Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 2 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 20 октомври 2021 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 8 став 1 и член 34 став 1 од Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија 2021 („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 19/2021 и 74/2021).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 51 од Законот означен во точката 1 на ова решение.
3. Националниот блок „Не отварам врата“ до Уставниот суд поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точките 1 и 2 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата, оспорените одредби од Законот не биле во согласност со членот 7, член 8 став 1 алинеи 1, 2 и 3, членот 9, член 16 став 1, член 19 ставови 1 и 2, член 39 став 2 и членот 51 од Уставот.
Во иницијативата се наведува дека во член 8 став 1 од Законот се пропишувало дека за лицата кои се на привремена работа или престој во странство податоците од член 10 став 1 алинеи 6 и 8 за етнички и религиозни карактеристики за лицата кои ќе бидат опфатени со пописот според член 6 точка 1 од Законот ги давало полнолетно лице на кое му се најмногу познати.
Во член 34 став 1 од Законот било пропишано дека апликацијата со која ќе се врши попишувањето ќе биде изготвена на 7 (седум) јазици: македонски, албански, турски, ромски, влашки, српски и босански, а во членот 51 била пропишана глоба во износ од 200 до 300 евра за прекршок на физичко лице ако одбие да ги даде податоците што се бараат од него за Пописот.
Понатаму, во иницијативата се дава содржината на Амандманот V од Уставот, член 8 став 1 алинеи 1, 2 и 3, членот 9, член 16 став 1, членот 19, член 39 став 2 и членот 51 од Уставот.
Во иницијативата се наведува дека од анализата на наведените уставни и законски одредби, јасно и недвосмислено произлегувало:
– Етничката и религиозната припадност било лично право на секој поединец и не можело никој друг во негово име да ги дава овие определби. Припадноста кон етничка заедница било лично чувство на припадност кон одредена етничка заедница. Религијата, генерално, се сметала како збир на верувања и практики кои вклучуваат признавање на божество или вишо суштество, сила или принцип според кој луѓето ги водат своите животи во практична и морална смисла. Овие определби биле едни од најчувствителните прашања и никој со ништо не смеел да влијае врз лицата во давањето на одговорот на ова прашање при пописот. Станувало збор за строго лична работа, за составен дел на приватноста. Дури, одредено лице можело од приватни причини и да не се изјасни по овие прашања или во однос на религиската припадност да се изјасни дека бил атеист, односно не верник.
Според тоа, овие определби не можело да ги дава трето лице, на пример комшија, другар, роднина… Граѓаните не можело да се дискриминираат на начин што за време на попис некој друг ќе им ја определувал етничката и религиозната определба по основ на уставно непознати термини кои се користеле во оспорените одредби во смисла податоци за етничките и религиозните карактеристики да се даваат според формулацијата во Законот: „полнолетно лице на кого му се познати“.
– Слободата на уверувањето гарантирана со Уставот требало да овозможи граѓаните слободно да го избираат погледот на светот, односно секој човек имал право на слобода на мислата, совеста и верата. Тие не трпеле ограничувања.
– Граѓанинот имал обврска да се грижи за сопственото здравје и здравјето на другите. Во таа насока, на 11 март 2020 година, Светската здравствена организација прогласила глобална пандемија на болеста COVID-19 предизвикана од коронавирусот SARS CoV-2, а кое нешто, Република Северна Македонија како членка на СЗО била во обврска да го почитува. Во Македонија била прогласена кризна состојба заради заштита на јавното здравје, односно справување со кризна состојба која претставувала ризик по здравјето и животите на луѓето. Оттука, во услови на пандемија, посетата на т.н. попишувачи кои посетуваат бројни домови од својот пописен реон кој опфаќал повеќе општини (во државата имало 80 општини, а според Законот имало 50 пописни реони) било директна закана по здравјето земајќи предвид дека општо познато било како се пренесува вирусот.
Затоа попис во услови на пандемија и парична санкција во Законот за недавање на податоци преку одбивање на средби во своите домови заради заштита на сопственото здравје и здравјето на другите било во директна спротивност со уставната обврска за заштита на здравјето.
– Во делот на употреба на јазикот произлегувала обврска за употреба на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо на целата територија на државата и соодветна употреба на јазикот во единиците на локалната самоуправа во која најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот. Оттука, обврската пописот да се спроведува на седум јазици немала уставно-правна основа.
Значи, дејствувањето на граѓаните било слободно и под еднакви услови и таа слобода и еднаквост се изразувала и во делот на правото да се изрази лично етничката и религиозната припадност, заштитата на здравјето, употребата на јазикот во пописниот процес, кои спаѓале во категоријата основни слободи и права на човекот и граѓанинот кои претставуваат темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија, поради што нивното остварување било уставно заштитено, односно еднаквоста и рамноправноста на граѓаните била веќе уставно уредено прашање.
Оттука, целта на кој било закон поврзан со правата и слободите на граѓаните во едно демократско општество била секогаш создавање услови за остварување на овие права под еднакви услови, а не нивно ограничување. Значи, целта и на овој закон морало да биде пропишување но и обезбедување на услови за еднаков и рамноправен пристап на граѓаните во пописниот процес, а не преку утврдување на дискриминаторни услови и нееднакво изразување според пописните правила, што било недопуштено во едно демократско општество.
Поради напред наведеното, се предлага Уставниот суд да ги поништи оспорените одредби на Законот.
На крај, во иницијативата се истакнува посебно барање, со оглед на фактот дека оспорените одредби се однесуваат на попис што треба да се одржи од 1 до 20 април 2021 година, а со цел спречување на настанување на тешко отстранливи последици, Уставниот суд, согласно членот 27 од Деловникот на Уставниот суд и начелото на приоритет, до донесување на конечна одлука, да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземаат врз основа на оспорениот акт.
4. Судот на седницата утврди дека според член 8 став 1 од Законот, за лицата – државјани на Република Северна Македонија кои се на привремена работа или престој во странство податоците од членот 10 од овој закон ги дава полнолетно лице на кое најмногу му се познати, при што го дава својот ЕМБГ и ЕМБГ на лицето за кое дава податоци во пописот.
Според член 34 став 1 од Законот, апликацијата со која ќе се врши попишувањето ќе биде изготвена на 7 (седум) јазици: македонски, албански, турски, ромски, влашки, српски и босански.
Според членот 51 од Законот, глоба во износ од 200 до 300 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок на физичко лице ако одбие да ги даде податоците што се бараат од него за Пописот или ако даде неточни податоци (член 35 став (2) од овој закон).
5. Според Aмандманoт V на Уставот на Република Северна Македонија со кој се заменува членот 7 од Уставот:
На целата територија во Република Северна Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.
Друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, исто така, е службен јазик и неговото писмо, како што е определено со овој член.
Личните документи на граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, се издаваат на македонски јазик и неговото писмо, како и на тој јазик и неговото писмо во согласност со закон.
Кој било граѓанин кој живее во единиците на локалната самоуправа во која најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, во комуникацијата со подрачните единици на министерствата, може да употреби кој било од службените јазици и неговото писмо. Подрачните единици надлежни за тие единици на локална самоуправа одговараат на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на службениот јазик и писмо што го употребува граѓанинот. Секој граѓанин во комуникација со министерствата може да употребува еден од службените јазици и неговото писмо, а министерствата одговараат на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на службениот јазик и писмото што го употребува граѓанинот.
Во органите на државната власт во Република Македонија службен јазик различен од македонскиот јазик, може да се користи во согласност со закон.
Во единиците на локалната самоуправа јазикот и писмото што го користат најмалку 20% од граѓаните е службен јазик, покрај македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. За употребата на јазиците и писмата на кои зборуваат помалку од 20% од граѓаните во единиците на локалната самоуправа, одлучуваат органите на единиците на локалната самоуправа.
Според член 8 став 1 алинеи 1, 2 и 3 од Уставот и Амандманот VI на Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот, слободното изразување на националната припадност, соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа и владеењето на правото, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Согласно со членот 9 од Уставот, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување; имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Во согласност со член 16 став 1 од Уставот, се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.
Според член 19 ставови 1 и 2 од Уставот, се гарантира слободата на вероисповеста. Се гарантира слободно и јавно, поединечно или во заедница со други, изразување на верата.
Согласно член 39 став 2 од Уставот, граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите.
Според членот 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Со Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија 2021 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.19/2021), се уредуваат содржината, подготовката, организацијата и спроведувањето на Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија 2021 година (во натамошниот текст: Пописот), надлежните органи за спроведување на Пописот, правата и обврските на надлежните органи, стручните тела и другите учесници во спроведувањето на Пописот, правата и обврските на давателите на податоците во Пописот, единиците кои се опфаќаат со Пописот, пописните реони, употребата на јазиците во Пописот, начинот на спроведување на Пописот, користењето, чувањето и заштитата на податоците од Пописот, обработката и објавувањето на податоците од Пописот, информирањето на населението за целите и значењето на Пописот и неговото финансирање (член 1).
Според членот 4 од Законот, Пописот ќе се спроведе во периодот од 1 до 21 април 2021 година, според состојбата на 31 март 2021 година, во 24:00 часот (критичен момент на Пописот).
По поднесувањето на иницијативата, донесен е Закон за изменување и дополнување на Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 74/2021 од 2 април 2021 година), кој согласно членот 8, влезе во сила на 2 април 2021 година. Со овој закон, Пописот се одлага и ќе се спроведе во периодот од 5 до 30 септември 2021 година, според состојбата на 4 септември 2021 година (критичен момент на Пописот).
Со иницијативата се оспорува уставноста на член 8 став 1 од Законот, затоа што етничката и религиозната припадност било лично право на секој поединец и не можело никој друг во негово име да ги дава овие определби. Граѓаните не можеле да се дискриминираат на начин што за време на попис некој друг ќе им ја определувал етничката и религиозната определба по основ на уставно непознати термини кои се користеле во оспорените одредби во смисла податоци за етничките и религиозните карактеристики да се даваат според формулацијата во Законот: „полнолетно лице на кое му се познати“.
Во однос на ваквите наводи во иницијативата, Судот го имаше предвид следното:
Според член 8 став 1 од Законот, за лицата – државјани на Република Северна Македонија кои се на привремена работа или престој во странство податоците од членот 10 од овој закон ги дава полнолетно лице на кого најмногу му се познати, при што го дава својот ЕМБГ и ЕМБГ на лицето за кое дава податоци во пописот.
Подносителот на иницијативата ја оспорува уставноста на член 8 став 1 од Законот, но притоа не се осврнува на ставот 2 на истиот член. Имено, согласно овој став, за лицата-државјани на Република Северна Македонија кои се на привремена работа или престој во странство ќе се овозможи и самопопишување во периодот од 1 март до 30 септември 2021 година на посебна апликација која е достапна на веб-страницата на Државниот завод за статистика.
Тоа значи дека законодавецот пропишал јасна можност сите лица-државјани на Република Северна Македонија кои се на привремена работа или престој во странство, да можат да се самопопишат на посебна апликација која е достапна на веб-страницата на Државниот завод за статистика. Oттука, произлегува дека попишувањето на начин определен во ставот 1 на овој член ќе се однесува за оние граѓани кои нема да искажат интерес да се самопопишат на овој попис.
Легитимната цел на Пописот, како статистичка операција е да се обезбедат целосни, ажурни и меѓународно споредливи статистички податоци за населението, домаќинствата и становите, што ќе даде базична основа за подготвување на квалитетни политики за општествен и економски развој на државата, од интерес за сите граѓани.
Во таа смисла, законодавецот пропишал нормативни претпоставки со Пописот да бидат опфатени сите лица – државјани на Република Северна Македонија, вклучително и лицата кои се на привремена работа или престој во странство.
Според членот 10 од Законот, за лицата од членот 6 точка 1 од овој закон (Лица – државјани на Република Северна Македонија кои имаат живеалиште или престојувалиште во Република Северна Македонија, без оглед на тоа дали во моментот на Пописот се наоѓаат во Република Северна Македонија или во странство), што ќе бидат опфатени со Пописот ќе се обезбедат податоци за: – географски карактеристики, – демографски карактеристики, – економски карактеристики, – образовни карактеристики, – миграциски карактеристики, – етнички карактеристики, – културолошки карактеристики, – религиозни карактеристики и – инвалидитет/функционална попреченост.
Оттука, етничките и религиозните карактеристики за овие лица се само дел од карактеристиките што се опфатени со Пописот.
Според оспореното законско решение од член 8 став 1, податоците за лицата – државјани на Република Северна Македонија кои се на привремена работа или престој во странство, а кои не се определиле за можноста да се самопопишат на овој попис, ги дава полнолетно лице на кого најмногу му се познати, при што го дава својот ЕМБГ и ЕМБГ на лицето за кое дава податоци во пописот. Согласно Методологијата за подготовка, организирање и спроведување на пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.30/2021), попишувањето на овие лица се врши во нивното последно вообичаено место на живеење во Република Северна Македонија ако на таа адреса има полнолетен член на домаќинството или друго полнолетно лице кое најдобро ги познава податоците за тие лица. За овие лица податоци дава исклучиво полнолетен член на домаќинството или друго полнолетно лице кое најдобро ги познава податоците за тие лица. Давателот на податоците е должен да приложи соодветен документ од кој ќе може да се преземе ЕМБГ на лицето кое се попишува, како и соодветен документ од кој ќе може да се преземе неговиот ЕМБГ (со што ќе ја гарантира точноста на дадените податоци).
Фактот што лицето кое ги дава податоците го дава својот ЕМБГ, како и ЕМБГ на лицето за кое ги дава податоците, според Судот, е гаранција за точноста на дадените податоци, во спротивно лицето кое ги дава податоците одговара согласно членот 51 од Законот.
Исто така, треба да се има предвид дека, согласно член 5 став 2 од Законот, при спроведувањето на Пописот ќе се врши попишување на терен и ќе се користат истовремено податоци од збирките на податоци на:
– Министерството за внатрешни работи, базата на државјани на Република Северна Македонија,
– Министерството за информатичко општество и администрација, податоци вклучени во регистарот на населението на Република Северна Македонија,
– Министерството за образование и наука, податоци за запишаните ученици во основни и средни училишта во тековната учебна година,
– Министерството за труд и социјална политика, податоци за лицата корисници на права на социјални примања по сите категории,
– Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, податоци за економската активност на лицата,
– Управата за јавни приходи, податоци за лицата кои имаат примања и за кои се исплаќа персонален данок на доход,
– ПИОМ-Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија, податоци за примателите на пензија по сите основи,
– Управата за водење на матични книги, податоци од матичните книги за родените, умрените и венчаните лица,
– Агенцијата за катастар на недвижности, податоци за недвижностите и нивните движења и
– Државен завод за статистика, податоци од статистичките истражувања за запишани студенти на додипломски студии (прв циклус) на факултетите и високите стручни школи во академската година, како и податоците од статистичките истражувања за виталните настани и од Статистичкиот деловен регистар.
Имајќи го предвид наведеното, произлегува дека при спроведување на Пописот ќе се користи комбиниран метод, што значи дека податоците за лицето ќе бидат преземени од државните административни регистри (наведени во членот 5 од Законот), а дел од податоците коишто недостасуваат ќе бидат прибрани од попишуваното лице.
Податоците за попишуваните лица и домаќинства се доверливи, не се објавуваат како индивидуални податоци и истите се обработуваат само како збирни податоци и се користат во согласност со членот 2 од Законот, со што според Судот, е обезбеден баланс помеѓу правото на приватност и јавниот интерес.
Врз основа на наведеното произлегува дека со Законот се обезбедени јасни и прецизни процедури за спроведување на Пописот, како статистичка операција од висок државен интерес, поради што Судот оцени дека не може како основани да се прифатат наводите во иницијативата за несогласноста на член 8 став 1 од Законот со одредбите од Уставот на кои се повикува иницијативата.
6. Во однос на наводите од иницијативата дека спроведувањето на попис во услови на пандемија прогласена од Светската здравствена организација на болеста COVID -19 предизвикана од коронавирусот SARS CoV-2 и пропишување парична санкција во Законот за недавање на податоци преку одбивање на средби во своите домови заради заштита на сопственото здравје и здравјето на другите, што било во директна спротивност со уставната обврска за заштита на здравјето, Судот го имаше предвид следното:
Според Законот, Пописот 2021 година ќе се спроведе во месец септември 2021 година, во време кога во Република Северна Македонија е прогласена кризна состојба до 31 декември 2021 година, заради заштита на јавното здравје во услови на постоење на пандемија прогласена од Светската здравствена организација од заразната болест COVID-19 предизвикана од вирусот SARS CoV-2 и заради спречување од негово ширење во зголемен обем со што се загрозува безбедноста на здравјето на населението („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 126/2021).
Меѓутоа, Владата на Република Северна Македонија, врз основа на член 28 став 8 и член 58 став 1 од Законот за заштита на населението од заразни болести („Службен весник на Република Македонија“ бр. 66/2004, 139/2008, 99/2009, 149/2014, 150/2015, 37/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 257/2020), на седницата одржана на 2 март 2021 година, има донесено Протокол за превентивни мерки при спроведување на Пописот на населението, домаќинствата и становите, 2021 година – Прилог бр. 74 („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 53/2021), со кој се пропишуваат мерки и постапки кои имаат за цел минимизирање на ризикот од трансмисија на заболувањето COVID-19 за сите учесници во Пописот. Овој протокол е составен дел на Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест COVID-19 предизвикана од вирусот SARS-CoV-2, случаите и временскиот период на нивна примена („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.263/2020, 269/2020, 275/2020, 287/2020, 292/2020, 298/2020, 304/2020, 306/2020, 317/2020, 13/2021 и 45/2021).
Имајќи го предвид наведеното, произлегува дека Владата, врз основа на важечката законска регулатива и во согласност со своите законски овластувања, има пропишано јасни мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест COVID-19 и посебен протокол со кој се пропишуваат мерки и постапки кои имаат за цел минимизирање на ризикот од трансмисија на заболувањето COVID-19 за сите учесници во Пописот. Непочитувањето на овие мерки и постапки може да биде казниво (член 206 став 1 од КЗ).
Исто така, според Судот, треба да се има предвид и фактот дека во Република Северна Македонија во тек е масовна вакцинација на населението против заразната болест COVID-19, согласно Националниот план за COVID-19 вакцинација во Република Северна Македонија (донесен од Министерството за здравство на 5 февруари 2021 година), според кој вакцинацијата е една од повеќето превентивни мерки кои се користат во борба против ширењето на пандемијата.
Поради наведеното, Судот оцени дека со Законот за попис на населението, домаќинствата и становите 2021 година и со пропишување на услови и преземање на мерки за заштита на здравјето на населението со цел на негово непречено спроведување во услови на постоење на пандемија прогласена од Светската здравствена организација од заразната болест COVID-19, не се загрозува јавното здравје спротивно на член 39 став 2 од Уставот, како што се наведува во иницијативата.
7. Со членот 51 од Законот се пропишува глоба во износ од 200 до 300 евра во денарска противвредност за прекршок на физичко лице ако одбие да ги даде податоците што се бараат од него за Пописот или ако даде неточни податоци (член 35 став 2 од овој закон). Оттука, постои законски утврдена обврска за лицата опфатени со Пописот да дадат точни и целосни податоци на Пописот, од каде произлегува и правото на законодавецот да утврди одговорност за лицата кои нема да ја испочитуваат законската обврска.
Уставниот суд, оценувајќи ја уставноста на повеќе одредби од Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија 2021 година, со Решение У.бр.26/2021 од 5 мај 2021 година, помеѓу другото, оцени дека за членовите 51 и 52 од Законот нема услови да се поведе постапка за оценување на нивната уставност, затоа што со истите не се повредува владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Републиката.
Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, иницијативата во делот што се однесува на барање на оцена на уставноста на членот 51 од Законот, да се отфрли.
8. Во однос на наводите во иницијативата дека обврската Пописот да се спроведува на седум јазици немала уставно-правна основа, Судот го имаше предвид следното:
Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија 2021 година, во член 34 став 1 пропишува:
„(1) Апликацијата со која ќе се врши попишувањето ќе биде изготвена на 7 (седум) јазици: македонски, албански, турски, ромски, влашки, српски и босански.“
Според оцена на Судот, станува збор за практична примена на апликацијата при попишувањето, во функција на олеснување на Пописот со обезбедување на услови за еднаков и рамноправен пристап на граѓаните во пописниот процес и со тоа не се повредува Амандманот V на Уставот.
9. Имајќи ја предвид претходно изнесената анализа, Судот оцени дека не се исполнети условите од членот 27 на Деловникот на Уставниот суд, да се прифати барањето во иницијативата, до донесување на конечна одлука, Уставниот суд да донесе решение за времена мерка со запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија преземени врз основа на оспорените законски одредби.
10. Имајќи го предвид наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
11. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.
У.бр.31/2021
20 октомври 2021 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска