У.бр.42/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 3 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 202/2019, 256/2020 и 65/2021) на седницата одржана на 15 септември 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценка на уставноста и законитоста на Одлуката за привремено ограничување на распределбата и исплатата на дивиденда на акционерите на банките, О.број 02-15/III-6/2021 од 26 февруари 2021 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.47/2021), донесена од Советот на Народната банка на Република Северна Македонија.

2. Група правни и физички лица акционери на Комерцијална банка АД Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценка на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорената одлука била донесена од Советот на Народната банка на Република Северна Македонија, но за нејзино донесување Советот немал законски основ. Одлуката се заснова на член 47 став 1 точка 25 од Законот за Народната банка на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.158/2010, 123/2012, 43/2014, 153/2015, 6/2016 и 83/2018), меѓутоа таа точка означува вршење на „други работи утврдени со овој закон“, што значи не дава експлицитно овластување за донесување на предметната одлука. Имајќи предвид дека за донесување на одлука за ограничување на распределбата и исплатата на дивидендата на акционерите на банките потребно е да има законски предвидена надлежност на Советот на Народната банка, а таква нема, во случајов оспорената одлука е незаконска, односно Советот со донесување на предметната одлука ги пречекорил своите овластувања и надлежности утврдени со закон и оспорената одлука треба да се смета за ништовна.

Воедно, оспорената одлука во уводниот дел се повикува и на член 68 ставови 1 и 2 од Законот за Народната банка, но тоа се одредби за видот и формата на подзаконските акти што ги донесува Советот, а не се материјални одредби.

Оспорената одлука во уводниот дел ги посочува и член 6 став 2 и член 8 од Законот за Народната банка, кои определуваат дека основна цел е обезбедување на ценовна стабилност и Народната банка придонесува кон одржување на стабилен, конкурентен и пазарно ориентиран финансиски систем, а мерките што се преземаат заради постигнување и одржување на неговата стабилност се од јавен интерес.

Меѓутоа, и овие одредби од Законот за Народната банка не даваат основа за донесување на оспорената одлука. Ова поради тоа што тие одредби се декларативни и општи, а само спрема „конкретна“ банка може гувернерот на Народна банка со решение (не Совет), и тоа под определени услови предвидени со Законот за банки, да утврди мерка за ограничување на исплата на дивиденда (член 133 став 3 и член 136 став 1 точка 3).

Според тоа, може да се каже дека во правниот систем регулиран со Законот за Народната банка и Законот за банки е можно да се изрече мерка за ограничување на исплата на дивиденда на акционерите на банка, но: само спрема конкретна банка, само од страна на гувернерот на Народната банка со решение, само доколку постојат причините утврдени во членовите од Законот за банки. Советот на Народна банка нема законско овластување да пропишува и наредува општа привремена забрана за исплата на дивиденда на акционерите на банките и тој недостаток на надлежниот на Советот, не може да се пополнува со апстрактно повикување на „јавен интерес“. Оспорената одлука го засега правото на сопственост на акционерите гарантирано со Уставот и ова право не може да се ограничува во прокламирање на постоење на наводни легитимни цели: „зголемување на отпорноста на банкарскиот систем во целина и одржување на финансиската стабилност“.

Од овој аспект со оспорената одлука е повредено владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок, согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, како и член 51 од Уставот, според кој законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Оспорената одлука не е во согласност и со член 8 став 1 алинеја 6 од Уставот, според која како една од темелните вредности на уставниот поредок е предвидена правната заштита на сопственоста. Исто така, не е во согласност и со членот 30 од Уставот кој со одредбите од овој член се гарантира правото на сопственост, кое меѓу другото не може да биде одземено или ограничено, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Правото на сопственост е заштитено и со членот 1 од Протоколот број 1 од Конвенцијата за заштита на човековите слободи и права. Неспорно е дека правото на дивиденда на сопствениците на акции во банките претставува имот во сопственост и дека со оспорената одлука се ограничува правото на сопственост гарантирано со членот 30 од Уставот.

Во отсуство на јасни, прецизни и конкретни законски основи и цели кои би служеле за ограничување на правото на сопственост спорно е ограничувањето утврдено со оспорената одлука, нема јасно дефиниран јавен интерес со закон и затоа оспорената одлука е спротивна на членот 8 став 1 алинеја 6 и членот 30 од Уставот и не е во согласност со Конвенцијата за заштита на човековите слободи и права. Имено, ограничувањето на правото на сопственост мора да биде предвидено како мерка во законот која што е насочена кон остварување на конкретен и дефиниран, а не декларативен јавен интерес.

Со оглед дека нема со закон дефиниран конкретен јавен интерес, Советот во самата оспорена одлука си зема улога на законодавец и дефинира дека општото ограничување во предметната одлука било заради јавен интерес кој го квалификува во форма на обезбедување стабилност на банкарскиот систем и одржување на финансиска стабилност.

Во иницијативата се наведува дека овие цели Народната банка може да си ги остварува со цела низа на конкретни овластувања и делувања согласно Законот за Народната банка (членови 19, 20, 22, 38 итн.), и Законот за банки според кој гувернерот во согласност со овластувањата од член 48 став 1 точка 6 од Законот за Народна банка „презема мерки кон банки и други финансиски институции кои се предмет на супервизија на Народната банка или кон системите за плаќање, порамнување или клиринг во согласност со овој или со друг закон“. Тоа значи, не треба да се врши изнаоѓање на нови методи без основа во закон, за општи ограничувања какви се утврдени со Одлуката.

Во иницијативата се наведува дека дури и да се претпостави дека ограничувањето било заради остварување на стабилност на банкарскиот систем во време на кризата од пандемијата на Ковид 19, како легитимна цел во јавен интерес, тоа ограничување не е пропорционално на таквата цел.

Релевантните податоци и извештаи за состојбата на банкарскиот систем коишто ги презентирала Народната банка во рамки на вршење на своите задачи, недвосмислено укажуваат дека банкарскиот систем во услови на здравствена криза успешно ја одржува стабилноста и отпорноста на шокови, видно од извештајот на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народна банка од 09.02.2021 година, потоа, во соопштението на Советот на Народна банка од 28.12.2020 година и кварталниот извештај од 07.12.2020 година, како и од Комитетот за финансиска стабилност со излагање на гувернерката на 03.11.2020 година.

Од ваквата фактичка состојба, произлегувало дека ограничувањето во оспорената одлука се темели на апстрактен став за опасност којашто би ја нарушила стабилноста на банкарскиот систем во иднина, а не врз конкретна оцена на загрозување на неговата стабилност, па оттука ограничувањето на правото на сопственост на акционерите врз дивидендата е незаконито и неуставно. Советот си дава улога на арбитер кој диктира општо ограничување и покрај сето погоре наведено, а како арбитер најдоцна до 30 септември 2021 година повторно ќе цени за предвременото укинување на ограничувањето или тоа ќе продолжи до 31 декември 2021 година.

Бидејќи ограничувањето во случајов не задоволува никаква легитимна цел во јавен интерес, не е јасно како ќе оценува Советот дали ќе се продолжи ограничувањето утврдено во Одлуката, врз кои параметри и објективни околности, имајќи предвид дека ништо не е загрозено.

Во иницијативата, исто така се наведува дека исплатата на дивидендата на акционерите е резултат на профитабилното работење на банката, што е позитивна перформанса за банката, и „заробувањето“ на дивидендата да се замрзне и да не се користи од акционерите во услови на стабилна банка, заради „општа одлука“ на Советот на Народна банка е еклатантно незаконито ограничување на располагање на сопствените финансии и идни трансакции со парите. Неисплатата на дивидендата на стопанските субјекти кои се истовремено и кредитокорисници на банките, негативно се одразува и врз целината на стопанскиот и финансиски систем, затоа што од субјектите се проектира враќање на ануитети од кредитите преку приходот на акциите, а пореметувањето на овој систем, штетно за нив, се генерира од ограничувањето на исплатата на дивидендата.

Оттука, нема постигнат разумен однос на пропорционалност помеѓу потребата за остварување стабилност на банкарскиот систем и финансиската стабилност како јавен интерес кој што не може да се објасни, од една, и потребата за обезбедување на почитување на правото на сопственост на акционерите во банките, од друга страна, туку во случајов со оспорената одлука на акционерите им е наметнат прекумерен индивидуален товар што не може да се оправда во границите на членот 30 од Уставот, во врска со членот 1 од Протоколот број 1 од Европската конвенција за човекови права.

Оспорената одлука не е во согласност со член 8 став 1 алинеи 3, 6 и 7, член 30 и член 55 став 2 од Уставот.

Имено, покрај погоре изнесеното, во иницијативата се наведува дека независно од тоа што банкарскиот сектор е регулиран со посебни закони и е предмет на супервизија на Народната банка, положбата на банките и нивните акционери за добивката и нивната распределба, вклучително и за дивидендата е предмет на регулирање на Законот за трговските друштва исто како и за останатите акционерски друштва. Правото и условите за распределба на дивидендата се уредени со членовите 487-490 од наведениот закон и тие во целост се применуваат и врз банките и нивните акционери како учесници на слободниот пазар чија цел е остварување на добивка.

Значи, банките и нивните акционери кои се во иста или слична ситуација со сите други акционерски друштва кога се работи за исплата и располагање со дивидендата не смеат да се третираат нееднакво, односно во случајов акционерите во банкарскиот сектор не смеат да бидат дискриминирани и ставени во нееднаква положба бидејќи со тоа се повредува членот 14 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи, со повреда на правото на сопственост.

Поради погоре изнесенотo, со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука, а до конечното одлучување Судот да донесе и времена мерка, односно со решение да го запре извршувањето на поединечните акти и дејствија преземени врз основа на оспорената одлука.

3. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 47 став 1 точка 25 и член 68 ставови 1 и 2, а во врска со член 6 став 2 и член 8 од Законот за Народната банка на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 158/2010,123/2012,43/2014,153/2015,6/2016 и 63/2018), Советот на Народната банка на Република Северна Македонија донесе

О Д Л У К А
ЗА ПРИВРЕМЕНО ОГРАНИЧУВАЊЕ НА РАСПРЕДЕЛБАТА И ИСПЛАТАТА НА ДИВИДЕНДА НА АКЦИОНЕРИТЕ НА БАНКИТЕ

1. Како одговор на продолжените ефекти од кризата од пандемијата на ковид-19 и неизвесноста предизвикана од неа, со оваа одлука привремено се ограничуваат распределбата и исплатата на дивиденда на акционерите на банките, заради натамошно зголемување на отпорноста на банкарскиот систем во целина и одржување на финансиската стабилност.

2. Банките, привремено, до 31 декември 2021 година, не смеат да вршат распределба и исплата на дивиденда на акционерите, со исклучок на распределбата и исплатата на дивиденда во форма на акции.

3. Народната банка на Република Северна Маккедонија, најдоцна до 30 септември 2021 година, повторно ќе ги оцени околностите од точката 1 од оваа одлука и во зависност од оцената, може да донесе одлука за предвремено укинување на ограничувањето од оваа одлука.

4. Одредбите од оваа одлука што се однесуваат на банките соодветно се применуваат и на штедилниците.

5. Оваа одлука влегува во сила на денот на нејзиното објавување во „Службен весник на Република Северна Македонија“ и престанува да важи на 31 декември 2021 година.

О.бр.02-15/III-6/2021                                                                                                         Гувернер и претседавач на Советот на Народната банка на
26 февруари 2021 година                                                                                                                      Република Северна Македонија,
С к о п ј е                                                                                                                                               д-р Анита Ангеловска-Бежоска, с.р.

4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 202/12019, 256/2020 и 65/2021), Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Советот на Народната банка на Република Северна Македонија на 26 февруари 2021 година ја донел оспорената Одлука за привремено ограничување на распределбата и исплатата на дивиденда на акционерите на банките („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 47/2021).

Меѓутоа, Советот на Народната банка на Република Северна Македонија, донел Одлука О. број 02-XII-1/2021 од 3 август 2021 година објавена во „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 177/2021, со која се укинува наведената Одлука за привремено ограничување на распределбата и исплатата на дивиденда на акционерите на банките, поради што оспорената одлука престанала да постои во правниот поредок.

Со оглед на ваквата фактичка и правна состојба, според која оспорениот акт веќе не постои во правниот поредок, настапени се деловнички претпоставки согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија за отфрлање на иницијативата со која уставно-правно се оспоруваше предметната одлука.

5. Поради погоре изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.42/2021
15.09.2021 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска