Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 202/2019, 56/2020 и 65/2021) на седницата одржана на 17 јуни 2021 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценка на уставноста на член 19 став 2 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ број 72/2016, 142/2016, 233/2018, и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 14/2020).
2. Адвокатското друштво Бранко Кузмановски и партнери, од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценка на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, членот 19 од Законот за извршување го уредува преминувањето на побарувањата, односно можноста извршувањето да се спроведе и по барање на лице кое во извршната исправа не е назначено како доверител и преносот се докажува со нотарски акт, солемнизирана приватна исправа или друга јавна исправа.
Со преминувањето на побарувањето фактички се доаѓа до промена на доверителот.
Оспорената одредба од ставот 2 на членот 19 од Законот, пропишува дека како јавна исправа не се смета адвокатско полномошно или полномошно заверено кај нотар со кое се определува побарувањето на доверителот да се исплати на друго лице.
Со оваа законска одредба се повредува членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, кој се однесува на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Владеењето на правото подразбирало законите да бидат во согласност со Уставот, а другите прописи да бидат во согласност со Уставот и со законите, што значи усогласеност на понискиот правен акт со повисокиот правен акт, а секако и усогласеност на правните акти од ист ранг помеѓу себе. Владеењето на правото подразбирало законските и подзаконските одредби да се јасни и разбирливи, прецизни и недвосмислени, за да се обезбеди владеење на правото и да се елиминира субјективизмот од страна на органот којшто ги применува.
Материјалните закони се тие кои ги пропишуваат субјективните права на граѓаните, а процесните закони ја пропишуваат процедурата преку која граѓаните можат да ги остварат правата кои им се пропишани со материјални закони. Процесното право е инструмент за остварување на материјалното право. Затоа, со процесен закон не може да се дерогира материјален закон. Меѓутоа, со оспорената одредба од Законот за извршување се нарушува оваа рамнотежа во правниот поредок и се прави обид со Законот за извршување кој е процесен закон, да се дерогираат одредби коишто се предвидени во материјалните закони.
Во оваа насока, според наводите во иницијативата, оспорената законска одредба е ограничување на слободата на договарање помеѓу субјектите во правниот промет која слобода ја предвидува Законот за облигационите односи. Слободата на договарање им дава можност на субјектите во правниот промет самостојно да одлучуваат дали воопшто ќе стапат во одреден правен однос и да одлучат слободно да ги уредат правата и обврските од тој правен однос.
Со оспорената одредба од ставот 2 на членот 19 од Законот за извршување се ограничува правото на странките во однос на работите кои можат да ги преземаат преку својот полномошник. Имено, односот помеѓу адвокатот и странката е договорен однос кој се регулира со полномошно и договор за налог. Законот за облигациони односи дозволува слобода и во тоа договарање го дозволува сето она што изречно со Устав или со друг материјален пропис не е забрането. Во тие рамки, не е забрането странката да го овласти адвокатот или друго определено лице во нејзино име и за нејзина сметка да прими исполнување, односно да го наплати износот на пари во име и за сметка на странката на трансакциската сметка на полномошникот, за потоа тој износ полномошникот да и го предаде на странката. Со оглед на тоа што ова дејствие на полномошникот не е забрането ниту со Устав, ниту со Законот за облигациони односи, ниту со некој друг материјален закон, тогаш се поставува прашањето зошто процесен закон – Законот за извршување презел во оспорениот дел улога на материјален закон и пропишал одредба која забранува договорен однос, со одредбата од ставот 2 на членот 19 од Законот за извршување.
Од анализата на одредбите од членот 19 од Законот за извршување, јасна е одредбата од ставот 1 на овој член, која уредува пренесено побарување, и тука доверител станува друго лице на кое му е пренесено побарувањето.
Но, оспорениот став 2 од членот 19 од Законот, не пропишува пренесување на побарување, со полномошното помеѓу адвокатот и доверителот, останува истиот доверител, а адвокатот со полномошното добива само овластување да го прими паричниот износ од извршувањето, во име и за сметка на доверителот со обврска да го предаде на доверителот. Во спротивно, доколку не го предаде износот на пари, настанува друг правен однос – стекнување без основ, затајување и слично, кои односи се регулирани со Законот за облигациони односи и други материјални прописи.
Поради тоа, оспорената законска одредба не е во согласност со членот 294 став 1 од Законот за облигациони односи, според кој „исполнувањето мора да биде извршено на доверителот или на лицето определено од страна на самиот доверител“. Исполнувањето притоа не се врши во корист на трето лице, туку во корист на самиот доверител. Кога доверителот му дал полномошно на адвокат и определил надоместоците од извршната исправа да се исплатат на сметка на полномошникот адвокат, тогаш адвокатот само го прима надоместокот во корист и за сметка на доверителот кој не се променува, односно нема „премин на побарување на друго лице“.
Законот за парнична постапка е процесен закон кој се носи во Собранието на Република Северна Македонија со двотретинско мнозинство, а од друга страна Законот за извршување, кој исто така е процесен закон, не е во согласност со Законот за парнична постапка во делот на оспорената одредба, бидејќи е нарушена слободната волја на странката да овласти со полномошно друго лице да преземе одделни дејствија во нејзино име и во извршната постапка.
Од овие причини, во иницијативата се наведува дека ставот 2 од членот 19 од Законот за извршување не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Оспорената одредба не е во согласност и со член 3, член 81 став 1, член 83, член 294 став 1 и член 805 став 1 од Законот за облигациони односи и член 83 став 1, член 85, член 86 став 1 и член 87 од Законот за парничната постапка.
Со иницијативата се бара Судот да поведе постапка за оценка на уставноста на оспорената одредба од Законот за извршување и истата да ја укине.
3. Судот на седницата утврди дека членот 19 од Законот за извршување, предвидува:
(1) Извршувањето се спроведува и по барање од лице кое во извршната постапка не е означено како доверител, ако тоа со нотарски акт, солемнизирана приватна исправа или друга јавна исправа докаже дека побарувањето е пренесено или на друг начин преминало врз него, а во случај тоа да не е можно преносот на побарувањето се докажува со правосилна одлука донесена во парнична постапка.
(2) Како јавна исправа не се смета адвокатско полномошно или полномошно заверено кај нотар со кое се определува побарувањето на доверителот да се исплати на друго лице.
(3) Одредбата од ставот (1) на овој член согласно се применува и во однос на извршување против лице кое во извршната исправа не е означено како должник.
4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Според член 53 од Уставот, адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.
Согласно членот 1 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ број 72/2016, 142/2016, 233/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 14/2020), со овој закон се уредуваат правилата според кои извршителите постапуваат заради присилно извршување на судска одлука која гласи на исполнување на обврска, освен ако со друг закон поинаку не е определено.
Согласно ставот 2 на овој член, одредбите на овој закон се применуваат и врз присилно извршување на одлука донесена во управна постапка која гласи на исполнување на парична обврска, освен ако со друг закон поинаку не е определено.
Според ставот 3 од овој член од Законот, одредбите на овој закон се применуваат и врз присилно извршување на нотарски исправи и други извршни исправи предвидени со закон.
Согласно членот 2 од Законот, основа за извршување претставува извршната исправа (став1). Извршувањето започнува по барање од доверителот (став 2). Извршување на извршна исправа може да се спроведува само кај еден извршител (став 3)
Според член 10 став 1 од Законот, при спроведување на извршувањето сообразно се применуваат одредбите на Законот за парничната постапка, ако со овој или со друг закон поинаку не е определено.
Согласно членот 11 од Законот, одделни изрази употребени во овој закон го имаат следново значење: 1) „побарување” е право на наплата на паричен износ или право на некое сторување или несторување или трпење; 2) „доверител” е лице чие побарување се остварува; 3) „должник” е лице спрема кое се остварува побарување; 4) „странка“ е доверител и должник; 5) „учесник“ е лице кое во извршувањето остварува некое свое право или правен интерес, а не е странка во извршувањето; 6) „трето лице“ е лице кое тврди дека во поглед на предметот на извршувањето има некое право.
Во член 12 став 1 од Законот, како извршни исправи се определени: 1) извршна судска одлука и судско порамнување; 2) извршна одлука и порамнување во управна постапка, ако гласат на исполнување на парична обврска; 3) извршна нотарска исправа; 4) заклучокот на извршителот за утврдување на трошоците на извршувањето; 5) решението за издавање на нотарски платен налог и 6) друга исправа која како извршна исправа е предвидена со закон.
Оваа одредба од Законот за извршување е посебно значајна бидејќи од неа јасно произлегува дека адвокатското полномошно, односно полномошното заверено кај нотар не претставува извршна исправа, поради што врз основа на полномошно не може да се врши пренос на побарување односно обврска.
Според член 17 став 1 од Законот, извршната исправа е подобна за извршување ако во неа се назначени доверителот и должникот, како и предметот, видот, обемот и времето на исполнувањето на обврската.
Членот 19 од Законот е насловен како „Премин на побарување или обврска“. Согласно ставот 1 од овој член од Законот, извршувањето се спроведува и по барање од лице кое во извршната исправа не е означено како доверител, ако тоа со нотарски акт, солемнизирана приватна исправа или друга јавна исправа докаже дека побарувањето е пренесено или на друг начин преминало врз него, а во случај тоа да не е можно преносот на побарувањето се докажува со правосилна одлука донесена во парнична постапка.
Согласно оспорениот став 2 на овој член од Законот, како јавна исправа не се смета адвокатско полномошно или полномошно заверено кај нотар со кое се определува побарувањето на доверителот да се исплати на друго лице.
Според ставот 3 на овој член од Законот, одредбата на ставот 1 од овој член согласно се применува и во однос на извршување против лице кое во извршната исправа не е означено како должник.
Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Македонија“ број 18/2001, 4/2002, 5/2003, 84/2008, 81/2009, 161/2009 и 123/2013 ), како основни начела на облигационите односи, меѓу другите, ги определува и начелото на слобода на уредувањето на облигационите односи, според кое, учесниците во прометот слободно ги уредуваат облигационите односи во согласност со Уставот, законите и добрите обичаи; начелото на совесност и чесност, согласно кое во засновувањето на облигационите односи и остварувањето на правата и обврските од тие односи учесниците се должни да се придржуваат кон начелото на совесност и чесност; начелото на забрана на злоупотреба на право, согласно кое забрането е вршењето на право од облигационите односи спротивно на целта заради која е тоа со закон установено или признаено, примена на добрите деловни обичаи во правниот промет.
Врз облигационите односи што се уредуваат со други закони се применуваат одредбите од овој закон во прашањата што не се уредени со тој закон (член16).
Законот за облигационите односи го уредува и полномошното во материјално-правна смисла.
Имено, согласно член 81 од овој закон, полномошното е дефинирано како овластување за застапување што властодавецот со правна работа му го дава на полномошникот.
Членот 82 од Законот, предвидува дека формата пропишана со закон за некој договор или за некоја друга правна работа важи и за полномошното за склучување на тој договор.
Согласно членот 83 од Законот, полномошникот може да ги презема само оние правни работи за чие преземање е овластен. Полномошникот на кој му е дадено општо полномошно може да ги презема само правните работи што спаѓаат во редовното работење. Работа која не спаѓа во редовното работење полномошникот може да преземе само ако е посебно овластен за преземање на таа работа, односно на видот на работите меѓу кои спаѓа и таа. Полномошникот не може без посебно овластување за секој одделен случај да преземе менична обврска, да склучи договор за гаранција, за порамнување, за избран суд, како ни да се откаже од некое право без надомест.
Врз основа на членот 84 од Законот, властодавецот може по своја волја да го стесни или да го отповика полномошното, а согласно член 86 од Законот, полномошното престанува со престанокот на правното лице како полномошник или смртта на полномошникот, или со престанок на правното лице како властодавец или смрт на лицето кое го дало овластувањето, освен ако започнатата работа не може да се прекине без штета за правните следбеници или ако полномошното важи и во случај на смрт на давателот, по негова волја или со оглед на природата на работата.
Законот за облигационите односи во посебна глава насловена како промена на доверителот или на должникот, го уредува прашањето на преносот на побарувањето, т.н отстапување на побарувањето со договор (цесија).
Согласно член 424 од Законот, доверителот може со договор склучен со трет да го пренесе врз него своето побарување, освен она чие пренесување е забрането со закон или кое е врзано за личноста на доверителот, или кое според својата природа му се спротивставува на пренесувањето на друг. Во однос на оваа одредба во теоријата постои мислење дека не може да се врши пренос на побарување кое е предмет на спор на оној на кого му е доверено остварувањето на тоа побарување (адвокат или друг налогопримач). Како побарување кое по својата природа му се спротивставува на пренесувањето на друг е наведено побарувањето кое по својата основа го има односот на доверба, така што на странките не им е сеедно кое лице се појавува во тој однос.
Според член 426 од Законот, за пренесување на побарување не е потребна согласност на должникот, но отстапувачот е должен да го извести должникот за извршеното отстапување.
Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ број 79/2005, 110/2008, 83/2009, 116/2010 и 124/2015) содржи одредби кои се однесуваат на полномошникот, односно полномошното во парничната постапка, а го уредува и прашањето на јавните исправи кои се користат како доказ во постапката.
Согласно член 83 став 1 од Законот, дејствијата во постапката што полномошникот ги презема во границите на полномошното имаат исто правно дејство како да ги презела самата странка.
Согласно член 85 од овој закон, обемот на полномошното го определува странката. Странката може да го овласти полномошникот да презема само определени дејствија или да ги презема сите дејствија во постапката.
Во членот 86 став 1 од Законот е определено дека ако странката му издала на адвокатот полномошно за водење на парничната постапка, а поблиску не ги определила овластувањата во полномошното, адвокатот врз основа на таквото полномошно е овластен да ги врши сите дејствија во постапката, а особено да поднесе тужба, да ја повлече тужбата, да го признае тужбеното барање или да се одрече од тужбеното барање, да склучи порамнување, да поднесе правен лек и да се одрече или откаже од него, од спротивната странка да ги прими досудените трошоци, како и да бара издавање на привремени мерки за обезбедување.
Според член 87 од Законот, ако странката во полномошното не ги определила поблиску овластувањата на полномошникот, полномошникот кој не е адвокат врз основа на ваквото полномошно може да ги врши сите дејствија во постапката, но секогаш му е потребно изречно овластување за повлекување на тужба, за признавање или за одрекување од тужбеното барање, за склучување на порамнување, за одрекување или откажување од правен лек и за пренесување на полномошното врз друго лице, како и за поднесување на вонредни правни лекови.
Во поглед на јавните исправи, членот 215 од Законот предвидува дека исправа што во пропишана форма ја издал државен орган или орган на државната управа во границите на својата надлежност, како и исправа што во таква форма ја издала организација или друга институција при вршење на јавно овластување што и е доверено со закон или со одлука на орган на општината заснована врз закон (јавна исправа), ја докажува вистинитоста на она што се потврдува или определува во неа.
За адвокатското полномошно релевантни се одредбите од Законот за адвокатурата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/2002, 60/2006, 29/2007 и 106/2008), поточно одредбата од членот 16 од Законот според која овластувањата за давање правна помош адвокатот поединец и адвокатите здружени во адвокатско друштво ги добиваат со полномошно издадено од странката.
Од анализата на одредбите од наведените закони неспорно произлегува дека странките во постапките пред судовите како и при извршувањето што го спроведуваат извршителите можат да бидат застапувани од страна на полномошници – адвокати врз основа на полномошно издадено од самата странка.
Од наведените одредби од Законот за парничната постапка коишто се однесуваат на полномошното произлегува дека обемот и содржината на полномошното го определува самата странка, која може полномошникот да го овласти за преземање на одделни или сите дејствија во постапката. Од овие одредби исто така произлегува дека странката во фазата на извршувањето на судските одлуки може својот полномошник, односно адвокат да го овласти да поднесе барање за извршување или обезбедување, да ги презема потребните дејствија во постапката по повод таквото барање, како и од спротивната странка да ги прими досудените трошоци.
Од анализата на овие одредби, произлегува дека овластувањата што странката му ги пренесува на адвокатот врз основа на полномошно се однесуваат на преземање на определени процесни дејствија во судските постапки, односно постапката за извршување што ја спроведува извршителот, коишто дејствија така преземени имаат иста правна важност како да ги презела самата странка. Во тоа е и суштината на застапувањето односно застапништвото кое претставува вршење на правни работи во туѓо име врз основа на овластување, со тоа што правата и обврските од преземената работа непосредно настануваат за застапуваниот, како тој самиот да ја презел работата.
На теренот на извршувањето на судските односно одлуките донесени во управна постапка кои гласат на исполнување на парична обврска, застапувањето значи дека адвокатот, односно полномошникот на странката врз основа на полномошното е овластен да ги презема дејствијата во текот на извршувањето кои имаат за цел остварување на побарувањето на странката – доверителот, односно остварување на неговото право на наплата на паричен износ или правото на некое сторување или несторување назначени во извршната исправа. Носител на правото, односно на побарувањето е доверителот, тоа му припаѓа нему и тој побарувањето, односно исплатата треба да ја прими, иако дејствијата за остварување на побарувањето странката, односно доверителот ги презела преку полномошник.
Токму и во овој правец, треба да се толкува и оспорената одредба. Имено, одредбата од членот 19 од Законот за извршување, значи всушност отстапување од генералното правило дека извршувањето се спроведува по барање на доверителот, во таа смисла што со неа се предвидува извршувањето да се спроведе и по барање на лице кое во извршната исправа не е означено како доверител, ако тоа со нотарски акт, солемнизирана приватна исправа или друга јавна исправа докаже дека побарувањето е пренесено или на друг начин преминало врз него, а во случај тоа да не е можно преносот на побарувањето се докажува со правосилна одлука донесена во парнична постапка.
Оспорената законска одредба од ставот 2 на членот 19 од Законот, оневозможува врз основа на полномошно да се врши исплата на побарувањето на доверителот на друго лице. Ова произлегува од својството и улогата на наведените лица во вршењето на адвокатската дејност односно застапување на странките во постапките за остварување на нивните права и побарувања. Со ваквата законска одредба законодавецот директно го ставил во функција начелото на совесност и чесност и начелото на забрана на злоупотреба на правата. Имено, поаѓајќи од тоа што односот на застапништво што се воспоставува помеѓу странката и нејзиниот полномошник има за цел остварување на правата и побарувањата на странката (доверителот), тогаш договарањето наместо на доверителот исплатата на побарувањето да се врши на полномошникот е директно спротивно на целта заради која се востановува застапничкиот однос.
Друга е ситуацијата кога преносот е со правно дело како во ставот 1 од овој член од Законот.
Доколку овие овластени лица на кои во својство на полномошници им е доверено остварувањето на правото односно побарувањето на доверителот – властодавец, излезат од рамките на вршењето на правната помош и врз основа на полномошно за себе си земат лично учество внатре во должничко-доверителскиот однос за кој се спроведува извршувањето, се доведува во прашање заштитата од недозволено користење на правната положба на адвокатите или други налогопримачи и ризик од злоупотреба на правото.
Токму и од овие причини законодавецот, определувајќи ја содржината на полномошното за водење парница во членот 86 од Законот за парничната постапка, определил дека адвокатот врз основа на такво полномошно е овластен од спротивната странка да ги прими досудените трошоци, но не и на главниот долг.
Самиот пренос на побарувањето односно обврската во суштина претставува промена на субјектите во должничко-доверителскиот однос и тоа согласно наведените закони, се врши врз основа на правно дело. На тоа всушност се однесува ставот 1 на членот 19 од Законот за извршување. Меѓутоа, оспорениот став 2 регулира една сосема друга работа, бидејќи се однесува за исплата на побарувањето на друго лице, при што во конкретниот случај не доаѓа до промена на субјектите на правниот однос како во ставот 1. Токму со оваа оспорена одредба се спречува адвокатското, односно нотарското полномошно да се искористи како средство за злоупотреба на можноста предвидена во ставот 1 – извршување да се спроведе по барање на лице кое не е доверител според извршната исправа, и врз кое во суштина не преминало побарувањето, независно дали станува збор за адвокат на странката или пак друго лице.
Оттука не се неприфатливи наводите во иницијативата дека оспорената одредба од Законот за извршување била спротивна на принципите на владеењето на правото, од причина што токму со содржината на оспорената одредба од Законот се афирмира владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија, согласно членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Неосновани се и наводите дека со оспорената одредба се ограничувала слободата на договарањето како и дека Законот за извршување ги попречувал правата дадени со другите закони во правниот поредок кои се наведени во иницијативата, од причина што слободата на договарањето не е апсолутна и неограничена, туку е врзана со обврска за почитување на Уставот, законите и добрите обичаи, начелата на совесност и чесност и забраната на злоупотреба на правото.
Воедно, Судот нема надлежност да оценува законитост на законите, односно меѓусебна усогласеност на законите, туку ја оценува согласноста на законите со Уставот и наводите во иницијативата во однос на прашањето на усогласеноста на оспорената одредба од Законот за извршување со други закони не може уставно-правно да ја проблематизира оспорената законска одредба во правниот поредок.
Поради сето наведено Судот утврди дека не може да се постави прашањето за согласноста на одредбата од член 19 став 2 од Законот за извршување, со одредбите од Уставот.
5. Поради погоре изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.
У.бр.18/2021
17.06.2021 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска