У.бр.68/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 3 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 6 октомври 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 1 од Законот за изменување на Кривичниот законик („Службен вес­ник на Репуб­лика Македонија“ бр.185/2011).

2. Игорчо Точев од Кочани, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата со оспорениот член од Законот за изменување на Кривичниот законик („Службен вес­ник на Репуб­лика Македонија“ бр.185/2011), се вршела измена на член 14 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ број 51/2011) и смета дека истиот можел да доведе до забуна на неговата примена што било спротивно на принципот на владеење на правото како темелна вредност пропишана во Уставот.

Подносителот на иницијативата наведува дека од содржината на цитираната одредба од членот 1 од Законот за изменување на Кривичниот законик објавен во „Службен весник на Република Македонија“ број 185/2011, произлегува дека со наведениот закон се вршела измена на член 14 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик објавен во „Службен весник на Република Македонија“ број 51/2011, и дека тој закон содржински има вкупно само три члена, при што во ниту еден од тие три члена, како содржина не постои одредба која носела наслов „Член 14”, а ниту пак се споменувал член со таква нумерација.

Во контекст на наведеното, подносителот на иницијативата смета дека доколку оспорената одредба се однесувала на членот 14 од Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија” бр. 37/1996, 80/1999, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 81/2005, 60/2006, 73/2006, 7/2008, 139/2008, 114/2009, 51/2011 и 135/2011), можело да доведе до забуна во примена на оспорената одредба, од причини што одредбата од членот 14 од Кривичниот законик, заклучно со 07.01.2012 година како датум од кога била во сила, во ниту еден нејзин дел не се споменува главата деветнаесет, туку се однесува на небрежност при сторување на кривични дела.

Според подносителот на иницијативата постоењето на одредба со која се изменувала друга одредба која била непостоечка, било беспредметно и создавало правна несигурност во примената на Законот, од кои причини со иницијативата се предлага поведување на постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба од членот 1 од Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик („Службен весник на Репуб­лика Македонија“ бр. 185/2011), по што истата да се укине како спротивна на правниот поредок.

3. Судот на седницата утврди дека согласно членот 1 од Законот за изменување на Кривичниот законик („Службен вес­ник на Репуб­лика Македонија“ бр.185/2011), во Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ број 51/11), во членот 14 ставот 1 се менува и гласи:

„Во Главата деветнаесет „Кривични дела против половата слобода и половиот морал“ по членот 194 се додава нов наслов и нов член 194-а, кои гласат:”.

Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Устав­ниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со Законот за изменување на Кривичниот законик („Службен весник на Репуб­лика Македонија“ бр.185/2011) се врши изменување на Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/11), што е видливо од неговиот член 1, кој гласи:

„Во Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ број 51/11), во членот 14 ставот 1 се менува и гласи: „Во главата деветнаесет „Кривични дела против половата слобода и половиот морал“ по членот 194 се додава нов наслов и нов член 194-а, кои гласат:”.

Законот за изменување на Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ број 185/11) има вкупно 3 члена.

Од увидот во Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик бр.07-2040/1 („Службен весник на Република Македонија“ број 51/2011), Судот констатира дека, не само што во овој закон, како содржина постои „член 14”, туку и дека овој закон има вкупно 36 члена, а не како што се наведува во иницијативата дека има вкупно само три члена.

Имено во Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ број 51/2011) членот 14 гласи:

Во главата дваесетта „Кривични дела против бракот, семејството и младината“ пред членот 195 се додава нов наслов и нов член 194-а, кои гласат:

„Објавување на судска пресуда“

Член 194-а

„При осуда за кривично дело од оваа глава сторена спрема малолетно лице кое не наполнило 14 годишна возраст судот, по барање на јавниот обвинител, ќе одлучи на сметка на осудениот да се објави правосилната судска пресуда или извод од неа преку средствата за јавно информирање, со заштита на личните податоци на жртвата“.

Согласно наведеното, Судот оцени дека во Законот за изменување на Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ број 185/11) кој вкупно има 3 члена, со членот 1 се врши измена на Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ број 51/2011), кој вкупно има 36 члена како и дека постои „член 14”, а не дека има вкупно само три члена како што наведува подносителот и дека како содржина наводно не постоел „член 14“.

Исто така, Судот констатира дека во „Службениот весник на Република Македонија“ со број 51 од 13.04.2011 година се објавени два закони и тоа: Закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик кој содржи вкупно 36 члена и Закон за дополнување на Кривичниот законик кој содржи 2 члена.

Судот утврди дека подносителот на иницијативата немал увид дека на 11 април 2011 година во истиот „Службен весник на Република Македонија број 51/2011“ се објавени два закони и тоа: Закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик и Законот за дополнување на Кривичниот законик, кои се со различен број, но и со различна содржина.

Поради наведеното, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата и дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.68/2021
06.10.2021 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска