на обрасците бр. 1 и 2 на МВР за барање за добивање лична карта. Во македонската верзија, за граѓаните кои го користат македонскиот јазик, првенствено од македонска националност, недостасувала графа за “национална припадност“, за разлика од онаа на албански јазик, за граѓаните од албанска националност. Следува НАПОМЕНА: поради дискриминација по оваа основа, подносителката на иницијативата, едновремено со оваа иницијатива поднесувала и барање до Уставниот суд, за заштита од дискриминација, според член 110/3 од Уставот.
Во ниеден личен документ (патна исправа) во ниедна држава на светот, па ниту според македонските прописи (Уставот!) немало два одделни/синонимни називи за исто државјанство на иста држава. Но според оспорената одредба (чудно?), се воведувал двоен назив за исто државјанство?
Термините „националност“ и „државјанство“ поимовно се разликувале, првенствено, како во нормативна смисла, така и во теориска, јазична итн.
Понатаму, во иницијативата следи приказ на нормативно и на теоретско/научно разграничување на тие термини.
Нормативно разграничување:
Почнувајќи од Уставот, законите, подзаконските и други акти во националното законодавство, постоела јасна дистинкција меѓу овие поими и нивни консеквентни правни последици, и тоа: Преамбулата на Уставот; утврдување и гарантирање на основните слободи и права на човекот и граѓанинот по основ на национална припадност, и одделно, по основ на државјанство; забрана од дискриминација; обезбедување посебни права по основ на национална припадност; користење јазик, образование, вработување и сл. – до заштита и негување на идентитетски обележја; режим на заштита на авторското и сродните права; лични документи итн.
Теоретско/научно разграничување:
„Клучни разлики меѓу националноста и државјанството
– Статусот што потекнува од фактот дека лицето потекнува од одредена нација се нарекува националност. Државјанството е политички статус што може да се стекне со исполнување на законските барања утврдени од страна на владата на таа држава.
– Националноста е етнички (или расен) концепт. Од друга страна, државјанството е правен или јуристички концепт.
– Националноста на едно лице го покажува местото (просторот на етникумот или државата) на раѓање додека државјанството на едно лице покажува дека е регистрирано како граѓанин од страна на владата на одредена држава во границите во кои е признаена.
– Лицето може да стане национален граѓанин на една држава со раѓање или со наследство (потекло, корени). Наспроти ова, постојат разни начини за стекнување државјанство од одредена држава, односно преку раѓање, наследство, брак, натурализација или регистрација.
– Националноста на лицето не може да се менува, но неговото државјанство може да се менува.
– Националноста на едно лице не може да се поништи, додека стекнатото државјанство може да се поништи.
– Лицето не може да биде национален припадник на повеќе држави. За разлика од тоа, лицето може да има државјанство од повеќе држави истовремено.“
Апсорбцијата/подведувањето на поимот/придавката „македонско/ка/ски“ – како обележје/придавка на националните карактеристики на македонскиот народ (јазик, идентитет, историја, фолклор…) под поимот „државјанство“, ги лишувало припадниците/граѓаните од македонска национална припадност (македонскиот народ) од правото на самоопределување, како ius cogens, утврдено со меѓународното право, чии правни акти биле ратификувани од оваа држава согласно нејзиниот Устав и биле дел од правниот поредок (Основната декларација за човековите права и Повелбата на ООН, Европската конвенција за заштита на човековите права и многу други).
Како дополнителни појаснувања, се наведува дека очигледно било дека законодавецот имал намера, неосновано и противуставно, преку Уставниот закон, во националното законодавство, незабележливо, „на мала врата“, да вгради одредби од таканаречениот Преспански договор („Спогодбата – Конечна спогодба за решавање на разликите опишани во Резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 г. и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните“).
Но предмет на оваа иницијатива не било оспорувањето на неговата недозволива содржина, ниту криминалниот начин на неговото склучување и ратификација. Туку, дури и под претпоставка дека овој договор бил легален и легитимен во секоја смисла, законодавецот не извршил негова правилна и доследна имплементација во националното законодавство. Со тоа, член 2 став 2 од Уставниот закон не бил во согласност ниту со Преспанскиот договор.
Имено,
– Договорот бил склучен исклучиво на англиски јазик, оттука официјална верзија била само англиската верзија на Договорот.
– Во англискиот јазик, поимот/придавката „macedonian“ немала родова и множинска форма.
– Во Договорот, утврдена била дистинкција меѓу двата поими: за националност (nationality) и за државјанин/ство (citizen/ship).
– „националноста“ била врзана со „macedonian“, а „државјанинот/ството“ со (новиот) назив/име на државата „Republik of…“
– Во преводот на македонски јазик и „националноста“ и „државјанинот/ството“ биле подведени под ист поим „државјанство“ наместо консеквентно, на поимот „националност“ да следи „македонска“, а „државјанинот/ството“ да биде на „Република…“. Особено заради веќе посочената родова/множинска неопределеност на придавката „macedonian“ во англискиот јазик.
– Во прилог на напред изнесеното било и поимновното определување на „nationality“ и „citizen/ship“ во Оксфордскиот речник на англиски јазик.
– Текстот на членот 1 став 3 точка б) во англиската и македонската верзија недопуштено – суштински се разликувале:
а) The nacionality of the Second party shall bi Macedonian/citizen of the Republik of…”
б) Државјанин/ството на Втората страна ќе биде македонско/граѓанин на Република…“.
– Натаму, во Договорот поимот „ мacedonian“ и неговото користење било детално разработено, со што се определувало и неговото значење кое се однесувало и на член 1 став 3 точка б), со што се анулирале евентуалните поинакви толкувања, особено не во смисла на погрешниот и стеснет превод од македонски јазик.
Оттука, членот 2 од Уставниот закон, покрај тоа што не бил во согласност со Уставот, не бил во согласност ниту со Преспанскиот договор (член 1 став 3 точка б) – оригинална верзија на англиски јазик.
Поради наведеното, подносителот на иницијативата предлага Уставниот суд да поведе постапка и да ја поништи посочената одредба од Уставниот закон.
Исто така, се предлага Уставниот суд да изрече времена мерка за запирање од извршување на посочената одредба од Уставниот закон.
На крајот, во рубриката III ПРИЛОЗИ, подносителот наведува дека барањето до Уставниот суд за заштита од дискриминација, со прилозите (Обрасци бр.1 и 2), ги доставува едновремено со оваа иницијатива.
3. Судот на седницата утврди дека според член 2 став 2 од Уставниот закон за спроведување на Амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Македонија, од денот на влегувањето во сила на Амандманот XXXIII, државјанството ќе биде македонско/граѓанин на Република Северна Македонија, што не ја определува ниту ја предодредува етничката припадност на граѓаните.
4. Според член 8 став 1 алинеjа 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Според членот 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Согласно членот 52 од Уставот:
Законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила.
Законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија” најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување.
Законите влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето, а по исклучок, што го утврдува Собранието, со денот на објавувањето.
Законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.
Според член 68 став 1 алинеи 1 и 2 од Уставот, Собранието на Република Северна Македонија го донесува и изменува Уставот, како и донесува закони и дава автентично толкување на законите.
Главата VIII. од Уставот носи назив: ИЗМЕНА НА УСТАВОТ (членови 129-131).
Според членот 129, Уставот на Република Северна Македонија се изменува и дополнува со уставни амандмани.
Согласно членот 130, предлог за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија може да поднесат претседателот на Републиката, Владата, најмалку 30 пратеници или 150.000 граѓани.
Членот 131 (ставот 4 на овој член е додаден со Амандманот XVIII на Уставот), гласи:
„ Одлука за пристапување кон измена на Уставот донесува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Нацртот за измената на Уставот го утврдува Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и го става на јавна дискусија.
Одлука за измена на Уставот донесува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Одлука за измена на Преамбулата, членовите за локална самоуправа, членот 131, која било одредба што се однесува на правата на припадниците на заедниците, вклучувајќи ги особено членовите 7, 8, 9, 19, 48, 56, 69, 77, 78, 86, 104 и 109, како и одлука за додавање која било нова одредба која се однесува на предметот на тие одредби и тие членови, ќе биде потребно двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници во кое мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците што не се мнозинство во Република Македонија.
Измената на Уставот ја прогласува Собранието.“
Во главата IX. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ (членови 132-134), членот 133 го уредува следното:
„За спроведување на Уставот ќе се донесе уставен закон.
Уставниот закон се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Уставниот закон го прогласува Собранието и влегува во сила истовремено со прогласувањето на Уставот.“
Според членот 134, Уставот влегува во сила со денот на прогласувањето од Собранието на Република Северна Македонија.
5. Од анализата на наведените уставни одредби произлегува дека Уставот на Република Северна Македонија може да се изменува и дополнува со уставни амандмани, во пропишана постапка за изменување на Уставот, при што се утврдува дека одлуката за измена на Уставот ја донесува Собранието, со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, како и се утврдува дека измената на Уставот ја прогласува Собранието. Уставот влегува во сила со денот на прогласувањето од Собранието.
Исто така, се утврдува дека за спроведување на Уставот ќе се донесе уставен закон, кој исто како и одлуката за измена на Уставот, се носи со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, дека уставниот закон го прогласува Собранието и дека истиот влегува во сила истовремено со прогласувањето на Уставот.
Оттука, произлегува дека уставниот закон за спроведување на Уставот се разликува од законите кои Собранието ги носи согласно член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот.
Имено, овие закони, согласно членот 75 од Уставот, се прогласуваат со указ кој го потпишуваат претседателот на Републиката и претседателот на Собранието, и истите согласно член 52 став 1 од Уставот, се објавуваат пред да влезат во сила, при што влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, а по исклучок, што го утврдува Собранието, со денот на објавувањето.
Уставниот закон, пак, го прогласува Собранието, исто како и измената на Уставот, и влегува во сила истовремено со прогласување на Уставот, од каде произлегува дека за уставниот закон, како и за Уставот, не важи правилото vacatio legis. Уставниот закон има карактер на преодни уставни одредби, односно уставниот закон е средство за спроведување на Уставот, односно уставните измени во пракса, со него се уредува (определува) начинот и времето на примената на одделни одредби од прогласените измени на Уставот.
Уставот на Република Северна Македонија предвидува донесување само на уставен закон за спроведување на Уставот и не предвидува да се донесуваат други закони кои во својот назив го содржат зборот „уставен“.
Од донесувањето на Уставот на Република Северна Македонија до денес, донесени се 36 амандмани на Уставот, и донесени се четири уставни закони, и тоа: Уставен закон за спроведување на Уставот на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.52/1991), Уставен закон за изменување и дополнување на Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.4/1992), Уставен закон за спроведување на Амандманите од XX до XXX на Уставот на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.107/2005) и Уставен закон за спроведување на Амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.6/2019).
6. Според член 110 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Од наведената уставна одредба произлегува дека Уставот не утврдува надлежност на Уставниот суд да ја оценува уставноста на уставен закон кој се носи за спроведување на Уставот.
Во согласност со член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Уставниот закон за спроведување на Амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Македонија е донесен на седницата на Собранието одржана на 11 јануари 2019 година, на која се донесени и прогласени Амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот. Уставниот закон е донесен и прогласен со 81 глас од вкупниот број пратеници, односно со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, што е во согласност со член 133 од Уставот.
Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека иницијативата за оценување на уставноста на член 2 став 2 од наведениот уставен закон треба да биде отфрлена согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, поради ненадлежност на Уставниот суд да одлучува за тоа прашање.
7. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.
У.бр.8/2021
3 ноември 2021 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска