Соопштение по одржаната XXI-та седница на Судот

Уставниот суд на Република Северна Македонија, по одржаната XXI-та седница (денeс, 9 септември 2021 година, со почеток од 9,30 часот), ја известува јавноста дека расправајќи по точките од дневниот ред одлучи да:

– не поведе постапка за оценување на уставноста на член 63 став 4 алинеја 3, во деловите: „очигледно“ и „односно се однесува на факти кои веќе биле предмет на разгледување од повисок суд во постапка по правен лек или можеле да бидат предмет на разгледување од повисок суд, но не биле покренати со правен лек“, од Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.102/2019 од 22 мај 2019 година);

– не поведе постапка за оценување на уставноста на член 51 став 1 алинеја 5 и 6; член 75 став 1 алинеја 5 и алинеја 11 во делот „80% од вкупната сума од отуѓувањето односно давањето под дологотраен закуп не се враќаат на купувачот, односно закупецот“; член 76 став 7 и став 8 и 9 во делот „при што 80% од вкупната сума од отуѓувањето, односно давањето под долготраен закуп не се враќаат на купувачот“; член 77 став 6 во делот „купувачот е должен да плати казна во износ од 80% од вкупната сума од отуѓувањето, односно давањето под долготраен закуп“; член 77 став 7 во делот „при што 80% од вкупната сума од отуѓувањето не му се враќаат на купувачот“ и член 78 став 1 од Законот за градежното земјиште („Службен весник на Република Македонија“ бр.15/2015, 98/2015, 193/2015, 226/2015, 31/2016, 142/2016 и 190/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.275/2019);

– ја отфрли иницијативата за оценување на уставноста на член 372 став 2 од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2005, 110/2008, 83/2009, 116/2010 и 124/2015);

– ја отфрли иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на член 42-а од Статутот на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ („Службен весник на Република Македонија“ бр.56/2015, 205/2018 и 115/2019) донесен од Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“; член 10-а од Правилникот за полагање на приемен испит во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ („Службен весник на Република Македонија“ бр.77/2015, 195/2015, 115/2015 и 193/2020) донесен од Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“; ранг листа на слушатели на почетна обука на Академијата за судии и јавни обвинители на VII генерација, бр.08/190/5 од 25.06.2020 година, утврдена од Комисијата за приемен испит на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ и заклучоци од 159 седница на Управниот одбор на Академијата, одржана на 07.07.2020 година со кои е потврдена ранг-листата;

– ја отфрли иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Заклучоците внесени во точка 1 од точката 32 на Записникот од 135 седница на Владата на Република Северна Македонија, донесени на 14 мај 2019 година;

– ја отфрли иницијативата за оценување на законитоста на Колективниот договор за изменување и дополнување на Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.269/2019);

– го отфрли барањето за заштита и права на граѓанинот и човекот од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија во предметот У.бр.282/2020; и

– ја укина Одлуката за донесување Детален Урбанистички план за градска четврт „3 09“ (опфат помеѓу бул. Партизански одреди, ул. Франклин Рузвелт, бул. Митрополит Теодосиј Гологанов и бул. 8-ми Септември) Општина Карпош – Скопје („Службен гласник на Општина Карпош“ бр.3/2017).