Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019) на седницата одржана на 10 февруари 2021 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценка на уставноста и законитоста на член 5 ставови 3 и 4 од Правилникот за составот на испитната комисија, начинот на полагање на стручниот испит, начинот на проверката на стручните знаења и вештини и обрасците на уверението за положен стручен испит на здравствените рабнотници со високо образование од областа на стоматологијата, број 02-438/3 од 2 мај 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.148/2020), донесен од Собранието на Стоматолошката комора на Македонија.
2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценка на уставноста и законитоста на член 13 ставови 1 и 2 од Правилникот означен во точката 1 од ова решение.
3. Круме Чесноски од Прилеп, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценка на уставноста и законитоста на одредбите од Правилникот означени во точките 1 и 2 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, оспорените одредби од Правилникот, не биле во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, според кој владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија и со членот 51 од Уставот, според кој законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
Оспорените одредби од Правилникот, исто така не биле во согласност со членот 121 од Законот за здравствена заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр.43/2012, 145/2012, 87/2013, 164/2013, 39/2014, 43/.2014, 188/2014, 10/2015, 61/2015, 154/2015, 192/2015, 17/2016, 37/2016, 20/2019, 101/2019, 153/2019, 18/2019 и 275/2019).
Имено, со одредбите од членот 121 од Законот за здравствена заштита јасно било пропишано дека по завршување на пробната работа, здравствените работници и здравствените соработници се должни да полагаат стручен испит во рок од една година од денот на завршувањето на планот и програмата за пробна работа или со исполнување на условите од членот 117 став 4 од овој закон за оптометристите. Оттука, немало законски основ со подзаконски акт, односно со одредбите од ставовите 3 и 4 од членот 5 од Правилникот да се уредува исклучокот за полагање на наведениот стручен испит по истекот од една година, како и за тоа да одлучувал претседателот на Комората, како што е уредено со овие одредби од Правилникот,. Со оглед на тоа, со членот 5 ставови 3 и 4 од Правилникот се уредувале прашања кои можеле само со закон да се пропишуваат, а во случајов не било пропишано со закон, па оттука оспорените одредби не биле во согласност со погоре наведените одредби од Уставот и Законот.
Во иницијативата, исто така се наведува дека со членот 13 ставови 1 и 2 од Правилникот се уредувало постоење на „база на прашања“ за полагање на стручен испит, а со членот 121 став 3 од Законот за здравствена заштита, кој бил изменет во 2019 година со Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствена заштита („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.275/2019) веќе не постоел термин „база на прашања“, односно сега била пропишана содржина со една општа законска норма, без законско предвидување на база на прашања, поради што настанала несогласност на она што е уредено со оспорените одредби од ставовите 1 и 2 од Правилникот наспрема членот 121 од Законот. Воедно, во ставот 1 од членот 13 од Правилникот не биле наведени критериуми кои требало да ги исполнува соодветната комисија формирана од претседателот на Комората, која вршела подготвување, ажурирање и одржување на испитните прашања и студии на случај во базата на прашања. Аналогно на тоа не е прецизен и ставот 2 од овој член од Правилникот, поради што и двете одредби од Правилникот не се јасни и од аспект на тоа што за претседател на Комората, согласно членот 259 од Законот, можело да се избере лице кое е здравствен работник вработен во установата, но спорно било дали само така дефинираното лице е доволно стручно како претседател на Комората, да формира комисија која е одговорна за наведеното менаџирање со „базата на прашања и студии“ за полагање стручен испит од соодветната стоматолошка област.
Според наводите во иницијативата и одредбите од членот 13 ставови 1 и 2 од Правилникот не биле во согласност со Уставот и Законот за здравствена заштита.
Од овие причини со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценка на уставноста и законитоста на оспорените одредби од Правилникот, а до конечното одлучување да донесе времена мерка за запирање на извршување на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорените одредби од Правилникот.
4. Судот на седницата утврди дека Правилникот за составот на испитната комисија, начинот на полагање на стручниот испит, начинот на проверката на стручните знаења и вештини и обрасците на уверението за положен стручен испит на здравствените работници со високо образование од областа на стоматологијата, бр. 02-438/3 од 2 мај 2020 година, донесен од Собранието на Стоматолошката комора на Македонија, во делот насловен како „Начин на полагање на стручниот испит и начин на проверка на стручните знаења и вештини“, ги предвидел одредбите од членовите 5 и 13, кои ја имаат следната содржина:
Член 5
Полагањето на стручниот испит се пријавува од страна на докторот на стоматологија кој ја завршил пробната работа (во натамошниот текст: кандидатот), најдоцна во рок од една година од денот на завршувањето на пробната работа, со поднесување на пријава за полагање на стручниот испит со прилог докази:
– уверение и диплома за завршено високо образование од областа на стоматологијата,
– книшка за завршена пробна работа, пополнета согласно планот и програмата за пробна работа и
– потврда за уплатени средства на сметка на Комората.
Доказите од став 1, алинеја 1 на овој член треба да бидат доставени во фотокопија заверена кај нотар, а доказите од став 1, алинеја 2 и 3 на овој член треба да бидат доставени во оригинал.
По исклучок од ставот 1 на овој член, кандидатот може стручниот испит да го полага и по истекот на една година од денот на завршувањето на пробната работа во случаи на подолго отсуство поради болест, повреда, бременост, раѓање и мајчинство, како и повик од надлежен орган, за што кандидатот, покрај пријава за полагање на стручен испит, треба да достави соодветно писмено барање со соодветен доказ за оправданоста на случајот.
По барањето од став 3 одлучува претседателот на Комората.
Член 13
Подготвувањето, ажурирањето и одржувањето на испитните прашања и студиите на случај во базата на прашања во зависност од измените во програмата за пробната работа на докторите на стоматологија, го врши посебна комисија формирана од страна на претседателот на Комората.
Тестот за првиот дел од стручниот испит се формира од базата на испитни прашања и студии на случај, изготвени од комисијата од став 1 на овој член.
Првиот дел на стручниот испит се полага во просторија, посебно опремена за полагање на испитот со материјално-техничка и информатичка опрема и интернет врска.
Тестот е составен од прашања и студии на случај кој компјутерски се генерира, односно по случаен избор го одредува софтвер од базата на прашања и студии на случај, најмногу 15 минути пред почетокот на испитот. Тестот се полага електронски, со избирање на еден точен одговор од понудените четири можни одговори.
Тестот содржи прашања со вкупно 100 бода, односно прашањата се бодирани со 40 бода, а студиите на случај се бодирани со 60 бода.
Тестот се смета за положен доколку се освоени најмалку 30 бода за прашањата и 40 бода за студиите на случај.
Полагањето на тестот трае најмногу 90 минути.
Резултатите од првиот дел на стручниот испит се добиваат на истиот ден од денот на полагањето.
Доколку кандидатот не го положи првиот дел од испитот неможе да го полага вториот дел од испитот.
Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Согласно член 39 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита. Граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите.
Со членот 51 од Уставот е утврдено дека во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Законот за здравствена заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр.43/2012, 145/2012, 87/2013, 164/2013, 39/2014, 43/.2014, 188/2014, 10/2015, 61/2015, 154/2015, 192/2015, 17/2016, 37/2016, 20/2019, 101/2019, 153/2019, 180/2019 и 275/2019), во членот 1 определил дека предмет на уредување на овој закон се прашањата кои се однесуваат на системот и организацијата на здравствената заштита и вршењето на здравствената дејност, загарантираните права и утврдените потреби и интереси на државата во обезбедувањето на здравствената заштита, здравствените установи, вработувањето, правата и должностите, одговорноста, евалуацијата, престанокот на вработувањето, заштитата и одлучувањето за правата и обврските на здравствените работници и здравствените соработници, квалитетот и сигурноста во здравствената дејност, коморите и стручните здруженија, рекламирањето и огласувањето на здравствената дејност, вршењето на здравствената дејност во вонредни услови и надзорот над вршењето на здравствената дејност.
Согласно одредбите од овој закон, здравствената дејност е дејност од јавен интерес (член 12); здравствените работници со високо образование од областа на медицината, стоматологијата и фармацијата (здравствени работници со високо образование) можат самостојно да вршат здравствени услуги со завршување на пробната работа, положување на стручниот испит и добивање лиценца за работа како и здравствените соработници со средно, вишо и високо стручно образование по завршување на пробната работа и положување на стручниот испит (член 115).
Со членот 121 од овој закон е предвидено:
„(1) По завршување на пробната работа, здравствените работници и здравствените соработници се должни да полагаат стручен испит во рок од една година од денот на завршувањето на планот и програмата за пробна работа, или со исполнување на условите од член 117 став 4 од овој Закон за оптометристите.
(2) Ако здравствените работници и здравствените соработници не полагаат стручен испит во рокот од став (1) на овој член, повторно ја извршуваат пробната работа.
(3) Составот на испитната комисија, начинот на полагање на стручниот испит, начинот на проверката на стручните знаења и вештини и обрасците на уверението за положен стручен испит на здравствените работници со високо образование ги утврдува Лекарската, Стоматолошката, односно Фармацевстката комора, со општ акт на кој министерот за здравство дава согласност.
(4) Стручниот испит на здравствените работници со средно, вишо и високо стручно образование и здравствените работници со високо образование се полага пред испитни комисии формирани од министерот за здравство“.
Стоматолошката комора на Македонија, предметниот правилник го донела на седница одржана на 02.05.2020 година, врз основа на членот 121 став 3 од Законот за здравствена заштита.
Со овој правилник, во членот 2 е определено дека стручниот испит се полага заради проверка на стручните способности на докторите на стоматологија по завршувањето на пробната работа, според план и програма утврдени со правилник донесен од министерот за здравство. Прашањата за составот на испитната комисија се уредени со членовите 3 и 4 од Правилникот.
Во делот од Правилникот, насловен како „Начин на полагање на стручниот испит и начин на проверка на стручните знања и вештини, со одредбите од членовите 5 – 19, се посебно уредени прашањата од предметната материја во овој дел.
Со оспорените одредби од ставовите 3 и 4 на членот 5 од овој правилник е уредено дека по исклучок од ставот 1 на овој член кандидатот може стручниот испит да го полага и по истекот на една година од денот на завршувањето на пробната работа во случаи на подолго отсуство поради болест, повреда, бременост, раѓање и мајчинство, како и повик од надлежен орган, за што кандидатот, покрај пријава за полагање на стручен испит, треба да достави соодветно писмено барање со соодветен доказ за оправданоста на случајот. По барањето одлучува претседателот на Комората.
Со оглед на тоа што со одредбите од Законот за здравствена заштита, не е предвиден исклучок каков што е уреден во ставовите 3 и 4 на членот 5 од Правилникот, а со ставот 1 од членот 121 од Законот за здравствена заштита е пропишана императивна норма која го дефинира рокот од една година од денот на завршување на пробната работа, да може да се полага стручниот испит, при што е употребен и терминот „должни“ за субјектите на кои се однесува, произлегува дека со оспорените одредби од Правилникот се пропишуваат односи кои би можеле да бидат уредени со закон, а не со подзаконски акт и со оспорените одредби се излегло надвор од законски пропишаните права и обврски, поради што за овие одредби од Правилникот може да се изрази сомнеж за несогласни со наведените одредби од Уставот и Законот за здравствена заштита.
Членот 13 од Правилникот се однесува на подготвувањето, ажурирањето и одржувањето на испитните прашања и студии на случај во базата на прашања во зависност од програмата за пробна работа на докторите на стоматологија кое го врши посебна комисија формирана од страна на претседателот на Комората, ова согласно ставот 1 од овој член од Правилникот. Според ставот 2, текстот за првиот дел од стручниот испит се формира од базата на испитни прашања и студии на случај, изготвени од комисијата од ставот 1 на овој член.
Имено,се работи за посебна комисија формирана од страна на претседателот на Комората. Ова не е испитна комисија за полагање на стручен испит чиј состав е уреден со Правилникот на Стоматолошката комора на Македонија на која согласност за формирањето дава министерот за здравство, туку е посебна комисија на Комората за обезбедување на испитен материја, што е наполно во согласност со ставот 3 од членот 121 од Законот за здравствена заштита кој, меѓу другото, упатува дека начинот на проверка на стручните знаења и вештини се уредува со општ акт на Комората, на кој општ акт министерот за здравство дава согласност. Од списите по предметот се гледа дека министерот за здравство донел Решение за согласност на општ акт на Стоматолошката комора, бр. 11-3523/2 од 28.05.2020 година кој се однесува на предметниот Правилник бр. 02-438/3 од 02.05.2020 година. Оттука, за оспорените одредби од членот 13 ставови 1 и 2 од Правилникот, не може основано да се постави прашањето за несогласност со Устав и закон, тие се операционализација и разработка на наведената одредба од ставот 3 на членот 121 од Законот за здравствена заштита и имаат законски основ за уредување на начин како е тоа предвидено со Правилникот на Стоматолошката комора. Воедно, Судот не е надлежен да оценува дека во оспорените одредби требало да има содржина на која упатува подносителот во иницијативата, туку ја цени од уставно-правен аспект содржината која е во одредбите, за која се оцени дека не создава непрецизност спротивна на Уставот и Законот, туку е во стручниот домен на работењето на Стоматолошката комора на Македонија, која базата на прашања и студиите на случај ќе ги формира, подготвува, ажурира и одржува во рамки на законското овластување кое тоа го дозволува.
Од овие причини Судот оцени дека одредбите од ставовите 1 и 2 на членот 13 од Правилникот, не се во спротивност со Устав и закон.
Во однос на посебното барање во иницијативата, Судот оцени дека нема услови за донесување на времена мерка за запирање на извршување на поединечните акти или дејствија врз основа на оспорените одредби од Правилникот, согласно член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.
Во точката 1 од ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови.
У.бр.263/2020
10 февруари 2021 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати