У.бр.11/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 3 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 30 јуни 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 54 ставови 5, 6 и 7 од Правилата за снабдување со топлинска енергија („Службен весник на Република Северна Македонија” број 65/2019 и 162/2019).

2. Петар Баришиќ од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од актот, означен во точката 1 од Решението.

Според наводите од иницијативата, содржините на оспорените ставови 5, 6 и 7 на членот 54 од Правилата за снабдување со топлинска енергија, коишто ги добиле со донесувањето на Правилата за изменување и дополнување на Правилата за снабдување со топлинска енергија („Службен весник на Република Северна Македонија” број 162/2019), каде со членот 2 од тие измени и дополнувања се врши измена на целината на членот 54 од Правилата, биле спорни содржини, поради несогласност на ставот 5 на членот 54 од Правилата со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, несогласност на ставот 6 на членот 54 од Правилата со член 52 став 4 од Уставот, а ставот 7 на членот 54 од Правилата, поради немање на правно значење.

3. Судот на седницата утврди дека со иницијативата се оспорува член 54 ставови 5, 6 и 7 од Правилата за снабдување со топлинска енергија („Службен весник на Република Северна Македонија” број 65/2019 и 162/2019), односно содржините на ставовите 5, 6 и 7 на членот 54 од Правилата, коишто ја имаат заклучно со претрпените измени и дополнувања на Правилата, објавени во „Службен весник на Република Северна Македонија” број 162/2019.

4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со иницијативата се оспорува член 54 ставови 5, 6 и 7 од Правилата за снабдување со топлинска енергија („Службен весник на Република Северна Македонија” број 65/2019 и 162/2019), односно содржината на наведените ставови на членот од Правилата, коишто тие ја добиваат, заклучно со измените и дополнувањата на Правилата, објавени во „Службен весник на Република Северна Македонија” број 162/2019.

Во конкретниот случај, Судот утврди дека по поднесувањето на иницијативата, доносителот на актот, повторно врши измени и дополнувања на Правилата за снабдување со топлинска енергија („Службен весник на Република Северна Македонија” број 65/2019 и 162/2019), на начин што со членот 3 од Правилата за изменување и дополнување на Правилата за снабдување со топлинска енергија, објавени во „Службен весник на Република Северна Македонија” број 233/2020, во целина се менува членот 54 од Правилата, односно оспорените ставови 5, 6 и 7 од наведениот член, добиваат сосема други содржини.

5. Имајќи предвид дека содржините на ставовите 5, 6 и 7 на членот 54 од Правилата, коишто се оспорени со иницијативата, се изменети, односно тие содржини не се повеќе во правниот поредок, туку други содржини, Судот констатира процесни пречки за постапување по иницијативата со што се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот за отфрлање на иницијативата.

6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.11/2020
30 јуни 2021 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска