У.бр.320/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 3 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 22 септември 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 13 точка 11 од Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразни болести COVID-19 предизвикана од вирусот SARS-Cov-2, случаите и временскиот период на нивна примена („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 263/2020, 269/2020, 275/2020, 287/2020, 292/2020 и 298/2020).

2. Независната угостителска комора од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот од Одлуката, означен во точката 1 од Решението.

Според наводите од иницијативата, Владата на Република Северна Македонија, донела Одлука, објавена во „Службен весник на Република Северна Македонија” број 298/2020, каде со член 2 став 1 од таа одлука, ја изменила содржината на член 13 точка 11 од Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразни болести COVID-19 предизвикана од вирусот SARS-Cov-2, случаите и временскиот период на нивна примена („Службен весник на Република Северна Македонија” број 263/2020, 269/2020, 275/2020, 287/2020 и 292/2020), на начин што ја ограничила работата на угостителските објекти, односно наместо до 21 часот, работата на угостителските објекти се ограничувала до 18 часот, освен за угостителските објекти кои остварувале продажба на алтернативен начин (онлајн нарачки, телефонски нарачки и слично) и да вршат достава или да овозможат самостојно подигнување на нарачката надвор од угостителскиот објект (преку штанд/пулт).

Според наводите од иницијативата, со содржината којашто ја добива член 13 точка 11 со претрпените измени и дополнувања на предметната одлука, се повредувало начелото на еднаквост и рамноправност загарантирано со членот 9 од Уставот, правото на слобода на движење и уставното начело на слобода на работа, со што се предлага поништување/укинување на оспорениот член од Одлуката, како и донесување на решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на предметно оспорената одредба од Одлуката.

3. Судот на седницата утврди дека со иницијативата се оспорува содржината на член 13 точка 11 од Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразни болести COVID-19 предизвикана од вирусот SARS-Cov-2, случаите и временскиот период на нивна примена („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 263/2020, 269/2020, 275/2020, 287/2020, 292/2020 и 298/2020), поточно содржината којашто членот од Одлуката ја добива со измените и дополнувањата, објавени во „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 298/2020.

Судот утврди и дека по поднесувањето на иницијативата, член 13 точка 11 од предметната одлука, со наредни измени и дополнувања, во континуитет претрпува измени и дополнувања.

4. Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со иницијативата се оспорува содржината на член 13 точка 11 од Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразни болести COVID-19 предизвикана од вирусот SARS-Cov-2, случаите и временскиот период на нивна примена, којашто ја добива оспорениот член, заклучно со измените и дополнувањата на предметната одлука, објавени во „Службен весник на Република Северна Македонија” број 298/2020, каде со член 2 став 1, се врши измена на член 13 точка 11 од Одлуката („Службен весник на Република Северна Македонија” број 263/2020, 269/2020, 275/2020, 287/2020 и 292/2020).

Содржината на член 13 точка 11 од предметната одлука, којашто се оспорува со иницијативата, е следна:

Член 13

Се наредуваат следниве мерки:

11. Се затвораат за посетители – гости по 18.00 часот сите угостителски објекти, како и угостителскиот објект/дел за исхрана во угостителските објекти за сместување (хотел, мотел, хостел, пансион и друг објект за сместување) или на бензинските станици, а оние угостителски објекти кои вршат подготовка и продажба на храна можат да остваруваат продажба на алтернативен начин (онлајн или телефонски нарачки и слично) и да вршат достава или да овозможат самостојно подигнување на нарачката надвор од угостителскиот објект (преку штанд/пулт).

Исклучок од став 1 на оваа точка се угостителските објекти на Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот „Св.Апостол Павле“ во Охрид, како и угостителскиот објект/дел за исхрана во угостителските објекти за сместување (хотел, мотел, хостел, пансион и друг објект за сместување) за посета од лицата сместени во овие објекти.

По поднесувањето на иницијативата, оспорената одредба содржана во точката 11 на членот 13 од Одлуката, во континуитет претрпува измени и дополнувања со тоа што оспорената точка 11 на членот 13 од Одлуката и по содржина и по нумерација (во текот на измените станува точка 10.), е изменета со Одлука за изменување и дополнување на предметната одлука, објавена во „Службен весник на Република Северна Македонија” број 199/2021 од 25 август 2021 година, и истата гласи:

Член 13

Се наредуваат следниве мерки:

„10. Во сите угостителски објекти и во угостителскиот објект/дел за исхрана во угостителските објекти за сместување (хотел, мотел, хостел, пансион и во друг објект за сместување), на бензинските станици, во казината и обложувалниците и во други објекти кои во склоп на истите даваат угостителски услуги прием на посетители и гости и послужување во затворениот дел на објектите се дозволува до најмногу 30% исполнетост од капацитетот на просторот, а во отворените делови – тераси од угостителскиот објект до најмногу 50% исполнетост од капацитетот на просторот, како и служење пијалаци во внатрешноста на казината, обложувалниците и автомат клубовите.

Угостителските објекти кои се регистрирани за прослави (веселби, свадби, родендени, крштевки и слично) можат да ја организираат работата како ресторани до најмногу 30% од капацитетот во затворениот дел од угостителскиот објект и до најмногу 50% од капацитетот на отворениот дел и да организираат свадби со присуство на музичари, согласно соодветниот наменски протокол само на отворените делови – тераси од угостителските објекти, до најмногу 50% исполнетост од капацитетот на просторот.

Исклучок од став 1 од оваа точка, се угостителските објекти на Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот „Св.Апостол Павле“ во Охрид, како и угостителскиот објект/дел за исхрана во угостителските објекти за сместување (хотел, мотел, хостел, пансион и друг објект за сместување) за посета од лицата сместени во овие објекти.“.

5. Имајќи предвид дека содржината на член 13 став 1 точка 11 од Одлуката, којашто се оспорува со иницијативата е изменета, поточно точката 11 на членот 13 од Одлуката има друга содржина во правниот поредок, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот за отфрлање на иницијативата поради постоење на процесни пречки за постапување по иницијативата.

6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.320/2020
22.09.2021 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска