У.бр.317/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019 и 256/2020), на седницата одржана на 10 март 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето од Златка Штерјоска од Кичевo за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија што се однесуваат на забраната на дискриминација на граѓаните по основ на социјална припадност, за кои подносителката смета дека и биле повредени со преземено дејствие од страна на извршител во извршна постапка.

2. До Уставниот суд на Република Северна Македонија, именуваната од точката 1 на ова решение, поднесе барање за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот што се однесуваат на забраната на дискриминација на граѓаните по основ на социјална припадност.

Во барањето, подносителката наведува дека и била сторена дискриминација по основ на социјална припадност од член 110 алинеја 3 од Уставот со повреда на членовите 18, 25 и 26 од Уставот и бара овој суд да ја преиспита уставноста и законитоста на преземеното дејствие во спроведената извршна постапка.

Според наводите во првиот поднесок од 3 септември 2020 година, со кој се бара заштита на слободите и правата, подносителката се повикува на општа заштита на уставно гарантираните права и притоа од Судот бара да се впушти во испитување на постапувањето по кривичните пријави поднесени од нејзина страна, како и да утврди фактичка состојба во однос на нејзиниот долг спрема Стопанска банка АД Скопје.

Подоцна, со барањето од 15 декември 2020 година (кое е појаснување на претходните поднесоци, по писмените укажувања од страна на Судот, каде што се бара да се појасни и прецизира барањето), подносителката наведува дека смета дека и била сторена дискриминација по основ на социјална припадност со преземено дејствие во извршна постапка, од страна на извршителот Весна Јакимовска (именувана за подрачјето на основните судови во Гостивар и Кичево).

Според наводите во барањето, и покрај фактот што долгот спрема Стопанска банка АД Скопје бил подмирен од страна на подносителката, а во однос на истото се водела и кривична постапка, на ден 25 јуни 2018 година, во периодот околу 11ч. и 50 мин., без претходно прибавено одобрение од страна на претседателот на Основниот суд Кичево, постапувајќи спротивно на Законот за извршување, извршителката извршила претрес во домот којшто бил во сопственост на родителите на подносителката, притоа однесувајќи се со понижувачки однос спрема неа и нејзиното семејство.

На наведениот датум, извршителката придружувана од неколку службени лица, без да се претстави и легитимира, влегла во домот на родителите на подносителката со цел да изврши претрес. Имено, според подносителката, извршителката незаконски постапила, притоа претурајќи по документи со податоци кои биле од доверлив карактер поради спецификата на работите коишто ги извршувале нејзиниот сопруг и син. Подносителката понатаму наведува дека ваквото насилничко однесување од страна на именуваната извршителка било причина да и се влоши нејзината здравствена состојба поради што завршила во болница.

Врз основа на наведеното, со барањето се бара Судот да утврди повреда на човековите слободи и права со преземено дејствие од страна на извршител во извршна постапка, а поради сторена дискриминација по основ на социјална припадност, со директна повреда на членовите 18, 25 и 26 од Уставот на Република Северна Македонија.

3. Во врска со предметното барање за заштита на слободи и права, Судот на седницата утврди дека преземеното дејствие во извршна постапка, а со коешто подносителката смета дека и била сторена повредата на слободите и правата, се случило на ден 25 јуни 2018 година, во периодот околу 11ч. и 50 мин.

Дејствието било преземено од страна на извршителот Весна Јакимовска (именувана за подрачјето на основните судови во Гостивар и Кичево) и се состоело од претрес во домот којшто бил во сопственост на родителите на подносителката.

4. Во член 110 алинеја 3 од Уставот се определува дека Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат, покрај другото, на забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Членот 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија предвидува дека секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Од изнесената уставна одредба произлегува дека Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на забраната на дискриминација по основ, покрај другото, на социјална припадност, а од изнесената одредба од Деловникот на Уставниот суд произлегува дека барањето за заштита на слободите или правата на граѓанинот повредени со дејство се поднесува во рок од 2 месеци од денот на дознавањето за преземеното дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Во конкретниот случај, во барањето, од страна на подносителката е наведен точниот датум и време кога е преземено дејствието со кое се тврди дека и била сторена повредата на човековите слободи и права (на ден 25 јуни 2018 година, во периодот околу 11ч. и 50 мин.). Додека, барањето за заштита на слободите и правата до Судот е поднесено на 3 септември 2020 година.

Оттука, имајќи го предвид овој факт од една страна, како и деловничката одредба (член 51) од друга страна, според која кога станува збор за преземено дејствие, субјективниот рок за поднесување на барањето за заштита на слободите и правата е 2 месеци од денот на дознавањето за преземеното дејствие со кое е сторена повредата, според Судот неспорно произлегува дека предметното барање е поднесено после истекот на вака предвидениот рок.

Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека подносителката на барањето го пропуштила субјективниот рок од два месеци за поднесување на предметното барање и дека таа не може да се повикува на можноста да го користи објективниот рок од пет години со оглед на тоа што го знаела точниот датум на преземеното дејствие и во определениот рок не го искористила своето право за заштита пред Уставниот суд, поради што Судот смета дека постојат процесни пречки за одлучување по барањето.

Имајќи го предвид изнесеното, според Судот, исполнети се условите од член 28 алинеја 3, а во врска со членот 68 од Деловникот на Судот, за отфрлање на барањето поради постоење на процесни пречки за постапување по истото.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Добрила Кацарска, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.317/2020
10.03.2021 гoд.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати