У.бр.284/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019 и 256/2020) на седницата одржана на 21 април 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценка на уставноста и законитоста на член 73 став 4 во делот „Зголемувањето на платата може да се замени со слободни денови“, од Колективниот договор на Министерството за одбрана („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.238/2019).

2. Дарко Доневски, адвокат од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценка на уставноста и законитоста на одредбата од Колективниот договор на Министерството за одбрана означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорениот дел од член 73 став 4 од Колективниот договор на Министерството за одбрана, не бил во согласност со член 32 став 3 од Уставот, според кој секој вработен има право на соодветна заработувачка и членот 51 од Уставот, според кој во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите. Во иницијативата се наведува, исто така, дека оспорениот дел од одредбата не бил во согласност и со членовите 12 и 105 од Законот за работните односи.

Имено, со оспорениот дел од одредбата од Колективниот договор се предвидувало дека „зголемувањето на платата може да се замени со слободни денови“, кога се работи за случаите наведени во одредбите од членот 73 од овој колективен договор со кои било предвидено зголемување на платата на работникот во одредени проценти доколку работникот врши работа подолго од полното работно време (прекувремена работа), работи ноќе, работи на смени, работи во ден на неделен одмор како и му припаѓа надоместок на плата за работа во денови на празници и неработни денови утврдени со закон.

Оспорениот дел од одредбата од Колективниот договор, била несогласна со содржината на другите одредби од самиот Колективен договор, а потоа и спротивен на Уставот и Законот за работни односи.

Со Колективниот договор, во членот 5 било предвидено дека со овој колективен договор можат да се предвидат одделни права кои за работниците се поповолни од правата што ги определува Законот за работни односи и други закони, ако тоа не е спротивно со закон. Потоа во членот 20 било предвидено дека работното време на работниците во Министерството изнесувало 40 часа во работна недела (полно работно време), а во член 68 став 3 се предвидувало дека Министерството е должно на работникот да му ја исплати платата од став 1 на овој член што се однесува за полно работно време. Со одредбите од членовите 70, 72 и 73 од Колективниот договор се уредувале прашањата кои се однесувале на тоа дека платата на работникот се состоела од основна плата и додатоци на плата, потоа додатоците на плата се определувале заради посебни услови при работа кои произлегуваат од распоредот на работното време и зголемувањето на платата која е уредена со одредбите од членот 73, во оспорениот став 4 од овој член е уредено дека може да се замени со слободни денови.

Во иницијативата се посочува дека во претходниот Колективен договор за уредување, односно доуредување на правата, обврските и одговорностите од работен однос во Министерството за одбрана („Службен весник на Република Македонија“ бр.108/2013 и 188/2017), кој веќе не е во сила, било уредено дека „По барање на работникот зголемувањето на платата можело да се замени со слободни денови”.

Со тоа што во актуелниот Колективен договор на Министерството за одбрана, со оспорениот дел од член 73 став 4, повеќе не е уредено замената со слободни денови да биде по барање на работникот, оставало нејасно и несигурно да биде кој тоа ќе може да ја определува замената со слободни денови на работниците на кои им се исполнети условите за зголемување на платата и по чие барање зголемувањето на платата може да се замени со слободни денови, имајќи предвид дека со ваква одредба се создавала можност самиот работодавач да одлучува за замената.

При ваква состојба, произлегува дека оспорениот дел од членот 73 став 4 од Колективниот договор не бил во согласност со одредби од Законот за работни односи, кој во членот 12 пропишал дека „Со договорот за вработување, односно со колективен договор не може да се определат помали права од правата утврдени со закон, а ако содржат такви одредби, се сметаат за ништавни и се применуваат соодветни одредби од закон.“ Воедно, не бил согласен и со членот 105 од овој закон, кој во ставот 2 децидно пропишал дека плаќањето на работата по договорот за вработување мора да биде секогаш во парична форма.

Со оглед на тоа што Законот за работни односи не предвидува одредба со која додатоците на плата можат да се заменат со слободни денови, а од друга страна со оспорениот дел од член 73 став 4 од Колективниот договор е уредена таква можност која ги намалува правата на работниците, произлегувало дека спротивно на законската определба според која не смее да се намалуваат правата од работен однос со колективен договор, во случајов се уредувала таква можност.

Воедно, терминот „слободни денови“ со одредбите од Законот за работни односи е јасно употребен дека се тоа денови на отсутност од работа поради користење на годишен одмор, платен вонреден одмор, дообразување, со закон определени празници и од работа слободни денови и во случаи кога работникот не работи од причини на страна на работодавачот, при што во сите овие случаи работодавачот е должен да му исплати надоместок на плата на работникот. Меѓутоа, овој термин „слободни денови“ употребен во Колективниот договор е нејасен и не е соодветен со одредбите од членовите 112 и 148 од Законот за работни односи.

Ваквата непрецизност на оспорената одредба од Колективниот договор дава можност Министерството за одбрана при пресметување на плата на работникот како едно од најосновните права на работниците, да може своеволно и самостојно да одлучува дали додатоците на плата ќе ги замени со слободни денови, што создава несигурност кај граѓаните и е спротивно на уставните и законските норми, поради што се предлага Судот да поведе постапка за оценка на уставноста и законитоста на член 73 став 4 во делот „Зголемувањето на платата може да се замени со слободни денови“, од Колективниот договор за одбрана, а потоа и оспорената одредба во тој дел да ја укине.

Воедно, со иницијативата се бара и времена мерка, Судот согласно член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија да го запре извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорената одредба.

3. Судот на седницата утврди дека членот 73 од Колективниот договор на Министерството за одбрана гласи:

Член 73

Основната плата на работникот по час се зголемува за:

– работа подолго од полното работно време (прекувремена работа) 35%
– работа ноќе 35%
– работа во смени, односно турнус 5% и
– работа во ден на неделен одмор 35%.

За работата во денови на празници и неработни денови утврдени со закон, работникот има право на надоместок на плата што му припаѓа во тие денови кога не работи и плата за поминатите часови на работа зголемена за 50%.

Додатоците на платата од став 1 и 2 на овој член, меѓусебно не се исклучуваат.

За извршените работи од став 1 на овој член, се води евиденција. Зголемувањето на платата може да се замени со слободни денови.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија е владеењето на правото.

Согласно член 32 ставови 2, 3 и 5 од Уставот, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место, секој вработен има право на соодветна заработувачка и остварувањата на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и колективен договор.

Во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите (членот 51 од Уставот).

Од изнесените уставни одредби, покрај другото, произлегува дека правата и положбата на вработените се уредуваат со закон и со колективни договори. Со колективното договарање се доуредува положбата на вработените во рамки на законските права и обврски на начин што тие права не можат да бидат понеповолни од пропишаните со закон.

Со Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/ 2010, 52/2010, 124/2010, 47/2011, 11/2012, 39/2012, 13/2013, 25/2013, 170/2013, 187/2013, 113/2014, 20/2015, 33/2015, 72/2015, 129/2015, 27/2016, 120/2018 и 110/2019), на општ начин се уредени остварувањето на правата, обврските и одговорностите на работникот и работодавецот од работен однос.

Имено, согласно членот 1 од Законот за работните односи, со овој закон се уредуваат работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување (став 1). Работниот однос се уредува со овој и со друг закон, колективен договор и договорот за вработување (став 2).

Законот за работните односи ги уредува и работните односи на работниците вработени во органите на државната власт, органите на единиците на локалната самоуправа, установите, јавните претпријатија, заводите, фондовите, организациите и други правни и физички лица кои вработуваат работници, доколку со друг закон поинаку не е определено (член 3).

Согласно член 203 од овој закон, колективен договор се склучува како општ на ниво на Републиката, посебен на ниво на гранка односно оддел, согласно Националната класификација на дејности и поединечен на ниво на работодавач.

Од анализата на Законот за работните односи, како Lex generalis произлегува дека со него се уредуваат работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување. Работниот однос се уредува со овој закон кој ги пропишува основните, односно минималните права, и со друг закон, колективен договор и договорот за вработување, при што со договорот за вработување, односно со колективниот договор не може да се определат помали права од правата утврдени со закон, а ако такви одредби содржат, се сметаат за ништавни. Со договорот за вработување, односно со колективниот договор може да се одредат правата, кои за работниците се поповолни отколку што ги определува овој закон. Правата од работниот однос утврдени со Уставот, закон и колективен договор не можат да се одземаат или ограничат со акти и дејствија на работодавач.

Имено, согласно член 12 став 2 од овој закон, со договорот за вработување, односно со колективен договор не може да се определат помали права од правата утврдени со закон, а ако содржат такви одредби, се сметаат за ништавни и се применуваат соодветни одредби од закон. Согласно ставот 3, со договорот за вработување, односно со колективниот договор може да се одредат правата кои за работниците се поповолни, отколку што ги определува овој закон.

Според член 105 од овој закон, работникот има право на заработувачка – плата, согласно со закон, колективен договор и договорот за вработување (став 1). Плаќањето на работата по договорот за вработување мора да биде секогаш во парична форма. При исплатата, работодавачот мора да го почитува најнискиот износ определен со колективен договор, во согласност со закон, кој непосредно го обврзува работодавачот (став 2). Платата е составена од основна плата, дел од платата за работната успешност и додатоците, ако со друг закон поинаку не е определено (став 3).

Според член 106 од овој закон, основната плата се определува земајќи ги предвид барањата на работното место, за кое работникот го склучил договорот за вработување (став 1). Додатоците се определуваат за посебните услови при работа, кои произлегуваат од распоредот на работното време и тоа за работа во смени, работа во поделено работно време, ноќна работа, работа на дежурство согласно закон, продолжена работа, работа во ден на неделен одмор, работа во празници определени со закон и додаток за работен стаж (став 3).

Согласно член 110 став 1 од овој закон, работодавачот е должен на работникот да му ја исплати платата на начин утврден со закон.

Колективниот договор на Министерството за одбрана („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.238/2019), склучен помеѓу Министерството за одбрана и независниот синдикат на одбраната, како колективен договор на ниво на работодавач, во членот 1 утврдил дека се уредуваат, односно доуредуваат правата и обврските од работен однос на работниците во Министерството за одбрана (во натамошниот текст: Министерство) и Армијата на Република Северна Македонија (во натамошниот текст: Армијата), од една страна и Министерството како работодавец од друга страна, како и условите и начинот на остварување на правата и обврските од работните односи или во врска со работните односи.

Во делот од Колективниот договор, насловен како „Плата, надоместоци на плата и други примања“, со членовите 65-99, посебно се доуредени правата и обврските кои произлегуваат од работните односи по однос на предметната материја во овој дел од Колективниот договор.

Согласно членот 70 од Колективниот договор, платата на работникот се состои од основна плата и додатоци на плата. Основната плата се определува земајќи ги предвид барањата на работното место, обемот на вршењето на работата, квалитетот и успешноста на работникот во вршењето на работите и задачите и слично.

На работникот во Министерството му се исплатува додаток на основната плата за вршење специфична воена служба, вршење служба со висок ризик, вршење трупна служба, додаток за посебен степен на образование и додаток за застапување, во согласност со Законот за служба во Армијата, Законот за административни службеници, подзаконските прописи и други акти.

Додатоци на плата се определуваат, согласно членот 72 и за посебни услови при работа кои произлегуваат од распоредот на работно време и тоа за:
– работа подолга од полното работно време
(прекувремена работа),
– работа ноќе,
– работа во смени, односно турнус,
– работа на ден на неделен одмор,
– работа во денови на празници и неработни денови
утврдени со закон,
– додаток за работен стаж.

Со членот 73 од Колективниот договор е уредено:

„Основната плата на работникот по час се зголемува за:
– работа подолго од полното работно време
(прекувремена работа) 35%

– работа ноќе 35%

– работа во смени, односно турнус 5% и

– работа на ден на неделен одмор 35%.

За работа во денови на празници и неработни денови утврдени со закон, работникот има право на надоместок на плата што му припаѓа во тие денови кога не работи и плата за поминатите часови на работа зголемена за 50%.

Додатоците на плата од став 1 и 2 на овој член, меѓусебно не се исклучуваат.

За извршените работи од став 1 на овој член, се води евиденција. Зголемувањето на платата може да се замени со слободни денови.

Поаѓајќи од изнесените одредби од Уставот, Законот за работните односи и Колективниот договор на Министерството за одбрана, произлегува дека со Уставот е утврдено правото на соодветна заработувачка на секој вработен а со закон и колективен договор е упатено да се уредуваат и остваруваат правата на вработените и нивната положба. На таа уставна основа со Законот за работните односи на општ начин се уредени остварувањето на правата, обврските и одговорностите на работникот и работодавецот од работен однос, а со Колективниот договор на Министерството за одбрана се уредени и доуредени правата и обврските од работен однос на работниците во Министерството и Армијата од една страна и Министерството како работодавец од друга страна.

Оспорениот дел од ставот 4 на членот 73 од Колективниот договор, кој гласи: „Зголемувањето на платата може да се замени со слободни денови“, не е императивна норма, уредува право, а не обврска за замена на зголемувањето на платата со слободни денови на вработените, кои исполнуваат услови за зголемување на основната плата на начин како е тоа уредено со Колективниот договор.

Овој оспорен дел од одредбата има карактер на алтернативна можност за замена на зголемување на основната плата со слободни денови како право на избор на работникот и работодавачот со заедничка согласност за остварување на тоа право, а во интерес на двете страни, во согласност и со непречено реализирање на работниот процес, но и со правото на проценка на работникот наместо со исплата во пари да оствари слободни денови само во рамки на исплата на основната плата.

Од аспект на работодавачот е проценката дали ќе се наруши или нема процесот на работа доколку се реализира отсуството од работа на работникот доколку работникот бара да оствари замена со слободни денови, а од аспект на работникот е секако неприкосновеното законско право на исплата на плата и нејзино зголемување во парична форма по основите кои се уредени. Колективното договарање во случајов му овозможува на работникот, секако во согласност со работодавачот, зголемувањето на основната плата да може да го замени со слободни денови, доколку таа можност сака да ја оствари во интерес на своите потреби.
Сепак, се работи за потреба од меѓусебна согласност на работникот и работодавачот, за остварување на можноста на замена на зголемувањето на платата со слободни денови од страна на работникот и овој двостран однос на усогласување за предметната замена, не го исклучува работникот во остварување на загарантираното законско право да се определи да си го оствари зголемувањето на основната плата со исплата на пари. Оттука оспорениот дел од ставот 4 на членот 73 од Колективниот договор не пропишува помали права на работникот на што се приговара со наводите во иницијативата, со оглед на тоа што плаќањето на работата по договорот за вработување се исплаќа во парична форма, согласно Законот за работни односи и тоа право не е повредено со оспорениот дел од членот 73 од Колективниот договор, туку само дава право кое може да се оствари исклучиво со согласност на двете страни (работникот и работодавачот), не на штета на интересите на страните и работниот процес, соодветно и на карактерот кој го има колективното договарање дека можат да се уредуваат и други права со кои не се намалуваат правата утврдени со закон, како што е во случајов.

Од овие причини, за оспорениот дел: „Зголемувањето на платата може да се замени со слободни денови“, од ставот 4 на членот 73 од Колективниот договор на Министерството за одбрана, не може основано да се постави прашањето за несогласност со одредбите од Уставот и Законот за работните односи на кои се повикува подносителот во иницијативата.

По повод барањето во иницијативата, Судот оцени дека не се исполнети условите за изрекување на времена мерка, согласно членот 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, односно да се запре извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорената одредба од Колективниот договор на Министерството за одбрана.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 на ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

 

У.бр.284/2020
21 април 2021 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати

Издвоено мислење по предметот У.бр.284/2020