У.бр.274/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019 и 256/2020) на седницата одржана на 30.06.2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Колективниот договор за култура, во целина и посебно оспорените член 66 и член 131 став 2 од истиот колективен договор, склучен на 30.12.2019 година помеѓу Министерството за култура на Република Северна Македонија, Синдикатот за култура на Република Северна Македонија и Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.10/2020).

2. Џорлева Офелија и Милчин Бојан, двајцата од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 66 и член 131 став 2 од Колективниот договор означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителите на иницијативата со оспорените одредби се повредувале членовите: 85, 86 и 87 од Законот за административни службеници; член 76 став 4 од Законот за културата и член 12 став 2 од Законот за работните односи, кои одредби се цитирани во иницијативата. Во продолжение на иницијативата се цитираат член 32 став 5, членот 51 и член 110 алинеја 1 од Уставот.

Од цитираните одредби произлегувало дека правата и положбата на вработените се уредуваат со закон и со колективен договор, дека колективните договори ги доуредувале правата и обврските на работниците и работодавците, како и тоа дека правата и обврските морало да бидат во согласност со Уставот и законот.

Ако се имало предвид дека Законот за култура по однос на работниот однос на административните службеници упатувал на Законот за административни службеници, а Колективниот договор во културата ги доуредувал правата и обврските на работниците и работодавецот, се поставувало прашање со кој закон требало да биде во согласност Колективниот договор по однос на правата на административните службеници? Од постојната ситуација произлегувало дека нивните права „виселе во воздух“ и биле оставени на добрата или лошата волја на договорните страни, во чие договарање административните службеници немале никаква можност да бидат вклучени.

Со оспорениот член 131 став 2 од Колективниот договор, било предвидено дека со неговото влегување во сила престанувале да важат колективните договори на ниво на работодавач, со исклучок на одредбите кои се однесувале на платата за работниците кои одредби ќе важеле најдоцна до 01.07.2020 година. Примената на оваа одредба за дел од административните службеници индиректно значела намалување на платата за некои работни места што било повреда на членот 12 од Законот за работните односи.

Во продолжение на иницијативата се појаснува дека се избрзало со носење на Колективниот договор, бидејќи не бил донесен Законот за јавен интерес во културата, па сето создало ситуација кај дел од вработените (пред се административни службеници) и помошно-технички лица чувството на „страдање и плачење поради непостоење на колективен договор“ да премине во чувство на „страдање и плачење поради постоење на колективен договор“.

Со Колективниот договор била предвидена обврска за носење на нови акти согласно Колективниот договор, но оваа обврска создала голем знак прашалник зашто при ситуација кога веќе имало акти за организација и систематизација донесени согласно важечките прописи било потребно да се усогласуваат со Колективниот договор за култура, кој само ги доуредувал правата и обврските од споменатите закони.

Колективниот договор довел до ситуација работните места на помошни технички лица за кои било предвидено основно образование да имаат повисок коефициент од некои работни места за кои било потребно средно образование. Во таква ситуација на инфлација на неконзистентни одредби Колективниот договор доведувал до правна несигурност и губење на веќе еднаш добиени и стекнати права од работен однос, па не можело да не се обрне внимание на штетните појави кои допрва ќе следувале.

Врз основа на наведеното се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Колективниот договор за култура. Воедно, се бара донесување на решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на посебно оспорениот член 131 став 2 од Колективниот договор, бидејќи предизвикувал да им се исплаќаат помали плати од претходно утврдените на голем дел на административните службеници. Тоа можело да предизвика водење на работни спорови и големи трошоци на штета и товар на буџетот на културата.

3. Судот на седницата, утврди дека врз основа на членот 32 од Уставот, членот 203 од Законот за работните односи и членот 5 од Општиот колективен договор за јавниот сектор на Република Македонија, Министерството за култура, Синдикатот за култура и Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на 30.12.2019 година склучиле Колективен договор за култура.

Колективниот договор содржи 132 одредби. Во членот 132 од Колективниот договор е определено дека овој договор влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“. Актот е објавен во наведеното гласило на 16 јануари 2020 година кога и влегол во сила.

Според посебно оспорениот член 66 став 1 од Договорот коефициентот на сложеност на работите се определува во зависност од сложеноста и обемот на работите и работното место и потребните знаења и вештини. Според ставот 2 од истиот член од Договорот за сложеноста на работите за одредено работно место утврдена во групи и подгрупи се определуваат коефициенти кои се движат во распон од 3,265 до 1,265 за секое работно место во соодветните области на културата.

Во посебно оспорениот член 131 став 2 од Договорот е определено дека со влегување во сила на овој договор престануваат да важат колективните договори склучени на ниво на работодавач, со исклучок на одредбите коишто се однесуваат на плата за работниците коишто ќе важат најдоцна до 01.07.2020 година.

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е една од
темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 32 став 2 од Уставот, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место. Согласно став 3 од истиот член, секој има право на соодветна заработувачка, а согласно став 5, остварувањата на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и колективен договор.

Согласно членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Во член 85 став 1 од Законот за административни службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/2014, 199/2014, 48/2015, 154/2015, 5/2016, 142/2016 и 11/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.275/2019 и 14/2020) е определено дека, административниот службеник има право на плата и надоместоци на плата под услови и критериуми утврдени со овој закон, освен ако со посебен закон и со колективен договор поинаку не е уредено.

Според член 86 од истиот закон, платата на административниот службеник се состои од следниве компоненти:
– основна компонента и
– исклучителна компонента.

Во член 87 став 1 од Законот е определено дека, основната компонента на плата ја сочинуваат:
– дел на плата за степен на образование,
– дел на плата за ниво и
– дел на плата за стаж.

Според ставот 2 од членот 87 од Законот, делот на плата за степенот на образование кое го стекнал административниот службеник се вреднува на начин што се определени осум одделно разработени нивоа на квалификации за кои се предвидуваат број на кредити кои се движат од најмногу 480 до најмалку 100 кредити.

Во ставот 3 од членот 87 од Законот е разработен делот на плата за нивото на кое е распореден административниот работник кои нивоа се вреднуваат со бодови во распон најмногу 845 бодови за нивото А1 до најмалку 146 бодови за новото Г4.

Во ставот 4 од членот 87 од Законот е предвидено дека, делот на плата за работниот стаж на административниот службеник се вреднува во износ од 0,5% од деловите на платата за степен на образование и за ниво, за секоја навршена година работен стаж, а најмногу до 20%.

Од анализата на цитираните законски одредби произлегува дека административниот службеник остварува право на плата и надоместоци на плата под услови и критериуми утврдени со Законот за административните службеници, освен ако со посебен закон и со колективен договор поинаку не е уредено. Според наведениот закон платата на административен службеник се состои од основна компонента (дел на плата за степен на образование, дел на плата за ниво и дел на плата за стаж) и исклучива компонента. Делот на плата за степен на образование се засметува според определен број на кредити, а делот на плата за ниво се вреднува со определен број на бодови. Делот на плата за работниот стаж на административниот службеник се вреднува во износ од 0,5% од деловите на платата за степен на образование и за ниво за секоја навршена година работен стаж, а најмногу до 20%.

Во член 76 став 1 од Законот за културата („Службен весник на Република Македонија“ бр.31/1998, 49/2003, 82/2005, 24/2007, 116/2010, 47/2011, 51/2011, 136/2012, 23/2013, 187/2013, 44/2014, 61/2015, 154/2015, 39/2016 и 11/2018) е определено дека, во јавна установа од областа на културата работните места на вработените се групираат во групи и подгрупи согласно со Законот за вработените во јавниот сектор.

Според ставот 2 од истиот член од Законот, вработените во јавните установи од областа на културата кои вршат работи од административна природа заради остварување на дејности во културата имаат статус на административни службеници.

За вработените од ставот 2 на овој член категориите, нивоата и звањата се утврдуваат согласно со Законот за административните службеници (став 3).

За прашањата кои се однесуваат на класификацијата, евиденцијата, вработувањето, унапредувањето, стручното усовршување и оспособување, мерењето на ефектот и други прашања во врска со работниот однос на административните службеници во јавните установи од областа на културата се применуваат одредбите од Законот за административните службеници (став 4).

Во член 76-а став 1 од Законот е определено дека, вработените во јавните установи од областа на културата, имаат статус на даватели на јавни услуги во културата и за нив се применуваат одредбите од овој закон, одредбите од Законот за вработените во јавниот сектор и општите прописи за работни односи.

Според член 76-ж став 1 од Законот, за вработените во јавните установи од областа на културата кои вршат помошно-технички работи и имаат статус на помошно-технички лица се применуваат одредбите од овој закон, Законот за вработените во јавниот сектор и општите прописи за работни односи.

Од анализата на одредбите од Законот за административни службеници и Законот за култура произлегува дека правата од работен однос на вработените во јавните установи од областа на културата се комплексно уредени и зависат од околноста какви работи вршат вработените во културата: административни работи, работи на даватели на услуги или помошно-технички работи. Оттаму, прашањата поврзани со правата од работен однос, во зависност од тоа за каков вид на вработени станува збор можат да бидат уредени во повеќе закони: Законот за културата, Законот за административните службеници и Законот за вработените во јавниот сектор и општите прописи за работни односи, односно Законот за работните односи.

Според тоа пресметка на коефициентот на сложеност на работите од оспорениот член 66 од Колективниот договор, кој не прави разлика по однос на статусот на вработените во културата, не може да се доведе во директна релација со одредбите од Законот за култура кои определуваат каков се статус може да имаат вработените во културата од каде не може да се изрази сомнение по однос на согласноста на оваа одредба со член 76 став 4 од Законот за култура.

Членовите 86 и 87 од Законот за административни службеници го уредуваат составот на платата на дел од вработените во културата и бројот на кредити и бодови за секое одделно работно место, а оспорениот член 66 од Колективниот договор го уредува прашањето на коефициентот на сложеност на работите со определување на коефициентот за секое посебно работно место во културата што е посебна компонента за пресметка на платите.

Судот имајќи предвид дека оспорениот член 66 од Колективниот договор (коефициент на сложеност) има сосема различно уредување по однос на член 76 став 4 од Законот за култура (статус на вработени), како и по однос на членовите 85, 86 и 87 од Законот за административни службеници (компоненти на плата) оцени дека не може да се изрази сомнение по однос на неговата законитост, оценувана преку аспектите на иницијативата, а како нормите не можат да бидат доведени во заедничка директна корелација.

Во член 12 став 2 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009,149/2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010, 47/2011, 11/2012, 39/2012, 13/2013, 25/2013, 170/2013, 187/2013, 20/2015, 33/2015, 72/2015, 129/2015, 27/2016 и 120/2018, и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.110/2019 и 267/2020) е предвидено дека со договорот за вработување, односно со колективен договор не може да се определат помали права од правата утврдени со закон, а ако содржат такви одредби, се сметаат за ништовни и се применуваат соодветни одредби од закон.

Според подносителите на иницијативата, со оспорениот член 131 став 2 од Колективниот договор, било предвидено дека со неговото влегување во сила престанувале да важат колективните договори на ниво на работодавач, со исклучок на одредбите кои се однесувале на платата за работниците кои одредби ќе важеле најдоцна до 01.07.2020 година. Притоа примената на оваа одредба за дел од административните службеници индиректно значела намалување на платата за некои работни места што било повреда на членот 12 од Законот за работните односи.

Судот по однос на вака изнесените наводи оцени дека нема надлежност да ја оценува примената на оспорените одредби и да навлегува во анализа дали за секое конкретно работно место во културата дошло до зголемување или пак намалување на платата на вработените. Надлежност на овој суд согласно член 110 од Уставот е оценката на согласноста на оспорените акти со Уставот и со законите, па ценејќи ја одредбата од аспект на нејзината содржина и уреденост произлегува дека истата не е проблематична. Имено, при состојба кога е донесен и влезен во сила колективен договор на ниво на гранка, или Колективен договор за култура како повисок по ранг договор, со оспорениот член 131 став 2 е оставен период за усогласување на колективните договори на ниво на работодавач како договори од пониско ниво што е вообичаен начин на нормирање во сферата на колективното договарање. Впрочем претходниот Договор за култура („Службен весник на Република Македонија“ бр.41/2005 и 36/2006) којшто беше правен основ на колективните договори склучени на ниво на работодавец сметано од 16 јануари 2020 година престанал да важи, па договорите на ниво на работодавец склучени до овој период останале без правен основ. Како и да е владеењето на правото како една од темелните вредности на уставниот поредок од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, подразбира усогласеност на пониските со повисоките, по ранг, правни акти.

Имајќи предвид дека согласно член 32 став 5 од Уставот, правото на плата на работникот се уредува со закон и со колективни договори, а определувањето пак на коефициентите на сложеност од кои зависи висината на платата на вработените, е фактичко прашање кое го утврдуваат договорните страни при колективното преговарање за кое Судот не е надлежен да одлучува произлегува дека Колективниот договор за културата како целина и посебно оспорените член 66 и член 131 став 2 се во согласност со Уставот и со законите означени во иницијативата.

Врз основа на направената анализа произлегува дека оспорениот Колективен договор за култура, како целина и посебно оспорените член 66 и член 131 став 2, оценувани од аспектите на иницијативата, се во согласност со член 32 став 5 и членот 51 од Уставот и со членовите: 85, 86 и 87 од Законот за административни службеници; член 76 став 4 од Законот за културата и член 12 став 2 од Законот за работните односи.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.274/2020
30.06.2021 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска