Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 1 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 30 јуни 2021 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Решението на Слободан Тошевски за признавање на право на старосна пензија, донесено од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Република Северна Македонија бр.05301491436, донесено на 24.09.2020 година и решенијата на други 400 лица кои оствариле право на старосна пензија.
2. Слободан Тошевски од Куманово, до Уставниот суд на Република Северна Македонија достави иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на Решението на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Република Северна Македонија бр.05301491436, донесено на 24.09.2020 година и решенијата на други 400 лица кои оствариле право на старосна пензија.
Според подносителот на иницијативата оспореното Решение и решенијата на други 400 корисниците на старосна пензија не биле во согласност со членот 148 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување од причини што таа одредба не важела за корисниците кои оствариле старосна пензија согласно Законот за служба во армијата на Република Северна Македонија. Подносителот наведува дека во неговото решение и решенијата коишто биле околу 400 било предвидено дека:
„Доколку корисникот на пензија по остварувањето на правото на пензија стапи во работен однос или врши дејност во Р.Македонија или во странство со решение му се запира исплатата на пензија, за што е должен да го извести овој орган“.
Понатаму подносителот на иницијативата се повикува на член 8,член 32, член 34 и член 52 од Уставот, Законот за служба во армијата и Законот за пензиско и инвалидско осигурување и констатира дека законодавецот на корисник на пензија според Законот за служба во армијата не му забранил исплата на пензија додека е во работен однос или врши дејност во Р.Македонија или во странство како што предвидел за другите осигуреници. Според подносителот таа забрана ја утврдил Фондот за пензиско и инвалидско осигурување со решенијата за пензија.
На подносителот на иницијативата побарано му е да ја прецизира иницијативата во смисла кои одредби од Законот за пензиско и инвалидско осигурување и кои одредби од Законот за служба во армијата ги оспорува, при што подносителот изречно наведува дека не оспорува ниту една одредба од Законот за пензиско и инвалидско осигурување, Законот за служба во армијата и не ги оспорува решенијата за пензија.Со иницијативата го оспорува само делот „Доколку корисникот на пензија по остварувањето на правото на пензија стапи во работен однос или врши дејност во Р.Македонија или во странство со решение му се запира исплатата на пензија, за што е должен да го извести овој орган“.
3. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр. 70/1992), Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Поаѓајќи од правните елементи што го определуваат прописот, а според кои тој треба да содржи општи норми на однесување и да уредува односи на субјектите во правото на општ начин, Судот смета дека оспореното решение/решенија нема карактер на пропис поради што не е подобен за уставно-судска анализа.
Ова од причина што оспорениот акт/акти не претставуваат пропис во смисла на член 110 алинеја 2 од Уставот, туку поединечени акти на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Според тоа, се оцени дека Судот не е надлежен да одлучува за согласноста на оспореното/оспорените решенија со Уставот и со Законот за служба во армијата и Законот за пензиско и инвалидско осигурување, од кои причини исполнети се условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија.
Со оглед на наведеното, Судот оцени дека оспореното/оспорените решение /решенија по својот карактер и содржина претставува поединечни акти поради што се исполнети условите за отфрлање на иницијативата согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот.
4. Со оглед на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.
У.бр.54/2021
30.06.2021 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска