Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 28 алинеи 1 и 2 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019 и 256/2020), на седницата одржана на 17 февруари 2021 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 61 став 2 од Законот за денационализација (“Службен весник на Република Македонија“ бр.20/98, 31/2000, 42/2003, 44/2007, 72/2010, 171/2010, 55/2013, 33/2015 и 104/2015).
2. Адвокатското друштво Давидовиќ и Јанковиќ од Скопје до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата практичната примена и операционализација на оспорената одредба од Законот ја доведувале во прашање еднаквоста на граѓаните при остварувањето на правото на наследување.
Имено, подносителот на иницијативата смета дека наследниците кои не биле пријавени како такви во оставинската постапка и не дале наследничка изјава согласно член 136 став 2 од Законот за наследување имаат право да бараат оставина во роковите предвидени со истиот закон каде децидно било наведено дека правото да се бара оставината со тужба како наследник спрема држателот на оставината застарува за две години од денот кога наследникот дознал дека е донесено правосилно решение за наследување, а најдоцна десет години од денот кога решението за наследување станало правосилно. Правото да се бара оставината во секој случај застарува по протекот на 20 години од смртта на оставителот.
Оттука, доколку оставителот оставил недвижен имот кој во јавните книги за запишување на правата на недвижностите гласи на негово име изоставен наследник може да бара дел од оставината и 20 години подоцна, а од друга страна изоставен наследник на оставител кој имал право на денационализација, а друг наследник кој го остварил тоа право, може да ги остварува своите права пред надлежниот суд во рок од 5 години.
Со ваквата законска формулација, според наводите во иницијативата, оспорената законска одредба на член 61 став 2 од Законот за денационализација се ставале во нееднаква положба горенаведените лица и спрема граѓаните кои воопшто не поднеле барање за денационализација кои согласно член 49 став 3 од истиот закон можеле да го остваруваат своето право пред надлежен суд без временско ограничување. Со тоа наследникот на оставителот кој имал право на денационализација, а друг го остварил правото има рок од 5 години да го остварува правото спрема друг, а наследник кој воопшто не поднел барање за денационализација можел да го остварува правото и по протек од 50 години.
Подносителот на иницијативата смета дека со оспорената одредба се нарушувала еднаквоста на граѓаните, односно правото на наследување под еднакви услови за сите граѓани согласно Уставот и законите.
3. Судот на седницата утврди дека во член 61 став 2 од Законот за денационализација се предвидува дека заинтересираните лица можат своите права спрема лицата на кои им е вратен имотот или платен надомест според одредбите од овој закон да ги остваруваат со тужба пред надлежниот суд во рок од пет години по правосилноста на решението за денационализација.
4. Според членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно член 28 алинеи 1 и 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Поаѓајќи од анализата на наводите во конкретната иницијатива со која се бара оцена на уставноста на член 61 став 2 од Законот за денационализација Судот утврди дека овој суд веќе постапувал и се произнел по однос на оспорената одредба од Законот.
Имено, со Решение У.бр.125/2005 од 5 октомври 2005 година, Уставниот суд не поведе постапка за оценување на оспорениот член 61 став 2 од наведениот закон.
Во образложението на ова решение, меѓу другото, се наведува следното:
“Од анализата на наведените одредби од Законот за денационализација произлегува дека во постапката за денационализација ќе се применуваат одредбите од Законот за општата управна постапка со одредени исклучоци што ги определил самиот закон.
Имено, Законот за денационализација како странки во постапката ги определил само барателот на имотот (поранешен сопственик односно, негов наследник) и јавниот правобранител кој ги штити интересите на државата, а не и други заинтересирани лица.
Меѓутоа, и покрај фактот што постапката за денационализација е скратена управна постапка со цел одземениот имот да биде вратен на поранешните сопственици, односно нивни наследници во што е можно пократок рок, законодавецот водејќи се од принципот на владеење на правото не испуштил од вид дека и во оваа постапка можно е да се јават одредени прашања, односно барања кои треба да се решаваат пред суд поради што не ја исклучил можноста во определени случаи, било во текот на постапката за денационализација или по нејзиното завршување да се водат спорови пред суд.
Законодавецот дури оди до таму што и по протек на определен временски период предвидел во самиот закон постапката за денационализација да се води пред надлежните судови.
Оттука, Судот смета дека целта на законодавецот била да се врати имотот на поранешните сопственици, но не допушта да не бидат земени предвид и интересите на други заинтересирани лица кои имаат некакво право спрема лицата на кои им е вратен имотот или платен надомест, и на истите им овозможува водење на судска постапка во рок од пет години по правосилноста на решението за денационализација.
Со оглед на изнесеното, Судот смета дека се неосновани наводите во иницијативата дека со оспорената одредба се руши концептот на целиот закон, а со тоа и правото на сопственост на поранешните сопственици.
Ова дотолку повеќе што решението за денационализација нема конститутивно дејство, туку има декларативен карактер. Со ова решение за денационализација поранешните сопственици не се стекнуваат со правото на сопственост, бидејќи тоа право поранешниот сопственик го имал стекнато, а наследниците по основ на наследување по сила на законот се стекнуваат со право на сопственост и по тој основ како на носители на право на сопственост им се враќа одземениот имот.
Воедно, Судот смета дека се неосновани наводите во иницијативата според која недопуштено е судската одлука да биде основ за промена на уписот во јавните книги на носителот на правото на сопственост кој уписот го извршил врз основа на правосилно решение на органот за денационализација и дека со тоа се доведувал во прашање принципот на поделба на власта.
Имено, според Судот со судската одлука не се поништува управниот акт донесен во постапката за денационализација, туку судската одлука со која евентуално би се утврдило правото на сопственост е основ за упис во јавните книги.”
Од наведените причини, а имајќи го во вид фактот дека Уставниот суд веќе зазел став по однос на покренатото правно прашање, Судот оцени дека во конкретниот случај исполнети се условите за примена на член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата, поради пресудена работа, а во услови кога не постојат основи за поинакво одлучување.
Во конкретниот случај, а имајќи ги во вид наводите во иницијативата кои упатуваат на прашања поврзани со практичната примена на оспорениот член од Законот за денационализација, Судот оцени дека постојат основи за отфрлање на иницијативата и согласно алинеја 1 од член 28 од Деловникот, од причина што Уставниот суд нема надлежност да ја цени практичната примена на одредбите од законите.
Од наведените причини, според Судот, во конкретниот случај исполнети се условите за примена на член 28 алинеи 1 и 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија за отфрлање на иницијативата, поради пресудена работа и од причина што Судот не е надлежен да ја цени практичната примена на законските одредби.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Никола Ивановски, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.
У.бр.322/2020
17 февруари 2021 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати