Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, членот 71 и член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 24 јуни 2021 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 50 став 1 од Статутот на Здружението за заштита на авторски музички права 352-10201 од 19.11.2013 година.
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на:
– Oдлуката бр.0201-392/1 од 27.10.2020.година со која се разрешува од член и од претседател на Управниот одбор на Здружението ЗАМП г-н Славко Димитров;
– Одлуката бр.0201-393/1 од 27.10.2020 година со која се задолжува Славко Димитров веднаш да го врати печатот на Здружението ЗАМП во службените простории на Здружението ЗАМП;
– Одлуката бр.0201-395/1 од 27.10.2020 година со која се избира за член на Управниот одбар наЗдружението ЗАМП Љупчо Павловски;
– Одлуката бр.0201-396/1 oд 27.10.2020 година со која се избира Владимир Дојчиновски за претседател на Управниот одбор на Здружението ЗАМП;
– Одлуката бр.0201-398/1 од 27.10.2020 година со која се разрешува и отповикува од претседател на Собранието на Здружението 3AMП Живојин Глишиќ;
– Одлуката бр.0201-399/1 од 27.10.2020 година со која се избира за претседател на Собранието на ЗАМПМ Борче Нечовски;
– Одлуката бр. 0201-400/1 од 27.10.2020 година cо која се овластува членот на Собранието на Здружението ЗАМП Сашо Ливрински да ги врши правата и должностите во отсуство на претседателот на Собранието со одлука на Собранието на Здружението ЗАМП;
– Одлуката бр.0201-401/1 од 27.10.2020 година со која за потписници на жиро сметката на Здружението ЗАМП се овластуваат претседателите и овластените лица на Собранието, Управниат одбор и Надзорниот одбор на Здружението ЗАМП како и в.д. директорот на Здружението ЗАМП со одлука на Собранието на Здружението ЗАМП. и тоа на начин:
– За износ до 60.000,00 денари поединечно (самостојно) и
– За износ над 60.000,00 денари заеднички (колективно) со два потписа;
– Одлуката на Управниот одбор на Здружението ЗАМП од Скопје, од 23.12.2020 година, со која не се усвојува иницијативата на членот на Управниот одбор Георги Барбаровски за носење одлука за измени и дополнувања на Правилникот за распределба на авторските надоместоци и,
– Одлуката на Собранието на ЗАМП од 11.03.2021 година, со која не се усвојува жалбата на членот на Управниот одбор Георги Барбаровски против Одлуката на Управниот одбор на Здружението ЗАМП од 23.12.2020 година
3. Славко Димитров од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата означена во точката 1 од Решението, како и за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на актите означени во точката 2 од Решението.
4. Подносителот во иницијативата наведува дека на незаконски начин, од позиција претседател на Управниот одбор на Здружението за заштита на авторски музички права ЗАМП бил разрешен, коешто во правниот промет во име и за сметка на музичките автори, работи врз основа на дозвола за колективно управување (бр.54-54/1 од 08.04.2011 година, „Службен весник на Република Македонија“ од 10.05.2011 година), издадена од Владата преку Министерството за култура, заради заштита на правата и јавниот интерес на домашните и странските музички автори од 53 земји од светот утврден со Законот за авторско право и сродните права.
Подносителот наведува, дека наспроти членот 147 алинеја 2 од Законот за заштита на авторкото право и сродните права, односно членот 32 од Статутот на Здружението, во Деловникот за работа на Собрането на Здружението не постоела одредба со којашто поблиску се уредувале условите, постапката, роковите и други услови за отповикување на членовите на Управниот одбор и Надзорниот одбор на Здружението.
Понатаму, во иницијативата се наведува дека шестата седница на Собранието од 14.10.2020 година, и нејзиното продолжување на 26.10.2020 година наспроти пропишаната наделжност во член 30 став 1 од Статутот, била свикана и насилнички одржана по предлоr на Надзорниот одбор со единствена точка на дневен ред “Разгледување на работата на Управниот одбор и претседателот на Управниот одбор”, со што наспроти членот 13 од Статутот каде било пропишано дека Собранието разгледувало и усвојувало извештаи за работата на Управниот одбор и другите органи на Здружението, Надзорниот одбор илегално презел функција и надлежност на управниот орган.
Исто така, со Одлуката бр.0201-401/1 од 27.10.2020 година со која Собранието ги овластило Ванчо Тарабунов-претседател на Надзорниот одбор и Евто Пупиновски-потпретседател на Надзорниот одбор на Здружението да бидат потписници на жиро-сметките на Здружението, подносителот смета дека најдрастично бил дерогиран приципот на судир на интереси.
Одлуките за разрешување на претседателите на Собранието и Управниот одбор на Здружението им биле доставени по електронска пошта, според подносителот истите биле донесени од страна на Собранието без претходно пpопишани услови, постапка, рокови и други услови за отповикување на членови на управни органи врз чија основа требало истото да постапува.
Согласно наведеното оспорените одлуки биле донесени спротивно на член 8, член 15 и член 51 од Уставот, и на член 147 став 1 алинеи 2 и 10 и член 158 алинеја 8 од Законот за авторското право и сродните права („Службен весник на Република Македонија“ бр.115/2010, 140/2010, 51/2011, 147/2013, 154/2015 и 27/2016) и се предлага, Судот да донесе времена мерка и да се поништат предметните одлуки.
Подносителот на иницијативата достави три дополнувања на иницијативата, притоа со првото дополнување доставено на 24.11.2020 година, ги наведува генералните податоци за Здружението за заштита на авторските музички права ЗАМП од Скопје, со седиште на ул.„Теодосиј Гологанов“ бр.28 (IV кат).
Во однос на второто дополнување на иницијативата доставено на 04.12.2020 година, подносителот наведува дека член 50 став 1 во делот „Трошоците за водење на судските постапки, судските такси, трошоците за вештачење, адвокатските трошоци и извршните трошоци се утврдуваат со одлука на Собранието и тие не влегуваат во вкупните трошоци за работа на Здружението“, од Статутот на 3дружението за заштита на авторски музички права ЗАМП не бил во сагласност со член 144 став 6 од Законот за авторските права и сродните права согласно кој за покривање на вкупните трошоци за работа на организацијата можело да се користат средства од прибраните надоместоци во износ определен во статутот, односно во договорот за основање, но не повеќе од 15 %.
Според подносителот, недвосмислено произлеrувало дека оспорениот дел од член 5 став 1 од Статутот бил спротивен на член 8, член 30, член 47 и член 51 од Уставот. Ова од причина што, наместо трошоците за покривање на работа во делот на судските постапки, судските такси, трошоците за вештачење, адвокатските трошоци и извршните трошоци, Здружението ЗАМП да ги покривало во рамките на законски утврдениот процент од 15%. ги покривало од преостанатите 85 % од прибраните надоместоци кои биле во исклучива сопственост на авторите. Тоа значело дека ЗАМП наспроти членот 30 од Уставот, на авторите им се одземала односно ограничила сопственоста и правата кои произлегувале од неа, а кои права на авторите им биле загарантирани согласно членот 47 од Уставот.
Согласно наведеното се предлага, Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одредба од Статутот и истата да ја поништи.
На ден 24.03.2021 година, подносителот достави и трето дополнување, со барање за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката на Управниот одбор на Здружението ЗАМП од Скопје, од 23.12.2020 година, со која не се усвојува иницијативата на членот на Управниот одбор Георги Барбаровски за носење одлука за измени и дополнувања на Правилникот за распределба на авторските надоместоци и Одлуката на Собранието на Здружението од 11.03.2021 година, со која не се усвојува жалбата на членот на Управниот одбор Георги Барбаровски против Одлуката на Управниот одбор на Здружението од 23.12.2020 година.
Подносителот, наведува дека согласно член 18 од Деловникот на Собранито, Управниот одбор одлуките ги донесува, ако за нив се изјасниле повеќе од половина од вкупниот број на членови (член 3). Секој член на Управниот одбор располага со еден глас (став 4). Во случај на еднаков број на гласови „за“ и „против се смета дека одлуката не е донесена (став 5)“.
Согласно член 147 став 1 од Статутот, односно договорот за основање, покрај елементите определени со друг закон, требало да содржи и одредби за остварување на обврските на организацијата утврдени со овој закон, а особено, меѓу другото, начинот и условите за обезбедување внатрешна контрола и надзор врз работењето (алинеја 10) и начинот и условите на обезбедување јавност на работењето кон членовите, кон корисниците и кон пошироката јавност.
Понатаму, во дополнувањето се наведува дека Управниот одбор, односно Собранието на Здружението, спротивно на законските и деловничките одредби, не ги усвоиле иницијативата и жалбата на членот на Управниот одбор Георги Барбаровски, и покрај тоа што за неговата иницијатива за носење одлука за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци согласно член 18 ставовите 3 и 5 од Деловникот на Здружението, од Управниот одбор се изјасниле повеќе од половина од вкупниот број членови.
Поради наведеното, се предлага, Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените одлуки, и да се донесе времена мерка за запирање на важноста на истите.
5. Судот на седницата утврди дека согласно член 50 став 1 од Статутот на Здружението за заштита на авторски музички права 352-10201 од 19.11.2013 година. за покривање на вкупните трошоци за работа на Здружението може да се користат средства од прибраните надоместоци во износ до 15%, а во случај на колективно управување со единствениот надоместок, определен со закон, не повеќе од 20%. Трошоците за водење на судските постапки, судските такси, трошоците за вештачење, адвокатските трошоци и извршните трошоци се утврдуваат со одлука на Собранието и тие не влегуваат во вкупните трошоци за работа на Здружението.
6. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.
а) Со основната иницијатива како и со третото дополнување на иницијативата, се оспоруваат повеќе одлуки (Oдлука бр.0201-392/1, Одлука бр.020 1-393/1, Одлука бр.0201-395/1, Одлука бр.0201-396/1, Одлука бр.0201-398/1, Одлука бр. 0201-399/1, Одлука бр. 0201-400/1 и Одлука бр.0201-401/1), донесени на ден 27.10.2020 година од страна на Собранието на Здружението за заштита на авторските музички права ЗАМП Скопје, Одлуката на Управниот одбор за Здружението од 23.12.2020 година и Одлуката на Собранието на Здружението донесена на 11.03.2021 година.
Имајќи ги предвид, карактерот и содржината на оспорените одлуки, сметаме дека истите не претставуваат пропис подобен за уставно-судска оцена. Поаѓајќи од правните елементи коишто го определуваат прописот кој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и на неопределен број на субјекти во правото, во конкретниот случај, од содржината на оспорените акти, неспорно произлегува дека станува збор за поединечни конкретни акти со коишто се уредуваат односи помеѓу Здружението и членовите на неговите органи, со истите се врши избор и разрешување на членови на органите на Здружението, односно претставуваат акти кои се однесуваат на конкретно лице, односно член на Управниот одбор на Здружението.
Со оглед на тоа што оспорените акти не се пропис во смисла на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, туку се поединечни, односно конкретни акти, Судот утврди дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Судот, за отфрлање на иницијативата во овој дел.
б) Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Според член 30 став 3 од Уставот, никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.
Согласно член 47 став 2 од Уставот, се гарантираат правата што произлегуваат од научното, уметничкото или друг вид интелектуално творештво.
Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
Од изнесените уставни одредби произлегува дека владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија, дека таа вредност се остварува така што законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Понатаму, никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон. Се гарантираат правата што произлегуваат од уметничкото или друг вид интелектуално творештво.
Правата што произлегуваат од научно, уметничко или друг вид интелектуално творештво во Република Северна Македонија се регулирани со Законот за авторско право и сродни права („Службен весник на Република Македонија“ бр.115/2010, 51/2011, 147/2013, 154/2015 и 27/2016), со која се уредува правото на авторите над своите авторски дела (во натамошниот текст: авторското право), правата на уметниците – изведувачи, на произведувачите на фонограми, на произведувачите на видеограми (филмски продуценти), на радио-телевизиските организации, на издавачите и на изготвувачите на бази на податоци над своите предмети на сродни права (во натамошниот текст: сродните права), остварувањето и заштитата на авторското право и сродните права и важењето на законот (член 1).
Во согласност со членот 133 од Законот за авторското право и сродните права, организацијата за колективно управување со авторските и другите сродни права, меѓу другото е должна да ги врши правните работи и односите на носителите на правата со корисниците, води постапки пред судовите и други органи заради заштита на авторското право и сродните права и слично.
Според член 144 став 6 од истиот закон, за покривање на вкупните трошоците за работа на организацијата може да се користат средства од прибраните надоместоци во износ определен во статутот, односно во договорот за основање, но не повеќе од 15%
Согласно член 1 од Статутот, бр.354-1-0201 донесен од Собранието на 19.11.2013 година, Здружението за заштита на авторски музички права е организација за колективно управување на авторските музички права на носителите на авторски музички права во согласност со Законот за авторско музичко право и сродните права, овој статут и дозволата од Министерството за култура на Владата на Република Северна Македонија.
Според член 50 од Статутот на Здружението, за покривање на вкупните тршоци за работа на Здружението може да се користат средства од прибавените надоместоци во износ од 15 %, а во случај на колективно управување со единствениот надоместок, определен со закон, не повеќе од 20%. Трошоците за водење на судските постапки, судските такси, трошоците за вештачење, адвокатските трошоци се утврдуваат со одлука на Собранието и тие не влегуваат во вкупните трошоци за работа на Здружението.
Согласно наводите во второто дополнување на иницијативата, наместо трошоците за покривање на работата во делот на трошоците за водење на судските постапки, судските такси, трошоците за вештачење, адвокатските трошоци и извршните трошоци, Здружението да ги покрива во рамките на законски утврдениот процент од 15%, ги покривало од преостанатите 85% од прибраните надоместоци кои биле во исклучителна сопственост на авторите.
Со таквото статутарно уредување, се повредувал член 8, член 30, член 47 и член 51 од Уставот.
Од анализата на оспорената одредба од член 50 став 1 од Статутот на Здружението, сметаме дека трошоците за водење судски постапки, судски такси, трошоците за вештачење, адвокатските трошоци и извршните трошоци, не претставуваат редовни, предвидливи и тековни трошоци за работа на организацијата, односно истите не можат однапред да бидат дефинирани, притоа истите се трошоци коишто се прават со цел да овозможат целосна и сеопфатна заштита на авторските права односно на тој начин на авторите им се овозможува да ја остварат својата материјална/имотна корист од користењето на нивните дела во случаи кога корисниците не платиле доброволно во вонсудски постапки.
Членот 30 став 3 од Уставот на Република Северна Македонија, го гарантира правото на сопственост како и правата кои произлегуваат од неа. Во конкретниот случај, имајќи го предвид фактот дека трошоците за водење на судски постапки, судски такси, трошоци за вештачење, адвокатски трошоци и извршните трошоци, претставуваат инвестициони трошоци кои по конечното завршување на иницираните постапки, се враќаат во оние 85 % средства за авторски надоместоци кои им се распределуваат на авторите, не може да стане збор за повреда на член 30 став 3 од Уставот.
Од друга страна пак, доколку не се поведат потребните постапки за заштита и остварување на авторските надоместоци за сметка на авторите и не се направат трошоците за водење на судските постапки, судските такси, трошоците за вештачење, адвокатските трошоци и извршните трошоци, голем процент на наплата на своите авторски надоместоци, односно права ќе останат незаштитени и во таков случај авторите би останале без уставно загарантираните права коишто произлегуваат од научното, уметничкото или друг вид интелектуално творештво загарантирано со член 47 став 2 од Уставот, и би се повредило уставно загарантирано право на сопственост и правата коишто произлегуваат од неа загарантирано со член 30 став 3 од Уставот.
Прашањето коешто уставно се проблематизира од страна на подносителот на иницијативата, со тврдењето дека наместо трошоците за покривањето на работата на Здружението во делот на трошоците за водење судски постапки, судски такси, трошоците за вештачење, адвокатските трошоци и извршните трошоци да се покриваат во рамките на законски утврдениот процент од 15 %, а не од преостанатите 85 % од прибраните надоместоци коишто биле во исклучителна сопственост на авторите, е прашање коешто е во надлежност на Здружението. Имено, законодавецот со Законот за авторското право и сродните права ги операционализирал уставно загарантираните права од член 30 став 3 и член 47 став 2 од Уставот. Во таа смисла Законот за авторското право и сродните права, пропишува, Статутот односно договорот покрај елементите определени со друг закон, требало да содржат и одредби за остарување на обврските на организацијата утврдени со овој закон, а особено органи на организацијата, нивната надлежност, oтчeтнocт, одговорност, начин на работа, избор и разрешување; начин и учество на членовите на организацијата во органите на организацијата и нивни права, должности и одговорности и начин и услови за обезбедување внатрешна контрола и надзор врз работењето. Законодавецот пропишал и должност на Организацијата во членот 133 од Законот за авторското право и сродните права, да ги врши правните работи и односите на носителите на правата со корисниците, да води постапки пред судовите и други органи заради заштита на авторското право и сродните права и слично.
Од овие законски решенија произлегува дека право е на Здружението да уредува цел сет прашања поврзани со заштита на авторските права и правата коишто произлегуваат од научното, уметничкото или друг вид интелектуално творештво. Тоа упатува на правото, но и на должноста (да ги врши правните работи и пред судовите и другите органи да ги штити авторските и сродните права) на Здружението, во Статутот да го уреди и прашањето на трошоците за покривање на работата на Здружението во делот на трошоците за водење на судските постапки, судските такси, трошоците за вештачење, адвокатските трошоци и извршните трошоци.
Оспореното решение од член 50 став 1 од Статутот на Здружението е статутно решение на Собранието на Здружението, и тоа на начин како што сега е уредено, не може да се доведе под сомнение за неговата согласност со уставните одредби од член 8, член 30, член 47 и член 51 од Уставот.
Ова од причина, што сметаме дека таквото решение е во функција на заштита на Уставно загарантираните права, а прашањето од кои средства ќе се покриваат трошоците на Здружението (дали од законски утврдените 15% или од преостанатите 85 % од надоместоците) е исклучиво прашање од надлежност на Собранието, кое е и доносител на Статутот на Здружението, и нивно право е како ќе го уредат, а оспореното уредување од член 50 став 1 од Статутот на Здружението не може да се доведе под уставно сомнение во однос на член 8 од Уставот, тоа е решение кое претставува функционална операционализација на уставните гаранции од членот 30 и членот 47 од Уставот, а со тоа ги задоволува и членот 8 и членот 51 од Уставот.
Имајќи го предвид изнесеното, Судот утврди дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од член 50 став 1 на Статутот на Здружението со наведените уставни одредби.
Во врска со наводите во иницијативата со кои се оспорува согласноста на член 50 став 1 од Статутот на Здружението со член 144 став 6 од Законот за авторско право и сродни права сметаме дека треба да се има предвид следново:
Во член 110 алинеја 7 од Уставот се определува дека Уставниот суд одлучува за уставноста на статутите на здруженијата на граѓаните.
Согласно утврдените надлежности од член 110 алинеја 7 од Уставот произлегува дека Уставниот суд, е надлежен да ја оценува, покрај другото, согласноста на статутите на здруженијата на граѓаните со Уставот на Република Северна Македонија, а не и нивната согласност со закон.
Во конкретниот случај, станува збор за Статут на здружение на граѓани, па оттука, меѓусебното оценување на законитоста на оспорената одредба од член 50 став 1 од Статутот на Здружението со член 144 став 6 од Законот за авторско право и сродни права не е во надлежност на Судот.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.
У.бр.301/2020
24 јуни 2021 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска