Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 5 мај 2021 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на:
– Одлуката за преименување на Основното училиште „Никола Вапцаров“ во Основно училиште „Имри Елези“ бр.07-109/3 од 27 јануари 2012 год,
– Одлуката за преименување на Основното училиште „Јане Сандански“ во Основно училиште „Јашар Беј Шкупи“ бр.07-109/5 од 27 јануари 2012 година,
– Одлуката за преименување на Основното училиште „Цветан Димов“ во Основно училиште „Хасан Приштина“ бр.17-109/6 од 27 јануари 2012 година, и
– Одлуката за преименување на Основното училиште „Рајко Жинзифов“ во Основно училиште „Исмаиљ Ќемаљи“ бр.07-109/4 од 27 јануари 2012 година, сите донесени од Советот на Општина Чаир и објавени во „Службен гласник на Општина Чаир“ бр.1 од 1 февруари 2012 година.
2. Министерство за локална самоуправа – Државен инспекторат за локална самоуправа, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата донесените одлуки за преименување на имињата на основните училишта на територијата на Општина Чаир биле донесени спротивно на член 55, член 57 и член 58 од Деловникот за работа на Советот на Општина Чаир и член 26 став 1 точка 1 од Статутот на Општина Чаир. Имено, од извршениот увид во записникот од 44-та седница на Советот на Општина Чаир иницијаторот утврдил дека од 26 члена на советот биле присутни 22 члена и истиот бил со 21 точка од дневниот ред. Меѓутоа, во текот на постапката не биле извршени само измени во редоследот на претресот по одделни прашања, туку истите биле и изменети, што било спротивно на член 58 став 2 од Деловникот.
Подносителот на иницијативата, исто така наведува дека по извршениот увид над законитоста и прописите на наведените одлуки истиот констатирал дека комисијата за односи меѓу заедниците ниту се состанала, ниту пак имала дадено мислење и предлози за предложената промена на имињата на основните училишта, ниту Советот на Општината Чаир кој согласно член 55 точка 5 од Законот за локалната самоуправа бил должен да ги разгледува мислењата и предлозите на Комисијата и да одлучи во врска со нив, што било во спротивност со наведениот член од Законот за локалната самоуправа.
Поради констатирање на наведениот пропуст, Државниот инспекторат за локална самоуправа донел решенија со кои одлуките за преименување на училиштата во Општина Чаир, ги запрел.
Со оглед на тоа дека оспорените одлуки биле незаконити и во спротивност со член 55 точка 5 од Законот за локалната самоуправа, како и со членовите 55, 57 и 58 од Деловникот за работа на Советот на Општина Чаир, тие не можеле да произведуваат правно дејство и како такви да останат во правниот поредок, поради што се предлага нивно поништување.
3. Судот на седницата утврди дека оспорените одлуки се со следната содржина:
1) О Д Л У К А
за преименување на Основното училиште „Никола Вапцаров“ во Основно училиште „Имри Елези“
Член 1
Советот на Општина Чаир донесе Одлука за преименување на Основното училиште „Никола Вапцаров“ во Основно училиште „Имри Елези“ усвоени во измените и дополнувањата на Статутот на Основното училиште „Имри Елези“.
Член 2
Оваа одлука да се достави до Основното училиште „Имри Елези“.
Член 3
Оваа одлука влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Чаир“
Претседател на Советот
Азам Даути
2) О Д Л У К А
за преименување на Основното училиште „Јане Сандански“ во Основно училиште „Јашар Беј Шкупи“
Член 1
Советот на Општина Чаир донесе Одлука за преименување на Основното училиште „Јане Сандански“ во Основно училиште „Јашар Беј Шкупи“.
Член 2
Оваа одлука да се достави до Основното училиште „Јашар Беј Шкупи“.
Член 3
Оваа одлука влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Чаир“.
Претседател на Советот
Азам Даути
3) О Д Л У К А
за преименување на Основното училиште „Цветан Димов“ во Основно училиште „Хасан Приштина“
Член 1
Советот на Општина Чаир донесе одлука за преименување на Основното училиште „Цветан Димов“ во Основно училиште „Хасан Приштина“ усвоени во измените и дополнувањата на Статутот на Основното училиште „Хасан Приштина“.
Член 2
Оваа одлука да се достави до Основното училиште „Хасан Приштина“.
Член 3
Оваа одлука влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Чаир“.
Претседател на Советот
Азам Даути
4) О Д Л У К А
за преименување на Основното училиште „Рајко Жинзифов“ во Основно училиште „Исмаиљ Ќемаљи“
Член 1
Советот на Општина Чаир донесе одлука за преименување на Основното училиште „Рајко Жинзифов“ во Основно училиште „Исмаиљ Кемаљи“ усвоени во измените и дополнувањата на Статутот на Основното училиште „Исмаиљ Ќемаљи“.
Член 2
Оваа одлука да се достави до Основното училиште „Исмаиљ Ќемаљи“.
Член 3
Оваа одлука влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Чаир“.
Претседател на Советот
Азам Даути
4. Во текот на претходната постапка, а по претходно прибавената писмена документација од Советот на Општина Чаир, Судот ја утврди следната фактичка состојба:
Од записникот од одржаната 44-та седница на Советот на Општина Чаир на ден 26 јануари 2012 година, се утврдува дека од 26 члена на Советот присутни се 22 члена што значи дека Советот го имал потребното мнозинство за одржување на седницата. На седницата бил предложен дневен ред со вкупно 21 точка на дневен ред. Во фаза на усвојување на дневниот ред истиот во повеќе наврати е изменуван по однос на редоследот на предложените точки и истовремено е побарано и дополнување на уште неколку точки на дневниот ред, меѓу кои се и сега оспорените одлуки. Вака изменетиот и дополнетиот дневен ред со вкупно 26 точки е усвоен со 17 гласа „за“ од страна на Советот. Така Советот преминал на расправа по усвоените точки од дневниот ред.
Советот на Општина Чаир, одлучувајќи по Предлог одлуките (кои се предмет на иницијативата) како 22, 23, 24 и 25 точка од дневниот ред на 44-та седница на Советот и истите, според доносителот на актот, со двојно гласање, односно со Бадентеровиот принцип, биле усвоени. По нивното усвојување, оспорените одлуки се објавени во „Службен гласник на Општина Чаир“ бр.1/2012.
Државниот инспекторат за локална самоуправа – Скопје, врз основа на член 23 став 1 од Законот за државниот инспекторат за локална самоуправа („Службен весник на РМ“ бр.158/2010) на 2 март 2012 година донел четири поединечни решенија бр.17-732/2, со кои ја запира примената на сите четири оспорени одлуки.
Советот на Општината Чаир против наведените решенија донесени од Државниот просветен инспекторат за локална самоуправа поднел жалба до министерот за локална самоуправа.
Министерот за локална самоуправа врз основа на член 55 став 1, член 57 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа и член 23 став 5 од Законот за државниот инспекторат за локална самоуправа, донел Решение бр.02-769/2 од 7 март 2012 година, со кое ја уважил жалбата на Општина Чаир, решенијата за запирање на примената на Одлуките за преименување на четирите основни училишта ги укинал, а Одлуките на Советот на Општина Чаир за преименување на четирите основни училишта ги потврдил.
По донесувањето на наведеното решение на министерот за локална самоуправа Државниот инспекторат за локална самоуправа – Скопје, врз основа на член 23 став 2 од Законот за државниот инспекторат за локална самоуправа во законски предвидениот рок до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на оспорените одлуки.
Во меѓувреме, по барање на Уставниот суд со писмен поднесок У.бр.35/2012 од 01.07.2015 година Советот на Општина Чаир на 08.07.2015 година достави известување со кое се дополнува фактичката состојба во смисла на тоа што во основните училишта во Општина Чаир се покренати иницијативи (предлози од страна на советот на родители) и донесени статутарни одлуки за изменување на статутите на Основните училишта, за преименување на основните училишта „Никола Вапцаров“ во Основно училиште „Имри Елези“, „Јане Сандански“ во Основно училиште „Јашар Беј Шлупи“, „Цветан Димов“ во Основно училиште „Хасан Приштина“, „Рајко Жинзифов“ во Основно училиште „Исмаил Кемали“ од страна на училишните одбори. Во текот на постапката, според Советот на Општина Чаир, биле одржани седници, водени записници,биле донесени одлуки и за тоа биле информирани соодветните органи и институции, односно Општина Чаир и Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија.
По спроведената постапка било поднесено барање за давање на согласност до Министерството за образование и наука. Со оглед на фактот што основните училишта имале карактер и својство на правно лице потребно е нивно запишување во Централниот регистар на Република Северна Македонија (член 12 од ЗОО).
За спроведените постапки во горенаведените основни училишта постоела соодветна заверена документација, меѓутоа истата и покрај барањето на Судот, не беше доставена на увид.
Со оглед на фактот дека од поднесување на барањето за давање на согласност бил поминат долг период, училишните одбори на основните училишта ја повториле постапката и се обратиле до Министерството за образование и наука со нови барања за давање на согласност на статутарните одлуки за измена на статутот на училиштата.
ОУ „Јане Сандански“ поднело барање до Министерството за образование и наука бр.03-492 од 28.10.2014 за согласност на статутарна одлука за изменувањена Статутот.
ОУ „Цветан Димов“ поднело барање до Министерството за образование и наука бр.03-407 од 28.10.2014 за согласност на статутарна одлука за изменување на Статутот.
ОУ „Никола Вапцаров“ на ден 28.10.2014 година поднело барање до Министерството за образование и наука за согласност на статутарна одлука за изменување на Статутот.
ОУ „Имри Елези“ на ден 28.10.2014 година поднело барање до Министерството за образование и наука за согласност на статутарна одлука за изменување на Статутот.
Од страна на Владата на Република Северна Македонија преку Министерството за образование и наука биле донесени две решенија за давање на согласност на статутарни одлуки за изменување на Статутот на основните училишта и тоа:
– Решение за давање на согласност на Статутарна одлука за изменување на Статутот на ОУ „Јане Сандански“ Чаир-Скопје (Решение бр.20-10741/1 од 08.06.2015 година во кое во образложението се наведува дека Министерството за образование и наука дава согласност на Статутарна одлука на ОУ „Јане Сандански“ со бр.02-491/1 од 28.10.2014 година донесена од страна на Училишниот одбор согласно член 21 од Законот за основно образование.
– Решение за давање на согласност на Статутарна одлука за изменување на Статутот на ОУ „Цветан Димов“ Чаир-Скопје (Решение бр.20-10742/1 од 08.06.2015 година во кое во образложението се наведува Министерството за образование и наука дава согласност на Статутарна одлука на ОУ „Цветан Димов“, со бр.0201-406 од 28.10.2014 година донесена од страна на Училишниот одбор согласно член 21 од Законот за основно образование.
Од страна на основните училишта кои добиле согласност на статутарните одлуки биле поднесени барања до Централниот регистар на Република Македонија за упис на промена.
Од страна на Централниот регистар на Република Македонија биле донесени решенија за упис на промена:
– Централниот регистар на Република Македонија постапувајќи по пријава за упис на промена на 16.06.2015 донел решение за одобрување на пријавата (деловоден број: 30120150019873), ЕМБС 4062787.
– Централниот регистар на Република Македонија постапувајќи по пријава за упис на промена на 16.06.2015 година донел Решение за одобрување на пријавата (деловоден број:301201500198770, ЕМБС 4062698.
Во фаза претходна постапка, исто така, заради целосно и правилно утврдување на правната и фактичката состојба на работите по предметот од Советот на Општина Чаир беше побарана целокупната документација која претходела на донесување на оспорените одлуки. По ваквото барање, а и по доставување на повеќе ургенции, до Судот од страна на Општина Чаир беше доставен одговор бр.09-2004/2 од 21.10.2019 година. Од доставениот одговор, како и од доставената писмена документација се утврди дека постапката за преименување на наведените основни училишта била спроведена во смисла на одредбите од Законот за основното образование, поточно во смисла на членот 21 од Законот за основното образование, според кој училишниот одбор го донесува статутот на училиштето, кој , меѓудругото го уредува и називот на училиштето, а за кој согласност дава Министерството за образование и наука, како што е постапено во конкретната ситуација.
5. Во Аманданот Х од Уставот, со кој е заменет членот 69, во точката 2 се предвидува дека за закони кои директно ги засегаат културата, употребата на јазиците, образованието, личните документи и употребата на симболите, Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија. Спорот во врска со примената на оваа одредба го решава Комитетот за односи меѓу заедниците.
Една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, во смисла на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, е владеењето на правото.
Според член 51 од Уставот на Република Македонија, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Согласно член 1 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/2002) со овој закон се уредуваат: надлежностите на општините, непосредното учество на граѓаните во одлучувањето, организацијата и работата на органите на општината, општинската администрација, актите на органите, имот-сопственост на општината, надзорот над работата на органите над општината, распуштање на советот на општината, механизмите и соработката меѓу општините и Владата на РМ, месната самоуправа, заштитата на локалната самоуправа, утврдување на службени јазици во општините и други прашања од значење за локалната самоуправа.
Во глава III од Законот, со наслов: „Надлежности на општините“ е содржан член 21 став 1 според кој општините самостојно, во рамките на законот ги уредуваат и вршат работите од јавен интерес од локално значење, утврдени со овој или друг закон и се одговорни за нивното вршење.Според став 2 од истиот член од Законот се предвидува дека со законот со кој се утврдуваат други надлежности на општината се определуваат и изворите за финансирање за вршење на тие надлежности. Ставот 3 од членот 21 од наведениот закон предвидува дека надлежностите од ставот ( 1 ) на овој член по правило се целосни и исклучиви и на смеаат да бидат одземени или ограничени, освен во случаите утврдени со закон.
Согласно член 22 став 1 точка 8 од истиот закон се предвидува дека општините се надлежни за вршење, меѓу другото и во работите во областа на образованието – основање, финансирање и администрирање на основни и средни училишта во соработка со централната власт, во согласност со закон, организирање на превоз и исхрана на ученици и нивното сместување во ученички домови.
Во членот 31 од Законот е предвидено дека органи на општината се: советот и градоначалникот.
Членот 32 од Законот го утврдува начинот на работа на советот на општината така што советот е претставнички орган на граѓаните кој одлучува во рамките на надлежностите на општината (став 1). За разгледување на прашања и утврдување предлози од одредена област, советот од својот состав може да формира постојани и повремени комисии (став 2). Составот и начинот на изборот на членовите на комисиите од ставот (2) на овој член се уредуваат со статутот (став 3). Составот на комисиите од став (2) на овој член соодветствува на пропорционалната застапеност на политичките партии во советот (став 4).
Во членот 36 став 1 од Законот се утврдени надлежностите на советот кој го донесува статутот на општината и други прописи.
Свикувањето седници на советот е утврдено во член 39 од Законот, во чиј став 4 е предвидено дека денот, часот и местото на одржувањето на седниците на советот како и предлогот на дневниот ред по кој ќе се работи задолжително се објавуваат најдоцна седум дена пред денот на одржувањето на седницата на начин утврден со статутот.
Согласно член 41 став 1 од Законот, Советот може да работи ако на седницата присуствуваат мнозинство од вкупниот број членови на советот.
Според член 41 став 2 од Законот, советот одлучува со мнозинство гласови од присутните членови ако со закон и со статутот не е поинаку определено.
Во член 41 став 3 од Законот е предвидено дека прописите кои се однесуваат на културата, употребата на јазиците и писмата на кои зборуваат помалку од 20 % од граѓаните во општината, утврдувањето и употребата на грбот и знамето на општината се усвојуваат со мнозинство гласови од присутните членови на советот, при што мора да има мнозинство гласови од присутните членови на советот кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинско население во општината.
Според член 41 став 4 од Законот на седницата на советот по правило се гласа јавно.
Во членот 55 од Законот се предвидува дека во општината во која најмалку 20% од вкупниот број жители на општината утврден на последниот извршен попис на населението се припадници на одредена заедница се формира комисија за односи меѓу заедниците (став 1). Комисијата од ставот (1) на овој член ја сочинуваат подеднаков број претставници од секоја заедница застапена во општината (став 2). Начинот на избор на членовите се уредува со статут (став 3). Комисијата ги разгледува прашањата кои се однесуваат на односите меѓу заедниците застапени во општината и дава мислења и предлози за начините за нивно решавање (став 4). Советот на општината е должен да ги разгледа мислењата и предлозите од ставот (4) на овој член и да одлучи во врска со нив (став 5).
Во смисла на член 26 став 1 алинеја 8 од статутот на општината, советот на општината, меѓу другото, донесува прописи од областа на образованието.
Начинот на работење на Советот е децидно утврден во глава VI од Деловникот за работа на Советот на Општина Чаир („Службен гласник на Општина Чаир“ бр.12/2005), каде е поместен член 49 став 3, во кој се предвидува дека решението за свикување на седница на советот со предлог на дневен ред и материјалите по прашањата што се предлагаат за дневниот ред им се доставуваат на членовите на Советот најдоцна 10 дена пред денот определен за одржување на седницата.
Во членот 51 од Деловникот се предвидува дека членовите на советот и градоначалникот на општината можат и по свикувањето на седницата, како и на самата седница да предложат во дневниот ред да се внесе одредено прашање доколку тоа прашање е од итен карактер и не трпи одлагање со образложение на итноста. На седницата најнапред се одлучува за итноста без претрес.
Во членот 21 од Законот за основното образование, кој важел во време на донесување на оспорените одлуки, е уредено дека:
(1) Основното училиште има статут.
(2) Со статутот особено се уредуваат: организацијата и вршењето на воспитно-образовната дејност, називот, седиштето, управувањето и раководењето, правата и обврските на учениците, правата и обврските на вработените и други прашања од значење за работа на основното училиште.
(3) Статутот на основното училиште го донесува училишниот одбор.
(4) На статутот на основното училиште согласност дава Министерството.
Согласно член 126 став 1 алинеја 1 од истиот закон, Училишниот одбор на основното училиште: – донесува статут на основното училиште.
Според член 1 став 2 од Законот за установите, одредбите на овој закон имаат супсидијарна примена и се применуваат доколку со друг закон поинаку не е уредено.
Според член 9 став 5 од овој закон, називот на установа може да содржи име на историска или друга значајна покојна личност. За внесување на името на таа личност во називот на установата е потребна согласност од нејзините законски наследници до втор наследен ред, а ако нема наследници до втор наследен ред тогаш одобрување дава Министерството за култура.
Согласно член 9 став 8 од Законот „Установата може да го измени називот на установата само во согласност со основачот”.
Од анализата на цитираните законски одредби проиизегува дека по прашањето за промена на името на основно училиште од суштинско значење е фактот дали оспорените одлуки се во согласност со Законот за локалната самоуправа, Законот за основното образование како Lex specialis во однос на Законот за установите чии одредби имаат супсидијарна примена и се применуваат доколку со друг закон поинаку не е уредено. Во оваа смисла, во конкретниот случај, согласно член 21 од Законот за основното образование со статутот кој го донесува училишниот одбор, меѓу другото, се уредува и називот на основното училиште, како и дека на статутот на основното училиште согласност дава Министерството за образование. Притоа, согласноста е конкретен акт со кој се потврдува дека статутот или неговите измени и дополнувања се донесени во постапка предвидена со Законот и по дадената согласност, се смета дека во целост е запазена постапката за негово донесување.
Исто така, и според член 22 став 1 точка 8 од Законот за локалната самоуправа се предвидува дека општините, меѓу другото, се надлежни за вршење на работите во областа на образованието – основање, финансирање и администрирање на основни и средни училишта во соработка со централната власт, во согласност со закон, организирање на превоз и исхрана на ученици и нивното сместување во ученички домови.
Оттука, според Судот, од анализата на наведената законска одредба од Законот за локалната самоуправа, во конкретниот случај орган кој може со статутарна одлука за измени на статутот да го промени називот на основните училишта освен училишниот одбор на наведените училишта врз дадена согласност од Министерството за образование е и Советот на Општината Чаир кој со свои одлуки може да врши промени на имињата на основните училишта. При ваква правна и фактичка состојба Судот оцени дека со оспорените одлуки Советот на Општина Чаир не навлегол во надлежноста на училишниот одбор на наведените основни училишта, односно истиот не ги пречекорил својте овластувања кога ги донел оспорените одлуки.
Во оваа смисла, во конкретниот случај согласно член 21 од Законот за основното образование со статутот на основните училишта кој го донесува училишниот одбор се уредува називот на основното училиште како и дека на Статутот на основното училиште согласност дава Министерството за образование и наука. Притоа, согласноста е конкретен акт со кој се потврдува дека статутот или неговите измени и дополнувања се донесени во постапка предвидена со Законот и по дадена согласност, со што се смета дека во целост е запазена постапката за неговото донесување.
Од увидот во целокупната документација, како и од анализата на цитираните уставни и законски норми, Судот оцени дека во конкретниот случај орган кој може со статутарна одлука за измени на статутот да го промени називот на училиштата не е само училишниот одбор , туку и Советот на Општина Чаир.
Од анализата на содржината на наведените законски одредби, како и од увидот врз целокупната документација доставена од Советот на Општина Чаир, а особено во записникот од одржаната 44-та седница на Советот на Општина Чаир на ден 26 јануари 2012 година, а vis a vis наводите во иницијативата, неспорно произлегува дека оспорените одлуки се донесени во постапка која е во согласност со Законот за локална самоуправа поради што оспорените одлуки не може основано да се доведат под сомнение по однос на нивната согласност и со наведениот закон.
Понатаму, од утврдената фактичка состојба во текот на претходната постапка, поточно од увидот во Записникот од оддржаната 44-та седница на Советот на Општина Чаир на ден 26.01.2012 година, кога се донесени оспорените одлуки, според Судот јасно и недвосмислено произлегува дека истите се донесени во согласност со член 41 став 3 од Законот за локалната самоуправа.
Имено, во смисла на член 55 став 4 од Законот за локалната самоуправа, Комисијата за односи меѓу заедниците ги разгледува прашањата кои се однесуваат на односите меѓу заедниците застапени во општината и дава мислења и предлози за начините за нивно решавање.
Од Записникот од одржаната 44-та седница на Советот на општина Чаир, произлегува дека Комисијата за односите меѓу заедниците и Комисијата за прописи не одржале седници во врска со овие точки бидејќи немало кворум, односно потребно мнозинство. Меѓутоа, седница одржала Комисијата за образование, што е од суштинско и релевантно значење, и истата доставила заклучоци по предложените точки на дневен ред.
Имајќи го во вид наведениот факт, Судот утврди дека оспорените одлуки не може да се доведат под сомнение по однос на член 55 став 4 од Законот за локалната самоуправа на што се укажува во иницијативата на Државниот инспекторат за локална самоуправа.
Врз основа на утврдената фактичка состојба како и анализата на содржината на цитираните законски одредби, увидот во документацијата доставена од Советот на Општина Чаир, како и од Државниот просветен инспекторат за локална самоуправа, Судот оцени дека оспорените одлуки не можат да се доведат под сомнение по однос на член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот на Република Македонија и со Законот за основното образование и Законот за локалната самоуправа.
5.Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе, со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Никола Ивановски, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.
У.бр.35/2012
5 мај 2021 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати