Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеи 1 и 3 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 6 октомври 2021 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на амандманите XXXIII, XXXIV, XXXV и XXXVI на Уставот на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 6/2019).
2. Васко Лазески од Кичево, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на амандманите на Уставот на Република Северна Македонија, наведени во точката 1 од Решението.
Со иницијативата подносителот бара оценување на уставноста на уставните амандмани XXXIII, XXXIV, XXXV и XXXVI, бидејќи не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, односно не биле во согласност со член 69 став 2, членот 199 и членот 200 од Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија.
Подносителот наведува дека иницијативата, со која се бара поведување на постапка и поништување на уставните амандмани, се темели исклучиво на недоследната примена на пропишаната процедура, а не на содржината на уставните амандмани.
Поточно, неуставноста на амандманите се состоела во недоследната примена на членот 199 од Деловникот на Собранието, којшто уредувал дека текстот на предлогот на амандманите на Уставот, се доставувал на пратениците најдоцна 30 дена пред одржувањето на седницата, а во случајот предвидениот рок не бил испочитуван, односно, надвор од деловничката одредба, наместо 30 дена, рокот бил скратен на 28 дена. Со скратувањето на рокот од 30 на 28 дена до одржувањето на седницата, се скратувал и предвидениот рок од членот 200 на Деловникот за поднесување на амандмани на текстот на предлогот на амандманите на Уставот, односно на пратениците им била дадена можност да поднесуваат амандмани, но, два дена помалку од предвиденото, иако Деловникот не содржел одредби според кои Претседателот на Собранието би можел да го скрати рокот од 30 на 28 дена, така што рокот морал да им се даде, без разлика дали пратениците ќе поднеле амандмани или не.
Поради недоследното применување на членот 199 од Деловникот на Собранието, со иницијативата се предлага, Уставниот суд да одржи подготвителна седница на која ќе утврдел недоследност во примената на членот 199 од Деловникот на Собранието, а потоа да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените амандмани на Уставот, да го запре извршувањето на истите до донесување на конечната одлука, а потоа истите да ги поништи.
3. Судот на седницата утврди дека со иницијативата се оспорува уставноста на амандманите XXXIII, XXXIV, XXXV и XXXVI на Уставот на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 6/2019).
4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот, а според алинејата 2 на членот од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.
Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето, а според алинејата 3 на членот од Деловникот, и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Во конкретниот случај, предмет на оспорување со иницијативата, не е закон или законска норма од аспект на нивна согласност со Уставот, ниту други прописи или норма од пропис од аспект на нивна согласност со Уставот и законите, туку предмет на оспорување се амандмани на Уставот.
Во однос на предметно-оспорените уставни амандмани, Уставниот суд постапувал по иницијатива од подносители (меѓу кои и сега подносителот), при што со Решение У.бр.13/2019, 31/2019, 38/2019 и 26/2020 од 09.12.2020 година, не повел постапка за оценување на уставноста на Одлукaта за прогласување на амандманите XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 6/2019).
Во конкретниов случај, пак, не се оспорува Одлуката со која се прогласени предметните уставни амандмани, туку самите амандмани.
Имено, иницијативата започнува со наводи дека се бара оцена на уставноста на амандманите XXXIII, XXXIV, XXXV и XXXVI на Уставот, затоа што не биле согласни со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и со одредбите од член 69 став 2, членот 199 и членот 200 од Деловникот на Собранието, што од една страна, упатува дека се бара оцена на уставноста на одредби од Уставот (амандманите) со самиот Устав, а од друга страна оцена на уставноста на амандманите, но преку оцена на нивната согласност со одредби од акт (Деловникот на Собранието).
Во хиерархијата на правните акти, Уставот е највисок правен акт и сите останати правни акти, мораат да бидат во согласност со Уставот, а како што уредува член 51 став 1 од Уставот, според кој во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
Според тоа, предмет на уставно-судска оцена може да бидат само правни акти или нивни содржини, но, од аспект на нивна согласност со повисок правен акт во хиерархијата на правните акти, а не оцена на меѓусебната согласност на правните акти коишто се од ист ранг во хиерархијата на правните акти (пропис со пропис од ист ранг), а како што во конкретниов случај се бара оцена на уставноста на одредби од Уставот (амандмани) во однос на друга одредба од Уставот (член 8 став 1 алинеја 3), а уште помалку да се бара оцена на согласност на норми од повисок правен акт (во случајов највисок), а во однос на норми од понизок правен акт (Деловникот на Собранието).
Ваквото барање е процесна пречка за постапување по иницијативата и причина за отфрлање на истата согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд.
Што се однесува пак, до наводите од подносителот дека иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на оспорените уставни амандмани и нивно поништување, се темелела исклучиво на недоследната примена на пропишаната процедура во Деловникот на Собранието, а не на содржината на уставните амандмани, според Судот и од аспект на барање за ваков пристап кон разгледување на уставноста на уставните амандмани, не може да се пристапи кон мериторно постапување по иницијативата, поради следното:
Од содржината на иницијативата произлегува дека неуставноста на уставните амандмани се аргументира преку начинот на работа на претседателот на Собранието, односно со аргументи за непочитување на деловничките одредби од негова страна во поглед на утврдените рокови со Деловникот на Собранието, со што со иницијативата се бара Уставниот суд да ја преиспита примената на деловничките одредби, а по утврдување на недоследност во примената, да ги поништи оспорените амандмани, што упатува на барање, Уставниот суд да се впушти во испитување и оцена, дали пропишаните норми од Деловникот на Собранието, правилно и доследно биле применети или не, од страна на надлежните субјекти.
Меѓутоа, ваквото барање излегува надвор од делокругот на надлежностите на Уставниот суд, утврдени со член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, според кои Уставниот суд, врши уставно-судска контрола на правните акти (согласност на закон со Устав, односно согласност на другите прописи со Уставот и закон), но, не и од аспект на фактичката примена на прописите (или нивни норми) на конкретни ситуации, како и од аспект на неправилна или недоследна нивна примена од страна на субјектите коишто ги применуваат.
Во дел од иницијативата, под уставно-судска пракса на Репблика Хрватска, подносителот изнесува дел од Одлука број U-I-1631/2000 на Уставниот суд на Република Хрватска, во која Уставниот суд на Хрватска навел дека: „Уставниот суд не е надлежен да ги оценува материјалните одредби на Уставот (т.н. материјална противуставност), бидејќи не постои ниту правна, ниту фактичка можност за оценување на материјалната согласност на уставните одредби со ниту еден повисок правен акт, бидејќи Уставот е највисокиот правен акт на државата, меѓутоа, предмет на уставно-судска оцена, може да биде постапката за донесување и промена на Уставот во смисла, дали Уставот е донесен, изменет или дополнет, согласно уставните одредби.”
Меѓутоа, видно од наводите во иницијативата, е дека подносителот не ја оспорува целината на спроведената постапка за донесување на предметните амандмани од аспект на почитување на уставните одредби коишто ја регулираат истата, а ниту оспорува согласност на членови од Деловникот на Собранието коишто се однесуваат на постапката со одредбите на Уставот, туку само предлага Уставниот суд да ја преиспита примената на одделни одредби од Деловникот, преку оцена на дел од активностите и дејствијата коишто биле преземени во текот на една од фазите во постапката за донесување на уставните амандмани, во конкретниот случај „доставување на текстот на предлогот на амандманите и закажување на седница на Собранието, притоа упатувајќи на „недоследна примена” на одделни членови од Деловникот на Собранието, поточно се оспорува неправилност, односно недоследна примена на деловничките одредби од страна на надлежните субјекти.
Како што е погоре наведено, Уставниот суд не е надлежен да одлучува за примената на законите и други прописи, ниту е надлежен да ги оценува дејствијата и начинот на кој субјектите ги спроведуваат истите. Оттука, Судот констатира дека и по овој основ постојат процесни пречки за постапување по иницијативата, што е причина за отфрлање на истата врз основа на член 28 алинеја 1 од Деловникот на Судот.
5. Тргнувајќи од сето погоре изнесено, Судот оцени дека во конкретниот случај не се исполнети процесните услови за постапување по иницијативата, поради констатираните процесни пречки согласно член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд.
6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.
У.бр.16/2021
6 октомври 2021 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска