Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2020), на седницата одржана на 28 април 2021 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за дел од Урбана единица УЕ „11 Ноември“, за дел УБ 67, плански опфат меѓу ул. „Србо Томовиќ“, ул. „Сава Ковачевиќ“, „Боро Прцан“ – Општина Куманово, од Општина Куманово, донесена под бр.07-14015/9 од 23 август 2011 година од Советот на Општина Куманово („Службен гласник на Општина Куманово“ бр.13/2011 од 25 август 2011 год).
2. Хирије Исени од Куманово, застапувана од Жарко Денковски, адвокат од Куманово до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесоа иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот акт од точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата оспорената одлука за донесување на детален урбанистички план била во спротивност со член 8 став 1 алинеи 3, 6 и 10 и членот 30 од Уставот, член 24 ставови 1, 4 и 5 од Законот за просторно и урбанистичко планирање. Подносителот на иницијативата наведува дека Одлуката не била во согласност со темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија во однос на владеењето на правото и правната заштита на сопственоста, како и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштита и унапредување на животната средина и природата, востановени со член 8 алинеите 3, 6 и 10 од Уставот на Република Македонија. Со одлуката се нарушувало и правото на сопственост и правата кои произлегуваат од неа, што било спротивно на членот 30 од Уставот со кој се гарантира правото на сопственост.
Како причини за спротивноста со овие одредби се наведуваат писмен доказ ИЛ 77273 за КО Куманово, за две парцели и тоа КП 15 622 и КП 15623 и Уверение заведено под број 1107-647/ 2020 од 10 јуни 2020 година кое се однесува за историски преглед на извршени запишувања за КП 15622 во ИЛ 77273 за КО Куманово кои биле издадени од страна на Агенцијата за катастар и недвижности, од каде можело јасно да се дефинира дека подносителот на иницијативата поседувал недвижен имот семејна станбена зграда од својот татко Рамадани Насуф Исени, а со донесувањето на оспорената одлука го изгубила правото на сопственост односно правото на изградба на семејна куќа на парцелата од покојниот татко. Воедно, не била информирана дека се изготвува детален урбанистички план и не и било дадено право на забелешка во процесот на донесување на планот и затоа се бара поништување на оспорената одлука.
3. Судот на седница утврди дека Одлуката е донесена врз основа на член 26, став 5, алинеја 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија” бр. 51/2005, 137/2007, 91/2009, 120/2010 и 18/2011), член 22 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на РМ” бр.5/2002) и член 25, став 1, точка 7 од Статутот на Општината Куманово („Службен гласник на Општина Куманово” бр. 13/2003 и 13/2007), на седницата на Советот на Општината Куманово одржана на 23 август 2011 година. Одлуката има 4 члена.
Според членот 1 од Одлуката, со оваа одлука се донесува Детален урбанистички план за дел УЕ „11 Ноември“, за дел УБ 67, плански опфат меѓу ул. „Србо Томовиќ“, ул. „Сава Ковачевиќ“, „Боро Прцан“ – Општина Куманово, од Општина Куманово, техничка документација бр.42/07 изработена од „УРБАН ГИС“ ДОО-Куманово.
Согласно членот 2 од Одлуката, составен дел на Деталниот урбанистички план за дел УЕ „11 Ноември“, за дел УБ 67, плански опфат меѓу ул. „Србо Томовиќ“, ул. „Сава Ковачевиќ“, „Боро Прцан“ – Општина Куманово,од– Општина Куманово, техничка документација бр.17/10 изработена од “УРБАН ГИС , ДОО-Куманово, се – текстуален дел со билансни показатели и основни параметри за уредување на просторот и синтезен графички приказ на планските решенија со технички У.бр.17/10.
Во членот 3 од Одлуката е предвидено дека урбанистичката документација од членот 2 на оваа oдлука се заверува во најмалку 7 (седум) примероци со потпис и печат на градоначалникот на Општината Куманово, еден примерок со oдлука за донесување на планот се чува во Архивот, еден примерок во службите за спроведување на планот (Сектор за урбанизам и комунални дејности и заштита на животната средина и природата), еден примерок во надлежен државен архив, еден примерок се доставува до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот, еден примерок се доставува до Секторот за инспекциски работи – Инспекторат, еден примерок до Државен завод за геодетски работи – Одделение за премер и катастар – Куманово и седмиот примерок се изложува кај донесувачот на планот заради достапност на јавноста.
Согласно членот 4 од Одлуката, одлуката влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Куманово”.
Одлуката е заведена под бр.07-14015/9 од 23 август 2011 година и потпишана од страна на претседателот на Советот на Општина Куманово, Виктор Цветковски.
4. Судот исто така утврди дека од увидот и анализата на документацијата доставена од Советот на Општина Куманово, произлегува дека:
Нацрт-Деталниот урбанистички план за дел од УЕ „11 Ноември“, за дел УБ 67, плански опфат меѓу ул. „Србо Томовиќ“, ул. „Сава Ковачевиќ“, „Боро Прцан“ – Општина Куманово, е изработен согласно насоките кои произлегуваат од важечки урбанистички план ГУП на град Куманово 07-525/3 од 23 јуни 2005 година, како и важечкиот ДУП 07-491/1 од 26 март 1998 година.
Планот е изработен врз основа на ажурирана геодетска подлога изработена од страна на ГЕО ТИМ број 03-341/10 од 12 март 2010 година и заверена од Агенцијата за катастар и недвижности со број 1110-240 од 22 март 2010 година.
На Нацрт-планот била изработена Стручна ревизија од Планерис-Куманово со тех.бр.168/10 од мај 2010 година, во која има забелешки и сугестии кои треба да се вградат во планот.
Изготвувачот на планот во Одговорот на ревизијата од мај 2010 година ги прифатил забелешките.
Стручно мислење број 21-6447/3 од 21 октомври 2010 година во кои биле дадени определени сугестии и забелешки и било укажано дека по усогласувањето на Нацрт планот со Законот и подзаконските акти, како и по вградувањето на сугестиите и забелешките од Стручната ревизија и стручното мислење на Министерството за транспорт и врски, може да се пристапи кон утврдување на Нацрт -планот и да продолжи постапката согласно законот.
Со Одлука број 07-10582/13 од 28 август 2010 година Советот на Општина Куманово го утврдил Нацрт-планот.
За организирање на јавната презентација и јавната анкета во траење од 15 дена по Нацрт-планот градоначалникот на општината Куманово донел Одлука број 21-11395/2 од 17 ноември 2010 година и за таа цел е подготвено Соопштение од 20 ноември 2010, објавено во две гласила „Нова Македонија“ и „Утрински весник“ со излагање на графичките и текстуалните прилози од Нацрт планот.
Покана до јавните претпријатија за учество на јавната анкета и јавната презентација по нацрт -планот број 21-11777/1 од 25 ноември 2010 година.
Записник од спроведена јавна презентација по нацрт-планот заведен под број 21-6447/4 од 10 декември 2010 година. Од извештајот за спроведената јавна анкета и јавна презентација заведен под бр.21-6447/5 од 27 декември 2010 година произлегува дека присутните на јавната анкета не дале никакви забелешки и било заклучено постапката по планот да продолжи. Во Известувањето за постапување по Извештајот од спроведената јавна анкета и јавна презентација заведено под број 21-56447/5 од 27 декември 2010 година се констатира дека на јавната презентација и јавната анкета немало присутни лица односно немало забелешки и приговори и дека изготвениот Предлог план може да се достави на согласност до Министерството за транспорт и врски.
Министерството за транспорт и врски со акт бр. 16-1874/4 од 30 јуни 2011 година, дало согласност на Предлог-деталниот урбанистички план.
На 23 август 2011 година, Советот на Општина Куманово, ја донел оспорената Одлука за донесување на Детален урбанистички план за дел УЕ „11 Ноември“, за дел УБ 67, плански опфат меѓу ул. „Србо Томовиќ“, ул. „Сава Ковачевиќ“, „Боро Прцан“ – Општина Куманово,заведена под број 08-19447/1 од 24 август 2011 година од, која Одлука била објавена во „Службен гласник на општина Куманово“ бр. 13/2011.
– Мислење од ЕВН-Македонија, број 04-6233/2 од 05 април 2011 година.
– Мислење од Дирекцијата за заштита и спасување, Подрачно одделение за заштита и спасување Куманово, број 10-570/3 од 3 јануари 2010.
– Мислење од Министерството за култура – Управа за заштита на културно наследство број 08-3068/2 од 31 декември 2010 година
– Мислење од Македонски телеком АД Скопје, број 280-507225 од 05 јануари 2011 година.
– Мислење од Министерството за животна средина и просторно планирање, број 08-644/1 од 20 јануари 2011 година.
– Оспорената одлука е донесена под број 07-14015 од страна на Советот на Општина Куманово на 23 август 2011 година и објавена е во („Службен гласник на Општина Куманово“ бр.13/2011 од 25 август 2011 год).
Согласноста на Предлог-Планот бр.16-1874/4 од 30 јуни 2011 година на Министерството за транспорт и врски до Општината Куманово била доставена на 21 јули 2011 година видно од приемниот печат.
5.Согласно член 8 став 1 алинеи 3, 6 и 10 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото, правната заштита на сопственоста и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и уредувањето на животната средина и на природата е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесувањето на плановите, како и другите прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање се уредени со Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија” 51/2005, 137/2007, 151/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011 и 53/2011).
Во членот 3 од наведениот закон е утврдено дека изработувањето, донесувањето и спроведувањето на Просторниот план на Република Македонија и на урбанистичките планови се работи од јавен интерес.
Видовите и содржината на плановите, како и постапката за нивно изработување и донесување се уредени во посебен дел од Законот означен и насловен со “II. Планирање на просторот”, кој ги опфаќа членовите од 7 до 48.
Согласно член 11 ставовите 1 и 2 од Законот, детален урбанистички план, за каков што се работи во конкретниот случај, се донесува за плански опфат за кој е донесен генерален урбанистички план. Деталниот урбанистички план содржи текстуален дел и графички приказ на планските решенија на опфатот, како и нумерички дел со билансни показатели за планскиот опфат и за инфра-структурата.
Според ставот 3 од овој член од Законот, графичките прикази на планот содржат: граница на планскиот опфат, регулациони линии, парцелација на градежното земјиште, површини за градење на градби определени со градежни линии, максимална висина на градбата изразена во метри до венец, намена на земјиштето и градбите, планско решение на секундарната сообраќајна мрежа со нивелманско решение и плански решенија на сите секундарни комунални и телекомуникациски инфраструктури.
Според ставот 4 од овој член од Законот, текстуалниот дел од планот содржи: општи услови за изградба, развој и користење на земјиштето и градбите, посебни услови за изградба на поединечни градежни парцели, податоци за сообраќајните, комуналните и телекомуникациските инфраструктури и други параметри.
Според член 17 став 1 од Законот, за изработување на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон, општините и Градот Скопје донесуваат годишна програма. Според ставот 2 од истиот член од Законот, програмата од ставот 1 на овој член општините и Градот Скопје ја доставуваат до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот и задолжително ја објавуваат во јавните гласила.
Според одредбата од член 21 став 1 од Законот, плановите од членот 7 на овој закон се изработуваат во две фази, односно како нацрт на план и предлог на план. На нацртот на плановите, согласно членот 21 од Законот се врши стручна ревизија со која се утврдува дека плановите се изработени во согласност со одредбите на овој закон, прописите донесени врз основа на овој закон и друг закон. Стручна ревизија на плановите од член 7 точка 2 на овој закон финансирани од буџетот на општината и буџетот на Градот Скопје врши овластено правно лице од член 18 став 1 на овој закон, определено од градоначалникот на општината или на Градот Скопје. Согласно став 5 на овој член, забелешките од стручната ревизија се вградуваат во нацртот на планот, а изработувачот на планот задолжително дава извештај за постапувањето по забелешките на стручната ревизија до органот надлежен за донесување на планот. Стручната ревизија и извештајот за постапување по забелешките од стручната ревизија се составен дел на планот.
Во членот 24 од Законот, се утврдува дека по нацртот на деталниот урбанистички план, урбанистичкиот план за село и урбанистичкиот план вон населено место, општината спроведува јавна презентација и јавна анкета (став 1). Организирањето на јавната презентација и јавната анкета на плановите од став 1 на овој член го врши градоначалникот на општината, по утврдување на нацртот на планот од страна на советот за кој претходно е добиено мислење од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредување на просторот (став 2). За спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај (став 3). Јавната презентација и јавната анкета од ставот 1 на овој член се спроведува со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа. Јавната анкета трае најмалку десет работни дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот можат да достават забелешки, предлози и мислења на анкетни листови (став 4). Јавната презентација е стручно презентирање на планот и се организира во простории и време што ќе го определи градоначалникот на општината (став 5).
Според член 24 став 6 од Законот, извештај од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за плановите од ставот 1 на овој член, изработува стручна комисија формирана од градоначалникот на општината, која е составена од три члена, и тоа: носителот на изработка на планот, одговорно лице од општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и истакнат научен и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање. Според став 7 на овој член од Законот, извештајот е составен дел на одлуката за донесување на предлогот на планот, а согласно ставот 8, врз основа на извештајот, комисијата е должна писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози.
Во членот 24 став 10 од Законот утврдено е дека времето и местото каде ќе биде изложен планот и спроведувањето на јавната презентација и јавната анкета, задолжително се објавува со соопштение во јавните гласила. Соопштението задолжително ги содржи податоците, местоположба и површина на опфатот на планот.
Според член 25 став 1 од Законот, на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон, изработени во форма на нацрт на план се дава мислење од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, заради согледување на степенот на усогласеноста на плановите со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон. Во ставот 2 на овој член од Законот утврдено е дека на плановите изработени во форма на предлог на план се дава согласност од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, со која се потврдува дека плановите се изработени согласно со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.
Согласно член 25 став 3 од Законот, мислењето од ставот 1 и согласноста од ставот 2 на овој член се дава во рок од 15 работни дена од денот на поднесувањето на барањето од страна на доносителот на планот. Доколку надлежниот орган за издавање на мислењето и согласноста не одговори во наведениот рок ќе се смета дека мислењето и согласноста се издадени. Според ставот 5 на истиот член по добивањето на согласноста од ставот 2 на овој член, планот се доставува до надлежниот орган за донесување.
Тргнувајќи од наведените законски одредби во контекст на доставената документација и утврдената фактичка состојба, сметаме дека во текот на донесувањето на оспорениот детален урбанистички план за дел од Урбана единица УЕ „11 Ноември“, за дел УБ 67, плански опфат меѓу ул. „Србо Томовиќ“, ул. „Сава Ковачевиќ“, „Боро Прцан“ – Општина Куманово, донесена под бр.07-14015/9 од 23 август 2011 година од Советот на Општина Куманово („Службен гласник на Општина Куманово“ бр.13/2011 од 25 август 2011 год), Советот на Општина Куманово ги испочитувал сите фази на постапката предвидени во важечкиот Закон за просторно и урбанистичко планирање. Од овие причини се утврди дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со одредбите на Уставот на Република Северна Македонија и Законот за просторно и урбанистичко планирање.
Во врска со конкретните наводи во иницијативата дека Одлуката била спротивна на член 24 ставови 1, 4 и 5 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, односно дека при донесување на планот не била во целост запазена постапката за информирање на граѓаните, од доставената документација и утврдената фактичка состојба се констатира дека Соопштението за одржување на јавна презентација и јавна анкета за оспорениот детален урбанистички план било објавено во дневните гласила „Нова Македонија“ и „Утрински весник“ од 20 ноември 2011 година, кои весници излегувале на територијата на целата Република, така што граѓаните од цела Македонија имале можност да се информираат за тоа каде и кога можат да извршат увид и да добијат информации за планот, како и да достават предлози и забелешки на истиот. Оттука, Судот оцени дека неосновани се наводите на подносителката на иницијативата дека не биле запознаени со тоа дека се врши измена на деталниот урбанистички план.
Во однос на наводите во иницијативата дека со оспорената одлука била сторена повреда на членот 30 од Уставот, односно дека на подносителката на иницијативата и било повредено правото на сопственост на начин што во овој случај со недвижниот имот кој и бил даден како наследство од родител не изградила семејна куќа, Судот утврди дека е од ирелевантно значење во оваа постапка каде се бара оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука. Ова, од причина што ваквото барање на подносителката на иницијативата излегува од границите на надлежноста на Уставниот суд кој ја цени само постапката за донесување на урбанистичкиот план, а не неговата содржина. Доколку подносителката смета дека е сторена повреда на правото на сопственост, истата може пред редовен суд да поднесе друг вид на правно средство, односно тужба за утврдување на правото на сопственост пред надлежен граѓански суд.
Од изнесената правна и фактичка состојба произлегува дека оспорената одлука е донесена во целост во постапка како што е предвидено со одредбите од Законот за просторното и урбанистичкото планирање, односно дека истата не може да се доведе под сомнение по однос на нејзината согласност со член 8 став 1 алинеи 1, 6 и 10 од Уставот и со член 24 ставови 1, 4 и 5 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од Решението.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.
У.бр.220/2020
28 април 2021 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Сали Мурати