У.бр.279/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 29 септември 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 20 од Правилникот за начинот на спроведување на возачки испити и поблиските критериуми во однос на просторните услови и материјално-техничката и информатичката опрема на испитните центри и водењето на евиденциите во врска со спроведените возачки испити, како и начинот на издавање и одземање на лиценца за испитен центар, формата и содржината на образецот на лиценцата за испитен центар („Службен весник на Република Македонија“ бр.139/2016).

2. Сашо Хилјадинков од Штип, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата се цитираат делови од оспорениот правилник и значењето на одделни изрази што се употребувале во прописите од областа на патниот сообраќај. Понатаму во иницијативата се наведува дека оспорената одредба била во спротивност со член 291 став 1 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата кој се однесувал на оспособувањето на кандидатот за возач, кој бил наставен процес и кој задолжително се спроведувал според наставен план за обука на кандидати за возач и бил спротивен и на член 281 став 3 точка 1 од истиот закон, кој се однесувал на тоа дека наставниот план од ставот 1 на истиот член задолжително ги опфаќал програмите за сообраќајни правила и прописи (теоретски дел) и член 394 став 12 од овој закон каде би требало да има поголем рок на кандидатите за полагање на практичен дел од минимум 2 години во кој рок немало да се поништи положениот теоретски дел, а кој рок единствено одел во прилог на бонитетот на автошколите, а на сметка на обичните граѓани.

Според наводите во иницијативата ако теоретскиот дел се состоел од познавање на сообраќајни правила и прописи кои биле универзални и претставувале непроменлива категорија, се наметнувало прашањето како можело неполагањето на практичниот дел од испитот во рок од една година да повлекува поништување на положеното познавање на сообраќајните правила и прописи. Односно, според наводите во иницијативата било нејасно зошто ако практичниот дел не бил положен во рок од една година, следувало поништување и на теоретскиот дел. Понатаму се наведува дека аналогно на ова, доколку не бил завршен третиот клас од средното училиште, дали тоа значело дека не се сметало дека бил завршен првиот или вториот клас од средното училиште. Во продолжение на иницијативата го цитирааат членот 41 и членот 42 од Законот за прекршоците каде било предвидено дека роковите за застарување во оваа постапка биле минимум две години.

Поради наведените причини во иницијативата се наведува дека постоела неусогласеност помеѓу членот 20 од оспорениот Правилник и член 394 став 12 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и оттука сметаат дека би требало да има поголем рок за кандидатите за полагање на практичниот дел од минимум две години, во кој рок не требало да се поништи положениот теоретски дел, кој бил во прилог на бонитетот на автошколите, а на сметка на граѓаните.

3. Судот на седница утврди дека согласно оспорената одредба на член 20 став 1 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата кандидатот за возач на моторно возило кој го положил теоретскиот дел од возачкиот испит може да го полага практичниот дел од возачкиот испит (прв и втор дел) во период од една година од денот кога го положил теоретскиот дел од возачкиот испит. Кандидатот за возач на моторно возило кој нема да го положи практичниот дел од возачкиот испит во рокот определен во ставот 1 на овој член, го полага повторно теоретскиот дел од возачкиот испит (став 2).

4. Согласно член 110 став 1 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според членот 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Во член 394 став 1 алинеја 12 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ бр.169/2015, 226/2015, 55/2016, 11/2018 и 83/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.98/19) е содржан основот за донесување на подзаконски пропис, односно овластувањето на министерот за внатрешни работи да донесе пропис за начинот на спроведување на возачките испити и поблиските критериуми во однос на просторните услови и материјално техничката и информатичката опрема на испитните центри и водењето на евиденциите во врска со спроведените возачки испити, како и начинот на издавање и одземање на лиценца за испитен центар, формата и содржината на образецот на лиценцата за испитен центар.

Подносителот на иницијативата го оспорува членот 20 од Правилникот од аспект на поништувањето на теоретскиот дел, ако кандидатот за возач не го положи практичниот дел од возачкиот испит во рок од една година од полагањето на теоретскиот дел од возачкиот испит и цени дека е во спротивност со член 394 став 12 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Согласно членот 281 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, оспособувањето на кандидат за возач е наставен процес кој задолжително се спроведува според актот насловен како Наставен план за обука на кандидати за возачи. Оспособувањето е задолжително и се спроведува за секој кандидат за возач. Наставниот план задолжително ги опфаќа следниве наставни програми: сообраќајни правила и прописи (теоретски дел), управување со возило (практичен дел) и укажување на прва помош на лица повредени во сообраќајна незгода.

Во Правилникот за програмата за проверка на знаење на кандидат за возач („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2017), се уредува Програмата за проверка на знаење на кандидат за возач (теоретски дел). Целта на нормирање на наведената одредба, односно теоретскиот дел од возачкиот испит, кандидадот за возач да може да го полага практичниот дел од возачкиот испит (прв и втор дел) во период од една година од денот кога го положил теоретскиот дел од возачкиот испит, е од аспект на нивната комплементарност. Имено, доколку кандидатот за возач во период од една година, од кога го положил теоретскиот дел од возачкиот испит, не го положи практичниот дел од возачкиот испит (прв и втор дел), мора повторно да го полага теоретскиот дел. Теоретскиот дел, опфаќа прописи за безбедност на сообраќајот на патиштата, сообраќајни знаци што ги даваат униформирани полициски службеници, правила на сообраќајот, опасности и последици коишто настануваат поради непрописно или неправилно преземање на дејствија во сообраќајот на патиштата, негативно влијание на некои фактори за безбедноста на сообраќајот на патиштата, возачи на возила на моторен погон, уреди и опрема на моторно возило што се од значење на безбедноста на сообраќајот на патиштата, хумани односи и етика на сообраќајот, солидарност спрема другите учесници во сообраќајот, должности во случај на сообраќајна незгода и посебни мерки на безбедност.

Прописите за безбедност на сообраќајот на патиштата, односно одредени правила во сообраќајот, може да подлежат на одредени измени. За таа цел е нормирана одредбата, доколку во рок од една година не го положи практичниот дел од испитот, кандидатот за возач повторно треба да го полага и теоретскиот дел. Имено, Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, како и други прописи коишто се однесуваат на безбедноста на сообраќајот на патиштата се менуваат и дополнуваат, во зависност од нови околности, услови што треба да се исполнат, усогласување со европското законодавство и слично. Доколку оваа констатација на подносителот на иницијативата, се однесува на правилата на сообраќајот, собраќајните знаци, се укажува дека и овој дел е подложен на промени (на пример: ограничување на брзината на движење на возилата на населено место од 60 км/час на 50 км/час).

Bo прилог на наведеното е и фактот што некои од сообраќајните правила не се универзални за сите држави, туку е оставена можност на државите во националните законодавства да ги уредат согласно сопствените специфики. Безбедност на сообраќајот на патиштата е сензитивна област, од повеќе аспекти секоја повреда може да доведе до одредени последици, како и до соодветни прекршоци или кривични дела. За таа цел, потребно е постојно следење и познавање на прописите во однос на безбедноста на сообраќајот на патиштата, посебно од страна на сите учесници во сообраќајот.

Согласно член 294 став 1 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата возачкиот испит претставува една целина и се состои од полагање на два дела од испитот и тоа сообраќајни правила и прописи (теоретски дел) и управување со моторни возила (практичен дел). Теоретскиот дел од возачкиот испит е само дел од возачкиот испит, а не засебна целина. Законодавецот уредил временска условеност за полагање на практичниот дел во зависност од денот на полагање на теоретскиот дел.

Врз основа на член 394 став 1 алинеjа 12 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата (,,Службен весник на Република Македонија“ бр.169/15, 226/15 и 55/16), министерот за внатрешни работи го донесе оспорениот правилник со кој се пропишува начинот на спроведување на возачките испити и поблиските критериуми во однос на просторните услови и материјално техничката и информатичката опрема на испитните центри и водењето на евиденциите во врска со спроведените возачки испити, како и начинот на издавање и одземање на лиценца за испитен центар, формата и содржината на образецот на лиценцата за испитен центар (член 1). Оттука, произлегува дека членот 20 од Правилникот не е во спротивност со член 394 став 1 алинеја 12 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, кој го содржи основот за донесување на подзаконскиот пропис.

Имено, согласно член 10 став 3 од Правилникот, на кандидатот за возач му се овозможува полагање на возачкиот испит најдоцна 15 дена од денот на приемот на пријавата за полагање, со што произлегува дека кандидатот за возач по полагање на теоретскиот дел е во можност во повеќе наврати да го полага практичниот дел од возачкиот испит.

Судот утврди дека, поаѓајќи од уставниот основ во членот 68 од Уставот, според кој Собранието на Република Северна Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите, односно како носител на законодавната власт донесува закони во сите области на општествениот живот, што значи, меѓу другото, да ги уреди прашањата и односите поврзани со безбедноста на сообраќајот на патиштата, произлегува дека право на законодавецот е и во оваа област да ги уреди прашањата кои се однесуваат на тоа кој ќе го организира и спроведува возачкиот испит и од овој аспект не може уставно-правно да се оспорува целисходноста на законодавното решение.

Притоа, дали законодавецот ќе се одлучи за одредено решение Судот оцени дека е тоа законодавна политика на законодавецот во една материја во која проценил дека ваков степен на законска регулатива е потребен во општествениот живот во земјата, но исто така останува правото на законодавецот, обемот и димензиите на правата и обврските да можат да се менуваат и во предметната материја во друга насока соодветна на потребите на граѓаните и интересите на правните лица која законодавецот ќе ја регулира соодветно на општествените односно социјалните и економските потреби. Со оглед на тоа, оспорената одредба од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата која е операционализирана со оспорената одредба од Правилникот, кој е донесен од министерот за внатрешни работи, не можат уставно-правно да се проблематизираат од аспект на наводите во иницијативата. Имено, се работи за прашање на целисходност во регултивата на законодавецот и негова операционализација за оспорените одредби од Законот и Правилникот не може основано да се постави прашањето за несогласност со Уставот.

Аналогијата што ја прави подносителот на иницијативата помеѓу спроведувањето на возачкиот испит и средното образование не е соодветна, со оглед на фактот што за завршување на секоја година од средно образование се издава свидетелство, а кај возачкиот испит, односно стекнувањето на правото на управување со моторно возило и издавањето на возачка дозвола е уредено во посебен закон и тоа не е дел од образовниот процес.

Постапката на стекнување на право на управување на возила и издавање на возачка дозвола опфаќа: оспособување на кандидат за возач кои ги спроведуваат автошколите и завршува со издавање на „потврда за оспособеност на кандидат на возач на моторно возило“, полагање на возачки испит на кандидат за возач, кој го спроведуваат испитните центри и се издава уверение за положен возачки испит и издавање на возачка дозвола, постапка која се води од страна на Министерството за внатрешни работи. Во однос на наводите во иницијативата во кој се прави споредба со Законот за прекршоци, со кои се уредуваат роковите за застареност е несоодветна, со оглед на фактот што прекршочната постапка опфаќа одредени правни дејствија и целосно е неспоредлива со полагањето на возачкиот испит.

Имајќи го предвид претходно наведеното, оспорената одредба на членот 20 од Правилникот за начинот на спроведување на возачките испити и поблиските критериуми во однос на просторните услови и материјално техничката и информатичката опрема на испитните центри и водењето на евиденциите во врска со спроведените возачки испити, како и начинот на издавање и одземање на лиценца за испитен центар формата и содржината на образецот на лиценцата за испитен центар е во согласност со одредбите од Уставот на Република Северна Македонија,

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од Решението.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.279/2020
22.09.2021 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска